Понуда
Понудата — количество на еден производ што продавачот сака да го продаде по различни цени при непроменети останати фактори. Односот меѓу количеството производи што сака да ги понуди продавачот по различни цени се нарекува функција на понудата или крива на понудата.[1]
Крива на понудата
[уреди | уреди извор]Под промена на понудата се подразбира поместување на целата скала, т.е. крива на понудата. На пример, зголемување на понудата значи пораст на количествата што се нудат при секоја од посточеките цени или, поинаку кажано, намалување на цените по кои се нудат постојните количества. Порастот на понудата е предизвикан од сите фактори кои создаваат нови извори на понудата, како: појава на нови машини, нови методи на производството, нови вештини за производство, нови средства или патишта за транспорт, намалување на даноците итн.[2] Промените на понудата предизвикуваат различни ефекти врз цената, во зависност од тоа дали во производството на производот важи законот за константни, опаѓачки или растечки приноси: при константни приноси, порастот на понудата предизвикува само зголемување на производството на производот без никаков ефект врз цената по која се продава тој; при опаѓачки приноси, зголемената понуда предизвикува намалување на цената и мало зголемување на количеството што се продава; при растечки приноси, поголемата понуда води до голем пораст на производството и до поголемо намалување на цената.[3]
Во конкуренција, вкупната пазарна понуда претставува збир на понудата на поединечните фирми. Притоа, пазарната крива на понудата се добива како хоризонтален збир од поедничените криви на маргиналните трошоци на фирмите. Наклонот на долгорочната крива на понудата во рамките на една индустрија зависи од два фактора:[4]
- наклонот на долгорочната крива на маргиналните трошоци на поединечните фирми,
- цената по која фирмите влегуваат или излегуваат од индустријата.
Еластичност на понудата
[уреди | уреди извор]Кај еластичноста на понудата не постојат цврсти правила, зашто понудата на ист производ може да има различна еластичност во зависност од тоа дали се работи за краток или за долг рок; исто така, еластичноста на понудата се разликува во зависност од тоа дали во производството на производот важи законот за опаѓачки, константни или растечки приноси. На пример, еластичноста на понудата на производите со растечки приноси, па дури и со константни приноси, набљудувано на долг рок, тероетски е бесконечна.[5]
Останати поими
[уреди | уреди извор]Производите кои имаат заедничко потекло, односно кои не можат да се произведат одделно се нарекуваат заеднички производи (joint products), а нивната понуда - заедничка понуда (joint supply). На пример, месото и кожата или пченицата и сламата се заеднички производи зашто се произведуваат во истиот процес на производство. Притоа, во нивното производство се употребуваат истите фактори на производството (машини, работници) и поради тоа тешко може да се разграничи кој дел од вкупните трошоци на производството се прави за едниот или за другиот производ. Единствено, ако може да се менуваат пропорциите меѓу едниот и другиот производ, тогаш може да се утврдат трошоците кои се прават за едниот или за другиот производ.[6]
Често, различни производи ја задоволуваат истата побарувачка. На пример, побарувачката на месо може да биде задоволена со телешко, со свинско или со јагнешко месо. Поради тоа, понудите на одделните видови месо, кои задоволуваат иста побарувачка, меѓу себе се јавуваат како соперници или конкуренти (rival, competitive supplies). Меѓутоа, во однос на побарувачката, овие одделни понуди настапуваат како композитна или агрегатна понуда (composite, aggregate supply), зашто сите заедно ја задоволуваат вкупната побарувачка. Поради тоа, во одредени случаи, ако факторите кои влијаат врз нивното производство се речиси еднакви, ваквите производи може да се третираат како еден производ, т.е. нивните поединечни понуди може да се сметаат за заедничка понуда.[7]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 21.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 279.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 281-282.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966,стр. 178.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 272-273.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 204-206.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 206-207.