Прејди на содржината

Табурет

Од Википедија — слободната енциклопедија

Табурет[1][2] или табуретка[3][4] (француски: tabouret) — ниско преносно седиште без потпирач за грб. Има една, две или три ногарки, а поновите обично се во облик квадар или валјак, често со тркала за поместување.

Историја

[уреди | уреди извор]
Табуретки од неокласичното раздобје

Името доаѓа од старофранцуски збор што значи тапан.

Ниските седишта со два или три ногарки биле познати низ историјата и ги користеле сточарите и селаните при молзење стока. Првите табуретки пристигнале на европските дворови во XVII век за време на владеењето на Луј XIV. На дворот во Версај, многу се вложувало во уметност и разни видови украсни предмети. Сепак, табуретка била многу повеќе од украсно парче мебел. Поседувањето на табуретка значело дека човек има право да седи пред кралот, што било привилегија за малкумина. Ниската табуретка во однос на кралскиот престол го означувала односот меѓу кралот и неговите поданици. Табуретките имале закривени ногарки, а рамката им била од метал што бил позлатен. Местото за седење било покриено со украсна ткаенина.

Табуретката денес

[уреди | уреди извор]
Печурка табуретка

Денес, табуретките можат да се најдат во многу различни облици. Покрај оние со две или три ногарки, има и табуретка печурка што има само една поширока нога, табуретка во облик на квадар или валјак, там-там табуретка што е во облик на источни музички инструменти, гонг и тапани.

Табуретките во облик на квадар или валјак се прават така што подлогата од метал, дрво или поцврста пластика се полни со памук, сунѓер или слични материјали, а потоа се покрива со ткаенина, синтетика или кожа.