Прејди на содржината

Коса (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Коса“ (англиски: Hair) – филм на режисерот Милош Форман од 1979 година. Главните улоги ги играат: Џoн Севиџ, Трит Вилијамс, Беверли Д'Анџело, Ени Голден, Дорси Рајт, Дон Дејкус, Николас Реј и Шерил Барнс.[1]

Синопсис

[уреди | уреди извор]

Клод Буковски (го игра Севиџ) е млад човек од Оклахома, кој се пријавува во американската војска. Кога пристига во Њујорк, случајно среќава група хипи-скитници и им се придружува. Истовремено, во паркот здогледува една богата девојка и веднаш се вљубува во неа. Водачот на скитниците, Џорџ Бергер (го игра Вилијамс) дознава дека девојката се вика Шила (ја игра Д'анџело) и дека прави забава. Целата група упаѓа неканета на забавата, каде Бергер прави скандал, поради што сите се уапсени и затворени. Сепак, Бергер успева да најде пари и неговите другари се ослободени од затворот. Наспроти убедувањата, Буковски се пријавува во војската и веднаш е упатен на обука во една касарна во Невада. Кога Шила им кажува на скитниците каде се наоѓа Клод, тие го крадат автомобилот што го вози брат ѝ на Шила и сите заминуваат во посета на Клод. Бидејќи стражата не ги пушта да влезат во касарната, Шила се служи со измама и така групата набавува офицерска униформа. Бергер влегува во касарната и го пронаоѓа Клод, потоа си ја заменуваат облеката и Бергер останува во касарната, претставувајќи се како Клод, а тој пак оди да се види со Шила и со другарите. Во меѓувреме, војниците ги натоваруваат во авион и ги испраќаат во Виетнам. Кога Клод се враќа во касарната, гледа дека задоцнил и така Бергер случајно завршува како војник во Виетнам. Филмот завршува така што Клод и неговите другари ги набљудуваат гробиштата на погинатите американски војници во Виетнамската војна, а на еден гроб го пишува името на Џорџ Бергер. Потоа, голема група млади луѓе пеат мировни песни пред Белата куќа.