Вродена мускулна дистрофија
Вродена мускулна дистрофија — генетско хетерогено невромускулно нарушување кое се јавува при самото раѓање или веднаш по него и ги зафаќа мускулите, па ги ослабува и како резултат на тоа со текот на времето, тие почнуваат да се губат. Мерозин-негативна вродена мускулна дистрофија или CMD1A, е една од најчестите видови на вродената мускулна дистрофија. Предизвикана од ретка генетска мутација на генот Лама-2, одговорен за белковината мерозин околу мускулното влакно, претставува тешка форма на дистрофија карактеризирана со тешка мускулна хипотонија-намален мускулен тонус при раѓање или веднаш по раѓањето, прогресивна слабост на мускулите и дегенерација-атрофија, одложени моторни функциии со неможност за стоење и одење, прогресивни контрактури на зглобовите со варијабилна сериозност, нормална интелегенција, иако во некои случаи се појавува и умерена ментална ретардација и епилепсија.
Застапеност на болеста
[уреди | уреди извор]CMD1A ја зафаќа женската и машката популација подеднакво. Точната застапеност на CMD1A не е позната поради недостаток на дијагностичка генетска потврда во минатото, но повеќе истражувања укажуваат дека едно на 100 000 бебиња е заболено со CMD1A. Во Северна Македонија од досегашните сознанија, само едно бебе е родено со оваа болест до сега.
Историја и терминологија
[уреди | уреди извор]Вродената мускулна дистрофија за прв пат била опишана во 1903 година од Фредерик Еустас Батен како „инфантилна миопатија“, па со подетални хистолошки набљудувања во доцните 60-ти години на XX век, се заменува со сегашниот термин „вродена“. Но, напредокот бил релативно бавен сè до 1990 година. Со големи достигнувања на биохемиска и молекуларна основа, во 1995 година се идентификувани првите генетски мутации што доведуваат до откривање на целосен недостаток на белковината мерозин. Врз основа на генетски откривања, Вродена мускулна дистрофија е поделена на подвидови според генетскиот и белковинскиот недостаток, па така и мерозин-негативната вродена мускулна дистрофија (CMD1A) е именувана по генетскиот недостаток на белковината мерозин.
Причина за појава на болеста
[уреди | уреди извор]CMD1A се наследува на автосомно-рецесивен начин, а тоа значи дека мора да има две патогени мутации кои предизвикуваат појава на симптоми. Кај оваа ретка болест има две мутации во генот LAMA2 (laminin alpha 2, сместен на 6 q 22-23 и има 64 егзони) кој ја произведува белковината мерозин, една од белковините на ламининот кој е составен дел од скелетните мускули и периферните нерви и претставува дел од мускулната клеточна мембрана и кој влијае врз стабилноста на мускулната клетка и мускулните влакна и помага во врзување на другите белковини во мускулната клеточна мембрана.Овие мутации се наследуваат од двајцата родители или може да бидат спонтано настанати. За едно дете да биде засегнато со CMD1A, и двајцата родители мораат да бидат носители на истата мутација на генот LAMA-2 со што и двајцата ќе ја пренесат мутацијата на генот на своето дете. Детето наследува два изменети LAMA-2 гена, еден од мајката и еден од таткото. Секој од родителите на поединецот со CMD1A, има по една копија на променетиот ген LAMA-2 и е познат како носител, но кај носителот не се пројавуваат знаци и симптоми од болеста. Родителите-носители имаат 25-процентна шанса да добијат дете заболено од CMD1A, 2 од 4 шанси да добијат дете само како носител на мутираниот ген т.е. 50 % и 1 од 4 шанси т.е. 25 % да добијат дете кое нема да го носи мутираниот ген.
Клиничка слика
[уреди | уреди извор]Бебињата со CMD1A наречени „floppy baby“, се препознатливи уште по самото раѓање по нивната позиција на лежење. Тие не можат да се мрдаат како другите бебиња поради тешката хипотонија-слабиот мускулен тонус, плачот им е многу слаб, немаат стисок на рацете, не можат да ја држат главата, имаат високо покачена серумска-креатин кинеза (CK), респираторна инсуфициенција и потреба од респираторна поддршка. Пациентите со оваа ретка болест имаат прогресивно-слаба мускулатура, мускули кои со текот на времето ќе бидат послаби и ќе почнат да се губат, одложени моторни функции, неможност за седнување/станување и одење со што стануваат зависни од инвалидски колички, имаат вродени или стекнати контрактури кои ќе напредуваат поради задебелување и скратување на ткивото и ќе предизвикаат поголеми деформитети и ограничувања во движењата поради што станува нужно користењето на ортопетски помагала и лонгети, вертикализатор, секојдневно вежбање со физиотерапевт и хидротерапија. Ослабувањето на мускулите ќе доведе до сериозно влошување на цврстината на ‘рбетниот столб и појава на прогресивна сколиоза за којашто ќе биде неопходна операција. Телесната тежина кај овие пациенти е доста мала. Со текот на времето ослабуваат и респираторните мускули, па како резултат ќе се појават пулмолошки инфекции, намален кислород и потешкотии во ноќното дишење за што ќе биде потребно приклучување на респираторни машини и вентилатор. Прогресивни проблеми се јавуваат и при хранењето за што е потребно вметнување на цевка за гастростомија. И покрај присутната промена на белата маса во мозокот, кај овие пациенти менталната интелегенција e нормална, но има и мал број на пациенти каде се забележани потешкотии при учење и епилептични напади.
Диjагностика
[уреди | уреди извор]Дијагнозата на CMD1A бара истовремена експертиза во повеќе специјалности (неврологија, морфологија, генетика, неврорадиологија), достапна во неколку центри ширум светот кои имаат доволно искуство со различните подвидови на КМД. По утврдување на хипотонија, докторите најпрво прават специјални тестови за нервна спроводливост и електромиографија (ЕМГ) кои се користат за стимулирање и процена на мускулите или нервите поединечно за да се согледа проблемот за хипотонијата. Во почетната фаза на дијагностичкиот процес, лекарите често препорачуваат посебен тест на крвта- Серумска Креатин Кинеза(CK) кој се однесува на ензим што протекува надвор од оштетениот мускул. Покаченoто ниво на CK значи дека мускулите се уништуваат со некој абнормален процес, како што е мускулна дистрофија или воспаление. По ова следува мускулна биопсија при која од земено парче мускул се прават комплексни генетски испитувања со што ќе се утврди точната дистрофија и кодот на мутацијата на LAMA-2 генот. Со добиениот код, семејството ќе има можност да направи понатамошни пренатални испитувања за следните бремености и да утврди дали плодот ја има истата мутација на генот и ризикот за заболување од CMD1A.
Третман
[уреди | уреди извор]Сè уште нема пронајден лек или третман за оваа ретка болест. Во 2008 год. Omigapil од Santhera доби одобрување како лек за CMD1A и ја помина првата фаза со што продолжи испитувањето. Сè уште се работи на третманот Laminin-111 кој до сега покажа успорување на прогресивната мускулна слабост на моделот-глушец. Од обезбедувањето на сите неопходни машини, помагала и квалитетна физио-хидро терапија, ќе зависи квалитетот и должината на животот на овие пациенти за кои важи дека имаат скратен животен век.[1]