Работничко училиште (Охрид)
Работничко училиште | |
---|---|
Поглед на главната фасада | |
Општи податоци | |
Статус | споменик на културата |
Вид | зграда |
Стил | класицизам |
Град | Охрид |
Земја | Македонија |
Завршена | 1929 |
Технички податоци | |
Катови | 3 |
Проектирање и изградба | |
Инженер | Димитар Симонче |
Работничо училиште — управна зграда во стариот дел на Охрид, прогласена за значајно културно наследство на Македонија во 1987 г.[1][2][3] Денес во неа е сместено седиштето на Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј.[1][2]
Историја
[уреди | уреди извор]Градбата е сместена на улицата „Боро Шаин“ бр. 10 во маалото Варош. Изградена е во 1929 г. на местото на изгорената куќа на истакнатото семејство Паунчевци од Женското друштво „Свети Климент“ како училиште за општо и домаќинско образование, на иницијатива на протиницата Драга Петровиќ. Пари за зградата дале охридските печалбари и видни охридски граѓани — адвокатот Демостен Манев, трговецот Анастас Чорбе, книжаръо Никола Герман, Јонче Паунче и други. Изградбата била под раководство на инженерот Димитар Симонче.[2]
Прв директор на училиштето била Драга Петровиќ, а по неа долго време директорувала охриѓанката Марица Масин. За време на бугарската окупација во градот за време на Втората светска војна зградата станала бугарско училиште. Во учебната 1943/44 година во неа учеле и гимназијалци поради опасност од бомбардирање на гимназиската зграда. По војната зградата продолжила да биде домаќинско училиште сè до неговото затворање во 1959 г. од Собранието на Општина Охрид. Тогаш во неа е сместено основното училиште „Климент Охридски“. Од 1961 до 1964 г. во неа работело новоотвореното Економско училиште. По 1964 г. зградата е направена интернат, а во 1965 г. е напуштена и останала затворена сè до вселувањето на Заводот за заштита на културата и музеј во 1973 г.[2]
Архитектура
[уреди | уреди извор]Градбата е изведена во класичен стил со ренесансни и барокни елементи. Има хоризонтална симетрија со карактеристични лоѓии, складно распоредени прозорци, балустради на балконите, столбови со пиластри со завршни капители и друга орнаментика својствена за класицистичкиот академизам. Зградата е масивна, со дрвена меѓукатна и покривна конструкција. Има делумно вкопан сутерен од делкан камен, а приземјето и следниот кат се наполно изградени од тули. Најголемо внимание ѝ е посветено на јужната фасада, каде на третиот кат по целата ширина има хоризонтала од балкони и лоѓии кои завршуваат со стилизирани тимпани со венци. Тимпаните се потпираат на два пара столбови со строги капители. Делот на балконите е вертикално одделена со пиластри меѓу прозорците, кои исто така завршуваат со строги капители. Балконската ограда е направена од керамички балустради. Под балконите и лоѓиите има конструктивни и декоративни вути. На јужната фасада во средината е одвоено место за училиштен ѕвоник. Покривниот венец е со плитка профилација. Прозорците наизменично се менуваат — правоаголни и полукружни, сите поделени на полиња.[2]
Слики
[уреди | уреди извор]-
Западната лоѓија на јужната фасада
-
Северната и западната фасада од северозапад
-
Источниот дел на јужната фасада
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 „Управна зграда „Радничка"“. Национална установа - Завод за заштита на спомениците на културата и Mузеј - Охрид. Посетено на 29 август 2017.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 „Управна зграда на НУ Завод и Музеј Охрид Замок“. Управа за заштита на културното наследство. Архивирано од изворникот на 2017-08-29. Посетено на 29 август 2017.
- ↑ Петровска, Светлана, Александар Целески, Надежда Поп-Костова, Горан Патчев (2016). Студија за интегрирана заштита на Старото градско јадро (предлог план). Дел 1 (PDF). Охрид: Национална Установа –Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. стр. 39–40.