Теово
Теово | |
Панорамски поглед на селото Теово | |
Координати 41°34′44″N 21°34′20″E / 41.57889° СГШ; 21.57222° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Чашка |
Област | Азот |
Население | 104 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1415 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 29075 |
Надм. вис. | 260 м |
Теово на општинската карта Атарот на Теово во рамките на општината | |
Теово на Ризницата |
Теово — село во Општина Чашка, во областа Азот, во околината на градот Велес.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]Името на селото првпат е споменато како „Техово“ во 1335 година. Името потекнува од личното име „Техо“ (од грчкото име Теохар, што значи „божја благодат“) или од корен „тех-“ што означува рудник, рударска јама.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во областа Азот, во средишниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 260 метри.[3]
Околни села се Согле и Плевење. Жителите се снабдуваат со вода од 7-8 бунари. Подалеку од Теово на селскиот атар избива единствениот извор Бела Чешма.
Одредени делови на селскиот атар ги носат овие имиња: Кале или Марково Кале, Стража, Селиште, Река, Брезица (река која дотекува од селото Габровник, чие име според селаните потекнува од времето кога Крали Марко имал тврдина на возвишението Марково Кале), Голема Чука, Бумбарчица, Остреш, Уши, Глава, Готовуша, Карпа, Рамниште, Црно Осое, Вртешка, Корија Ашанит (во турско време припаѓала на соседното село Согле, а таму некојси Рушан од Согле имал ќерамидница).
Теово има доста збиен тип. Куќите на секој род се блиску една до друга и на куп, заради што деловите од селото се викаат според родовите: Кировци, Плевењци, Каличовци и Калајџиовци.
Теово е рамничарско село на надморска височина од 260 метри во источниот дел на областа Азот, во околината на градот Велес, сега административно припаѓа на Општина Чашка. Селото се наоѓа во средното сливно подрачје на реката Бабуна, на нејзината лева страна. Теово е оддалечено 20 километри југозападно од општинското средиште Чашка[4] и 30 километри од градот Велес.
Селото е сместено на еден од краците на патот Вија Егнација.
Во селото се наоѓа железничка станица на пругата Велес-Битола, на која редовно сообраќаат регионалните возови на линијата Скопје-Битола.
Историја
[уреди | уреди извор]Според одредени археолошки испитувања, Теово било населено уште од византискиот период. Потврда за тоа се многуте надгробни споменици и гробови расфрлани во и околу селото. Теово, како што тврдат мештаните, порано се наоѓало на неколку километри подалеку од местото каде што е сега. Според народното предание на возвишението Марково Кале (789 метри) кое се наоѓа западно од селото, постоела кула на Крали Марко и остатоци од ѕидини на црква.[5]
Според пишаните историски податоци селото Теово е доста старо населено место уште од средниот век. Во пишаните историски записи од 1335 година се споменува пустото селиште Техово.[5] Потоа селото било обновено и првобитно постоело во месноста Селиште, која се наоѓа во подножјето на возвишението Марково Кале, на оддалеченост од околу 2 километри југозападно од денешната местоположба.[5] На оваа месност се пронаоѓани остатоци од некогашната населба како што се делови од разрушена црква, стари гробови, а на тоа место избивал и силниот и воедно единствен теовски извор „Бела Чешма“.[5] Подоцна селото било преместено на денешната местоположба од страна на петте старинечки родови Каличовци, Калајџиовци, Јачевци, Ацевци и Прекуречани кои живееле во старото село.[5]
Околу средината на XIX век во селото се населил Албанецот Авмет од соседното село Согле при што основал чифлик на кој работеле 7 македонски домаќинства, додека сите останати поседувале сопствена земја.[5] По 1912 година Авмет се вратил во Согле, а оттаму се иселил во Турција,[5] при што Теово повторно го добило својот чист македонски карактер кој е задржан сѐ до денес. Според записите на македонскиот револуционер Ѓорче Петров од 1896 година, селото Теово било чифлик со 130 куќи кој се наоѓал на двете страни на реката Бабуна на ½ час растојание од Согле.[6]
На крајот на XIX век селото било дел од Велешката каза на Отоманското Царство.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот зафаќа простор од 27,9 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.000 хектари, на шумите отпаѓаат 825 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 785 хектари.[3]
Селото, во основа, има мешовита функција.[3]
Од земјоделските култури најмногу се одгледува пченица, грав, тутун и јачмен, а од сточарството најзастапено е одгледувањето на овци, а полека се обновува и одгледувањето на кози. Теово е познато по своето сирење со билки (мајчина душица и др.), кое котира доста високо на пазарот.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото имало 850 жители, сите Македонци.[7] По податоци на секретарот на егзархијата, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Теово имало 880 Македонци.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 550 Македонци.[9]
Теово е населено со македонско население, но со значително негово иселување. Така, во 1961 година селото броело 659 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 188 жители.[3]
Теово како и многуте други македонски села доживеало огромно намалување на бројот на своите жители поради големата миграција. Во последниве години се забележува доселување на повратници кои селото го напуштиле во времето на индустријализацијата.
Според пописот од 2002 година, селото Теово броело 189 жители, од кои 186 Македонци, 1 Србин и 2 останати.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 104 жители, од кои 97 Македонци и 7 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 850 | 880 | 623 | 662 | 659 | 464 | 315 | 226 | 188 | 189 | 104 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
[уреди | уреди извор]Селото Теово во целост е населено со православни македонски родови кои се делат на старинци (46 к.) и доселеници (49 к.), кои овде живеат главно од XIX век.
Староседелски македонски родови се: Каличовци (12 к.), Калајџиовци (12 к.), Јачевци (10 к.), Ацевци (8 к.) и Прекуречани (5 к.), слават Свети Ѓорѓи „зимен“. Како што е претходно речено нивните предци имале куќи во пределот Селиште.
Доселени македонски родови се: Плевењци (12 к., Свети Никола) дошле од соседното повисоко село Плевење во XIX век. Ѓоревци (12 к., Пречиста) за нив не се знае од каде се доселени. Кировци (13 к.) и Петревци (11 к.) слават Свети Никола и тие се доселени од некаде.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Месна заедница, која ги опфаќа селата Теово, Ораов Дол и Габровник[4]
- Дисперзирана канцеларија на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството на Република Македонија[4]
- ЖС „Теово“ — железничка станица на линијата Скопје-Битола, на која редовно сообраќаат возови
- Поранешно основно училиште „Петар Поп Арсов“
- Поранешна пошта
- Поранешна амбуланта
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Богомила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Теово, во која покрај селото Теово, се наоѓале и селата Габровник, Мокрени, Оморани, Ораов Дол, Плевење и Согле. Општината Теово постоела и во периодот 1950-1952 година.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачко место бр. 2216 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватен објект. Во избирачкото место се опфатени и населените места: Габровник, Мокрени, Ораов Дол и Плевење.[16]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 95 гласачи.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 91 гласач.[18]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[19]
- Марково Кале — градиште од доцноантичко време
- Цркви[20]
- Црква „Св. Атанасиј“ — главна селска црква, сместена веднаш под јаворот;
- Црква „Св. Архангел Михаил“ — манастирска црква во Теовскиот манастир.
- Манастири
- Теовски манастир — сместен над селото, пред 400 години Турците го запалиле манастирот до темел. Во манастирот се одржуваат и ликовни изложби.
- Реки
- Бабуна — притока на Вардар
Јаворот
[уреди | уреди извор]Она на што посебно се горди теовци е јаворот сретсело. Се претпоставува дека јаворот е стар околу пет или шест века. Се верува дека е посаден во XV век, односно во 1478 година.[21]
Никој точно не знае кој го насадил јаворот. Но, според кажувањата на мештаните, најверојатно го засадил некој од турските бегови, кој го донел од Грција. Турците знаеле дека јаворите се вековни растенија и го засадиле како симбол на вековната империја. Според други кажувања, фиданката е засадена од првиот доселеник во селото.[21]
Од млада фиданка, од година на година, дрвото израснало во вистински џин. Мерењата покажуваат дека дебелината на јаворот изнесува десетина метри, а висок е околу 30 до 40 метри.[21]
Јаворот за теовци претставува средиште на сите случувања. Под него, на местото на некогашниот бунар, се наоѓа фонтана. Местото под јаворот целото е поплочено и оградено. Навечер него го осветлуваат неколку електрични светилки. Тука за време на селските слави и собири се играло орото и се пеела македонската песна.[22]
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Според проценките иселувањата кои настанале по Втората светска војна воделе во Скопје (околу 37 к.) и Велес (6 к.). Се знае и за овие иселеници од Теово: Грбевци (1 к.) и Јовановски (1 к.) во соседното Оморани. Теовчани (2 к.) живеат во Согле. Костадинови (1 к.) живеат во Превалец во Велес. Игновци (1 к.) живеат во прилепското село Десово. Теовци (1 к.) живеат во Долно Врановци.[5]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Панорама на селото Теово
-
Поглед на сретселото
-
Стариот јавор
-
Историска фотографија од свадба во селото
-
Знак пред јаворот кој вели дека потекнува од XV век
-
Конаците на Теовскиот манастир
-
Старо стебло на јавор во центарот на селото Теово
-
Раззеленетиот јавор во селото
-
Манастирската црква
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 162–163.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 295. Посетено на 31 август 2018.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 „Профил на Општина Чашка“ (PDF). Урбан Рурален Консалтинг. Општина Чашка. 2008. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2 јуни 2016.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 Трифуноски, Ф. Јован. „Област Бабуне и Тополке“. Скопје, 1968. стр.222-223
- ↑ Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.312
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 158
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 138 - 139.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 јуни 2016.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 31 август 2018.
- ↑ „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-10-16. Посетено на 31 август 2018.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ 21,0 21,1 21,2 Чалоски, Томе (15 февруари 2005). „Како тргнало, тапаните повторно ќе бијат“. Вечер. Скопје: Вечер Прес. Посетено на 2 јуни 2016.[мртва врска]
- ↑ Вест Архивирано на 7 март 2016 г., Јавор џин шест века го плете животот во Теово
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|
|