Прејди на содржината

Историја на Евреите во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Евреи во Македонија)
Парохетот на светиот орман во синагогата „Бет ЈаковСкопје

Историјата на Евреите во Македонија започнува уште од Римското Царство, кога Евреите за првпат дошле во регионот во IV век п.н.е. Денес, во Македонија има само 183 Евреи и скоро сите живеат во Скопје.

Историја

[уреди | уреди извор]

Римско време

[уреди | уреди извор]

Првите Евреи пристигнале во Македонија за време на Римското Царство, кога Евреите пребегнувале од Израел поради гонење.[1]. Најстар доказ за постоењето на Евреите во Македонија е старата синагога која потекнува од III век п.н.е. во античкиот град Скупи.[2].

Отоманско време

[уреди | уреди извор]

Еврејската заедница во Македонија добро котирала и во општеството на Македонија под Отоманското Царство кога дошол и втор поголем бран еврејски доселеници од Шпанија и Португалија.

Во текот на 1360 година многу Евреи навлегле на Балканскиот Полуостров прво во Бугарија во Видин, Никопол, Плевен, а потоа се населувале во Сер и Солун, каде еврејските општини биле многубројни. Овие еврејски емигранти биле од Унгарија, Германија, Полска и Австрија - кои во македонските еврејски општини наоѓале заштита од црковни прогони. Нив македонските Евреи ги нарекувале Ашкенази, кои зборувале еврејски дијалект со многу германски зборови. Тие бидејќи не го знаеле грчкиот јазик, не се зачленувале во „романиотските“ еврејски општини како биле нарекувани, туку си создале свои ашкенски општини, какви што имале во Солун и Едрене.

Турските владетели и народот не биле заедно со антиеврејски пропаганди, и спрема Евреите се однесувале како и спрема сите други немуслимански народи, и имале исти граѓански права, а еврејските рабини се изедначиле со христијанските свештеници. Тие, имале право да живеат секаде во империјата, да ја исповедаат својата вера и без пречки да тргуваат. Најмногу Евреи во овој период има во градовите Битола, Охрид, Бер и Костур каде имало еврејски општини. Градот Солун, благодарение на Евреите станал значаен трговски и текстилен центар, но биле населени во Солун и многу Турци, така да градот добил и ориентален елемент. Способните Евреи, биле ценети од страна на Турците, а тоа се докажува со изборот на неколку еврејски рабини, од страна на султанот, во државниот совет, таканаречен Диван. Султан Мехмед II преселил многу Евреи во Охрид и во Цариград, каде сè до XIX век постоела Охридската синагога.

Десетици илјади Евреи побегнале од Шпанија и Португалија и султанот Бајазит II со добредојде ги пречекал во Отоманското Царство. Тие набрзо се стекнале со одредени права во рамките на Империјата, меѓу кои право на лична сопственост и изградба на синагоги.[3]. Поголемите македонски градови како што се Скопје, Битола и Штип привлекле голем број Евреи и оваа заедница била во мошне добри односи со останатото население во Македонија.[4] Голем број од Евреите го зборувале јазикот ладино. Новодојдените Евреи биле многубројни од староседелците. Тие биле со висока културна свест, знаеле јазици, а многу од нив имале завршено шпански и португалски универзитети. Нов бран на Евреи има со повикот на рабинот Царфати во 1475 година, да дојдат во Турција, каде имаат загарантирана безбедност и работа. Дојдените Евреи, најмногу се населиле во Солун и сами го нарекуваат градот „мајка на Израел“. Од овој период датираат и првата отворена печатница во Цариград и Солун како и првите печатени книги на еврејски јазик. Доселувањето продолжило во XV и XVI век, но во помали групи, семејства и слично.

Најмногу Евреи се населувале во Солун, Битола, Скопје, Бер и Сер.

При крајот на XIX век во Германија, Австроунгарија сè повеќе се развивале антисемитски пропаганди и тоа движење станало се пожестоко, а пак се повториле лагите од средновековието за „ритуалните убиства“ кај Евреите. Ваквиот влошен однос кон Евреите довел до повторно приливање во империјата, а со тоа и во Македонија. Кон крајот на XIX век во Русија се јавиле антисемитски пропаганди, така што има уште еден прилив на Евреи во Македонија т.е. во Солун каде најмногу се населувале Евреите поради еврејската општина која била најсилна. Како сите граѓани во турската империја така и Евреите биле подложени на плаќање разни даноци, кој биле доста високи, и често биле принудени да се жалат кај султанот. Но иако оптоварени со даноци, Евреите биле задоволни со животот во турската империја, бидејќи немало физички истребувања и програми какви имало во цела Европа.

Пред Втората светска војна, во Битола живееле околу 8.000 Евреи, во Скопје околу 3.000 Евреи,[4] а во Штип околу 500 Евреи [5].

Втора светска војна

[уреди | уреди извор]
Бугарскиот окупатор ги товари македонските евреи во вагоните на бугарската државна железница (БДЖ).

Бугарскиот окупатор ги товари македонските евреи во вагоните на бугарската државна железница (БДЖ).

Во април 1941 година, бугарската војска, која била сојузник на Силите на оската, навлегла во Македонија и окупирала голем дел од територијата. Во тоа Бугарија видела можност да си ја зголеми територијата и вовеле построги мерки. Така, на 4 октомври 1941, Бугарите вовеле закон со кој меѓу другото им забраниле на Евреите да бидат било како вмешани во општеството. Малку подоцна, Бугарите ги собрале скоро сите Евреи од Битола и ги преместувале во посиромашни и помизерни делови за живеење.[5] Наскоро во 1942 година, Бугарите во Македонија и Егејска Македонија (северна Грција) започнале со депортирање на Евреите, а оваа депортација кулминирала во втората половина на март 1943 година кога 7.315 Евреи се испратени во нацистичките логори во Полска. Така, скоро сите Евреи од Македонија биле „збришани“, додека пак Евреите со бугарско државјанство не ги чепкале.[6]. Штип повеќе немал Евреи, а во Битола останале неколку.

Депортација на Евреите од Македонија (1943)

Од членовите на СКОЈ во 1942 година биле уапсени и осудени на робија Шами Мориц, Мориц Романо, Виктор Пардо, Аврам Анаф и Ели Фараџи. Борци во НОПО „Дамјан Груев“ биле од самото формирање: Виктор Мешулам-Бустрик, Јосеф Песо (Пепо), Мордо Тодолано (Спиро). Во одредот „Јане Сандански“ биле борци (1942): Бено Русо (Коки), Мордехај Нахмијас (Лазо), Нисим Алба (Мики), Арон Ароести. Борци во единиците на НОВ од март 1943 биле: Естреја Овадија (Мара), посмртно прогласена за народен херој, Жамила Коломонос (Цвета), Адела Фараџи (Ката), Естреја Леви (Лена), Роза Камхи, Самуел Садикарио (Мо), Сами Садикарио, Алберт Касорла (Берто), Алберт Русо (Кате).[7][8]

Денес во Македонија живеат околу 200 Евреи. Скоро сите живеат во Скопје, но има едно семејство во Штип и еден Евреин во Битола. Во 2003 година оваа заедница отворила нова синагога со центар во Скопје. Евреите од Македонија одржуваат редовни врски со еврејските заедници во Белград и Солун.[9].

Страдањето на македонските Евреи во холокаустот е запаметено во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите на Македонија во центарот на Скопје.

  1. Jewish Virtual Library - Macedonia
  2. „Excerpts from Jews in Yugoslavia - Part II“. Архивирано од изворникот на 2006-06-23. Посетено на 2010-04-10.
  3. "Macedonia and the Jewish people", A. Assa, Skopje, 1992, p.36.
  4. 4,0 4,1 „Remembering the Past - Jewish culture battling for survival in Macedonia, Zhidas Daskalovski“. Архивирано од изворникот на 2019-03-01. Посетено на 2010-04-10.
  5. 5,0 5,1 The Holocaust in Macedonia: Deportation of Monastir Jewry, Mark Cohen, United States Holocaust Memorial Museum
  6. The Jewish Community of Monastir: A Community in Flux, Mark Cohen, United States Holocaust Memorial Museum
  7. Александар Матковски, „Трагедијата на Евреите од Македонија“, „Гласник на ИНИ“, 1, Скопје, 1958
  8. Ѓорѓи Ц. Димовски, Битолските Евреи, Битола, 1993.
  9. "Only 200 strong, Macedonia's Jews celebrate unity and new synagogue", Ruth E Gruber, Jewish World Review

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]