Прејди на содржината

Кралство Франција

Од Википедија — слободната енциклопедија

Кралство Франција (старофранцуски: Reaume de France; француски: Royaume de France) ― заедничко историографско име за различни политички субјекти во Франција во средниот и новиот век. Таа била една од најмоќните држави во Европа во развиениот среден век. Исто така, била рана колонијална сила, со поседи ширум светот.

Франција настанала од Западнофранкското Кралство (Francia Occidentalis), западниот дел од Каролиншкото Царство, со Верденскиот договор (843). Огранок од Каролиншката династија продолжил да владее со кралството до 987 година, а откако Иго Капе бил избран за крал ја основал Капетинската династијата. Територијата и во развиениот среден век била позната под името Франкска (Francia), а нејзиниот владетел како rex Francorum („крал на Франките“). Прв крал кој себеси се нарекол „крал на Франција“ (rex Francie) бил Филип II во 1190 година, а од 1204 година тоа станало официјална титула. Оттогаш, со Франција во континутет владееле Капетите и нивните бочни линии - Валоа и Бурбон - сè до укинување на монархијата во 1792 година по избувнувањето на Француската револуција. Кралството Франција, исто така, било управувано во личен сојуз со Кралството Навара во два наврата, 1284–1328 и 1572–1620, по што институциите од Навара биле укинати и регионот бил целосно припоен кон Франција (иако кралот на Франција продолжил да ја користи титулата „Крал на Навара“ до крајот на монархијата).

Франција во средниот век била децентрализирана, феудална монархија. Во Бретања и Каталонија (сега дел од Шпанија), како и во Аквитанија, авторитетот на францускиот крал едвај се чувствувал. Лорена и Прованса биле држави на Светото Римско Царство и сè уште не биле дел од Франција. Прво, западнофранкските кралеви биле избирани од световните и црковните великодостојници, но редовното крунисување на најстариот син на кралот додека тој бил жив го воспоставил принципот на машко првородство, кое станало кодифицирано во Салискиот закон. За време на доцниот среден век, ривалството помеѓу династијата Капет, владетелите со Кралството Франција и нивните вазали Плантагенети (кои исто така владееле со Кралството Англија) било причина за многу вооружени борби. Најпознати се серијата конфликти познати како Стогодишна војна (1337–1453) во која англиските кралеви полагале право на францускиот престол. По победата во војната, Франција се обидела да го прошири своето влијание во Италија, но во Италијанските војни (1494–1559) била поразена од Шпанија и Светото Римско Царство.

Франција на почетокот од новиот век станувала сè поцентрализирана; францускиот јазик од официјалната употреба почнал да ги истиснува другите јазици, а монархот ја проширил својата апсолутна власт (иако во комплициран и со историски и регионални неправилности административен систем - Стариот поредок) во оданочувањето, правните, судските и црковните поделби и локалните прерогативи. Религиозно Франција се поделила на католичко мнозинство и протестантско малцинство (Хугеноти), што било причина за низа граѓански војни, војни за религија (1562–1598). Религиозните војни ја опустошиле Франција, но триумфот над Шпанија и Хабсбуршката Монархија во Триесетгодишната војна уште еднаш ја направил Франција најмоќната држава на континентот. Кралството, за време на владеењето на Луј XIV, станало доминантна културна, политичка и воена сила во Европа во 17 век.[1] Истовремено, Франција стекнувала колонијални поседи во Азија, Африка и во Америка. Од 16-тиот до 17-тиот век, Првото Француска Колонијално Царство се протегала на вкупна површина од преку 10.000.000 квадратни километри (при својот врв во 1680 година), и по Шпанското Царство било второ по големина царство во светот во тоа време. Колонијалните војни со Велика Британија, предизвикале Франција до 1763 година да изгуби многу од нејзините северноамерикански поседи. Интервенцијата на Франција во Американската револуционерна војна им помогнало на Соединети Американски Држави да стекнат независност, но самата интервенција била скапа, Франција не постигнала многу со тоа.

Кралството Франција, во 1791 година усвоило напишан устав, но било укинато една година подоцна и е заменето со Првата Француска Република. Другите големи сили ја обновиле монархијата во 1814 година и траела (освен стоте дена во 1815 година) до Француската револуција од 1848 година.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. R.R. Palmer; Joel Colton (1978). A History of the Modern World (5. изд.). стр. 161.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]