Прејди на содржината

Човечка комедија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Едиција од 1901 година на собраните дела од Балзак, вклучувајќи ја и „Човечката комедија“

„Човечка комедија“ (француски: La Comédie humaine) — заеднички наслов на низа романи на францускиот писател Оноре де Балзак (1799–1850) и приказни пишувани од 1815 до 1848 година. Вклучува 91 завршено дело и 46 незавршени дела.[1] Иако останала недовршена „Човечката комедија“ е грандиозно дело. Во книжевноста е она што се египетските пирамиди во архитектурата.

За ликовите во Човечката комедија

[уреди | уреди извор]

Ежен де Растињак е најтипична негова личност, која се појавува во 28 дела. Авантуристичкиот дух, жедта за случки и слава, кои во средниот век наоѓале задоволување во разбојништвото и витешките походи, во епохата на големите градови нашле друг пат: го освојуваат светот под заштита на законот и обичаите. Растињак е таков освојувач. Неговата истрија е историја на воодушевувања купени по цена на понижувања, историја на материјални победи кои се платени со тешки компромиси. Тоа е епопеја на ефемерна среќа и морален пад, нова форма на старата приказна за Фауст, кој ја продава душата за среќа и богатство.

Растињак е потомок на осиромашено старо семејство. Доаѓа во Париз да учи право. Во собите за издавање на госпоѓа Вокер, судбината го доведува во врска со избеганиот затвореник Вотрен и стариот чудак, чичкото Горио. Неговото потекло му ја отвора вратата од салонот на виконтесата де Босеан, каде се собира парискиот крем, и Растињак станува центар во кој се сплетува спојот меѓу раскошниот дворец од рпедградието на Сен-Жермен и наместените соби во улицата Женевјева.

Жан-Жоашен Горио, фабрикант, тивок и повлечен има две ќерки, кои безумно ги сака. Им дал по осумстотини илјади франци за мираз, ги омажил за аристократи: едната станала грофица, другата баронеса. За себе задржал малку. Но аристократскиот живот под веселата надворешност кријат многу трагедии. Кочиите на грофицата и баронесата често запирале пред вратите на наместените соби на госпоѓа Вокер, и накитените ќерки на седиот Горио со солзи во очите ги барале од татко си остатоците од неговата заштеда. А старецот со солзи во очите им давал сè што имал, и сè посиромашно станувало неговото живеалиште, сè пожална неговата облека.

И ќерките му враќаат со оној ужаасен егоизам, со она немилосрдно несфаќање на човечката несреќа кое е можно само во париските кругови. Умрел како просјак, и го закопале двајца сиромашни студенти на свој трошок. Умирајќи, ги викал своите ќерки, викал како безумен, час ги проколнувал, час нежно молел за прошка, а на градите го притискал медаљонот во кој чувал прамени од нивната коса. Но, тие не дошле: биле зафатени со своите подготовки за на бал.

Балзак од ликот на Горио направил не само отфрлен родител, туку и симбол на татковска слепа љубов. Таа љубов е себична и до таа мера тиранска, што ја извитоперува целата негова личност. Стариот Гранде („Евгенија Гранде“) е скржавец, баронот Ило („Роднината Бети“) е развратник, и заедно со стариот Горио сите се робови на своја страст која ги согорува, но во исто време дава нешто маченичко во нивните ликови.

Лисјен е јунакот на „Изгубени светови“, убав и талентиран, кој доаѓа од провинција да си ја бара среќата во Париз. И неговата кариера започнува со понижувања. Тој се наоѓа пред истата дилема како и Растињак: да оди по бавниот чесен пат или по патот на брз успех со евтина популарност. Тој го избира вториот.

Неговиот брз успех и брз пад се условени од неговиот талент, но и недостиг на упорност. Балзак го претставил со живи бои моралниот пад на новинарот Лисјен.

Стариот Гранде е олицетворение на скржавост. Светот во кој владее Гранде е светот на банкари и газди. Тие се собираат во неговата куќа како волци околу плен, а пленот е неговата ќерка Евгенија, единствената наследничка на неговите милиони. Гранде без грешка предвидува потези кога е во прашање заработувачката. Сјајот на златото волшебно делува врз него.

Гранде и неговата ќерка живеат затворен живот: старата слугинка, слепо верна на својот господар, будно внимава на секое парче шеќер кое се става во чајот. Но, овој мирен живот наеднаш го потресува необичен случај: нивниот осиромашен роднина Шарл доаѓа кај нив, и со својата убавина и париска облека остава силен впечаток на Евгенија, која се вљубува во него. Евгенија му ги дава на Шарл своите пари, а тој заминува за Индија во потрага по среќата, заколнувајќи ѝ се на Евгенија на вечна љубов.

Стариот Гранде кога дознал за ова побеснел, и доаѓа до страшни сцени, а госпоѓата Гранде умира. Наскоро потоа умира и самиот Гранде, а Евгенија станува сопственик на дваесет милиони. Во меѓувреме, Шарл се збогатил и се оженил со некоја маркиза, а Евгенија која со години се надевала на неговото враќање, на крајот се мажи со некојси Кришо, без никаква љубов.

Последните моменти од животот на Гранде оставаат потресен впечаток. На смртната постела, речиси без свест, неговиот поглед живнува пред сребрениот крст на свештеникот, а последниот напор пред да го снема животот во него, бил несвесниот обид да го земе крстот од рацете на свештеникот.

Женските ликови кај Балзак имаат нешто ново. Со векови жената била украс, додаток на животот, додека кај Балзак животот на жената има смисла, свој животен пат, исто како и кај мажот.

  1. Pierre Citron edition, vol 1, 49-50.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]