Прејди на содржината

Радуч

Од Википедија — слободната енциклопедија
Радуч

Поглед на врвот Радуч од север
Висина &100000000000020830000002.083 м
Место Македонија Македонија
ВенецЈабланица
Прво освојувањенепознато

Радуч (на местен говор нарекуван и Радук) — планински врв и засебен гребен на планината Јабланица[1], во западниот дел на Македонија. Неговата надморска височина изнесува 2.083 метри. Се наоѓа во крајниот северен дел на планината Јабланица по протегањето на нејзиниот срт, но е одделен од главното планинско било со длабоката долина на Лакавичка Река, поради што тој претставува засебен гребен поврзан со планинскиот масив кон југ. Радуч претставува најсеверниот врв на Јабланица, од кој започнува да се протега главниот планински срт во јужен правец. На самиот врв минува граничната линија помеѓу Македонија и Албанија. Непосредно на исток веднаш под врвот избива многу силен извор на вода наречен Девојкина Вода, додека кон североисток има уште неколку многу силни извори на вода наречени Прелог, Тисје, Збињец, Локви. Веднаш на југоисток врвот е поврзан со понискиот карпест врв висок 2018 метри, под кој има сипар (камењар), наречен Слепчарен според седлото (превојот) веднаш под него кој го поврзува Радуч на исток со врвот Стрмница или Луковски Камен. Присуството на два сипари (камењари) непосредно на североисток и југоисток од врвот, повеќето силни извори и неколку пештери во подножјето близу до Модрич и долината на Црн Дрим, укажуваат дека геоморфолошки составот на почвата е варовнички (карст). До врвот Радуч може да се пристапи и искачи од селата Модрич и Дренок на североисток и Лакаица на југ. Глетката од врвот Радуч ги опфаќа Дебарското Езеро на север, долината на Црн Дрим, Стогово и Караорман на исток, врвот Стрижак на Јабланица на југ и областа Голо Брдо во Албанија на запад.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (биолошка и пределска разновидност)“ (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. 2016. стр. 102. Посетено на 16 јануари 2024.