Фашизам
дел од низата |
Фашизам |
---|
|
Фашизам — радикална политичка идеологија и државно уредување на крајната десница што комбинира елементи на корпоративизам, авторитаризам, национализам, милитаризам, антианархизам, антикапитализам, антикомунизам и антилиберализам.
Зборот „фашизам“ доаѓа од италијанскиот збор „фашио“ (fascio), што означува „сноп“ (во политичка или воена група или во нација), но исто така од фасциите (прачки заврзани во сноп околу секира), римски симбол на авторитетот на магистратите. Најпрецизно, терминот произлегува од „фашо“ (множ. фаши) - збор кој бил многу популарен во Италија по 90-тите години на 19 век, а означувал најразлични (најчесто левичарски) селански револуционерни групи и движења кои полулегално дејствувале во италијанското општество.
Првичното фашистичко движење се појавило во Италија во 1919 година (Fasci di combattimento - Боречки фаши) и владеело со земјата од 1922 до 1943 година, под водството на Бенито Мусолини. Ова е всушност потесното значење на зборот фашизам, кое главно го користат историчарите.
Со текот на времето, генеричкиот термин фашизам почнал да означува цела класа на авторитарни политички идеологии, партии и политички системи. Најпознатите вакви партии, создадени по Првата светска војна се: во Германија - Националсоцијалистичката германска работничка партија (Нацисти) под водството на Адолф Хитлер, Унгарија - Партија на Стрелестиот Крст, Романија - Железна Гарда, Шпанија - Фалангисти, како и француските политички движења предводени од поранешните социјалисти - Марсел Деа, Жак Дорио и други. Карактеристично за сите нив е силното потпирање на државната моќ, економијата заснована на големите корпорации, авторитарното укинување на граѓанските права и слободи, воведувањето на полициска држава, ксенофобијата, истакнувањето на националистичкиот дух и општо, реакционерната внатрешна и експанзионистичката надворешна политика. Понекогаш фашизмот се употребува како синоним на нацизмот. Некои автори ја отфрлаат пошироката употреба на терминот фашизам или исклучуваат некои од овие партии и режими.
Фашизмот, наспроти либералистичкиот индивидуализам и социјалистичкиот интернационализам, заговара воспоставување на заедница како услов и облик на совладувањето на кризата. Заедницата е единствена, органски расчленета држава (италијански фашизам) или единство гарантирано со крв и земја (германски фашизам). Единството на нациите се воспоставува со крвната чистота на истата. Сите разлики (културни, верски, политички и сл.) треба да се укинат затоа што тие го доведуваат во прашањето темелот на заедништвото. Теророт е легитимно средство за постигнување на "заедништво".
Во најшироката смисла на зборот, во политичкиот лексиокон, „фашизам“ денес се користи како пејоративен термин со кои се етикетира некој режим, институција или поединец како репресивен.
Фашизмот и книжевноста
[уреди | уреди извор]Во есејот „Фашизмот и книжевноста“, италијанскиот писател Еуџенио Монтале вели дека фашизмот не оставил никаква позитивна трага, никакво дело што би било вредно да се истакне, а многу работи се обидел да направи или да уништи. Фашизмот не дозволувал преголема слобода во изразувањето на судовите и чувствата. Писателите морале да бидат на линијата трасирана најпрвин од Пресбирото, а потоа од министерството за пропаганда кое подоцна прераснало во министерство за народна култура. Фашизмот сакал да изгради конструктивна, римска, империјална книжевност што би го овековечила времето на Мусолини. На пример, единствената жена која била избрана во италијанската академија во весникот „Кориере дела Сера“ нашироко ги опишувала убавите раце на Мусолини. Уште во 1925 година, писателот Џентиле го упатил својот проглас за мобилизација на фашистичките писатели, но тој имал слаб одзив, додека манифестот со кој му одговорил Кроче го потпишале голем број писатели и интелектуалци. Фашистите не успеале да пронајдат или создадат големи книжевни имиња кои би ја оствариле таа задача, иако некои познати писатели кокетирале со фашизмот. На пример, веќе остарениот Данунцио живеел во Гароне како еден вид заробеник, примајќи висока апанажа и одвреме-навреме пишувал по некоја беседа и по некое ораторско дело. Кон фашистите се приклонил и водачот на футуристите, Маринети. Пирандело, исто така, му пристапил на фашизмот (иако подоцна се повлекол) и за тоа бил награден со членство во Кралската италијанска академија.[1] За време на фашистичкиот режим, на писателите воопшто не им било дозволено да реагираат на современоста, да ја критикуваат и да ги исмејуваат нејзините пороци. Затоа, тоа било време на интимни прозаисти, фини есеисти и факирски поети во кои немало искреност, туку биле само далечно ехо на некои туѓи искуства.[2]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Фашизмот како тема во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]- „Фашистички ставови“ (англиски: Fascist Attitudes) — песна на американската група Агностик фронт (Agnostic Front) од 1984 година.[3]
- „Фашист“ (англиски: Fascist) — песна на американската хард-кор група Минитмен Minutemen од 1980 година.[4]
- „Младината против фашизмот“ (англиски: Youth Against Fascism) — песна на американската рок-група Соник Јут (Sonic Youth) од 1992 година.[5]
- „семко пелинов клонира фашистички артефакти“ — кус расказ на македонскиот писател Хигсов Бозон од 2011 година.[6]
- „фашистичко копиле“ — кус расказ на македонскиот писател Хигсов Бозон од 2011 година.[6]
- „импотенција руши фашисти“ - кус расказ на македонскиот писател Хигсов Бозон од 2011 година.[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 77-80.
- ↑ Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 81.
- ↑ YouTube, Agnostic Front-Fascist attitudes (пристапено на 22.12.2016)
- ↑ Minutemen – Paranoid Time (пристапено на 9.4.2023)
- ↑ DISCOGS, Sonic Youth – Dirty (пристапено на 20.7.2019)
- ↑ 6,0 6,1 6,2 Хигсов Бозон, Педерски Катахрезис, Темплум, Скопје, 2011.
|