Прејди на содржината

Национална галерија на Ерменија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Национална галерија на Ерменија
Հայաստանի ազգային պատկերասրահ
Националната галерија на Ерменија во Ереван
Карта
Основан1921
МестоЕреван, Ерменија
Типуметничка галерија
Посетеност65.000 (2005)
ДиректорАрман Цатурјан
Мреж. местоofficial website

Националната галерија на Ерменија (ерменски: Հայաստանի ազգային պատկերասրահ, Hayastani azgayin patkerasrah) е најголемиот музеј на уметноста во Ерменија. Се наоѓа на Плоштадот Република во Ереван, со што музејот е на една од најистакнатите места во ерменскиот главен град. Во оваа глаерија се сместени значајни збирки на руската и на западноевропската уметност, како и најголемата светска збирка на ерменската уметност. Музејот го посетиле 65.000 посетители во 2005 година.[1]

Историја

[уреди | уреди извор]

Националната галерија на Ерменија била основана во 1921 година со декрет на Ерменската Советска Социјалистичка Република како уметнички дел на државниот музеј. По основањето, галеријата имала проблем со уметничкиот дел, заради тоа што Ереван немал уметнички колекции во државна или приватна сопственост со кои би се создала основа за собирање на колекции. Првите дела кои се нашле во галеријата биле десетина дела набавени од Ерменската сликарска изложба, која се одржала во август 1921 година.

AОдлучувачки фактор при формирањето на уметничката колекција на галеријата било преместувањето на реномирана колекција од Ерменскиот културен центар, како и донацијата од страна на ерменските уметници. До 1925 година, 400 дела од ерменски, руски и европски уметници биле поставени во шест сали, кои го претставувале музејското уметничко одделение.

До 1935 година, државното уметничко одделение, што претрпело многу реновирања, станало Музеј на уметноста. Во 1947 година, галеријата била преименувана како Државна галерија на Ерменија, а во 1991 година била преименувана како Национална галерија на Ерменија. Огромната колекција на уметнички дела постои благодарение на бројни посветени Ерменци и пријатели на Ерменија кои донирале преку странски здруженија.

Во Националната галерија денес има околу 26.000 уметнички дела, од кои некои се постојано изложени во музејските 56 галерии и сали.

Микаел вардапет од Аршак Фетваџјан (1907)
Играње скитлес, од Давид Тенирс Помладиот

Ерменската уметност е најголемиот дел од колекцијата, почнувајќи од дамнешни и средновековни дела: урартски фрески и копии на мозаици од храмот во Гарни, како и средновековни ѕидни слики и минијатури, вклучувајќи ги фреските „Христос на престолот“ од црквата „Свети Стефан“ од 7 век, „Последната пресуда“ од црквата „Свети Погош-Петрос“ од 10 век, и фреската од 13 век на која е прикажано рождеството, од црквата „Свети Аствацаскин“.

Музејот има голема колекција на слики поврзани со Ерменската апостолска црква, од 17 до 19 век, како и ракописи со сребрена корица, крстови, и завеси за олтар од 18 век, кои биле донесени од Азија.

Колекцијата на историски ерменски дела е најголема во светот. Во галеријата се чуваат колекции на дела од: Акоб Овнатанјан, Иван Ајвазовски, Геворг Башинџагјан, Панос Терлемезјан, Вардгес Суренјанц, Вартан Махокијан, Мартирос Сарјан, Акоб Коџојан, Акоб Гјурџјан, Едгар Шахин, Григор Канџјан, Минас Аветисјан, и многу други.

Древните збирки вклучуваат античка уметност од Египет (од Новото кралство, грчко-римска, коптска), Грција (Коринт, Атика), од Рим и Иран. Отсекот за декоративна уметност поседува керамички и порцелански колекции од Кина, Иран, Италија, Јапонија, Германија, Австрија и Данска, како и богати колекции од руската царска фабрика за порцелан од XVIII и XIX век. Постои и мала колекција на бронзени предмети од Кина од 18 век (династија Џинг) и западноевропски дрвен мебел од 16 и 17 век.

Во зградата на галеријата се наоѓаат и студија за реставрација и конзервација кои се поврзани со музејот. Покрај тоа, комплексот содржи и библиотека, архив, мала кафетерија, продавница за сувенири и книжарница, а халите се користат и за филмски проекции, како и за разни предавања.

Националната галерија на Ерменија често ги позајмува делата од своите колекции за разни меѓународни изложби, со што делата на ерменските уметници се изложени пред посетители од целиот свет.

Ерменска уметност

[уреди | уреди извор]

Најголем дел од колекциите е ерменска уметност, односно околу 700 дела[2] — почнувајќи од древните и средновековните дела: урартски фрески и копии на мозаици од храмот во Гарни, како и средновековни ѕидни слики и минијатури, вклучувајќи ги фреските „Христос на престолот“ од црквата „Свети Стефан“ од 7 век, „Последната пресуда“ од црквата „Свети Погош-Петрос“ од 10 век, и фреската од 13 век на која е прикажано рождеството, од црквата „Свети Аствацаскин“. Покрај овие, галеријата содржи и богата колекција на слики поврзани со Ерменската апостолска црква од периодот 17—19 век, како и книги со ракописи украсени со сребро, крстови и олтарски завеси од 18 век од сите краишта на Азија.

Колкецијата на ерменски слики од 17 век се состои главно од уметничкото наследство на династијата Овнатањан. Покрај делата на Овнатан Овнатањан, во галеријата се наоѓа и голема збирка на дела на Акоб Онатањан, основачот на портретниот жанр во ерменското сликарство.

Галеријата чува повеќе од 62 платна на Иван Ајвазовски, рускиот сликар со ерменско потекло, кој насликал голем број слики со ерменски мотиви.

Најголем дел од збриката на ерменската историска уметност што ја поседува оваа галерија е посветен на делата на класичните ерменски сликари од XIX и XX век, меѓу кои се: Геворк Башинџагјан, Фанос Терлемезјан, Степан Агаџањан, Егише Тадевосјан, Аршак Фетваџијан, Вардгес Сурењанц, Вартан Маокијан, Мартинос Сарјан, Акоб Коџојан, Акоб Ѓурџјан, Едгар Шахин, Григор Ханџјан, Минас Аветисјан и многу други.

Посебно значење имаат делата на ерменските уметници од дијаспората, меѓу кои има дела од Закар Закарјан (Париз), Едгар Шахин (Париз), Овсеп Пушман (Њујорк), Жан Карзу (Париз), Жан Жансем (Париз), Жерард Орагјан (Рим) и Пол Киракосјан (Бејрут).[3]

Во 2008 година бил отворен посебан павилјон за делата на Акоб Ѓурџјан.

Западна уметност

[уреди | уреди извор]

Уметничката збирка на дела од западноевропска уметност се состои од околу 170 дела и содржи четири главни секции: италијанска, фламанска, холандска и француска уметност, но и дела од шпански, германски и други уметници.

Во фондовите на Националната галерија се наоѓаат и голем број дела на старите европски мајстори, вклучувајќи ги делата на познати уметници од Италија, Холандија, Белгија и Франција, а меѓу кои се наоѓаат и дела на Донатело, Тинторето, Антонио Канова, Јос де Момпер, Каспар Нетшер, Матијас Стомер, Јан ван Гојен, Питер Клас, Етјен Фалконе, Шарл-Андре ван Лу, Жан-Батист Грез, Клод Жозеф Верне, Ибер Робер, Теодор Русо и Адолф Монтичели.[3]

Галеријата поседува повеќе од 180 табаци европска графика од 16 и 17 век.

Италијанска уметност

[уреди | уреди извор]

Најстарите дела од италијанската уметност што се чуваат во Националната галерија се од 14 век,[4] а едно од најзначајните е секако Божик, платно на непознат уметник од кругот на Ботичели.[5][6] Аполон и Пан, слика на познатиот Тинторети, претставува истакнат пример на високата ренесанса која може да се види во Националната галерија на Ерменија.[5] Портретскиот жанр од 17 век е претставен преку делото на Бернардо Строци Портрет на Никола Кучи и двете слики на Гверчино, припадник на Болоњската школа, додека делата на Пантормо го илустрираат раниот период на портретскиот жанр.

Галеријата содржи богата збирка на библиска уметност — Раѓањето на Христос и поклонување на овчарите на Јакоб Басано (галеријата скоро добила уште едно дело на Басано),[7] Добри Самарјанин на Леандро Басано, потоа делата на Лука Џордано, Пјетро да Кортона, Себастијано Ричи, Лука Сињорели, Помпео Батони,[8] Бернардино Луини, Паоло Фаринати, Џовани Батиста Салви да Сасоферато, Алесандро Турки, Џакомо Каведоне. Постојат бројни портрети на Богородица кои ги насликале Бенвенуто Тизи,[9] Себастијано Конка, Елизабета Сирани и други уметници.

Пејзажната уметност од 18 век ја претставуваат делата на Франческo Гварди,[8] Франческo Зукарели, Џизолфи и неколку непознати уметници.

Колекцијата на дела од италијанската уметност вклучува и графики на Џовани Доменико Тјеполо, Џовани Паоло Панини, Федерико Цукаро, Јакопо да Емполи, Лука Камбијази и Стефан дела Бела.

Холандска и фламанска уметност

[уреди | уреди извор]

Според истражување од 1982 година, во галеријата се изложени околу 30 дела на фламански[10] и 60 дела на холандски уметници,[11] а већина њих потиче из 17. века.[5]

Фламанската уметничка школа е прикажана преку извонредните дела како што се: Сиренусовата поворка на Петер Паул Рубенс,[12] Симнување од крстот на Антонис ван Дајк,[13] Планински пејзаж на Јос де Момпер, како и сликите на Вербруген и на Јан Фејт. Портретскиот жанр е претставен со неколку платна, а најзначајни меѓу бив се Портрет на жена од Петер Пурбус, како и Портрет на жена од непознат уметник од 17 век.[14] Две слики на Давид Тенирс Помладиот се дел од жанровско сликарство, а делото на помалку познатиот Јан Косијерс, Фаун во посета на селаните, претставува пример на реалистична уметност.

Холандската колекција опфаќа дела на познати уметници од златниот период на холандското сликарство, а меѓу нив се Час по пеење на Каспар Нетшер, Друштво на масата на Питер Коде, Одмор на Јост Корнелиз Дрохслот, како и една слика на Корнелис Дусарт, слики кои прикажуваат мотиви од кафани, и други.[5] Вредни за споменување се и сликите Војна и мир на Хендрик Голцијус и Христовото раѓање на Јос ван Клеве, кои се засновани на библиските приказни.

Во галеријата се прикажани и неколку платна на пејзажните уметници, меѓу кои се Дордрехт на Јан ван Гојен, Пејзаж со скршено дрво на Аларт ван Евердинген[5] и морските пејзажи на Лудолф Бакхајзен. Во тоа време во Холандија бил популарен „италијанскиот пејзаж”, а некои од уметниците чии дела со оваа тематика се наоѓаат во Националната галерија на Ерменија се: Николас Питерс Берхем, Корнелис ван Пуленбург, Карел Џарден и Фредерик де Мушерон. Делата на Матијас Стом и Каспар Нетшер претставуваат пример на холандскиот портретски жанр, а во галеријата може да се видат и дела на Питер Клас,[15] Јан Веникс и Абрахам ван Бејерен.[5]

Холандската збирка вклучува и дела на воена уметност, меѓу кои се: Полјаците во борба против Швеѓаните на Филипс Вауерман и Битка на Есајас ван де Велде.[16]

Покрај наведеното, галеријата чува и графики на бројни холандски уметници, меѓу другите на: Адријан ван Остаде, Јан Ливенс, Јан ван дер Хајден, Мартен ван Хемскерк, Готфрид Схалкен, Абрахам ван Дипенбек, Адријан ван де Велде и Јан Бот.

Француска уметност

[уреди | уреди извор]

Збирката со дела од француската уметност е најголема според бројот на дела во однос на останатите западноевропски збирки.[17] Секцијата започнува со делата на уметниците од 17 век,[17] вклучувајќи ги делата Риналдо и Армина на Жан-Оноре Фрагонар,[12] Портрет на девојка на Жан Батист Грез,[5] како и дела на Жан-Марк Натиер,[7] Никола де Ларжилиер,[7] Франсоа-Ибер Друе,[12] Шарл-Андре ван Лу,[18] Жак Куртоа и други. Неодамна галеријата го добила платното Млада жена со цвет на еден од најистакнатите претставници на рококоФрансоа Бушер, а постојат и други дела во овој стил, како што се: Италијански глумци на Никола Ланкре и Заспано дете со анѓели на Франсоа Лемоан. Уметничките правци сентиментализам и класицизам се претставени преку портретите на сликарката Елизабет Виже-Лебран.

Развојот на пејзажниот жанр на француското сликарство може да се следи назад до 17 век преку делата на Гаспар Диге, а пејзажното сликарство од 18 век во Националната галерија на Ерменија е претставено преку трите слики на Клод Жозеф Верне.

Во галеријата може да се видат и дела на уметниците од Барбизонската школа, уметничко движење кое многу влијаело на развојот на реалните традиции во француската уметност од 19 век: Самрак во шума на Теодор Русо, две слики на Нарсис Диаз[13] и морски пејзаж на Феликс Зим. Во галеријата се наоѓа и делото Портрет на девојка, дело на водачот на реалистичното движење во француското сликарство од 19 век — Гистав Курбе,[12] а француската колекција од тој период содржи и дела на Орас Верне, Александар Габријел Декам, Теодор Гудин и други.

Покрај овие, во галеријата се чуваат и графики на: Антоан Вато,[19] Жан-Батист Грез, Жак Беланж, Жил Паскин, Огист Роден и други, како и скулптури на Антонио Канова и Етјен Морис Фалконе.

Шпански, германски и други уметници

[уреди | уреди извор]

Шпанската уметничка школа е претставена со неколку дела, а едно од нив е и делото Симнување од крстот, слика на еден од најистакнатите претставнци на шпанскиот маниризам, Луис де Моралес. Колекцијата ги вклучува и графиките Бикови на истакнатиот уметник од романтизмот, Франсиско Гоја, Момент од предавањена еден од водачите на романтичниот ориентализам, Марија Фортуни. Неодамна галеријата добила и четири графики од Салвадор Дали.

Германската уметност е претставена преку портретните уметници Јакоб Филип Хакерт, Јохан Хајнрих Рос и други. Колекцијата на германски слики вклучува и девет графики на германскиот сликар Албрехт Дирер, потоа Христос прикажан пред народот на Ханс Зебал Бехам, една графика на Франц Штук и други дела.

Покрај делата на шпанските и германските уметници, во Националната галерија на Ерменија може да се видат и слики на швајцарските уметници Александар Калам и Луј-Леополд Робер, потоа делата на Данијел Ходовецки, јануариј Суходолски, Јон Андрееску, Штефан Димитреску и многу други.

Руска уметност

[уреди | уреди извор]

Руската уметност е исто така присутна во галеријата и претставена е со околу 230 слики.[20] Збирката вклучува религиозни икони и слики од 16 и 17 век, а руската народна уметност е претставена преку делата од средината на 18 век. Збирката опфаќа и портрети и скулптури од крајот на 18 и почеток на 19 век, како и дела на познати уметници од периодот 18—20 век, меѓу кои: Фјодор Рокотов, Иван Аргунов, Владимир Боровиковски, Иван Мартос, Федот Шубин, Иљја Репин, Валентин Серов, Иљја Машков, Сергеј Коненков, Кузма Петров-Водкин, Василиј Кандински, Наталија Гончарова, Марк Шагал и други.[20][21] Руското пејзажно сликарство е претставено преку делата на Фјодор Матвејев и Михаил Иванов.[22]

Руското сликарство од првата половина на 19 век е претставено преку делата на Орест Кипренски, четирите платна на Василиј Тропињин, трите слики на Силвестер Шчедрин,[23] како и преку делата на Карл Брјулов, Петар Басин и други. Уметничките дела на Хенрик Сјемирацки, Сергеј Зарјанко, Иван Хруцки и Василиј Серебрјаков преипаѓаат на втората половина од 19 век.

Преминот од 19 во 20 век е претставен преку делата на Александар Бенуа, Борис Анисфелд и Виктор Борисов-Мусатов, како и преку делата на руските авангардни сликари. Збирката од тој период опфаќа дела како што се: Летувалиште на Марк Шагал и две слики на Василиј Кандински, а покрај нив, галеријата чува и пет слики на Иван Шишкин, десет дела на Исак Левитан, бројни дела на Василиј Суриков, Иљја Репин, Валентин Серов, Архип Куинџи, Василиј Верешчагин, Константин Маковски, Владимир Маковски, Василиј Поленов, Михаил Врубељ, Михаил Нестеров, Кузма Петров-Водкин и други.[21] Значајна е и колекцијата на дела од Иван Ајвазовски, бидејќи Националната галерија на Ерменија поседува дури 60 слики од овој уметник, што е најкомплетна колекција на слики од Ајвазовски.[24]

Директори

[уреди | уреди извор]

Галеријата ја воделе:[25]

  • Арман Цатуријан (2015 година)[26]
  • Фараон Мирзојан (2002-2015)
  • Шахен Качатрјан (1991-2002)
  • Александар Тер-Габриелјан (1987-1990)
  • Едуард Изабекјан (1967-1987)
  • Армен Чилингарјан (1962-1967)
  • Рубен Парсамјан (1952-1962)
  • Рубен Дрампјан (1925-1951)

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Arts Digest - Arts and Culture - ArmeniaNow.com“. armenianow.com. Архивирано од изворникот на 2018-06-18. Посетено на 2018-06-21.
  2. Отдел армянской живописи
  3. 3,0 3,1 National Gallery of Armenia: Painting, Graphics, Sculpture, Applied Art (Yerevan: Tigran Mets Publishing, 2008)
  4. Р. Дрампян. (1982). Государственная картинная галерея Армении. М.: Искусство. стр. 198.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 Европейская коллекция
  6. Государственная картинная галерея Армении Архивирано на 16 април 2013 г.
  7. 7,0 7,1 7,2 „Большой дар Национальной картинной галерее Армении“. Архивирано од изворникот на 2014-08-19. Посетено на 2018-07-05.
  8. 8,0 8,1 Р. Дрампян. (1982). Государственная картинная галерея Армении. М.: Искусство. стр. 207.
  9. Р. Дрампян. (1982). Государственная картинная галерея Армении. М.: Искусство. стр. 200.
  10. Р. Дрампян. (1982). Государственная картинная галерея Армении. М.: Искусство. стр. 209.
  11. Р. Дрампян. (1982). Государственная картинная галерея Армении. М.: Искусство. стр. 217.
  12. 12,0 12,1 12,2 12,3 А. М. Прохоров, уред. (1969—1978). Ереванская картинная галерея. 30 (3. изд.). Москва: Большая советская энциклопедия. Проверете ги датумските вредности во: |year= (help)
  13. 13,0 13,1 Р. Дрампян. (1982). „У истоков музея“ (4) (Наука и жизнь. изд.). М.: 116–122. Наводот journal бара |journal= (help)
  14. Р. Дрампян. (1982). Государственная картинная галерея Армении. М.: Искусство. стр. 213.
  15. Р. Дрампян. (1982). Государственная картинная галерея Армении. М.: Искусство. стр. 223.
  16. Р. Дрампян. (1982). Государственная картинная галерея Армении. М.: Искусство. стр. 219.
  17. 17,0 17,1 Р. Дрампян. (1982). Государственная картинная галерея Армении. М.: Искусство. стр. 225.
  18. Дар американо-армянского коллекционера Национальной галерее Армении (ерменски)
  19. Р. Дрампян. (1982). Государственная картинная галерея Армении. М.: Искусство. стр. 228.
  20. 20,0 20,1 Р. Дрампян. (1982). Государственная картинная галерея Армении. М.: Искусство. стр. 133.
  21. 21,0 21,1 Русская коллекция
  22. Дрампян, Р. (1982). Государственная картинная галерея Армении. Москва: Искусство. стр. 135.
  23. Дрампян, Р. (1982). Государственная картинная галерея Армении. Москва: Искусство. стр. 139.
  24. Армянская живопись
  25. [1][мртва врска]
  26. Biography of Arman Tsaturyan at the web page of National Gallery of Armenia

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]