Прејди на содржината

Волкодери

Координати: 41°01′14″N 20°56′39″E / 41.02056° СГШ; 20.94417° ИГД / 41.02056; 20.94417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Волкодери

Панорамски поглед на селото Волкодери (второто на сликата), во предниот дел е селото Шурленци, а зад Волкодери се наоѓа и селото Покрвеник

Волкодери во рамките на Македонија
Волкодери
Местоположба на Волкодери во Македонија
Волкодери на карта

Карта

Координати 41°01′14″N 20°56′39″E / 41.02056° СГШ; 20.94417° ИГД / 41.02056; 20.94417
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Горна Преспа
Население 88 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7310
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23005
Надм. вис. 860 м
Слава нема
Волкодери на општинската карта

Атарот на Волкодери во рамките на општината
Волкодери на Ризницата

Волкодери — село во Општина Ресен, во областа Горна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Потекло на името

[уреди | уреди извор]

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка напишал дека е етничко и хумористично со значење „луѓе кои дерат волци“, а како топоним примарно име. Меѓутоа, во преспанските говори ова име може да има и друго значење „место каде завиваат (се дерат) волците“, како Волковија (Гостиварско) и слично. Волкодерци немаат свое сознание ниту легенда за настанувањето на името на нивното село.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Дел од селските куќи во Старо Волкодери

Селото се наоѓа во југозападниот дел на Ресенското Поле, на околу 1 километар северно од брегот на Големото Преспанско Езеро, на надморска височина од околу 860 метри. Селото е сместено од десната страна на патот Битола-Корча.[2]

Околу седумдесеттите години на XX век, селото било преместено. Негова претходна местоположба била месноста Волкодери (Старо Село), на околу 1 километар северозападно од денешната (во мала долина во подножјето на Галичица), на која сè уште постојат стари куќи. Преместувањето настанало заради потребата од доближување до патната комуникација.[2]

Волкодери се граничи со следниве села: со Покрвеник на север, на исток и на запад и со селото Шурленци и самото Преспанско Езеро на југ.[2]

Атарот на Волкодери зафаќа површина од 582 (околу 5,82 км2) и зафаќа рамничарско плодно и ридско-планинско земјиште обраснато со листопадна шума (претежно даб и бука) и помали пасишта во поширокиот реон на месностите Церемушина, Тагарско Јамје, Ветерник и Подвар. Од вкупната површина на атарот: 100,8 хектари се обработливо земјиште, 32,2 хектари пасишта и 140,4 хектари шума.[2]

Волкодери е село од собран тип со 15 куќи, сите новоизградени, на приземје и кат, внатре современо опремени, главно со бели фасади. Околу куќите постојат разновидно оградени дворни места во кои се изградени стопански и други објекти (гаражи, магацини, летни кујни и др.) и парцели на зеленчукови, овошни и цветни градини.[2]

Историја

[уреди | уреди извор]

Волкодери е старо христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци. Под ист облик на денешното име (Волкодери) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]

Во XIX век, Волкодери се наоѓало во Битолската каза, нахија Горна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Волкодери било под турска власт, а во тој склоп и беговски чифлик. Во текот на подготовките за Илинденското востание учествувало со своја востаничка чета раководена од војводата Петруш Стрезов (од Ресен). Во текот на востанието загинале двајца, а селото било ограбено и изгорено (19 куќи).[2]

Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, волкодерци биле мобилизирани во војските на спротивставените страни. Имало ранети и загинати.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Покрвеник повторно се нашло под српска власт. Во периодот помеѓу двете светски војни, Волкодери било во состав на општината Стење.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Загинал еден жител.[2][3]

Волкодери никогаш немало своја училишна зграда, децата учеле во соседното село Покрвеник, а денес во Царев Двор. Со телевизиски прием селото се здобило во 1965 година, со систем за наводнување во 1957 година, со електрична енергија во 1970 година, со асфалтен пат во 1975 година, а со телефонски приклучоци во 1988 година.[2]

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Насади со јаболко во близина на селото Старо Волкодери

Волкодерци главно се занимавале со поледелство, сточарство и печалбарство. Во рамките на поледелството најмногу се произведувале жито (’рж, пченица, јачмен, пченка) и зеленчук (пипер, патлиџан, праз, кромид, лук, зелка и др.), а денес најразвиено е овоштарството. Во рамките на сточарството се одгледувале волови, крави, коњи, свињи, овци и кози. Сточарството денес е целосно замрено.[2]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
194856—    
195362 10.7%
196164 3.2%
197170 9.4%
198151−27.1%
ГодинаНас.±%
1991103 102.0%
1994102−1.0%
2002114 11.8%
202188−22.8%

Во текот на своето постоење, Волкодери го бележело следниот демографски развој: во 1519 година селото имало 35, а во 1583 година 27 семејства (М. Соколовски); во 1889 година 11 куќи, 16 семејства и 76 жители (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Волкодери имало 90 жители, сите Македонци христијани.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Волкодери имало 80 жители.[5]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Волкодери се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 22 куќи.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 50 Македонци.[7]

Според пописот од 2002 година, во селото Волкодери имало 114 жители, сите Македонци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 88 жители, од кои 85 Македонци, 1 останат и 2 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 90 80 56 62 64 70 51 103 102 114 88
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Денешниве волкодерци се потомци на следниве постари семејства: Болнци (доселени од Болно по Првата светска војна), Горичани (доселени од Горица во 1918 година), Кочовци (староседелци), Карапалевци (доселени од Шурленци околу 1980 година) и Мишовци (доселени од Покрвеник).[2]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Павловци (2 к.) доселени се од Стење, каде биле род со Ужановци; Кочовци (1 к.) доселени се од селото Шурленци околу 1889 година; Котевци (3 к.) доселени се во 1918 година од селото Горна Горица во Мала Преспа. Овде се доселиле четири браќа; Наумовци (3 к.) доселени се во 1918-19 од селото Болно. Таму имаат истоимени роднини.[14]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Царев Двор, во која покрај селото Волкодери, се наоѓале и селата Горно Дупени, Дрмени, Евла, Коњско, Лавци, Лескоец, Отешево, Перово, Покрвеник, Прељубје, Стење, Стипино, Царев Двор и Шурленци. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Покрвеник, во која влегувале селата Волкодери, Отешево, Покрвеник, Прељубје и Шурленци.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1668 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 75 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Главната селска црква „Св. Атанасиј“
Археолошки локалитеи[17]
  • Умишта — населба од римско време.
Цркви[18]
Руини[2]
  • Црква „Св. Ѓорѓи“ — стара селска црква во селото Старо Волкодери, изградена во 1871 година, околу која се наоѓале и старите селски гробишта. Денес целосно разурната.
  • Џамија — сеќавање дека постоела џамија на денешната местоположба на селото; не се знае кој ја изградил.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

До 1949 година две семејства се иселиле во Америка.[14]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 65–69. ISBN 9789989920554. Посетено на 6 ноември 2016.
  3. Загинат: Сандре Наумовски.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
  6. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 15.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 ноември 2016.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. 14,0 14,1 Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]