Карл Лагерфелд
Карл Лагерфелд (роден како Карл Ото Лагерфелд; 10 септември 1933 - 19 февруари 2019) — германски моден творец, уметник и фотограф со седиште во Париз,. Има соработувано на многу проекти поврзани со уметноста и модата, најмногу како главен творец и креативен директор на модната куќа Шанел. Лагерфелд раководел со неговата сопствена модна куќа, како и со италијанската куќа Фенди.
Ран живот
[уреди | уреди извор]Лагерфелд е роден во Хамбург, Германија. Тој тврди дека е роден во 1938 година, но, наводно, роден е во 1933 година (според локалниот регистар на родените); германскиот весник Bild am Sonntag ги цитираше неговиот поранешен учител и соученици, кои го потврдуваат пораниот датум. Познато е тоа што тој тврди дека никој не го знае неговиот вистински датум на раѓање: на едно интервју на француска телевизија во февруари 2009 година, Лагерфелд рекол дека тој „не е роден ниту во 1933 ниту во 1938 година“. Неговата постара сестра, Марта Кристијан (позната и како Кристел), е родена во 1931 година. Лагерфелд има и постара полусестра, Теа, од првиот брак на татко му. Неговото првично име било Лагерфелт, но тој подоцна го сменил во Лагерфелд, бидејќи „тоа звучи покомерцијално“.
Татко му на Карл потекнува од Владивосток, Русија, а неговата мајка е од Берлин, Германија (според „близок на Лагерфелд“, Маркони Родолф, 2006 година). Иако Лагерфелд изјавил дека неговиот татко е Швеѓанец, новинарката Алиша Дрејк во списанието The Beautiful Fall објавила дека татко му на Карл, Ото Лагерфелдт, кој работел како дистрибутер во една фирма за производство на кондензирано млеко до Германија, е всушност Германец. Според Дрејк, мајка му на Лагерфелд, Елизабет Балман, била продавачка на долна женска облека во Берлин во периодот кога го запознала нејзиниот сопруг и се венчале во 1930 година.
Рана кариера (Балмаин и Пату)
[уреди | уреди извор]Карл Лагерфелд се преселил во Париз во 1953 година. На почетокот работел како технички уредник на модни куќи. Во тој период, во модата, цртежите биле повеќе ценети отколку фотографиите. Лагерфелд можел да го резимира секој моден стил во европската историја како да виси на закачалка, на пример, објаснувајќи ги модните стилови со јаки од 1710 година во Германија, како што покажал тој и во германските телевизиски серии во 1980-тите години.
Во 1955 година, на 22 годишна возраст, Лагерфелд добил награда да стажира кај Пјер Балмаин, на натпревар за капути спонзориран од страна на Меѓународниот секретаријат за волна, каде што го добил второто место, зад Ив Сен Лоран. По неколку години, тој изјавил: „Победив на натпревар за капути, но, всушност, најмалку сакам да создавам капути. Тоа што навистина сакам се кратки црни фустани“. Ив Сен Лоран, исто така, победил на натпреварот за капути. „Ив работеше за Диор. Другите луѓе што ги познавав работеа за Баленсиага (шпански моден творец и основач на модната куќа Баленсиага), којшто го сметаа за Бог, но јас не бев многу импресиониран“, се потсетил тој во 1976 година.
Во 1958 година, по 3 години кај Балмаин, се преселил кај Жан Пату, каде што создал две колекции од високата мода. Неговата прва колекција е прикажана на двочасовна презентација во јули 1958 година, но тој го користел името Роланд Карл, наместо Карл Лагерфелд (но во 1962 година, новинарите започнале да му се обраќаат Карл Лагерфелт и Карл Лагерфелд). Таа прва колекција била лошо прифатена. Кери Донован пишува дека „колекцијата беше исвиркана од печатот“. Меѓународниот обединет печат коментира: „Новиот творец на брендот, 25 годишниот Роналд Карл, презентираше колекција што ја истакнува фигурата и немаше никаква врска со колекцијата од минатата година“. Новинарот додава дека „неколку кратки црни коктел фустани беа толку многу расцепени напред, што дури и некои жени новинари останаа вчудовидени. Други, пак, коктел и вечерни фустани се карактеризираа со многу гол грб“. Најинтересно е тоа што Карл рекол дека силуетата на неговите творби за сезоната била наречена по буквата „К“ (за Карл), којашто била претставена со права линија напред, извиткана на половината и грбот, со здолниште со ниска половина. Неговата следна колекција, за пролет 1959 година, е огромен напредок според Кери Донован, која искоментирала дека печатот „аплаудираше и дури и неколкупати извика „браво“. Таа пишува дека „ Неговата облека имаше дискретна модерност, елегантност и едноставна „класичност“ што не беше видена од оваа страна на Атлантикот откога Молинекс и Маинбохер ја затворија продавницата“.
Неговите здолништа за пролет 1960 година биле најкратките во Париз и затоа колекцијата не била добро прифатена. Кери Донован рекла дека „облеката личеше на кројачка облека, а не на скапоцена облека“. Во колекцијата за есен 1960 година тој создал мали капи, со сатен во форма на палачинка, којшто висел на образот. Тој ги нарекол „шлаканици на лицето“. Се зборувало дека колекцијата на Карл е добро прифатена, но не била многу значајно достигнување. „Мене ми стана досадно таму и дадов отказ и пробав да се вратам на училиште, но, тоа не успеа, па две години најголемиот дел од времето го поминував на плажа – мислам дека го научив животот“.
Независна кариера
[уреди | уреди извор]Кога почнал да работи како независен творец, работејќи со брендови како Марио Валентино, Репето и ланецот супермаркети Моноприкс и со финансиска поддршка од неговото семејство, тој отворил мала продавница во Париз. Во тој период, често се советувал со Мадам Зереакиан, Ерменка, којашто му била гатачка на Кристијан Диор. Подоцна Лагерфелд рекол: „Таа ми кажа дека ќе бидам успешен во мода и парфеми“.
Во 1963 година, тој започнал да создава за Тицијани, римска модна куќа основана истата година од страна на Еван Ричардсод Џексборо, Тексас. На почетокот создале скапоцена облека, а потоа и конфекциска облека, со етикета „Tiziani-Roma -- Made in England“. Лагерфелд и Ричардс ја изработиле првата колекција во 1963 година заедно. „Кога тие направија 90 парчиња облека, Тициани го отворил својот салон со журка којашто траела 3 ноќи“, според извештајот од 1969 година. Лагерфелд правел творби за компанијата до 1969 година. Елизабет Тејлор била обожавателка на линијата (таа му се обраќала на Еван со „Еван Тициани“) и започнала да ги носи нивните модели во август 1966 година. Џина Лолобриџида, Дорис Дјук и принцезата Боргезе, исто така, биле муштерии во периодот кога Лагерфелд ја создал линијата. Тој бил заменет во 1969 година од страна на Гај Дувиер. Во 1964 година, Лагерфелд започнал да работи хонорарно за француската модна куќа Хлое, така што на почетокот создал по неколку парчиња облека за сезона. Создал сѐ повеќе и повеќе облека и наскоро создал цела колекција. Во 1970 година, започнал соработка и со римската модна куќа Куриел (моден творец, Џиљола Куриел, умрела во ноември 1969 г). Неговата прва колекција била опишана дека имала „слатко украсена елеганција“ создадена за „кралицата на киното од 1930-тите години“. Сите манекенки на Куриел носеле идентични руси перики. Тие, исто така, носеле и црни свилени кратки панталони, под црна свилена наметка долга до глуждовите.
Неговата колекција за Хлое за пролет 1973 година (претставена во октомври 1972 година) ја имало во многу наслови, бидејќи прикажала нешто што е и „од високата мода и без уметничка вредност“. Тој претставил широки Спенсер сакоа и свилени кратки сакоа на раскопчување. Создал нешто што го нарекол „изненадувачко здолниште“, коешто било долго до глуждовите, толку широко, што не се познавало дека тоа всушност биле панталони. „Изгледа дека да се носат овие здолништа е необично чувство“, изјавил тој пред еден новинар во тоа време. Создал и творби инспирирани од Кармен Миранда, коишто се состоеле од прслук и многу кратки здолништа, и долги здолништа, прслук и марами.
Во 1972 година, тој започнал да соработува со италијанската модна куќа Фенди, каде што создал крзна, облека и додатоци. Од 1970-тите години, Лагерфелд повремено работи како творец на костуми за театарски продукции. Соработувал со сценски директори како Лука Ронкони и Јурген Флим и правел творби за театри како Ла Скала во Милано (Les Troyens од Хектор Берлиоз, 1980 година, во режија на Ронкони), Бургтеатар во Виена (Komödie der Verführung од Артур Шнитцлер, 1980 година, во режија на Хорст Цанкл) и Салзбуршкиот фестивал (Der Schwierige од Хуго фов Хофманштал, 1990 година, во режија на Флим).
Меѓународна слава (1982 година – до денес)
[уреди | уреди извор]Во тој период, имал потпишано и договор за создавање со јапонската фирма Исетан, за создавање колекции за мажи и жени со 30 лиценци, имал линија за долна облека во САД, произведена од Ив Стилман, создал чевли за Балантин и работел со Тревира како моден советник.
Лагерфелд ги создал костимите за сцените во Кармен во филмот „Калите засекогаш“ од 2002 година. Во 2004 година, тој создал некои парчиња облека за меѓународната музичка артистка Мадона, за нејзината концертна турнеја „Re-Invention“, а неодамна создал облека за концертната турнеја на Кајли Миног, „Showgirl“.Лагерфелд соработувал со меѓународниот шведски моден бренд H&M. На 12 ноември 2004 година, H&M понудиле ограничен број парчиња облека на Лагерфелд за мажи и жени во одредени продавници. Само по два дена, H&M изјавиле дека речиси целата облека е продадена. Лагерфелд покажал малку страв дека работењето со вакви брендови ќе го оцрни неговиот углед, иако тој во минатото тесно соработувал со ексклузивниот моден творец Волфорд.
Лагерфелд, исто така, е и фотограф. Тој го создал Visionaire 23: „Новата облека на царот“, серија разголени фотографии од јужно – африканскиот модел Дејвид Милер. Тој лично ја фотографирал и Мараја Кери за насловната страница на списанието „V“, во 2005 година. Покрај неговата работа како уредник на списанијата Харперс базар, Нумеро и руското и германското издание на Вог, Лагерфелд секоја сезона ги фотографира рекламните кампањи за куќите што се под негово раководство (Шанел, Фенди и неговата истоимена линија).
Во 1980-тите години, приказната на Ханс Кристијан Андерсен „Новата облека на царот“ беше издадена со цртежи од Лагерфелд. Во 2005 година, творецот бил и тема на разговор во француските реални серии наречени Signé Chanel. Шоуто ја опфатило неговата модна колекција Шанел за пролет/лето 2004 – 2005 година. Тоа се емитувало на каналот Санденс во Соединетите Американски Држави во текот на есента 2006 година.
Тој ја поддржал и охрабрил работата на надежните творци, вклучувајќи го и Филип Колберт од Родник. На 18 декември 2006 година, Лагерфелд го најавил промовирањето на новата колекција за мажи и жени наречена К Карл Лагерфелд. Колекцијата ќе вклучувала маици и голем број фармерки.
Карл Лагерфелд потпишал ексклузивен договор со фирмата Dubai Infinity Holdings (DIH)Лагерфелд е домаќин на радио станицата „K109 - The Studio“ во видеоиграта Grand Theft Auto IV.Лагерфелд е овековечен во многу форми: брошови, кошули, кукли итн. Во 2009 година, Тра Тути започнале со продажба на мали Карл Лагермаус и Карл Лагерфелт глувчиња и кукли соодветно.
На 11 ноември 2010 година, Карл Лагерфелд и шведскиот изработувач на кристали Орефорс најавија соработка за создавање уметничка колекција со кристали. Првата колекција ќе биде промовирана во пролет 2011 година под името Орефорс од Карл Лагерфелд.
Дискусии
[уреди | уреди извор]Во раните 1990-ти години, тој ја предизвикал главната уредничка на американското издание на списанието Вог, Ана Винтор, да ја напушти неговата ревија, бидејќи вработил стриптизерки и возрасната филмска ѕвезда Моана Поци да ја промовира неговата црно – бела колекција за Фенди.
Произлегоа многу расправии од тоа што Лагерфелд употребил стихови од „Qur'an“ во неговата модна колекција за Шанел за пролет 1994 година, и покрај извинувањата од страна на творецот и модната куќа. Расправијата избила по модната ревија во Париз во 1994 година, кога Индонезискиот муслимански научен совет повикал на бојкот на Шанел и се заканил дека ќе направи официјални протести со владата на татковината на господин Лагерфелд, Германија. творецот се извинил, објаснувајќи дека го земал дизајнот од книга за Таџ Махал, мислејќи дека зборовите се од љубовна поема.
Лагерфелд бил целта на фрлање пити од страна на Организацијата за етичко третирање на животните во 2001 година, на модна премиера во центарот Линколн во Њујорк. Ова било во знак на протест за неговото користење на крзно и кожа во колекциите. Меѓутоа, питите фрлени од страна на протестантите залутале и го погодиле Келвин Клајн (Луѓето од организацијата за етичко третирање на животните ги опишале како „залутани куршуми“).
Лагерфелд се впуштил во остра борба заедно со активистите за правата на животните, откако ја бранел употребата на крзно во модата. Германскиот шеф на модната куќа Шанел тврдел дека протестантите против крзното се „детинести“ и се расправал дека уловените животни би ги убиле луѓето што ги уловиле кога би можеле. Лагерфелд вели: „Во свет во кој се јаде месо, се носат чевли и облека од кожа, дискусијата за крзно е детинеста“. На север, ловџиите не живеат од ништо друго, туку од лов, убивајќи ги оние ѕверови, кои би не убиле нас кога би можеле“. Мајкл МекГроу, претставник на Организацијата на луѓето за етичко третирање на животните , одговорил за Њујорк Пост: „Изгледа дека Лагерфелд делумно е во заблуда со неговиот менталитет. Кога последен пат животот на некоја личност бил загрозен од визон или зајак?“ Карл користеше лажно крзно во неговата последна зимска колекција.
Неодамна, Лагерфелд бил погрешно идентификуван дека имал жестока расправија со супермоделот Хајди Клум. Во 2009 година, цитатот: „Хајди Клум не е модел за на писта. Таа едноставно е многу дебела и има многу големи гради. И секогаш се смее глупаво. Тоа не е авангардно – тоа е комерцијално!“ му бил погрешно припишан на Лагерфелд, но тоа, всушност, го зборувал Волфганг Џоп. Лагерфелд кажал дека ниту тој ниту Клаудија Шифер не ја познаваат Клум, бидејќи таа никогаш не работела во Париз.
Губење на тежина
[уреди | уреди извор]Кога Лагерфелд изгубил 42 килограми во период од 13 месеци, во 2001 година, неговото објаснување беше: „...Одеднаш посакав да се облекувам поинаку, да носам облека создадена од Хеди Слиман“, рече тој. „Но, оваа мода, презентирана од многу, многу слаби момчиња, а не мажи на моја возраст, ме натера да изгубам најмалку 40 килограми. За тоа ми беа потребни точно 13 месеци“. Диетата била создадена специјално за Лагерфелд од доктор Жан – Клод Ходрет, за која има и книга наречена „Диетата на Карл Лагерфелд“.