Во срцето на морето (филм од 2015)
Во срцето на морето (англиски: In the Heart of the Sea) е американски филм од 2015 година, во режија на Рон Хаувард. Главните улоги ги толкуваат: Крис Хемсворт, Бенџамин Вокер, Силијан Марфи, Брендан Глисон, Бен Вишо, Том Холанд итн.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]Во 1820 година, бродот „Есекс“ бил потопен од огромен кит. Многу години подоцна, писателот Херман Мелвил (го игра Вишо) го посетува Том Никерсон (го играат Глисон и Холанд), кој е единствениот жив сведок на тој настан. Мелвил му нуди голема сума пари на Никерсон за да го одоброволи да му ја раскаже приказната за доживувањата на екипажот на „Есекс“. Најпрвин, Никерсон ја одбива понудата, но по наговор на неговата сопруга, се согласува и започнува да раскажува: Бродот „Есекс“ испловува во Атлантскиот Океан во лов на китови. Капетан на бродот е неискусниот Џорџ Полард (го игра Вокер), син на познато морнарско семејство, додека прв офицер е искусниот китоловец Овен Чејс (го игра Хемсворт). Чејс заминува на патувањето привлечен од можноста за добра заработувачка и од желбата да стане капетан на брод, оставајќи ја дома својата бремена сопруга. Набргу, меѓу капетанот и првиот офицер избувнува нетрпеливост, предизвикана од арогантниот однос на капетанот. По долго пловење, бродот успева да пронајде китови, но ловот е премногу слаб и поради тоа, пловидбата продолжува во Тихиот Океан. Во Еквадор, капетанот и првиот офицер слушаат од еден шпански капетан дека многу далеку се наоѓа големо јато китови, меѓу кои и еден огромен кит кој ги уништува бродовите и ги убива китоловците. И капетанот и првиот офицер се маѓепсани од приказната и одлучуваат да заминат надалечното патување. По многу денови пловидба, далеку од копното, тие навистина ги здогледуваат китовите, но тогаш се појавува огромниот кит кој го уништува бродот „Есекс“. Морнарите продолжуваат да талкаат по океанот, но китот постојано ги следи и им ги уништува и чамците. Дел од посадата успева да стигне на еден пуст остров, каде што остануваат неколку морнари, додека повеќето решаваат да го продолжат патот. Притоа, тие поминуваат мачни денови пловејќи бесцелно по океанот, мачејќи се да преживеат без храна и вода. Поради гладот, морнарите започнуваат да јадат човечко месо од умрените морнари. Еднаш, огромниот кит повторно им се приближува, но овојпат, за чудо, не им го уништува чамецот. За возврат, Чејс одбива да го фрли харпунот кон китот. Во таа агонија, тие пловат 90 денови и најпосле, кога на крајот од силите, здогледуваат брод којшто ги спасува. Кога се враќаат во родното место, загрижени од последиците на страшната приказна, сопствениците на бродовите сакаат да ги натераат капетанот и офицерот да дадат лажен извештај дека бродот удрил во карпа, т.е. да ја прикријат вистинската причина. Сепак, капетанот и офицерот одбиваат да излажат.[1]