Пулсари се високо магнетизирани ротирачки неутронски ѕвезди кои емитуваат снопови од електромагнетно зрачење. Видливите периоди на нивното пулсирање се движат од 1,4 милисекунди до 8,5 секунди.[1] Зрачењето може да се забележи само кога снопот од емисија е насочен кон Земјата. Ова се нарекува ефект на светилник, па оттаму доаѓа и името на пулсарите. Бидејќи неутронските ѕвезди се многу густи објекти, вртежниот период и интервалот меѓу две видливи пулсирања е постојан. За некои пулсари, прецизноста на пулсирањето е исто колку и прецизноста на атомски часовник.[2] За пулсарите се знае дека имаат планети кои кружат околу нив, како што е случајот со PSR B1257 12. Вернер Бекер од Институтот за вонземска физика - Макс Планк, во 2006 година изјавил: „Теоријата за тоа како пулсарите ја емитуваат своето зрачење сè уште е нецелосна, дури и после речиси четириесет години работа.“[3] Постојат повеќе видови на пулсари меѓу кои и пулсари кои емитуваат Х-зраци, пулсати на гама-зраци и многу други, уште неоткриени видови.