Машката кошаркарска репрезентација на Македонија, позната и како „Репрезентација А Мажи“ — спортска репрезентација која ја претставува Македонија во кошарка во машка конкуренција.
КФМ, како раководно тело на кошаркарските репрезентации и екипи во Македонија, била создадена во 1992 година и една година подоцна била примена во рамките на ФИБА Европа. Претходно, македонските машки и женски кошаркари биле дел од репрезентацијата на СФРЈ, која своевремено била една од најголемите сили на светската кошаркарска сцена. По распадот на СФРЈ, секоја поранешна југословенска република започнала со нови кошаркарски федерации и репрезентации.
Првиот голем успех, македонската кошаркарска репрезентација го забележала во 1999 година, кога се пласирала на завршницата на европското првенство во Франција. За време на ова првенство, Македонија била дел од групата А, заедно со СР Југославија, Франција и Израел. Во оваа група, Македонија завршила последна, со освоени 3 бода и кош разлика од -21. Целосно гледано, на ова европско првенство, Македонија завршила на 14 место, пред Босна и Херцеговина и последнопласираната Грција.
Следниот позначаен резултат Македонија го забележала по 10 години од првото учество на европското првенство, кога успеала да се пласира на завршницата на европското првенство во Полска во 2009 година. На завршниот турнир, Македонија дошла преку квалификациите кои траеле од 3 до 20 септември2008 година. Македонија била дел од групата Б, заедно со Летонија, Португалија и Естонија. На крајот од квалификациската рунда, Македонија како водач во групата обезбедила место на завршницата во Полска. На Европското првенство, Македонија била дел од групата А, заедно со Грција, Хрватска и Израел. На ова европско првенство, Македонија го забележала дотогаш најголемиот успех, односно успеала да ја помине групата и на конечната листа да заврши на деветтото место. По поминувањето на групата, Македонија била дел од групата Е, заедно со Франција, Русија, Грција, Хрватска и Германија и завршила на претпоследното место, кое гарантирало деветто место на конечната ранг листа. На овој евробаскет, Македонија го забележала успехот со победување на репрезентациите на Израел и Германија и со конечен рекорд 2-4. На ова првенство, селектор на репрезентацијата бил српскиот тренер Јовица Арсиќ, која ја водел македонската репрезентација од 2007 година, а по завршувањето на првенството, и покрај остварениот задоволителен успех, тој неочекувано предвреме го раскинал договорот со КФМ.[3]
На Евробаскетот 2011 година, Македонија била предводена од селекторот Марин Докузовски. Во прелиминарнара фаза, Македонија завршила на првото место во групата C, со 4 победи и еден пораз, односно ги победила селекциите на Грција, Финска, Хрватска и Босна и Херцеговина, а забележала пораз од Црна Гора, кој воедно бил прв натпревар во групата. Со тој резултат, Македонија влегла во втората фаза од првенството, односно во групата F, каде играла против Грузија, Словенија и Русија, а во таа група биле и репрезентациите на Финска и Грција.
По победата над Грузија, Македонија обезбедила пласман во четвртфиналето, што до тој момент бил најголем успех во македонската кошаркарска историја. Во претпоследното коло од втората фаза, Македонија ја поразила Словенија, а во последното коло од втората фаза, Македонија тесно изгубила од Русија на две секудни при крајот.
Како второпласирана во групата од втората фаза, Македонија во четвртфиналето играла со третопласираната од другата група, односно со домаќинот Литванија, која ја совладала со два бода разлика и обезбедила учество во полуфиналето. Во полуфиналето, селекцијата на Македонија се сретнала со Шпанија, која во четвртфиналето ја победила Словенија и така го постигнала најголемиот успех во историјата на македонската кошарка. Во полуфиналето, Македонија загубила од Шпанија и со тоа играла за бронза со Русија, а Шпанија играла за златото со Франција. Во борбата за третото место, Македонија загубила од Русија и завршила на четвртото место - најдобриот пласман во историјата на оваа репрезентација. Истовремено, благодарение на освоеното четврто место, Македонија директно се пласирала на Евробаскетот 2013 и на квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Лондон 2012.
По завршувањето на првенството, во Скопје била приредена голема прослава низ улиците и плоштадите, дополнета со пригодна програма. Сепак, и покрај остварениот огромен успех, веднаш по Евробаскетот 2011, селекторот Докузовски поднесол оставка.[3]
Македонија, како четвртопласирана на Евробаскетот 2011, обезбедила пласман на квалификацискиот турнир за Летните олимписки игри во Лондон 2012 година. Македонија играла во групата Д, со селекциите на Нов Зеланд и Ангола. Првите две пласирани екипи од оваа група играле во четвртфиналето против првите две пласирани од групата Ц при што смо три екипи обезбедиле пласман на ЛОИ во Лондон 2012. Турнирот се одржувал во Венецуела, а првиот натпревар Македонија го одиграла на 3 јули 2012 против Нов Зеланд. Македонија не успеала да се квалификува за Олимписките игри, бидејќи била поразена во четвртфиналето со пораз од Доминикана.
Македонија се квалификувала за Евробаскетот 2013 година, кој се одржал во Словенија. На ова првенство, репрезентацијата ја водел селекторот Алеш Пипан, кој истовремено бил тренер и на МЗТ Аеродром. При извлекувањето на групите, Македонија била во првиот шешир и играла во групата B, заедно со селекциите на Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Латвија и Литванија, а натпреварите се играле во Јесенице.[4] Настапот на ова првенство, Македонија го завршила уште во првата фаза, пласирајќи се како последна во групата В. По завршувањето на првенството, како последица на острите критики за претрпениот неуспех, селекторот Пипан поднесол оставка.[5]
Во квалификациите за Евробаскет 2015, Македонија била во групата „Д“, заедно со репрезентациите на Данска, Белгија и Белорусија. Во првото коло, во Скопје, Македонија ја победила репрезентацијата на Белгија со 76-73. Во второто квалификациско коло, во данскиот град Хорсенс, Македонија го победила домаќинот Данска со 81-75. На 17 август2014 година, Македонија играла со Белорусија како гостин и победила со 81-70. Три дена подоцна, на 20 август, на гостувањето во Белгија, Македонија изгубила со 60-63. На 24 август, во Скопје, Македонија ја победила Данска, со резултат 80-46, а на последната средба, одиграна на 27 август во Скопје била поразена и репрезентацијата на Белорусија, со 72-66.
На тој начин, Македонија завршила на второто место во својата група, остварувајќи пет победи и еден пораз, со исто бодови како и првопласираната Белгија, но со послаба кош-разлика. Оттука, како најдобро рангирана второпласирана репрезентација во квалификациите, Македонија обезбедила директен пласман на Европското првенство. Во квалификациите, најдобар стрелец бил Бојан Трајковски, со 68 бода (просек од 11,3 бода), а Ричард Хендрикс бил најдобар скокач, со 64 скока (10,7 по натпревар).[6][7][8][9][10][11][12][13]
Со ждрепката за Европското првенство 2015, Македонија била распоредена во групата „Ц“, заедно со Хрватска, Словенија, Грција, Грузија и Холандија.[14]
На средината на јули, МКФ го ангажирала Италијанецот Џакомо Браида за кондиционен тренер на репрезентацијата.[16]
Пред почетокот на подготовките за идното континентално првенство, српскиот селектор Александар Џикиќ од МКФ добил отказ,[17][18] а на негово место бил поставен Марјан Србиновски.[19][20]
Својот настап на првенството, македонската репрезентација го завршила уште во првата фаза, претрпувајќи четири порази од пет натпревари. Најпрвин, Македонија била поразена од Грција со 65-85, а во второто коло била подобра од Холандија, остварувајќи ја единтсвената победа на првенството (78-71). Меѓутоа, во третото коло, Македонија претрпела пораз од Хрватска од 55-73, а во следното коло била поразена и од Грузија, со 75-90. Во последниот натрпевар на првенството, Македонија загубила од Словенија со 51-62.[21]