Прејди на содржината

Петерско

Координати: 40°43.42′N 21°40.15′E / 40.72367° СГШ; 21.66917° ИГД / 40.72367; 21.66917
Од Википедија — слободната енциклопедија
Петерско
Πέτρες
Петерско is located in Грција
Петерско
Петерско
Местоположба во областа
Петерско во рамките на Суровичево (општина)
Петерско
Местоположба на Петерско во Леринскиот округ и областа Западна Македонија
Координати: 40°43.42′N 21°40.15′E / 40.72367° СГШ; 21.66917° ИГД / 40.72367; 21.66917
ЗемјаГрција
ОбластЗападна Македонија
ОкругЛерински
ОпштинаСуровичево
Општ. единицаСуровичево
Надм. вис.&10000000000000295000000290 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно312
Час. појасEET (UTC 2)
 • Лето (ЛСВ)EEST (UTC 3)

Петерско или Пет’рско (грчки: Πέτρες, Петрес; до 1926 г. Πέτρεσκο, Петреско[2]) — село во Леринско, Егејска Македонија, денес во општината Суровичево на Леринскиот округ во областа Западна Македонија, Грција. Населението брои 312 жители (2011). Денешното село води потекло од древномакедонскиот град Петриск, основан од кралот Антигон II Гонат во III век п.н.е.

Географија

[уреди | уреди извор]

Селото е сместено 25 км југоисточно од Лерин и на 5 км северно од општинското седиште Суровичево. Лежи на западнииот брег на Петерското Езеро,[3] во подножкето на планината Мала Ниџе. Се одликува со умереноконтинентална клима, со мошне студени зими и врели лета.

Историја

[уреди | уреди извор]
Наоди од раната антика кај Петерско и Пателе. Археолошки и византиски музеј - Лерин.

На западниот брег на езерото во месноста Канало се најдени остатоци од кајчиња и од населба од раното железно време.[4]

Во планината Мала Ниџе над селото има остатоци од античка тврдина, дел од одбранбениот појас на македонската држава. Тврдината играла важна улога и во средниот век. Според бугарскиот историчар Васил Златарски се работи за тврдините на древномакедонскиот град Петриск за кој зборува летописецот Јован Скилица во кој принцот Јован Владислав го убил царот Гаврил Радомир и седнал на македонскиот престол.[5]

Римска надгробна стела од II век откриена во Петерско. Археолошки и византиски музеј - Лерин.

Самиот утврден град е сместен на рид северозападно од Петерско, крај западниот брег на езерото во месноста Градишта. Зафаќа површина од 15-20 хектари и е ограден со карпа од бигор. Овој стар град е распознаен во 1913 г. кога Николаос Пападакис ги објавил античките натписи вградени во црквата „Св. Никола“. Во 1920 г. археологот Антониос Керамопулос извршил ископувања во кои пронашол остатоци од градби за живеење. Најраните траги од населеноста на местото датираат од доцното бакарно време до раното железно време.

Градот е основан во III век п.н.е. од македонскиот крал Антигон II Гонат, и од III до I век п.н.е. го постигнал својот расцут и станал познат пример за градска населба во Горна Македонија. Покрај неговиот силен бедем, во градот се најдени приватни и јавни градби во слободен градски систем со улици широки 2,5 метри. Овој распоред се протегал низ најголемиот дел од градот. Во I п.н.е. градот бил напуштен. Подрачјето е повторно населено во римско време, во рамнината под ридот, на местото на денешното село. Овој град исто така доживеал значаен подем поради неговата стратешка положба долж магистралата Вија Егнација.[6]

Во Отоманското Царство

[уреди | уреди извор]

Во османлиските даночни книги на Леринскиот вилает од 1626-27 г. селото е означено како Петрска со 124 христијански домаќинства.[7]

Во XIX век Петерско било мешано турско-македонско село. Во 1848 г. рускиот славист Виктор Григорович во „Очерк путешествия по Европейской Турции“ Петерско како македонско село.[8][9] Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се даваат две разни ставки за Петерско во 1873 г. — еднаш како село во Леринската каза (Pétarsko) со 75 домаќинства од вкупно 200 жители муслимани и 60 жители Македонци,[10] а на друго место како село во Џумалиската каза (Pétrsko) со 110 домаќинства од 32 жители муслимани и 350 Македонци.[10][11] По 1874 г. селски свештеник бил Христо Шапкарев[12].

Во 1889 г. хрватскиот етнограф Стефан Верковиќ напишал:

Селото Петриско се состои од 30 муслимански и 50 македонски куќи. Данокот на муслиманите изнесува 3.200 пијастри, а на христијаните — 7.200 пијастри и одделно инание-аскерие од 3.860 пијастри. Главно занимање на жителите се земјоделството и риболовот. Ова село произведува многу вино и добар кромид.[13]


Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Петерско имало 400 жители Македонци, 550 жители Турци и 36 жители Роми.[10][14] На почетокот на XX век во селото делувале странските пропаганди. Поголемиот дел од жителите на Петерско потпаднале под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егзархискиоте секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Петерско имало 312 Македонци под егзархијата и 152 Македонци под Цариградската патријаршија[10] и во него имало работеле бугарско и грчко училиште.[15]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Петрцко се води како мешано македонско-турско село во Леринската каза на Битолскиот санџак со 158 куќи.[16]

Во Грција

[уреди | уреди извор]

Во 1913 г. селото е припоено кон Грција по сила на Букурешкиот договор, кога имало 1.024 жители.[3] Дел од Македонците се иселиле во Бугарија, а дел од Турците во Турција. Согласно Лозанскиот договор во 1924 г. целото турско население го напуштило Петерско и на негово место се доведени 147 Грци од Понд и Источна Тракија. Така, селото станало македонско-грчка населба која во 1928 г. имала 712 жители,[3] од кои грчки дојденци биле 151 (32 семејства).[17] Во 1926 г. селото е преиенувано во Петрес.[18]

Во 1940 г. Петерско имало 797 жители. Следната 1941 г. за време на Втората светска војна селото било под окупација на Бугарија и воспоставена е бугарска општина. Бидејќи Петерско не настрадало значајно во Грчката граѓанска војна, во 1951 г. населението броело 789 жители, накачувајќи се на 806 во 1961 г. сепак, во текот на 1960-те доста жители на Петерско се преселиле во прекуокеанските земји — во Америка, Канада и Австралија. Така, во 1971 г. селото се намалило на 588 жители, кои станале 523 во 1981 и 509 во 1991 г.[3] Опаѓањето продолжило и во следните десетлетија, па во 2001 г. се попишани 444, а во 2011 г. — 312 жители.

Селска слава е Петровден, која се слави на 29 јуни.

Население

[уреди | уреди извор]

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011 2021
Население 797 789 806 588 523 509 444 312
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Селото има атар од 26 км2 од кои 5 км2 се зафатени од Петерското Езеро. Главни производи се житото, компирот, грозјето кромидот.[3]

Знаменитости

[уреди | уреди извор]

Црква „Св. Никола“

[уреди | уреди извор]
Дел од иконостасот на црквата „Св. Никола“.

Главна знаменитост на Петерско е црквата „Св. Никола“ сместена во подножјето на ридот Курија. Изградена е во 1776 г. од камен земан од античките градби во околината. Црквата е трикорабна базилика со дрвен покрив. Во неа е зачуван дел од изворниот живопис. Камбанаријата стои како посебна кула, исто така од камен.

Сè до 1972 г. „Св. Никола“ бил главен парохиски храм на Петерско. Почнувајќи од 1880 г. во црквата почнале да се редат бугарски и грчки свештеници, а во 1895 г. потпаднала под грчка црковна власт. Заедно со камбанаријата во 1992 г. е прогласена за заштитен споменик на културата.[19]

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во Петерско
Починати во Петерско
  • Гаврил Радомир — македонски цар од XI век
  • Георги И. Писев — воен деец, потпоручник, загинал во Првата светска војна[20]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
  2. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Πέτερσκον -- Πέτρες
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 169.
  4. „Δήμος Αμυνταίου. Δημοτικό Διαμερίσμα Πετρών“. Архивирано од изворникот на 2007-04-05. Посетено на 2019-11-17.
  5. Васил Златарски. „История на Първото българско Царство. II. От славянизацията на държавата до падането на Първото царство (852 – 1018)“, стр. 712.
  6. „Ελληνιστική Πόλη Πετρών“. amyntaio.gr. Посетено на 14 јуни 2015.
  7. Турски извори за българската история, т. VII, София 1986, с. 333.
  8. нарекувајќи го „бугарско“ под влијание на бугарската пропаганда.
  9. Григорович, В. Очеркъ путешествія по Европейской Турціи, Москва, 1877, стр.92.
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  11. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.82-83 и 98-99.
  12. Българската възрожденска интелигенция (енциклопедия), ДИ „Д-р Петър Берон“, София, 1988, стр.710.
  13. Верковичъ, С.И. „Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“. СПб, 1889, стр. 153.
  14. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр.250.
  15. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 176-177.
  16. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 27.
  17. „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
  18. „Δημήτρης Λιθοξόου. Μετονομασίες των οικισμών της Μακεδονίας 1919 - 1971“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
  19. „ΥΑ ΥΠΠΟ/ΑΡΧ/Β1/Φ36/13001/336/21-5-1992 - ΦΕΚ 383/Β/11-6-1992“. Διαρκής κατάλογος κηρυγμένων αρχαιολογικών τόπων και μνημείων. Архивирано од изворникот на 2020-07-20. Посетено на 14 јуни 2015.
  20. ДВИА, ф. 39, оп. 1, а.е. 199, л. 66

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]