Наколец
Наколец | |
Поглед кон селото Наколец и Преспанското Езеро од локалниот пат Љубојно-Долно Дупени | |
Координати 40°53′35″N 21°06′25″E / 40.89306° СГШ; 21.10694° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Ресен |
Област | Долна Преспа |
Население | 212 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7310 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 23027 |
Надм. вис. | 856 м |
Слава | Свети Никола |
Наколец на општинската карта Атарот на Наколец во рамките на општината | |
Наколец на Ризницата |
Наколец — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено на брегот на Големото Преспанско Езеро.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]Во врска со името на селото (Наколец, Накол), Влоѓимјеж Пјанка изразува веројатност дека првото е деминутив на второто и смета дека немаат врска со наколните живеалишта. Во поткрепа на ова го цитира Цвииќ (Основе), кој вели: „Околу Наколец нема градби на колје, ниту некој за нив знае“. По наведувањето на повеќе географски поими со идентични или слични имиња во некои земји на словенските народи, Пјанка заклучува дека имињата означуваат села положени покрај вода, а не изградени на колје. Меѓутоа, подводните останки кои за првпат можеа да се видат по повлекувањето на водите од езерото (1987/88) недвосмислено упатуваат и на постоењето на наколно живеалиште, кое најверојатно е корен (основа) за денешното име на селото.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото е сместено на источниот дел од Големото Преспанско Езеро, на поистурена мочурлива подлога, 500 метри јужно од устието на Брајчинска Река и на околу 4 километри од македонско-грчката граница. Се наоѓа на безмалку подеднаква надморска височина со нормалното ниво на Езерото (853 метри).[2][3]
Во текот на своето постоње селото го следела судбината честопати да се справува со нараснатото ниво на водите на Езерото, така што некои пишани извори, но и од кажување на мештаните, селото било трипати преместено, и секогаш во насоката исток. Се пренесува сеќавање дека делови на селото биле поплавувани во: 1858, 1917/18, 1941/42, 1948/49 и 1960/61 година.[2]
Наколец се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Ресен, непосредно до брегот на Преспанското Езеро.[3] Од градот Ресен, населбата е оддалечена 33 километри.[3]
Наколец се граничи со следниве села: со Штрбово на север, со Љубојно на исток, со селото Долно Дупени на југ и со водите на Езерото на запад.[2]
Атарот на Наколец се простира на површина од 487 хектари (околу 4,87 км2) и зафаќа исклучително рамничарско обработливо земјиште. Од вкупната површина на атарот: 277 хектари се обработливо земјиште, 136,7 хектари пасишта и 0,7 хектари шума.[2]
Низ атарот на Наколец тече Брајчинска Река, чии води во летниот период се користат за наводнување на овошните и градинарските насади. Се пренесува сеќавање дека некогаш реката се влевала во езерото на околу 500 метри јужно од селото, но во една голема поплава го променила своето првобитно корито. Покрај водите од реката, за наводнување на овошните насади се користат и подземните води од ископаните бунари.[2]
Наколец е село од собран тип во издолжен облик од околу 1 км во насоката запад-исток, со обновени или новоизградени куќи, безмалку сите на приземје и кат, а некои и на повеќе катови. Куќите имаат уредени дворни места, каде се изградени потребните стопански објекти (штали, плевни, магацини, тремови, гаражи, летни кујни, бунари, гумна и др.). Куќите се наредени од двете страни на една подолга асфалтирана улица од која се издвојуваат неколку попречни асфалтирани улички.[2]
Според групираноста на куќите и семејствата, селото се дели на следниве маала: Горна Маала (југозападниот), Ајровска Маала (западниот), Шемшединовска Маала (северниот), Шерифовска Маала (јужниот) и Бидовска Маала (јужниот дел на селото). Во Горна Маала, кое е најмногу изменето, бидејќи има многу нови градби, се наоѓа чешмата, која со своите стари и големи висечки врби и зелените лединки околу неа, некогаш била собиралиште во селото. Покрај чешмата, скоро секое семејство во селото има свој бунар.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Наколец е старо национално и верско мешано село во кое сложно живеат христијани (православни Македонци) и муслимани (Албанци). Под различни облици на денешното име (Накол, Наколец, Наколец) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди. Најрано е споменато во втората грамота на царот Душан од 1337 година.[2]
Од ова село потекнува и Василаки Илиев, учесник во Кресненското востание (1878/79) во четата на Стефан Николов од село Бесвина.[2]
Во XIX век, Наколец се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.
До 1912 година, Наколец било под турска власт, а во тој склоп и беговски чифлик. Воедно, селото било и нахиски центар (општина) за селата во Долна Преспа, во кој имало административен, воен и полициски апарат. Наколчани активно учествувале во подготовките и текот на Илинденското востание, во кое загинале 4 души, а селото било запалено (28 куќи). За селски војвода од тоа време се споменува некојси Наум.[2]
Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација, со што се најде и во зафатот на Македонскиот фронт. Цивилното население извесно време било евакуирано во соседните планински села (Долно Дупени, Љубојно, Брајчино, Штрбово и П’пли). Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, наколчани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.[2]
При крајот на војната селото го зафатило тифус, од која умреле повеќе луѓе.[2]
По завршувањето на Првата светска војна, Наколец повторно се нашло под српска власт. Во текот на Првата светска војна и неколку години по неа, Наколец било општинско средиште за селата Долно Дупени, Љубојно и Брајчино. Во 1921 година, седиштето на општината било преместено во Љубојно, но и покрај тоа извесно време го задржа името „Наколечка општина“.[2]
Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) било слободна територија на НОАВМ. На 8 ноември 1943 година паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Загинале двајца жители.[2][4]
Со своја прва училишна зграда селото се стекнало во годините по Првата светска војна, со задружен дом во 1950, со систем за наводнување во 1956, со електрична енергија во 1958, со асфалтен пат во 1977, со водовод во 1978, со телефонски приклучоци во 1988 и со асфалтирани улици во 1997 година.[2]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Наколчани својата издршка во минатото и денес, главно, ја обезбедувале преку поледелството и сточарството. Во рамките на поледелството, сè до шеесеттите години на XX век, најмногу биле застапени житариците (пченица, ’рж, јачмен, овес, пченка), градинарските култури (грав, пипер, домати, праз, бостан, кромид, лук, и др.) и лозарството. Во рамките на сточарството најмногу се одгледувале овци, волови, биволи и коњи. Наколчани, порано, многу повеќе од денес се занимавале и со риболов. Доста се одело на печалба. Селото има услови за развој на туризмот.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во текот на своето постоење, Наколец го бележело следниот демографски развој: во 1568/69 година селото имало 34 семејства, од кои 6 муслимански и 28 христијански (опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта); во 1865 година 40 мухамедански куќи (Ј. Хан); во 1889 година 56 куќи од кои 25 македонски и 31 албанска и 213 жители Македонци и 129 жители Албанци од машки пол (С. Верковиќ).[2]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Наколец имало 186 жители Македонци христијани, 30 Турци и 70 Албанци муслимани.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Наколец имало 368 жители.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци и 250 Албанци.[7]
Според пописот од 2002 година, во селото Наколец имало 262 жители, од кои 81 Македонец, 158 Албанци и 15 Роми.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 212 жители, од кои 78 Македонци, 115 Албанци, 7 Роми, 4 останати и 8 лица без податоци.[9]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Наколец:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Срби | Ост. | Лица без под. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | 620 |
1953 | 293 | 328 | 12 | 0 | 2 | 0 | — | 635 |
1961 | 242 | 391 | 4 | 0 | 0 | 0 | — | 637 |
1971 | 274 | 458 | 5 | 0 | 0 | 2 | — | 739 |
1981 | 180 | 439 | 0 | 0 | 0 | 7 | — | 626 |
1991 | 160 | 296 | 0 | 16 | 0 | 61 | — | 533 |
1994 | 94 | 175 | 0 | 16 | 0 | 10 | — | 295 |
2002 | 81 | 158 | 0 | 15 | 0 | 8 | — | 262 |
2021 | 78 | 115 | 0 | 7 | 0 | 4 | 8 | 212 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Селото Наколец е населено со Македонци од православна христијанска и Албанци од исламска односно муслиманска вероисповед. Македонски родови во Наколец се: Арваштани кои се доселиле од с. Арвати, Барандовци, Барџовци, Вокановци, Грпчевци, Гоџовци или Ничевци, Димовци, Диневци, Геровци, Јанкуловци, Крпачовци, Поповци, Милевци, Тодоровци или Фотевци. Албански родови во Наколец се: Ајредини дојдени од местото Гирит Аласи во Грција околу 1840 година, Абази дојдени од Фрашери во Албанија во 1902 година, Велиу дојдени од Крани во 1927/28 година, Ганиу дојдени од Пљаса во Албанија околу 1850 година, Есати дојдени од с. Грнчари во 1910 година, Исљами се најстар албански род во селото кои се делат на семејствата Камбери, Шерифи, Арслани, Бануши и Шемпшедини, Исаи или Садику дојдени од Љубојно околу 1820 година, Раповци дојдени од Поградец во Албанија околу 1860 година, Суљо дојдени од Кожани во Грција во 1906 година, Стропанци дојдени од местото Стропан близу Билишта во Албанија околу 1870 година.[2]
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:
Македонски
- Староседелци: Поповци (7 к.), Вокановци (1 к.), Ѓеровци (2 к.), Гаџовци (1 к.), Пурдевци со Милевци и Ничовци (1 к.), Кочовци со Крстиновци (3 к.), Тодоровци (2 к.), Крпачовци (6 к.), Димовци (2 к.), Диневци со Василевци (2 к.), Грпчевци (3 к.)
- Доселеници: Ничовци со Лушковци (1 к.) доселени се од селото Долно Дупени, каде припаѓале на Ничовци (Лушковци); Јанкуловци со Климовци (2 к.) доселени се од селото Рудари во егејскиот дел од Преспа; Штрбовци (5 к.) доселени се од селото Штрбово, каде припаѓале на родот Карафиловци (Глашовци); Барандовци (2 к.) доселени се од селото Р’мби во егејскиот дел од Преспа; Барџовци (6 к.) доселени се однекаде, одамна; Арваштани (3 к.) доселени се од селото Арвати, каде припаѓале на родот Недановци.
Албански
- Староседелци: Исламовци (21 к.), Аличевци (4 к.)
- Доселеници: Зубевци (4 к.) доселени се од селото П'пли во егејскиот дел од Преспа; Исовци со Садиковци (5 к.) доселени се од селото Љубојно; Стропанци (3 к.) доселени се од селото Стропан близу Билишта во Албанија; Ајрединовци (4 к.) доселени се од местото Кирид Адаси на Крит во Грција; Исеиновци и Шуновци (1 к.) доселени се од селото П'пли; Сулковци (1 к.) доселени се во 1906 година од селото Кажани кај Битола; Великовци (1 к.) доселени се во 1927 година од селото Крани; Абасовци (1 к.) доселени се во 1902 година од Фрашер во Албанија.
Ромски
- Доселеници: Ганијовци (2 к.) доселени се од Пласа; Имеровци (1 к.) доселени се од селото Љубојно; Таревци (2 к.) доселени се од селото Крани; Есадовци (1 к.) доселени се од селото Грнчари; Риза Сабриоски (1 к.) доселени се од Струга, а таму од околината на Корча во Албанија; Раповци (1 к.) доселени се од Поградец.[10]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Основно училиште „Димитар Влахов“ до V одделение, подрачно училиште на ОУ „Димитар Влахов“ - Љубојно
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Љубојно, во која покрај селото Наколец, се наоѓале и селата Арвати, Брајчино, Долно Дупени, Крани, Љубојно, Сливница и Штрбово. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Љубојно, во која влегувале селата Брајчино, Долно Дупени, Наколец и Љубојно.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1651 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[11]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 342 гласачи.[12]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[13]
- Цркви[14]
- Црква „Св. Никола“ — главната селска црква. Изградена е во 1884 година;
- Црква „Св. Никола“ — црква во западниот дел на селото, на самиот брег на езерото, изградена во 1921 година;
- Црква „Св. Атанасиј“ — јужно од селото, изградена помеѓу 1921 и 1923 година на стари темели.
- Џамии
- Џамија — главна и единствена џамија во селото.
- Исламски објекти
- Теќе — северно од селото, обновено во 2003 година.
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Свети Никола (зимен и летен) — селска слава
Личности
[уреди | уреди извор]- Ристо Василевски (р. 1943) — поет, есеист, критичар, преведувач
- Ристо Наумов Стефановски — македонски револуционер.[15]
Иселеништво
[уреди | уреди извор]До 1949 година македонски иселеници има во САД (7 семејства), Бугарија (1 семејство), Канада (1 семејство) и во Ресен (1 семејство).[10]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 209–215. ISBN 9789989920554. Посетено на 29 ноември 2016.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 204-205. Посетено на 29 ноември 2016.
- ↑ Загинати: Јонче Веловски и Стојан Гочовски.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 ноември 2016.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ 10,0 10,1 Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Наколец на Ризницата ?
- Приказна, соживот, атракција[мртва врска] — репортажа на Вечер