Невидливиот човек (роман)
Изглед
прво издание (ОК) | |
Автор | Х.Џ Велс |
---|---|
Земја | Обединето Кралство |
Јазик | англиски |
Жанр | хорор, научна фантастика |
Објавена | 1897 |
Издавач | Артур Пирсон (ОК) издавач Едвард Арнолд (САД) |
Медиум | печатено (тврд и мек повез) |
Страници | 149 |
Текст | Невидливиот човек The Invisible Man на Викиизвор |
„Невидливиот човек“ (англиски: The Invisible Man) — роман на англискиот писател Херберт Џорџ Велс.
Содржина
[уреди | уреди извор]Романот се состои од 28 глави и епилог:
- I - VIII: Еден снежен ден во февруари, непознат човек пристигнува во една гостилница во селото Ипинг. Непознатиот патник е многу необичен, зашто неговото лице е завиткано во завои, носи темни очила и ракавици, а никој не го знае неговото име. Исто така, тој се однесува чудно - постојано седи сам во собата, ги избегнува луѓето и заборува сам со себе. Утредента пристигаат неговите куфери, полни со многубројни шишенца, и тој веднаш почнува да прави необични експерименти. Набргу, низ целото село се шират гласовите за неговото чудно однесување. Со цел да ја разбие мистеријата поврзана со непознатиот патник, еден ден, лекарскиот помошник Кас го посетува во неговата соба, а потоа преплашен бега откако забележува дека туѓинецот нема рака. Подоцна, во домот на парохот Бантинг се случува кражба, но тој и неговата сопруга никако не можат да го видат крадецот кој е присутен во нивната куќа. Изутрината, сопствениците на гостилницата, брачниот пар Хал, ја наоѓаат собата на гостинот отворена, а кога влегуваат внатре, фотелјата почнувада да ги турка и тие бегаат преплашени, а малку потоа забележуваат како од собата излегува гостинот. Подоцна, кога налутената госпоѓа Хал не му дава храна и бара од него да ја плати сметката, гостинот ги трга завоите и сите присутни бегаат во паника, гледајќи дека тој нема глава. Подоцна, селскиот полицаец, придружен од неколку луѓе, влегува во неговата соба, со налог да го уапси и започнува тепачка во која гостинот ја отфрла својата облека, станува целосно невидлив и успева да побегне од селото.[1]
- IX - XIV: Невидливиот човек налетува на скитникот Томас Марвел кого го принудува да му биде помошник. Тие се враќаат во Ипинг и невидливиот човек влегува во гостинската соба, во која парохот Бантинг и лекарскиот помошник Кас ги проучуваат неговите белешки. Невидливиот човек им ја зема облеката и својот дневник. Томас Марвел бега од селото носејќи ги забелешките на Невидливиот човек, а неколку селани се обидуваат да го фатат. Меѓутоа, Невидливиот човек ги тепа прогонувачите, а потоа почнува да крши низ селото. Потоа, тој и Томас Марвел заминуваат во Порт Стоув, каде Невидливиот човек краде пари од продавниците и од банките.[2]
- XV - XVIII: Бидејќи постојано е малтретиран, Томас Марвел му бега на Невидливиот човек, присвојувајќи ги парите и дневникот, и се крие во гостилницата „Кај веселите играчи на крикет“ во малото место Порт Бердок. Меѓутоа, Невидливиот човек влегува внатре и предизвикува тепачка со присутните луѓе при што еден од нив пука во него со револвер. Лесно ранет во раката, Невидливиот човек влегува во куќата на докторот Кемп, барајќи помош од него. Притоа, тој му го открива својот идентитет на докторот Кемп, кажувајќи му дека се вика Грифин и дека своевремено студирале на Универзитетскиот колеџ во Лондон.[3]
- XIX - XXIII: Утредента, Грифин му ја раскажува на Кемп својата приказна: На возраст од 22 години, ги напуштил студиите по медицина и почнал да студира физика; по некое време го напуштил Лондон и се вработил во еден провинциски колеџ, каде ги започнал истражувањата во областа на оптиката; по тригодишни истражувања, останал без пари, па затоа го ограбил својот татко, кој потоа извршил самоубиство; тогаш, Грифин го напуштил колеџот и се вратил во Лондон, каде изнајмил стан во кој ги продолжил експериментите; најпосле, успеал да ги направи невидливи една шамија и една мачка, а потоа и себеси; бидејќи бил во кавга со станодавачот, Грифин ја растурил својата машина, а потоа ја запалил зградата. Наспроти првичното воодушевување, штом се нашол на улицата, Грифин веднаш се соочил со непријатности. Најпрвин, тој ја поминал ноќта во еден трговски центар, но кога се облекол, неговото присуство било забележано. Подоцна, тој влегол во некој дуќан, каде се облекол и го ограбил сопственикот, по што отпатувал во Ипинг.[4]
- XXIV - XXVIII: Завршувајќи ја својата приказна, Грифин бара од Кемп да му стане помошник и заштитник, изложувајќи му ја својата намера да завладее врз луѓето со терор. Во меѓувреме, во куќата на Кемп пристигнуваат шефот на полицијата и двајца полицајци, а Кемп се обидува да го затвори Грифин во собата, но тој успева да побегне. Кемп го убедува шефот на полицијата да организира голема акција за апсење на Невидливиот човек. Тој, пак, откако успева да побегне од куќата на Кемп, убива случаен минувач, а потоа се враќа во домот на Кемп каде најпрвин го убива шефот на полицијата, а потоа влегува во куќата со намера да го убие Кемп, но внатре е ранет во борбата со двајца полицајци. Иако сериозно повреден, тој го брка Кемп до Порт Бердок и почнува да се бори со него во една улица, но во меѓувреме се собира толпа луѓе и еден од нив го убива Невидливиот човек. Додека неговото мртво тело лежи на улицата се случува чудна трансформација и тој повторно станува видлив.[5]
- Епилог: Од смртта на Невидливиот човек поминале неколку години. Во меѓувреме, со украдените пари, Марвел отворил гостилница во Порт Стоув која ја нарекол „Кај Невидливиот човек“. По завршувањето на работното време, тој редовно се повлекувал во својата соба за да ги гледа тетратките со забелешките на Грифин, сонувајќи да ја открие тајната за тоа како се станува невидлив.[6]
Осврт кон делото
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 3-40.
- ↑ H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 40-65.
- ↑ H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 65-82.
- ↑ H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 83-116.
- ↑ H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 116-141.
- ↑ H. Dž. Vels, Nevidljivi čovek. Beograd: Rad, 1964, стр. 141-143.