Пелагонија
- За статистички регион на Република Македонија , видете Пелагониски Регион.
Пелагонија | |
---|---|
Пелагонија од Баба Планина | |
Надм. висина | 600 м |
Географија | |
Местоположба | Република Македонија, Егејска Македонија (денес во Грција) |
Нас. места | Битола, Прилеп, Лерин |
Пелагонија — најголемата котлина во Македонија, која самата по себе образува и посебна релјефна целина во рамките на родопската група на релјеф. Сместена е во југозападниот дел на Република Македонија и северозападниот дел од Егејска Македонија. Опфаќа површина од околу 4.000 км2[1] и нејзиниот правец на протегање е меридијански, север - југ, зафаќајќи должина од 80 километри[2] и продолжувајќи кон Егејска Македонија.
Природно-географски и релјефни одлики на Пелагонија
[уреди | уреди извор]Пелагонија всушност го претставува централниот западен дел на етничка Македонија. Таа денес се протега во две држави: Република Македонија и Егејска Македонија. Се состои од Битолското и Прилепското Поле во басенот на Црна Река и нејзините притоки во Македонија и Леринското Поле во Егејска Македонија. Поради својата пространост и големина, полињата во котлината се поделени на помали пределни целини како: Заградско Поле, Садово Поле, Српополе (Српот) во Прилепско, Гладно Поле на преодот и Ѓаватско Поле, Моштенски села (поле) во Битолско, Буф-кол во Леринско. Котлината е опкружена со планините Баба, Бушева Планина од запад, Даутица од северозапад, Бабуна од североисток, Селечка Планина и Ниџе од исток, додека на југ и југозапад е оградена со падините на Нередска Планина. Во минатото во времето на терцијарот Пелагонија била заезерена поради што денес (особено во Битолското Поле) е голема застапеноста на хумусна и алувијална почва. Просечната надморска височина на рамнината изнесува 650 метри и се движи од 710 до 615 метри во Прилепското Поле и од 610 до 540 метри во Битолското Поле со вкупна површина од 120,600 хектари. Низ Пелагонија тече Црна Река со притоките: Блата, Шемница, Драгор и Елешка (Сакулева) Река. Целата речна и водена мрежа претставува дел од егејското сливно подрачје.
Во делот за орографија во одделот за полињата, во својата книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров дава опис за Пелагонија. Пелагониското поле е едно од најголемите и најплодните полиња во цела Македонија. Тоа е природна испакната рамнина, долга од север кон југ 14 часа, широка од исток кон запад 4 – 6 часа[3]. Од сите страни е заградено со високи планини, како стени. Од исток го заградува Селечката планина и почетокот на Ниџе, од запад – Пелистерската и Крушевската планинска верига, од југ – падините на Вич Планина, а од север и северозапад — Даутица, Мукос, Преслоп и Козјак. Според местоположбата и изгледот тоа се разделува на Прилепско, Битолско и Леринско Поле. Во Прилепското Поле течат реката Блато и Прилепската Река, Битолско-Леринското поле се наводнува од Црна Река, Шемница, Сакулева Река и потоците на Пелистер[3]. Бидејќи полето е рамно како тепсија, сите тие реки широко се излеваат за време на висок водостој, создавајќи околу себе блатести места.
Клима
[уреди | уреди извор]Пелагонија има претежно умереноконтинентална клима, но негогаш во зимските месеци во неа продираат студени влијанија од север, кои навистина ја снижуваат температурата и ѝ даваат карактер на континентална клима. Поради близината на Егејското Море и географскаташирочина би требало да владее средоземната клима, но заради големата надморска височина владее умерено-континенталната клима. Средната годишна температура на воздухот во Прилеп и Битола е 11,2 °С[4]. Просечните врнежи изнесуваат околу 640 мм, во Прилеп се 556,7 мм, а во Битола 602 мм.
Население
[уреди | уреди извор]Во Пелагонија живеат повеќе од 200.000 жители, од кои доминантно мнозинство се Македонците со претежна застапеност во населените места од над 90%. Најголеми градови во котлината се Битола и Прилеп, а во грчкиот дел Лерин. На подрачјето на Пелагонија целосно влегуваат општините Могила, Долнени, Кривогаштани и во поголем дел општините Битола (без Цапарско Поле и потпелистерските села), Прилеп (без Мариово) и Новаци (без Мариово), а во помал дел и територијата на Општина Крушево. Освен населението кое потекнува оттука има и голем број на доселеници од областите Мариово, Железник (Демир Хисар) и Преспа. Во поглед на населеноста според густината на населението се издвојуваат два предели: рамничарското котлинско дно со над 100 жители и котлинскиот раб кој има до 30 жители[5]. Особено слабо населен е источниот раб на котлината кон областа Мариово. Разликата во густината на населеноста е последица на стопанските прилики[5].
Според податоците од пописот од 2002 година, во рамки на општините кои се наоѓаат исклучиво во географското подрачје на котлината Пелагонија живеат 203.639 жители од кои:
Број | % | |
Вкупно | 203.639 | 100 |
Македонци | 177.584 | 87,2 |
Албанци | 7.802 | 3,8 |
Роми | 7.035 | 3,5 |
Турци | 5.002 | 2,5 |
Бошњаци | 2.240 | 1,1 |
Власи | 1.254 | 0,6 |
Срби | 589 | 0,3 |
други | 1.798 | 1 |
Земјоделство и стопанство
[уреди | уреди извор]Пелагониската Котлина, која претставува најголема рамница во Република Македонија, Преспанскиот езерски басен, како и специфичните климатски услови и поволната хидрографска мрежа се основни предуслови за развој на земјоделството во овој регион. Токму од овие причини, овој регион е житница на Република Македонија и најголем производител на тутун, јаболка, но и најголем млекопроизводител. Пелагонија претставува најголема житница во Македонија[6]. Во Пелагонија се остваруваат најголемите приноси на пченица и пченка во државата, а покрај нив од житните култури во значаен обем се одгледуваат и јачменот, овесот и 'ржта. Пелагонија е исто така и најголем производител на индустриските култури како тутун, сончоглед, шеќерна репка во Македонија[6]. Целата котлина, а особено Прилепското Поле, претставува најголем производител на тутун во Македонија и на Балканот. Од другите индустриски култури најзастапени се шеќерната репка, сончогледот и фуражните култури за сточна храна како детелина, луцерка, крмната пченка итн. Во повлажните предели со повеќе вода, по течението на Црна Река, особено во западните предели на Прилепското и Битолското Поле во селата Бучин, Обршани, Бела Црква, Кукуречани, Могила во големи количества се одгледуваат кромид и пиперки (црвени-ајварки и зелени). Во западниот дел на Битолското Поле во подножјето на планината Баба во селата Буково, Бистрица, Лажец, Породин се одгледуваат многу пиперки, особено од позната сорта на црвена пиперка со тенка лушпа која ситно се меле и се -прави познатиот зачин буковец. Овоштарството и лозарството се застапени во помала мера, а претежно околу Битола и западниот дел на Битолското Поле.
Сточарството во Пелагонија е исто така доста развиено. Најразвиена гранка е краварството, особено во рамничарскиот дел на Битолското Поле и по течението на Црна Река каде што има голем број на тревнати ливади-утрини погодни за напасување на кравите. Покрај краварството се одгледуваат и голем број на овци, претежно во источните и северните предели кон Даутица, Селечка Планина и Мариово. Козарството е застапено во најмала мера во крајниот северен дел на Прилепското Поле во подножјето на Даутица и Бабуна. Поради големиот број на крави и овци, во Пелагонија се произведува и најголемиот дел од млекото во Македонија. Млекарството е застапено со повеќето млекарници „ИМБ Битола“, „Идеал Шипка“ кои се најголемите производители на млеко и млечни производи во Македонија како и бројни други помали приватни млекарници итн. Поради одличните услови, во Пелагонија во голема мерка е застапено и свињарството при што голем број на домаќинства одгледуваат свињи, а во селото Породин се наоѓа и една од најголемите свињарски фарма во државата во сопственост на ЗИК „Пелагонија“.
Во Пелагонија најразвиена е прехранбената индустрија, а како најголема житница во Македонија, на нејзиното подрачје се наоѓаат и најголемите пекарско-мелничарски комбинати „Жито Битола“ и „Жито Прилеп“, како и повеќе приватни мелничко-пекарски претпријатија како што се „Млин Стојчев“, „Пелафино“ фабриката за тестенини. Во Прилеп се наоѓаат прехранбената индустрија „Витаминка“, Тутунскиот комбинат и Пиварницата, а во Битола се сместени Пиварницата, Шеќераната, фабриката за квасец и неколку млекарници итн. Доста развиена е и металската индустрија и во Битола и во Прилеп, а развиени се и стакларската, идустријата за електрични апарати, градежни материјали итн.
Во Битолското Поле големи се резервите на јаглен, поради што работат два рудника за негово исцрпување: „Суводол“ и „Гнеотино“. Тука се наоѓа и најголемата термоелектрична централа во државата „ТЕЦ Битола“ која со своите 3 блока произведува 60% од електричната енергија во Македонија.
Од особено значење за економско-стопанскиот и индустрискиот развој на целиот регион е изградбата на Индустриската зона „Жабени“ која се протега на 85ha во близината на с.Жабени, јужно од Битола, како и ново-отворена индустриската технолошко-развојна зона „Прилеп“ кај селото Ново Лагово, во кои веќе се изградени неколку производствени индустриски капацитети од странски инвеститори.
Сообраќај
[уреди | уреди извор]Поради својата положба Пелагонија претставува важно сообраќајно подрачје кое поврзува повеќе региони. Сообраќајното значење на Пелагонија е посебно големо поради близината на државните граници кон Грција и Албанија. Јужно од Битола се наоѓа граничниот премин Меџитлија на границата кон денешна Грција. Низ самата Пелагониска Котлина водат повеќе патни правци како магистралниот пат Прилеп - Битола кој на североисток се поврзува со автопатот „Александар Македонски“ (Е-75) од меѓународниот коридор 10 (Скопје - Солун), a на запад преку Ресен се поврзува со Охрид и меѓународниот коридор 8. Од Пелагонија водат и повеќе регионални патни правци кон Крушево, Демир Хисар, Кичево, Кавадарци и Мариово. Во план е изградбата на патниот правец Прилеп - Велес преку Бабуна кој постоел и во минатото. Низ Пелагонија минува и железничката пруга Велес - Прилеп - Битола, а која продолжува кон Егејска Македонија (Солун). Делот од пругата меѓу Битола - Кременица (граница со Грција)[7].
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пелагонија“. www.makedonskibiser.com.mk. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2010-12-24.
- ↑ МАКЕДОНСКА енциклопедија. Том II, MАНУ, Скопје 2009. стр. 1128
- ↑ 3,0 3,1 Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). Печатница Вълковъ. стр. 22 и 225-231. Грешка во наводот: Неважечка ознака
<ref>
; називот „gjorchepetrov“ е зададен повеќепати со различна содржина. - ↑ МАКЕДОНСКА енциклопедија. Том II, MАНУ, Скопје 2009. стр. 1128-1129
- ↑ 5,0 5,1 Ф. Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина (српски). Српска академија наука и уметности. стр. 1-17 и 36-95.
- ↑ 6,0 6,1 МАКЕДОНСКА енциклопедија. Том II, MАНУ, Скопје 2009. стр. 1129
- ↑ http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=04DA3CA0862C9A4EBA16986308035C42
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Пелагонија“ на Ризницата ? |
- Пелагониски Регион Архивирано на 16 август 2015 г.
|
|