Фригија
Фригија | |
---|---|
Древно кралство во Анадолија | |
Местоположба | Средна Анадолија, Турција |
Јазик | Фригиски |
Државата постоела | Доминантно кралство во Мала Азија од околу 1200 до 700 година п.н.е |
Главен Град | Гордион (денешен Јасијик во Турција) |
Фригија (старогрчки: Φρυγία) ― древно кралство во средишниот дел од Анадолија, околу долината на реката Сангарис . Откако била освоена, Фригија станала регион на големите царства од тоа време.
Легендите раскажуваат за неколку познати фригиски кралеви:
- Гордиј, чиј Гордиев јазол подоцна го пресекол Александар Македонски
- Мида, кој сѐ што ќе допрел претворал во злато
- Мигдон, кој војувал со Амазонките
Според Хомеровата Илијада, Фригијците учествувале во Тројанската војна како сојузници на Тројанците во борбата против Ахајците. Фригиската моќ го достигнала својот врв кон крајот на 8-миот век п.н.е. за време на еден друг, историски, крал Мида, кој владеел со поголемиот дел од западна и централна Анадолија и се спротивставил на Асирија и Урарту за превласт во источна Анадолија. Овој подоцнежен Мида, бил последен независен крал на Фригија. Околу 695 г. п.н.е. Кимерите ја ограбиле фригиската престолнина, Гордиум. Фригија потоа била освоена од Лидија, а по неа и од Персија, Македонија, Пергамон, Римското и Византиското Царство. Во византиско време Фригијците станале христијани и се асимилирале во византиската држава; по турското освојување на византиска Анадолија, името „Фригија“ повеќе не се употребувало како име на територија.
Географија
[уреди | уреди извор]Фригија го зафаќала западниот дел од Анадолската Висорамнина. Тоа е претежно сушен регион за разлика од шумските области северно и западно од него. Северозападниот дел од Фригија е област на сува степа прошарана со речниот слив на Сакарија и Порсук и таму се наоѓале населбите Дорилеум во близина на современиот Ескишехир и фригискиот главен град Гордион. Има сурова клима со топли лета и студени зими. Поради тоа, маслинките тешко успевале овде, а земјиштето најмногу се користи како паша за добиток и за одгледување јачмен.
Потекло
[уреди | уреди извор]Доселување на Фригијците
[уреди | уреди извор]Според античките историчари, Фригијците во Анадолија се доселиле од Балканот. Херодот вели дека Фригите додека живееле во Европа биле наречени Бриги.[1] Тој и други антички писатели, исто така, запишале легенди за кралот Мида кого го поврзуваат или викаат дека потекнува од Македонија; Херодот, на пример, вели дека градината со диви рози во Македонија го добила името по Мида.[2]
Некои антички писатели, Фригите ги поврзуваат и со Мигдоните, име кое се користи за две заедници, при што едната живеела во северниот дел од Македонија, а другата во Мизија.
Античкиот историчар Страбон како народи кои од Балканот се населиле во Анадолија ги наведува: Фригијците, Мигдоните, Мизијците, Бебриките и Битините.[3]
Фригиски јазик
[уреди | уреди извор]Фригискиот јазик се зборувал до 6 век од новата ера, но сепак неговата посебна азбука престанала да се користи многу порано.[4] Една од Хомеровите химни наведува дека фригискиот јазик не бил разбирлив за населението во Троја,[5] а натписите пронајдени во Гордиум јасно покажуваат дека Фригијците зборувале индоевропски јазик кој не припаѓа на семејството анадолски јазици кои се зборувале во повеќето соседни областо, како на пример хетитскиот.[6] [7]
Во историјата на јазикот се издвојуваат два периода: старофригиски (8-5 век п.н.е.) и новофригиски (1-3 век н.е.). Фригискиот последен пат се споменува како жив јазик во извори од 5 век од нашата ера, но постојат индиции дека јазикот конечно изумрел дури по арапската инвазија во 7 век од нашата ера. Зачувани се околу 340 натписи од старофригискиот период, од кои околу 250 се пронајдени во околината на Гордион. Пронајдени се 113 нови фригиски натписи, и речиси сите тие се епитафи, проследени со клетви против можни сквернавења и крадци на гробници. Најдолгиот фригиски натпис се состои од 285 букви.
Нови претпоставки за преселбата
[уреди | уреди извор]Денешните историчари ја отфрлаат фригиската преселба и сметаат дека тоа е само обична легенда која најверојатно произлегла од сличноста на нивното име со Бригите. Има теории кои се обидуваат да докажат дека доселувањето во Фригија се случило пред времето што го наведуваат класичните извори. Тие се обидуваат доаѓањето на Фригите да го поврзат со падот на Хетитското Царство.[8]
Според теоријата за „подоцнежна преселба“, Фригите се доселиле непосредно пред или по распадот на Хетитското Царство на почетокот од 12. век п.н.е., и го пополниле политичкиот вакуум во средна-западна Анадолија, и можеби се вброени меѓу „морските народи“ на кои Египет им ја припишува заслугата за падот на Хетитите.
Поврзаност со хетитски претходници
[уреди | уреди извор]Некои историчари, наводите од Илијада дека Фригите ја населувале долината на реката Сакарија пред Тројанската војна го прифаќаат како факт. Според тоа, тие би требало да бидат таму за време на подоцнежните фази од Хетитското Царство, а најверојатно и пред тоа. Затоа ги отфрлаат претпоставките за подоцнежно доселување во Фригија, и сметаат дека Фригијците потекнуваат од мноштвото народи од западна Анадолија кои биле ппотчинети од Хетитите.[9] Ваквата интерпретација е поткрепена и со легендите за основањето на главниот град на Фригија, Гордиум од Гордиј и на Анкира од Мида,[10] кои кажуваат дека Гордиум и Анкира постоеле долго време пред Тројанската војна.
Поврзаност со Ерменците
[уреди | уреди извор]Херодот (околу 440 г.п.н.е.) напишал дека Ерменците се преселиле од Фригија, која во тоа време зафаќала голем дел од западна и средна Анадолија: „Ерменците биле опремени исто како Фригијците, бидејќи биле фригиски колонисти“ (7.73) Според Херодот, Фригијците потекнуваат од Балканот, од област што се граничи со Македонија, од каде што при крајот на бронзеното време се преселиле во Анадолија. Ова поттикнало неколку научници, како Игор Диаконоф, да претпостават дека и Ерменците потекнуваат од Балканот и заедно со Фригите се преселиле на исток.[11] Сепак, теоријата за балканско потекло на Ерменците, иако порано била прифатена од многу научници, во последниве години се соочува со противење поради јаз во временската рамка и недостатокот на генетски и археолошки докази.[12] [13] [14] Некои научници, пак, поставиле теорија дека Фригијците и/или со нив сродниот народ Мушки потекнуваат од Ерменија и се преселиле на запад.[15]
Многу лингвисти ја отфрлиле блиската врска меѓу ерменскиот и фригискиот јазик, и покрај тоа што велат дека двата јазика имаат некои заеднички карактеристики.[16] [17] [18] [19] [20] Фригискиот денес е класифициран како centum јазик, а ерменскиот е претежно satem.[21]
Историја
[уреди | уреди извор]За време на Тројанската војна
[уреди | уреди извор]Според Илијада, татковината на Фригијците се наоѓала на реката Сангариј, која била центар на Фригија во текот на целата нејзина историја. Фригија била позната по своето вино и имала „храбри и стручни“ коњаници.
Според Илијада, пред Тројанската војна, младиот крал Пријам од Троја со своја војска заминал за Фригија за да им помогне во војната против Амазонките. Хомер Фригијците ги нарекува „народот од Отреј и божествениот Мигдон“. [22] Според Еврипид, Квинт Смирнски и други, синот од Мигдон, Короеб, се борел и умрел во Тројанската војна; тој ја побарал за раката на тројанската принцеза Касандра.
Според Библиотека, Херакле го убил кралот Мигдон во битка во северозападна Анадолија, која ако навистина се случила тоа било околу една генерација пред Тројанската војна. Според легендата, додека патувал од Миноа до кај Амазонките, Херакле застанал во Мизија и им помогнал на Мизите во битката со бебрикескиот крал Мигдон.[23] Според некои толкувања, Бебрикес е друго име за Фригијците, а овој Мигдон е истата личност која се спомнува во Илијада.
Кралот Пријам се оженил со фригиската принцеза Хекаба (или Хекуба)[24] и бил во сојуз со Фригијците, кои му возвратиле „жестоко“ борејќи се против Грците во Тројанската војна. Хекаба била ќерка на фригискиот крал Димант, син на Еонеј. Според Илијада, во Троја се борел и помладиот брат на Хекаба, Асиј (види погоре); а Квинт Смирнеј спомнува двајца внуци на Димант кои паднале во рацете на Неоптолем на крајот од Тројанската војна.
Во една од таканаречените Хомерови химни, се вели дека Фригија „изобилува со тврдини“ и со неа владее „познатиот Отреј“.[5]
Подем и уништување на фригиското кралство
[уреди | уреди извор]Во текот на 8 век п.н.е., Фригиското Кралство со главен град Гордиум во долината на реката Сакарија станало царство кое доминирало со поголемиот дел од средна и западна Анадолија и зело територии од многу поголемото Асирско Царство и кралството Урарту.[25]
Според античките историчари Страбон,[26] Евсевиј и Јулиј Африканецот, во тоа време крал на Фригија бил (друг) Мида. Овој историски Мида се верува дека е истата личност именувана како Мита во асирските текстови од тој период и идентификувана како крал на Мушките. Научниците сметаат дека Асирците ги нарекувале Фригијците „Мушки“ затоа што Фригијците и Мушките, кои биле источноанадолски народ, во тоа време имале заедничка војска.[27] Се смета дека Мида владеел со Фригија од околу 720 г. п.н.е до околу 695 година п.н.е. (според Евзебиј) или 676 г п.н.е. (според Јулиј Африкан). Еден асирски натпис во кој се споменува „Мита“, кој потекнува од 709 година п.н.е., за време на владеењето на Саргон од Асирија, вели дека Фригија и Асирија тогаш веќе имале склучено примирје. Најверојатно Мида имал добри односи и блиски трговски врски со Грците и се верува дека се оженил со грчка принцеза од Еол.
Во овој период во Гордиум имало процут на пишаниот фригискиот јазик, а била користена азбука прилагодена од феникиската.
Меѓутоа, Фригиското Кралство тогаш било освоено од Кимеријците, а Гордиум бил ограбен и уништен. Според Страбон и други, Мида се самоубил пиејќи крв од бикови.
Ископувањата на местото каде се наоѓал градот Гордион го потврдуваат насилното уништување на Гордион околу 675 година п.н.е. Гробница од тој период, наречена како „Гробницата на Мида“, содржела дрвена структура закопана длабоко под огромна могила, во која имало гробни предмети, ковчег, мебел и храна (Археолошки музеј, Анкара).
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Herodotus VII.73.
- ↑ Herodotus VII.73, VIII.138.
- ↑ Strabo 7.3.3.
- ↑ Peter Thonemann (ed), 2013, Roman Phrygia: culture and society, Cambridge University Press
- ↑ 5,0 5,1 Homeric Hymns number 5, To Aphrodite.
- ↑ Claude Brixhe, Phrygian, in Roger D. Woodard (editor), The ancient Languages of Asia Minor, Cambridge University Press, 2008, p. 72
- ↑ Bolaris, Miltiades E. (2010). „Midas and the Phrygians“.
- ↑ See for example Encyclopædia Britannica.
- ↑ Phillip Clapham, "Hittites and Phrygians", C&AH IV:2, pp.71–121.
- ↑ Pausanias 1.4.5.
- ↑ I. M. Diakonoff, The Pre-History of the Armenian People (revised, trans. Lori Jennings), Caravan Books, New York (1984), ISBN 0-88206-039-2.
- ↑ Hamp, Eric P. (August 2013). "The Expansion of the Indo-European Languages: An Indo-Europeanist's Evolving View" (PDF). Sino-Platonic Papers. 239: 8, 10, 13. Archived (PDF) from the original on 2 August 2019.
- ↑ Armen Petrosyan (January 1, 2007). The Problem Of Identification Of The Proto-Armenians: A Critical Review. Society For Armenian Studies. стр. 49–54. Архивирано од изворникот на 4 October 2020. Посетено на 23 November 2018.
- ↑ Martirosyan, Hrach (2014). „Origins and Historical Development of the Armenian Language“ (PDF). Leiden University. стр. 1–23. Архивирано од изворникот (PDF) на 4 August 2019. Посетено на 5 August 2019.
- ↑ „The Mushki Problem Reconsidered“. Архивирано од изворникот на 28 August 2020. Посетено на 24 March 2021.
- ↑ Bartomeu Obrador Cursach. "On the place of Phrygian among the Indo-European languages." Journal of Language Relationship. 2019. https://www.academia.edu/42660767/On_the_place_of_Phrygian_among_the_Indo_European_languages
- ↑ Clackson, J. P. T., 2008, "Classical Armenian", in Woodard,R. D., The Ancient Languages of Asia Minor, Cambridge, Cambridge University Press, 124–143
- ↑ Martirosyan, H., 2013, "The place of Armenian in the Indo-European language family: the relationship with Greek and Indo-Iranian", Journal of Language Relationship10, 85—13
- ↑ Hamp, Eric P. (August 2013). "The Expansion of the Indo-European Languages: An Indo-Europeanist's Evolving View" (PDF). Sino-Platonic Papers.
- ↑ Kim, Ronald (2018). "Greco-Armenian: The persistence of a myth". Indogermanische Forschungen. The University of British Columbia Library.
- ↑ "On the place of Phrygian among the Indo-European languages." Journal of Language Relationship. 2019. https://www.academia.edu/42660767/On_the_place_of_Phrygian_among_the_Indo_European_languages
- ↑ Homer, Iliad III.216–225.
- ↑ Bibliotheca 2.5.10.
- ↑ Homer, Iliad XVI.873–875.
- ↑ Waters, Matt (2014). Ancient Persia: A Concise History of the Achaemenid Empire, 550–330 BCE. Cambridge University Press. стр. 29. ISBN 978-0521253697.
- ↑ Strabo, I.3.21.
- ↑ Encyclopædia Britannica.
Користена литература
[уреди | уреди извор]- Scott, James M. (1995). Paul and the Nations: The Old Testament and Jewish Background of Paul's Mission to the Nations with Special Reference to the Destination of Galatians. Mohr Siebeck. ISBN 978-3161463778.
- Thonemann, Peter, уред. (2013). Roman Phrygia: culture and society. Cambridge: Cambridge University Press. ISBN 978-1-107-03128-9.
- Tamsü, Rahşan; Polat, Yusuf (February 19–24, 2007). „The Phrygian rock cut altars and their restoration and conservation proposals“. International Conference on Environment: Survival and Sustainability (EES 2007). Nicosia, Northern Cyprus (објав. 2009). 3: 1005–1014. ISBN 978-975-8359-55-4.
- Tamsü, Rahşan (February 24–26, 2005). „Observations on the Phrygian rock-cut altars“. Symposium on Mediterranean Archaeology (SOMA 2005). Chieti-Pescara, Italy: Chieti University (објав. 2008): 439–445. ISBN 978-1-4073-0181-5.
- Tamsü, Rahşan; Polat, Yusuf (2010). „Yeni Buluntular Işığında Phryg Kaya Altarları Ve Bir Tipoloji Önerisi“. Anadolu Üniversitesi Sosyal Bilimler Dergisi (турски). Eskişehir. 10 (1): 203–222. ISSN 1303-0876.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- „Phrygia“. Ancient History Encyclopedia. Архивирано од изворникот на 2010-11-19. Посетено на 2010-06-10.
- „Phrygian Period in Anatolia“. Ancient Anatolia. Архивирано од изворникот на 2006-12-06.
- „King Midas and Phrygia Cultural Center“. Архивирано од изворникот на 2010-07-20.
|