Прејди на содржината

Крстоносни војни

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија

Крстоносни војни — низа различни воени походи започнати кон крајот на XI век, со религиозен карактер од страна на христијанското население во Европа, под покровителство на Римокатоличката црква. Овие походи главно биле поткренети против муслиманското население на Блискиот Исток, како и против Евреите, руските и грчките православни христијани, Монголците, катарството и политичките противници на папата.[1]

Опсадата на Антиохија во Првата крстоносна војна

Особено важно место за започнувањето на Крстоносните војни има т.н. заштита на Светите Земји и Ерусалим, односно протерување на муслиманското население од тие простори и воспоставување на христијанска власт врз тие територии. Крстоносците се ангажирале со учество на рицари, монаси и редовна војска кои ќе војуваат против Арапите, Маврите, Турците селџуци. Од борбите против муслиманите сите очекувале дека од страна на Бог по нивната смрт ќе добијат место во Рајот, а селаните ќе бидат ослободени од своите зависности. Во процесот на развивање на државите и народите од Западна Европа се појавиле католички професионални војници – кои најмногу ни се познати како рицари. Папата Урбан II прв ја претставил пред широката јавност идејата за крстоносна војна кон Светите Земји изрекувајќи ги зборовите „Господ така сака“.

Во текот на Крстоносните војни, самите крстоносци се соочиле со големи внатрешни политички, економски и социјални судири. Поради овие конфликти помеѓу христијанските кралства и политичките сили, некои од крстоносните походи завршиле со голем неуспех за крстоносците. Така на пример, целта на четвртата крстоносна војна била освојување на Цариград, но дошло до противење кое довело до одложување на истото за неколку години (1204).[2]

Во крстоносните војни учествувале мноштво претставници на витешки редови како што биле Витезите болничари, Витезите темплари, Редот на Свети Лазар Ерусалимски, Тевтонските витези, Малтешкиот ред итн.

Точниот број на крстоносните походи сѐ уште е непознат. Освен официјалните девет крстоносни походи, исто така биле спроведени и множество други крстоносни походи во Палестина, но и во Средна Европа и Шпанија. Може да се каже дека крстоносните походи продолжиле до ренесансата и реформацијата, кога политичката и религиозната клима во Европа станала многу поразлична од онаа во текот на средниот век.

Состојбите на Блискиот Исток

[уреди | уреди извор]

Муслиманското завладување на Светите Земји започнало со арапското завојување на Палестина во VII век. Успесите на муслиманите довеле до пораст на притисокот во Византиското Царство и до намалување на териториите што таа претходно ги имала освоено. Исто така, како друг фактор кој влијаел за започнување на таква војна било разрушувањето на Светиот Гроб од страна на Ал-Хаким Би-Амар Алах. Така, неговиот наследник во 1039 година по долготрајни преговори дозволил Византиското Царство повторно да го изгради Светиот Гроб.[3] За таа сметка, муслиманските владетели добиле огромни финансиски средства од страна на Византија. Така, базиликата била повторно изградена, но за време на нејзиното градење и по нејзината изградба, многу поклоници биле духовно убивани. Сепак, за богатството на Ерусалим биле свесни и самите Турци селџуци. Кон половината на XI век, Турците селџуци по потекло од Средна Азија неуморно се движеле кон запад освојувајќи го Багдад, и во текот на тие освојувања месното население го исламизирале.

Во меѓувреме, Мала Азија, Сирија, Палестина и Египет биле контролирани од страна на муслиманите. Главна причина за поразот на муслиманскиот свет во Првата крстоносна војна се согледува во поделеноста и културното недоразбирање помеѓу муслиманите. Така, Анадолија и Сирија биле контролирани од страна на селџуците, што претходно имале веќе создадено една голема империја, но во тој момент биле разделени на многу мали држави. Алп Арслан ја поразил Византија кај Манцикерт во 1071 и големи територии од Византија ги присоединил кон својата империја. Но, по смртта на Малик Шах I во 1092 година во империјата избувнала граѓанска војна која довела до пропаст на истата.

Малик Шах I бил наследен од страна на Килиџ Арслан I, а во Сирија тој бил наследен од страна на неговиот брат Тутуш I, кој умира во 1095 година. Неговите синови, Редуан и Дукак го наследиле неговиот престол во Алеп и Дамаск. Така била предизвикана и граѓанската војна во империјата која довела до разделување на големата империја на повеќе држави. На секоја од овие држави основна цел ѝ била потчинување на своите соседи повеќе отколку наоѓање на решение за веќе најавената војна од страна на крстоносците. Во останатите делови на Селџучкото Царство раководиле Ортокидите во североисточна Сирија и Месопотамија. Тие со Ерусалим управувале сѐ до 1098 година кога крстоносците го зазеле градот.

Египет и голем дел од Палестина биле под контрола на шиитите Фатимиди, чија империја била значително намалена по доаѓањето на селџуците. Алексеј I ги советувал крстоносците да дејствувал заедно со Фатимиди. Во почетокот, тие не сметале дека крстоносците би можеле да бидат закана за нив, бидејќи сметале дека нивна крајна цел е освојувањето на Сирија, но не и Палестина. Така, сѐ додека крстоносците не стигнале пред портите на Ерусалим, воопшто немало борба помеѓу овие две сили.

Папата Урбан II повикува на поход кон Светата земја

Состојбите во Западна Европа

[уреди | уреди извор]

Кризата која ја зафатила Франкија во IX век довела до моментална стабилизација на границите од западна Европа. Во меѓувреме, била извршена христијанизација на викинзите, словените и унгарците, што дополнително довело до меѓусебно поврзани војни и терори врз месното население. Од своја страна, црквата сѐ повеќе започнувала да навлегува во политичкиот живот во Европа, па така, се обидела и овде да стави крај на овие насилија, обидувајќи се да ја стави религијата пред политичките интереси помеѓу народите во Европа. Во глобала, црквата во тоа и успеала, со исклучок на Шпанија и Португалија, односно со избувнувањето на востанието Реконквиста, кога од страна на пиринејските витези и неколку воени платеници од Европа биле протерани муслиманските арапи од Пиринејскиот Полуостров. Така, исламот продолжил да се пробива низ христијанска Европа, па во текот на VII век и VIII век поголем дел од средоземните земји и Пиринејскиот Полуостров попаднале под власта на муслиманите.[4] Во меѓувреме, норманите војувале за освојување на Сицилија, а Пиза, Џенова и Арагон биле заземени од исламистите во Мајорка и Сардинија, ослободувајќи ги бреговите на Италија и Шпанија од муслиманите.

Во 1063 година, папата Александар II го дал својот благослов на пиринејските христијани во нивните воени походи против муслиманите, давајќи им папски благослов (the vexillum sancti Petri) и награда за секој кој ќе појде и кој ќе убие муслиман. Во меѓувреме сè повеќе биле зачестени нападите од страна на турските-селџуци врз Византија, која на некој начин била потисната. Затоа, императорот Михаил VII побарал помош од папата Григориј VII. Истото го сторил и императорот Алексиј I Комнин од папа Урбан II. Во меѓувреме, Михаил VII побарал помош и од страна на Кина во евентуална борба против турските селџуци.[1]

Непосредна причина за започнување на првата крстоносна војна бил апелот на византискиот цар Алексиј I Комнин до папа Урбан II за потпомагање на постојаните напади врз неговата империја од страна на муслиманите. На 26 август 1071 година во Битката кај Манцикерт, византиската војска била катастрофално поразена, а царот Роман IV Диоген бил заробен. Со оваа бита честопати се смета и дека Византија всушност не доживеала пораз на дело, туку еден вид политички пораз, кој подоцна ќе придонесе за пропаѓање на империјата, и за кој пораз не се виновни самите војници и војсководци, туку самото раководство. Во меѓувреме настанал и расколот помеѓу католичкиот западен свет и источниот православен свет, за кој долги години требало да поминат за да се ублажат односите помеѓу овие две цркви.

Состојбите во Источна Европа

[уреди | уреди извор]

Како еден од факторите за започнувањето на крстоносните војни лежи и во средновековното развивање на западните, а истовремено постепеното опаѓање на моќта на источните земји од Европа, претежно Византиското Царство која сѐ повеќе била мета на напади од страна на турските муслимани. Директниот сосед на Западна Европа на југоисток била христијанската Византиско Царство. Во време од само десет години, муслиманите ја освоиле и Никеја и воспоставиле контрола над цела Мала Азија. Византиското Царство се состоела само од нејзините области западно од Босфорот, па така на царот Алексеј не му преостанувало ништо друго освен да побара помош од Западна Европа за да го спречи сигурното уништување на империјата.[4] Но, по Големиот раскол од 1054 година помеѓу Византија и папата во Рим, конечно ја разделува христијанската црква на православни во Источна Европа и на католици во Западна Европа.

Список на крстоносните војни

[уреди | уреди извор]


Крстоносни војни
Портал:Крстоносни војни

Повик на папата

[уреди | уреди извор]

На 27 ноември 1095 година, една недела по Црковниот собор во катедралата, папата Урбан II им се обратил на многубројната толпа насобрана околу ѕидините на Клермон. Тој ги повикал насобраните да се воздржат од меѓусебни борби, бидејќи крвавите војни ја уништувале Европа уште од опустошувањето на Рим во 410 година. исто така, тој им рекол дека е подобро својата енергија да ја трошат борејќи се против неверниците од исток и да го вратат Ерусалим во рацете на Мајката црква. Толпата била во екстаза извикувајќи „Deus lo volt“ односно „Бог така сака“. Епископите и кардиналите веднаш клекнале пред папата и го замолиле да ги поведе кон поход. Така започнала и првата крстоносна војна.[5]

Прва крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

На Соборот во Клермон кој се одржал во 1095 година била донесена одлука за започнување на нова војна која ќе го ослободи “Божјиот гроб од неверниците“. Овој чин всушност претставувал и помош на Византија од страна на папата, кој сметал дека повторно ќе дојде до обединување на двете цркви под раководство на папата како „главен епископ и прелат на целиот свет“, како што сам се нарекувал.[6]

Кралот Сигурд I Магнусон бил прв европски крал кој заминал со своите крстоносци кон Светите Земји. Здружените западноевропски крстоносци во нивниот прв крстоносен поход го освоиле Ерусалим и уште неколку градови од околината. Така, крстоносците ја зазеле Никеја, по што им се отворил патот кон Антиохија, која исто така многу брзо паднала. Така било создадено и Ерусалимското Кралство и други крстоносни држави. На овие темелнички усвојувања била создадена првата крстоносна држава, а во самиот Ерусалим биле отворени првите витешки школи. Годфрид Бујонски бил еден од водачите во Првиот крстоносен поход и по освојувањето на Ерусалим, станал крал на Ерусалим. Тој не сакал да биде крунисан како крал, туку како чувар на Светиот Гроб. Ова е единствениот крстоносен поход во кој била исполнета крајната цел — ослободување на Ерусалим.

Опсада на Ерусалим

[уреди | уреди извор]

Опсадата на Ерусалим започнала од 7 јуни и траела сè до 15 јули 1099 година. Крстоносците успеале да го заземат Ерусалим, каде бил “ослободен“ гробот на Исус Христос и била остварена и самата цел на првата војна. По повеќето неуспешни обиди за заземање на градот, конечно тоа успеало во јули кога во утрото на 15 јули кулата на Годфруа Бујонски се приближила многу блиску до ѕидините на градот. Така, првиот којшто влегол во градот бил фландрискиот витез Летолд, потоа Готфрид Бујонски, брат му Еустас Бујонски и Танкред Галилејски. При нивното влегување во градот, крстоносците ги пљачкале, убивале или мачеле скоро целото население на градот (муслимани, евреи или христијани).[7] Многу од муслиманите се засолниле во џамијата Ал Акса, а колежот бил толку страшен, да според историските извори имало “крв до колена“.[8]

Единствени кои го преживеале колежот бил гувернерот на Фатимид кој се повлекол во култа на Давид и потоа се предал под услов слободно да излезе од Ерусалим. Готфрид Бујонски на 22 јули ја зел титулата — Чувар на Божјиот гроб, а по една година на неговиот престол седнал неговиот брат, Балдуин I Ерусалимски.[9]

Крстоносна војна од 1101

[уреди | уреди извор]

Во текот на 1101 година бил организиран нов поход од страна на Етјен Де Блоа и Југ Де Вермондоа, кои се упатиле кон своите земји пред да биде преземeн Ерусалим. Овој поход е познат како крстоносен поход од 1101 година и се смета како краен поход од првата крстоносна војна.[10]

Втора крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

По освојувањето на Светата земја од страна на христијаните и создавање на крстоносни држави, конфликтот помеѓу муслиманите и христијаните не стивнувал. Така, овој пат походот го започниле Турците кои тргнале во обид да ја освојат Воден и сите други градови кои биле заземени од страна на крстоносците. Новиот крстоносен поход бил поткрепен од страна на многу проповедници, особено од Бернард Клаирвакс. Француските и германските војски со нивните кралеви Луј VII и Конрад III исто така марширале директно кон Ерусалим во 1147 година, но сепак не постигнале поголеми успеси. Крстоносците пробале да го освојат и Дамаск, но во тоа не успеале и целиот поход бил неуспешен. Оваа крстоносна војна започнала во 1147 година и траела сè до 1149 година.[11] Овој поход завршил како резултат од потпаѓањето и преземањето на Воден од страна на бегот Зенги. Како единствен успех кој им се препишува на крстоносците од овој поход е заземањето на Лисабон и истерување на маврите од самиот град.

Трета крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

Во 1187 година, Саладин, султан на Египет, по неколкудневната борба со крстоносците пред портите на Ерусалим успеал по преговорите со Балиан да го заземе градот.[12] Ова бил уште еден повод за нов крстоносен поход. Падот на Ерусалим во рацете на муслиманите кај европските народи предизвикал многу негативни реакции. Папата Григориј VIII издал наредба за нов крстоносен поход. Владетелите на Германија, Фридрих Барбароса, на Франција- Филип Август и на Англија, Хенри II на соборот во Мајнц се договориле за идните воени дејства. Сепак, на крајот, крстоносците не успеале да го заземат повторно Ерусалим.

Дел од темата

Ислам



Историја на исламот

Верувања и обичаи

Божје единство
Вероисповед
МолитваПост
АџилакДобротворност

Главни дејци

Мухамед
АлиАбу Бакр
Дружината на Мухамед
Семејството на Мухамед
Исламски пророци

Текстови и Закони

КуранХадисШеријат
Исламско правоТеологија
Мухамедовите биографии

Гранки на исламот

СунизамШиизамСуфизам

Социополитички аспекти

АкадемциФилозофија
УметностНауки
АрхитектураГрадови
КалендарПразници
Жените во исламотВодачи
ПолитикаЏихадЛиберализам

Поврзано

Исламски лексикон
Индекс на статии за исламот

Опсадата на Арка

[уреди | уреди извор]

Опсадата на Арка била еден од најважните настани во текот на третата крстоносна војна која траела од 28 август 1189 година до 12 јули 1191 година, и за првпат во историјата на крстоносните походи кралевите од двете страни учествувале (или поконкретно со свои очи ја гледале) заштитата на светата земја. Друго по кое се одликува оваа битка е дека таа е една од најсмртоносните, односно битка во која загинале најмногу војници.[13]

Преземање на Цариград од страна на крстоносците

Четврта крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

Четвртата крстоносна војна била иницирана од страна на папата Иноцентие III сè со цел да се освои Египет и Светата земја. Бидејќи крстоносците немале доволно средства за да ѝ платат за поморскиот превоз на Венецијанската Република, тие за возврат, како начин на плаќање, го нападнале и освоиле градот Задар за Венеција. Папата Иноцентие III остро се спротивставил на нападот врз братските католички земји, и се заканил со екскомуникација на крстоносците, но водачите ова го сокриле од војската. Така, по преземањето на Задар, крстоносните сили се упатиле кон Цариград.[14] На 13.04.1204 година градот бил преземен од страна на крстоносците, а со тоа било целосно уништено христијанското Византиско царство.[15] На местото на Византија, биле формирани нови крстоносни држави: Латинско Царство, Солунско кралство, Ахајско Кнежевство, Атинско Војводство, Никејско Царство, Епирско Деспотство и Трапезунтско Царство.

Катарска крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

Катарската крстоносна војна започнала во 1209 година и траела сè до 1229 година. Овој поход бил започнат од страна на Римокатоличката црква со цел да се уништи ереста на катарите во Лангдок (денешна јужна Франција).[16]

Детска крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

Детската крстоносна војна е веројатно измислен и сѐ уште несфатен настан од 1212 година. Се смета дека се довело до собирање на деца од Франција и Германија (се смета дека нивниот вкупен број бил околу 7.000), при што папата Иноцентиј III решенил дека возрасните крстоносци не се корисни за ослободувањето. И затоа како нивни заменици ги поставил децата. Но во крајна мерка, ниту едно од децата не ни достигнало до Светата земја, бидејќи оние кои не умреле од глад во текот на патувањето биле продадени како робови.[17]

Петта крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

Поради губење на своите позиции на Блискиот Исток, во 1215 година бил одржан Четвртиот латерански собир, на кој било решено да се започне нов крстоносен поход. Крајна цел било обид за враќање на Ерусалим и останатите делови од Светата земја, преку завладувањето прво на силната држава на Ајубидите во Египет. Во краен случај, крстоносците ја освоиле Дамаета.

Шеста крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

Шестата крстоносна војна траела од 1228 до 1229 година. Оваа војна ја започнал светиот римски цар Фридрих II Хоенштауфен со цел повторно да се освои Ерусалим. Тој потпишал договор со султанот Ел Камел со кој бил добиен Витлеем, Назарет, приморјето од Синода до Јопа и цел Ерусалим, освен Храмовата Гора. Турците градот повторно го освоиле 1244 година.[18]

Седма крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

Седмата крстоносна војна се водела од 1248 до 1254 година и ја предводел францускиот крал Луј IX Свети против Египет. Крстоносците го освоиле Дамиет, но Луј бил заробен близу Каиро, при што подходот бил откажан и кралот ослободен со откуп.

Осма крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

Осмата крстоносна војна била покрената од страна на францускиот крал Луј IX Свети против Тунис во 1270 година, со цел да се добие поддршка за крстоносните подходи. Многу брзо по стапувањето на африканско поле, царот починал. Водството било преземено од страна на неговиот брат Карло I Анжујски, кој по опсадата на градот Тунис потпишал мировен договор за слободна трговија.[19]

Деветта крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

Деветтата крстоносна војна траела од 1271 до 1272 година и бил против египетскиот султан Бајбара и неговиот обид да ги уништи крстоносните земји. На чело на подходот застанал принцот Едвард кој успеал да го спречи во тоа барем за две децении. По паѓањето на Антиохија (1268), Триполи (1289) и Акар (1291) последните траги од христијанската окупација на Сирија полека исчезнале.

Северни крстоносни војни

[уреди | уреди извор]

Северните или Балтичките крстоносни војни биле иницирани од страна на католичките кралеви на Данска и Шведска, како и од евтонскиот ред сè со цел справување со паганското население во Северна Европа.Овие походи исто така биле подпомагани и од страна на Руската православна црква.

Дел од темата
Христијанство

Христијански крст

Историја на христијанството
Исус од Назарет
Раѓање · Крстење
Распнување· Воскреснување
Велигден

Рано христијанство
Апостолите
Милански едикт · Екуменски совет

Среден век
Голем раскол
Крстоносни војни
Реформација

Свето Тројство
Господ-Отецот
Христос-Синот
Светиот Дух

Христијанска теологија
Црква
Христијанско богослужение
Божествена благодат · Спасение
Проповед на планината
Десет Божји заповеди

Библијата
Стар завет
Нов завет
Апокрифи

Христијански звања

Католицизам
Римокатолицизам · Англикализам
Независни· Стар католизам

Источно христијанство
Православие · Древноисточни цркви
Асирска црква на Истокот

Протестантство
Лутеранство · Калвинизам · Методизам
Анабаптизам · Баптизам · Адвентизам
Евангелизам · Свето движење
Пентекостализам

Антитринитаризам
Јеховини сведоци
Движење за подоцнежните светци
Унитаријанство
Христоделфијани
Единствен пентекостализам


Други крстоносни походи

[уреди | уреди извор]

Походи против татарите

[уреди | уреди извор]

Походи на Балканот

[уреди | уреди извор]

Битката кај Никопол се случила на 25 септември 1396 година помеѓу Отоманското Царство од една страна и крстоносните сојузници предводени од Кралство Унгарија, Светото Римско Царство, Франција, Полска, Англија, Шкотска, Венеција, Џенова. Оваа битка се одвила блиску денешниот бугарски град Никопол. Крстоносците биле катастрофално поразени.

Битката кај Варна

[уреди | уреди извор]

Битката кај Варна се случила на 10 ноември 1444 година, помеѓу отоманците предводени од страна на Мурат II, и крстоносците предводени од страна на кралот на Унгарија Јанош Хунади и кралот на Полска, Владислав III. Крстоносците биле катастрофално поразени.

Битката за Белград

[уреди | уреди извор]

Битката за Белград бил вториот и последен обид на Турците Османлии да го заземат Белград кое траело од 4 до 22 јули 1456 година. Крстоносците биле поразени.

Ароганска крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

Арагонската крстоносна војна траела од 1284 до 1285 година. Овој поход бил потикнат од страна на папа Мартин IV против кралот на Арагон Педро III Арагонски. Папата ги признавал анжувинците како господари на Сицилија. По побуната на анжувинците во познатата Сицилијанска вечер следувал конфликт од страна на силицијанците и Педро III Арагонски против анжувинците. Така, кога Педро III Арагонски станал крал на Сицилија, папата покренал крстоносен поход против него.

Александриска крстоносна војна

[уреди | уреди извор]

Александриската крстоносна војна започнала во октомври 1365 година иницирана од страна на Петар I Кипарски сè со цел освојување на Александрија. Овој поход се разликува од другите религиозни крстоносни походи бидејќи при обидот да се заземе Александрија, главен мотив бил економскиот интерес.

Хуситски војни

[уреди | уреди извор]

Хуситските војни го опфаќаат периодот од 1420 до 1434 година, и самата војна се одржала во Чешка.

Поглед за крстоносните војни

[уреди | уреди извор]

Исламскиот поглед

[уреди | уреди извор]

Според исламскиот односно арапскиот свет, крстоносните војни биле спроведени сè со цел како прво да се уништат сите муслимани или истите да се протерат. Како втора цел на крстоносците, според муслиманите бил самиот економски и територијален финансиски интерес, и дури како трета причина го наведуваат зазимање на Светите Земји. Омразата помеѓу исламот и христијанството и ден денеска се смета дека не е стивнала. Според некои иследувачи, крстоносните војни можеби започнале во XI век, но сепак, според нив, тие не завршиле кон крајот на XIII век како што бележат официјалните информации, туку напроти тие и ден денеска сѐ уште опстојуват поради безправните дејства на денешните западноевропски земји и САД.

Муслиманскиот свет како свој херој од крстоносните војни најмногу го одликува султанот на Египет и Сирија, Саладин кој успеал на секаков начин со многу дрскост да им се спротивстави на европските христијани. Во денешно време постојат арапски движења, како што се на пример Арапското движење за независност и Пан-исламистичкото движење кои продолжуваат до ден денес да учетвуваат и да ги поддржуваат терористичките двињења во Израел и Палестина.

Еврејскиот поглед

[уреди | уреди извор]

И покрај тоа што пред и во времето на крстоносните војни муслиманите на извесен начин се обиделе да го заштитат еврејското население во Светите земји од нападот на крстоносците, сепак тоа не им успеало во најголема мера. Така, еврејското население најмногу пострадало во Германија и Унгарија, а подоцна и во Франција и Англија каде многубројни евреи биле убивани, протерувани или прогласувани за ереси. Во Сирија и Палестина пак сѐ повеќе се развил т.н. антисемитизам. Така, социјалната позиција на евреите во западна Европа била нагло влошена, а самите правни ограничувања најмногу се засилиле со започнувањето на крстоносните војни. Овде треба најмногу да се обрне внимание на познатата заповед од страна на папа Иноцентие III против еврејското население.

Така, во времето на првата крстоносна војна многу заедници како Реин и Дануба (близу Ерусалим) биле уништени од страна на германските крстоносци. Тогаш, крстоносците очекувале дека со преземањето на Ерусалим и воспоставувањето на христијанска власт, бројното еврејско население да премине во христијанската религија. Многумина од еврејското население биле погубени. Исто така еврејското население настрадало и во втората крстоносна војна со прогонувњето на месното население од заземените градови од муслиманите или од крстоносците.

Поглед на православниот свет

[уреди | уреди извор]

За православието крстоносните војни донеле голема катастрофа. Овде најмногу се има предвид пропаѓањето на Византиското Царство и преземањето на долговековната престолнина Цариград.

Западноевропскиот поглед

[уреди | уреди извор]

Во западна Европа, крстоносните војни биле пречекани со голем ентузијазам и надеж за “ослободување на Светиот Гроб од неверниците“. Но доколку се има предвид успешноста на самите походи, може да се каже дека крстоносните војни завршиле катастрофално за христијанска Европа бидејќи од сите походи само првиот крстоносен поход може да се нарече воено успешен. Од борбите против муслиманите сите очекувале дека од страна на Бог по нивната смрт ќе добијат добро место во Рајот, а селаните ќе бидат ослободени од своите зависности.

Крстоносците како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 Riley-Smith, Jonathan. The Oxford History of the Crusades New York: Oxford University Press, 1999. ISBN 0-19-285364-3. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „OHC“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  2. Halsall, Paul (December 1997). „Philip de Novare: Les Gestes des Ciprois, The Crusade of Frederick II, 1228-29“. Medieval Sourcebook. Fordham University. Архивирано од изворникот на 2009-05-26. Посетено на 2008-02-08.—"Gregory IX had in fact excommunicated Frederick before he left Sicily the second time"
  3. Denys Pringle "Architecture in Latin East" in The Oxford History of the Crusades ed. Jonathan Riley-Smith (New York:Oxford University Press,1999) 157
  4. 4,0 4,1 „Темплари-Историјат и митови на легендарниот витешки ред“, Шон Мартин, стр. 17.
  5. „Темплари-Историјат и митови на легендарниот витешки ред“, Шон Мартин, стр. 18.
  6. „Анселм де Рибмон, Писмо до Манасиј II, архиепископ на Реимс
  7. Jean Rchards "The Crusades 1071-1291" p 65
  8. Paul Tobin (anti-christian atheist), https://web.archive.org/web/20011230145518/http://www.geocities.com/paulntobin/crusades.html
  9. Дембер, Годфрид и Реонд, Писмо до папата
  10. The Crusade of 1101
  11. Lewis, Archibald (January 1988). Nomads and Crusaders: AD 1000-1368.. Indiana University Press. ISBN 978-0-253-20652-7.
  12. Hallam, Elizabeth. Chronicles of the Crusades: Eye-Witness Accounts of the wars Between Christianity and Islam. London: Weidenfeld and Nicolson, 1989. pp 155-155.
  13. James Jr Reston (2001). "Warriors of God: Richard the Lionheart and Saladin in the Third Crusade". Random House, New York . ISBN 0-385-49561-7.
  14. J. Phillips, The Fourth Crusade and the Sack of Constantinople, 159
  15. J. Phillips, The Fourth Crusade and the Sack of Constantinople, 106
  16. VC: Sibly, W. A. and M. D., translators (1998), напишано во Woodbridge, The history of the Albigensian Crusade: Peter of les Vaux-de-Cernay's Historia Albigensis, Boydell, ISBN 0851158072
  17. The Children's Crusade (1958), children's historical novel by Henry Treece, includes a dramatic account of Stephen of Cloyes attempting to part the sea at Marseille.
  18. Crusading and the Crusader States, Jotischky, (Edinburgh, 2004), 225.
  19. Verses by a contemporary Tunesian named Ahmad Ismail Alzayat ( Al-Maqrizi, p.462/vol.1 ) - House of Ibn Lokman was the house in Al Mansurah where Louis was imprisoned in chains after he was captured in Fariskur during the 7th crusade he was under the guard of a eunuch named Sobih . According to Muslim creed Munkir and Nakir are two angels who interrogate the dead.


Статијата „Крстоносни војни“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).