Народноослободителна борба во Егејска Македонија
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
- Ова е статија за Народноослободителна борба во Егејска Македонија. За Народноослободителна борба на македонскиот народ во сите три дела на Македонија, видете Македонија во Втората светска војна.
Народноослободителната борбa (НОБ) на Егејска Македонија, понекогаш се сретнува терминот Егејскиот дел на Македонија во Втората светска војна [1], е борба на македонскиот народ за ослободување на Егејска Македонија од трите окупаторски сили во текот на Втора светска војна.
Ослободителната војна (1941–1945) во егејскиот дел на Македонија се одвивала во рамките на ослободителното антифашистичко движење на Грција, раководено од Комунистичката партија на Грција и ЕЛАС.
НОБ на Егејска Македонија може да се подели на три етапи: првата, од почетокот на Втората светска војна од 1939 до 8 ноември 1940 година, кога италијанските сили, користејќи ја својата надмоќ, на некои сектори успеале да ја истиснат грчката војска, втората, од 8 ноември 1940 до 6 април 1941, кога зајакнатите грчки единици ги нападнале италијанските, ги протерале од грчката територија и зазеле градови во Албанија (Корча, Москополе, Подградец), и третата, по 6 април 1941 година. На 6 април, германските сили ги нападнале Југославија и Грција, и во двете држави отпорот бил брзо совладан.
Оруженото востание и отпорот во Грција, раководени од КПГ, завршиле со пораз, бидејќи левицата не успеала да ја преземе власта, а во Грција се вратил предвоениот режим.
Окупација и поделба на Егејска Македонија
[уреди | уреди извор]Егејскиот дел на Македонија бил поделен на три окупациони зони, кои им припаднале на три држави: Бугарија, Италија и Германија. Најголемиот дел, односно централната и западната област од егејскиот дел на Македонија, каде што мнозинско население било македонското, останал под управа на квислиншкиот генерал Георгиос Чолакоглу. Неговата квислиншка власт особено го имала под внимание македонскиот народ, создала вооружена жандармерија, вршела терор и соработувала со германските власти во борбата против движењето.
Недоволно јасните разграничувања на окупационите сили во овој дел од Македонија создавале пермантни тензии и претензии на едните спрема другите. Бугарија имала претензии на цела Македонија, но Хитлер покажувал наклонетост кон Грците, со намера да ги придобие за да ја прифатат квислиншката влада на Чолакоглу. Така ги спречувал обидите на Бугарија за проширување на нејзината окупациона зона.
Истото се случувало и со Италија, која работела на тоа да ја прошири творбата што ја направила самата, односно Голема Албанија. Тоа предизвикувало реакции кај Грците. Чолакоглу создал апарат за елиминирање на пропагандните настојувања и често манипулирал со наводната „автономија на Македонците“. Италија ги признавала националниот идентитет на Македонците,[1] нивниот јазик и култура и не ги оправдувала бугарските територијални претензии, мотивирани од тоа дека Бугарија се борела за „бугарското“ население во Грција.
Македонски организации
[уреди | уреди извор]Македонска антифашистичка организација
[уреди | уреди извор]Македонската антифашистичка организација (МАО) во текот на 1941 била првата македонска организација што се појавила во егејскиот дел од Македонија. На тоа претходеле релативно поволни услови, истата година за искажување на политички, верски и културни пројави на Македонците. Тие биле прифатени и од Пленумот на КПГ во јануари 1942 година, што ги охрабрило Македонците за антифашистички отпор.
Славјаномакедонски народноослободителен фронт
[уреди | уреди извор]Во 1943 година се појавил Славјаномакедонски народноослободителен фронт (СНОФ) за Костурско и Леринско, чии основачки собранија се одржале во декември 1943 година, кога биле избрани окружните раководства за двата реона. СНОФ успеал да се масовизира за кратко време, но раководството на КПГ, кое со својот националистички однос не го поддржало македонското движење, барал да се расформира овој фронт и да влезе во состав на ЕАМ (Грчки народноослободителен фронт), раководен од Грци.
Во фазата на расформирањето на СНОФ, една група македонски активисти што не го прифатиле тоа се отцепиле, продолжувајќи ги идеите на СНОФ. Но, против нив биле преземени воени акции. Со согласност на ГШ на НОВ на Македонија, тие биле приморани да се повлечат и да преминат на териториијата на вардарскиот дел од Македонија, односно на планината Караорман.
Македонски воени единици
[уреди | уреди извор]Воени единици составени од Македонци од егејскиот дел на Македонија се формирале во јули и во август 1943 во повеќе реони во Костурско.
Нивното формирање имало политичко и национално значење за Македонците, но учествувале и во борбените дејства на страната на ЕЛАС (Ослободителна армија на Грција) во борбата против окупационите сили за ослободување на земјата. Подоцна, во текот на 1944 година, врз истите принципи бил формиран Воденскиот македонски баталјон, а на 2 август 1944 и Леринско-костурскиот македонски баталјон „Гоце“. Бројот на нивните борци, зголемувајќи се постепено, до октомври 1944 година нараснал на 1.500 борци.
Кога станува збор за расформирањето на македонските воени единици, клучни биле политичките настани во Грција. Во Казерта, Италија, бил потпишан договор меѓу претседателот на владата, Георгиос Папандреу, во присуство на претставник од Велика Британија, ЕЛАС да се стави под командата на коалиционата влада. Дејството на македонските единици ја отежнувало позицијата на КПГ која, исто така, влегла во коалиционата влада на Грција. Папандреу и претставниците на другите партии што не го признавале македонското малцинство во Грција не прифатиле во заедничката борба да дејствуваат посебни македонски единици, имајќи ги предвид националните аспирации на Македонците. Затоа раководството на КПГ донесо решение да се расформираат македонските балталјони. Бидејќи тие одбиле да го сторат тоа, биле нападнати од страна на единиците на ЕЛАС, а потоа биле принудени да ја напуштат територијата на Грција и да преминат во вардарскиот дел од Македонија. Единиците што се повлекле и единицата „Гоце Делчев“ од Бугарија, на 18 ноември 1944 година, ја формирале Првата егејска ударна бригада.
Ослободување на егејскиот дел на Македонија
[уреди | уреди извор]Самото значење на Грција, односно на северниот дел (егејскиот дел на Македонија), наложило упорна борба (3–22 јули 1944) на Германија за задржување на нејзините окупаторски позиции. Таа, соочена со опасноста да биде пресечена од страна на сојузничките сили, презела мерки за обезбедување на патот за повлекување на нејзините сили кон север. Важна комуникација за остварувањето на таа цел биле правците Кожани – Кајлари – Лерин – Битола и Кожани – Бер – Солун. На овие правци биле чистени единиците на ЕЛАС. На почетокот тие трпеле загуби, но по новонастаната ситуација доста се консолидирале. Ослободителните сили, односно ЕЛАС, постепено и со упорна борба ги ослободувале градовите што биле под германска власт. Обласното раководство на КПГ за Македонија сметало дека грчката реакција, со помош на Велика Британија, сакала за да ги спречи влегувањето на ЕЛАС во Солун и завладувањето на просторот помеѓу Вардар и Струма. Но, ЕЛАС не се откажувала од ослободувањето на Солун туку, напротив, концентрирала свои сили и на 31 октомври го ослободила градот, а веќе во почетокот на ноември 1944 германските сили ја напуштиле северна Грција, односно бил ослободен егејскиот дел од Македонија.
Пораз на ЕЛАС
[уреди | уреди извор]Оруженото востание и отпорот во Грција, раководени од КПГ, завршиле со пораз бидејќи левицата не успеала да ја преземе власта, а во Грција се вратил предвоениот режим. За ваквиот развој на настаните за време на војната и потоа решавачка улога имале големите сили. Грција влегла во сферата на влијание на западните сојузници. Поразот на ЕЛАС бил неминовен. Претседателот на владата, Папандреу, во договор со командантот на британските воени сили генералот Скоби, наредил демобилизација на ЕЛАС. Но, тоа не се одвивало едноставно, бидејќи ЕЛАС одбила да се расформира. Биле ораганизирани протестни собири за чие смирување било употребено оружје. Интервенирале британските воени сили, меѓу кои и единиците на ЕЛАС се воделе едномесечни борби. Судирот завршил со примирје што го побарала КПГ. Така, на крајот од февруари 1945 година, ЕЛАС била разоружана, меѓутоа сето тоа било само вовед во Граѓанската војна во Грција.
Македонците од егејскиот дел на Македонија масовно се вклучиле во Антифашистичката војна како дел на ЕЛАС и дале видлив придонес за победата над фашизмот. Во војната загинале речиси три илјади Македонци, а дваесетина илјади биле приморани да ги напуштат своите огништа поради барањето на нивните национални права.
Придобивките на Македонците во текот на НОБ во Егејска Македонија
[уреди | уреди извор]Македонците од егејскиот дел на Македонија, со нивното учество во Народноослободителната војна, оствариле само некои културнообразовни и придобивки. Знаејќи ги желбите на Македонците во егејскиот дел на Македонија, раководството на отпорот во Грција, со цел да ги придобие за помасовно учество, направило некои отстапки во нивна полза. Такви отстапки биле присутни во областа на издавачката дејност и во некои други области. Така, кон крајот на 1942 година, Реонскиот комитет на КПГ за областа Преспа кај Лерин започнал да го објавува весникот „Преспански глас“. Македонската антифашистичка организација (МАО) за Воденско во текот на 1943 година го издавала весникот „Црвена ѕвезда“, а Окружниот комитет на СНОФ за Костурско го објавувал „Славјаномакедонски глас“. Овие и некои други изданија се печателе на македонски јазик, како што биле печатени и други пишувани текстови од издавачката дејност.
Напоредно со овие активности се поставило и прашањето за отворање училишта на мајчин јазик. Подготовките за тоа биле направени во август 1944 година, затоа што не можело да се замисли описменување без буквар и читанка. Работата за составување на текстот на македонскиот буквар била доверена на Александар Ивановски, Васко Караџа и Пенчо Поптрајанов. Истиот бил издаден во декември 1944 година, за тоа сведочи писмениот реферат на секретарот на партиската организација на КПГ за Костурско, до секретарот на бирото на ЦК на КПГ Леонидас Периклис (писмениот реферат се наоѓа во Архивот на Република Македонија во Скопје). Букварот бил издаден во 150 примероци и бил дистрибуиран во Леринско и во Костурско.
За раководител на курсот за учителите бил поставен Александар Ивановски. Курсот почнал со работа во првата декада на септември 1944 година, во градот Хрупишта, во куќата на таткото на Александар Ивановски. На курсот учествувале повеќе од 20 македонски активисти од сите реони на Костурско и некои од Леринско. На курсот се одржувале предавања врзани со историјата на македонскиот народ низ вековите, посебно за неговите буни и востанија против окупаторите како и за сите угнетувачи кои што ја распарчиле Македонија по Букурешкиот договор од 1913 година. Курсот го завршиле сите слушатели, кои потоа со помош на органите на власта во повеќе костурски и лерински села ја започнале наставата по македонски јазик во македонските училишта.
За афирмација на македонската национална култура и идеја во Костурско, во февруари 1944 година, биле формирани македонски културно-уметнички друштва и групи во повеќе македонски села. На приредбите најчесто била изведувана драмата на Војдан Чернодримски „Македонска крвава свадба“. Се појавиле и песни на македонски јазик (на пример „Нетрам“). Но, со реставрирањето на предвоениот режим од февруари 1945, престанало да се употребува сè што имало македонски предзнак.