Олимп (Марс)
Олимп Olympus Mons | |
---|---|
Поглед на планината Олимп | |
Местоположба | 18.4° СГШ 226° ИГД |
Врв | 21 км над појдовното ниво 22 км околен релјеф 26 км над рамнината[1] |
Откривач | „Маринер 9“ |
Епоним | Олимп |
Олимп (латински: Olympus Mons = „Планина Олимп“) — голем вулкан на планетата Марс, со висина од речиси 22 км.[2] Со тоа е највисока планина во целиот Сончевиот Систем (со исклучок на Рејасилвија на астероидот 4 Веста). Олимп е речиси трипати повисок од Монт Еверест и е најмлад од поголемите вулкани на Марс, образуван во периодот наречен амазон. Планината им е позната на астрономите уште од доцниот XIX век како албедна образба „Олимпски Снегови“ (лат. Nix Olympica), што значи дека истата се сметала за планина долго пред тоа да се потврди со вселенски сонди.[3]
Вулканот се наоѓа на западната полутопка на Марс, на местоположба од 18,4° СГШ 226° ИГД,[4] крај северозападниот раб на испакнатината Тарсида. Западниот дел од вулканот спаѓа во Амазонскиот четириаголник (MC-8), а средишниот и источниот дел влегуваат во Тарсидскиот четириаголник (MC-9). Именувани се два ударни кратера: Карзок (преч. 15,6 км) на 18°25′ СГШ 131°55′ ИГД и Пангбош (преч. 10,4 км) на 17°10′ СГШ 133°35′ ЗГД.[5] Се смета дека овие два кратера се извори на шерготити, најизобилната класа на марсовски метеорити.[6]
Особености
[уреди | уреди извор]Олимп е штитест вулкан, морфолошки сличен на големите вулкани што ги сочинуваат Хавајските Острови. Широк е околу 600 км.[7] Бидејќи планината е толку голема и со сложени образби околу рабовите, нејзината висина е тешка да се одреди. Се издига 21 км над глобалното појдовно ниво на Марс и околниот релјеф. Од подножјето на гребенот што ја обрабува, па сè до северозападниот дел на врвот, висината изнесува речиси 22 км[2] Вкупната висинска промена од Амазонската Рамнина, повеќе од 1000 км на северозапад, па до врвот изнесува скоро 26 км.[1] На врвот на планината се сместени шест вгнездени калдери (пропаднати кратери) што образуваат неправилна котлина со димензии од 60 × 80 км[8] и длабочина од 3,2 км.[9] Надворешните граници на вулканот се состојат од падина или карпест гребен висок до 8 км, што е единствена образба од овој вид на планетата. Планината зафаќа површина колку сојузната држава Аризона.[10]
Бидејќи е штитест вулкан, Олимп има многу низок профил. Просечниот наклон на падините изнесува само 5°.[9] Највисоки се во средниот дел, а пониски се при основата, што им дава испапчен нагорен профил. Самата планина има карантеристично несиметричен профил. Краците се пониски и се протегаат подалеку во северозападен правец отколку на југоисток. Профилот може да се опише и како циркуски шатор со еден јарбол поместен понастрана од центарот.[11]
Поради големината на Олимп и неговите благи падини, набљудувачот што стои на Марс не може да го види целиот профил на планината, дури и од огромно растојание поради закривеноста на планетата и на самиот вулкан.[12] Ако абљудувачот се искачи на врвот на планината, тој нема да може да забележи дека стои на висока планина бидејќи падините се протегаат подалеку од хоризонтот, што е оддалечен само 3 километри од точката на набњудување.
Типичниот атмосферски притисок на врвот на планината изнесува 72 паскали, што е околу 12% од просечниот површински притисок на Марс (600 паскали).[13][14] Обата се многу ниски притисоци по земски стандарди. За споредба, атмосферскиот притисок на врвот на Монт Еверест изнесува 32.000 паскали, или 32% од притисокот на морското ниво на Земјата.[15] И покрај ова, честопати над врвот на Олимп можат да се забележат високи орографски облаци и издигната марсовска прашина.[16] Иако просечниот атмосферски притисок на Марс изнесува помалку од 1% од оној на Земјата, многу послабата гравитација на Марс ја зголемува размерната големина на атмосферата. Со други зборови, атосферата е пувкаста, и густината не ѝ се разликува така нагло при промена на висината како Земјината.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Облаци над Тарсида. Олимп е горе-лево
-
Топографска карта на Олимп
-
Олимп спореден со Монт Еверест и Мауна Кеја
-
Модел на калдерата на Олимп
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Список на планини на Марс
- Список на четириаголници на Марс
- Географија на Марс
- Геологија на Марс
- Тарсида — висорамнина
- Рејасилвија
- Список на највисоки планини во Сончевиот Систем
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Neil F. Comins - Discovering the Essential Universe (2012) - стр. 148
- ↑ 2,0 2,1 Plescia, J. B. (2004). Morphometric Properties of Martian Volcanoes. J. Geophys. Res., 109(E03003), doi:10.1029/2002JE002031.
- ↑ Patrick Moore 1977, Guide to Mars, London (UK), Cutterworth Press, стр. 96
- ↑ „Олимп (Марс)“ — Поимник на планетарната номенклатура, Астрогеолошки истражен програм на Геодетската служба на САД (англиски)
- ↑ „Нови имиња на планината Олимп на Марс“. USGS. Посетено на 11 јули 2006. (англиски)
- ↑ Frankel, C.S. (2005). Worlds on Fire: Volcanoes on the Earth, the Moon, Mars, Venus and Io; Cambridge University Press: Cambridge, UK, стр. 160. ISBN 978-0-521-80393-9.
- ↑ "Olympus Mons", NASA, retrieved 30 August 2010.
- ↑ Mouginis-Mark, P.J.; Harris, A.J.L.; Rowland, S.K. (2007). Terrestrial Analogs to the Calderas of the Tharsis Volcanoes on Mars in The Geology of Mars: Evidence from Earth-Based Analogs, M. Chapman, Ed.; Cambridge University Press: Cambridge, UK, стр. 84
- ↑ 9,0 9,1 Carr, M.H. (2006). The Surface of Mars; Cambridge University Press: Cambridge, UK, стр. 51.
- ↑ Frankel, C.S. (2005). Worlds on Fire: Volcanoes on the Earth, the Moon, Mars, Venus and Io; Cambridge University Press: Cambridge, UK, стр. 132. ISBN 978-0-521-80393-9.
- ↑ ScienceDaily (2009). Volcanic Spreading And Lateral Variations In Structure Of Olympus Mons, Mars, Feb. 15. http://www.sciencedaily.com/releases/2009/02/090203175343.htm.
- ↑ Hanlon, M. (2004). The Real Mars; Constable & Robinson: London, стр. 22. ISBN 1-84119-637-1.
- ↑ Public Access to Standard Temperature-Pressure Profiles Архивирано на 21 јуни 2007 г. Standard Pressure Profiles measured by MGS Radio Science team at 27 км range from approx 30 to 50 паскали.
- ↑ Late Martian Weather! Архивирано на 28 април 2006 г. stanford.edu temperature/pressure profiles 1998 to 2005
- ↑ Kenneth Baillie and Alistair Simpson. „High altitude barometric pressure“. Apex (Altitude Physiology Expeditions). Архивирано од изворникот на 2010-02-01. Посетено на 10 август 2006.
- ↑ Hartmann, W.K. A Traveler’s Guide to Mars: The Mysterious Landscapes of the Red Planet. Workman: New York, 2003, стр. 300.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Олимп (Марс)“ на Ризницата ? |
- Вулканизам на Марс Архивирано на 3 јуни 2004 г. [1] [2] (англиски)
- Олимп на Google Марс (англиски)
|