Прејди на содржината

Свјатослав Рихтер

Од Википедија — слободната енциклопедија

Свјатослав Теофилович Рихтер (руски: Святослав Теофилович Рихтер, украински: Святослав Теофілович Ріхтер; 20 март 19151 август 1997) — руски класичен музичар и еден од најголемите пијанисти на XX век, можеби и на сите времиња, титула којашто ја добива заради длабочината на своите интерпретации, виртуозната техника и обемноста на репертоарот.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Роден е 1915 година во Житомир, Украина, во семејство со германско потекло. Неговиот татко бил почитуван пијанист и учител. Од него ги добива првите музички часови, но во голема мера тој е самоук. Свири пијано со зачудувачка техника веќе на 8 години. Малку подоцна, семејството се преселува во Одеса, каде што тој се запишува на тамошниот конзерваториум. Во своите младешки години, се приврзува кон диригирањето и на неверојатни 15 години тој е примен како диригент во Операта и Балетот на Одеса, место коешто го држи 4 години. Првиот рецитал на пијано го дава на 19 години исто така во Одеса, во салата на инженерскиот дом. Препознавајќи извонреден талент, неговите претпоставени го убедуваат да појде во Москва и да учи пијано кај тогашниот најдобар професор во Русија, Хајнрих Нојхаус. Послушувајќи ги советите, на 22 години се запишува на Московскиот конзерваториум, каде што работи и ги завршува студиите кај големиот Нојхаус, кој подоцна, за својот ученик, ќе напише: „Морам да признаам дека немав повеќе што да го научам!“.

Времето поминато во Москва е исполнето со познанства со колеги – музичари, за кои денеска велиме дека се џиновите на светската музика. Се запознава со својот колега од класата кај Нојхаус - Емил Гилељс, исто така еден од најдобрите пијанисти, со кого развиваат искрено почитување за своите уметности (Низ САД веќе од порано настапувал Емил Гилељс, зачудувакќи ја американската публика со своето свирење, и при еден пофален комплимент упатен до него по настап, тој само скромно одговорил: „Почекајте да го слушнете Рихтер!“). Познанството со Сергеј Прокофјев донесува обострано воодушевување. Композиторот е трогнат од Рихтеровата изведба на неговата Соната No.6, па му ги посветува No.7 и No.9, чии премиерни изведби овој ги свири. Се вели за седмата соната дека Прокофјев ја пишувал скоро четири месеци, а Рихтер ја научил за 4 дена. Сепак, Рихтер во една прилика запишува: „Никогаш не бев особено близок со Прокофјев – човекот, иако на музички план соработувавме многу. Од него чувствував некаков страв; тој за мене целосно е содржан во неговата музика, и тогаш, и сега.“ Соработуваат заедно со виолончелистот, легендарниот Мстислав Ростропович и виолинистот Давид Ојстрах, изведувајќи дела од светската литература, чии снимки денес се осамени на врвот по својот квалитет и исклучителност. Во 1945 се запознава со сопранистката Нина Дорилак, која многу кратко потоа ја корепетира на концерт изведувајќи соло песни од руските автори Глинка и Римски-Корсаков. Нивната врска, освен на професионално ниво, ќе премине и на приватно ниво. Тие никогаш не стапуваат во официјален брак, но постојано живеат заедно и Дорилак редовно го следи на неговите турнеи и му помага околу настапите.

Московскиот конзерваториум во четириесеттите години

Иако настапувајќи редовно на над 120 концерти годишно, Рихтеровиот неверојатен пијанизам речиси никогаш не ги преминува границите на Западот (освен неколку снимки со лош квалитет) сè до 1960 кога тој најпрво свири во Финска, а потоа и низ САД, каде што електризирачкото свирење ја обзема целата земја како низ некое невреме. Њујорк Тајмс го прогласува за „пијанист со стил, поетичност и имагинација: комплетен уметник!“.

Починува на 1 август 1997, на 82 години, од срцев удар во Москва. Погребан е на Московските гробишта Новодевичи, почивалиште на најголемите луѓе на Русија. Со неговото заминување, светот го загуби најголемиот „лиричар на пијаното“ и зад себе остави празнина што долго време ќе остане непополнета.

Интерпретација

[уреди | уреди извор]

Редовно во салонот каде што настапувал барал светлата да бидат изгаснати, со само една мала светилка кај клавијатурата, за да може тој да гледа во неа, сметајќи дека така атмосферата е поинтимна и емоциите полесно допираат до слушателот, а неговата диспонираност и внимание е поголема. Секогаш свирел напамет, сѐ до еден концерт во почетокот на осумдесеттите, кога сосема неочекувано, добива мемориска блокада, и иако до крајот поминува сè како што треба, тој оттогаш на сите концерти до крајот на животот одбива да настапува без нотната партитура.

Неговата брилијантна техника и изразита моќ прави неговите слушатели да го следат со подотворена уста, речиси не дишејќи на одредени фрази, доживувајќи ги неговите изведби како еден вид музичка магија. Голем човек, со градба на атлет, со големи, но гипки раце; можел да опфати и свири цела октава само со палецот и показалецот. Сепак, најголемата одлика на Рихтер како изведувач, она по што се разликуваат големите изведувачи од просечните, е моќта на трансформацијата, зачудувачката прилагодливост кон различните стилови и епохи што ги изведувал во една иста вечер, комбинирана со харизмата составена од суптилни и нежни емоции со кои ги оживува композициите до најситните и мисли и расположенија наметнати од композиторот; од Скарлати до Дебиси, од Шопен до Рахманинов, од Бах до Прокофјев, од Бетовен до Шостакович, големи временски и стилски паралели, во коишто тој е ненадминат – убедливо, верно, точно, прецизно го доловува и презентира времето на кое изведуваното дело припаѓа. Вистински прикажувач и волшебник.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]