Прејди на содржината

Валентино Скендеровски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Валентино Скендеровски

Валентино Скендеровски (роден на 14 јануари 1968 година во Скопје) — македонски продуцент.

Биографија

[уреди | уреди извор]

Основно и средно образование завршил во Скопје, а во 2008 година ги завршува и студиите на Високата Школа за Аудиовизуелна Реализација ЕСРА во Франција со што се стекнува со звање дипломиран инженер на звук. Во 2011 ги завршува после дипломските студии на УКИМ Институт за македонска литература, каде се стекнува со звање магистер по културологија.

Својата кариера ја започнува во 1980 година и во периодот до 1986 настапува со сите позначајни македонски групи како што се Берза, Мизар, Меморија, Кикс, Рок Систем, Уликс и други.

Во 1987 започнува да работи во Македонската радио-телевизија како студиски пијанист, при што работел на различни проекти од типот на Макфест, Интерфест, Скопје фест, Гоце фест итн.

Во 1988 настапува со групата Леб и сол со која што одржува преку 40 концерти низ цела поранешна Југославија. Истата година го снима и продуцира албумот на Игор Јорданов во студиото Лисински во Загреб. Започнува да работи како аранжер, програмер, музички продуцент и клавијатурист на бројни пејачи и музички групи.

Во 1989 во Германија добива награда за најдобра театарска музика за претставата „Крвава свадба“ на театарот Пралипе. Ја компонира музиката за ТВ серијата „Трст виа Скопје“.

Во 1990 е награден како најдобар музички продуцент за албумот „Оган под ѕвездите“ на групата Меморија, снимен во студиото М2 на Македонската Телевизија.

Од 1991 е и официјално вработен во Македонската радио телевизија како музички продуцент и инженер на звук во студиото М2. Во годините што следат во повеќе наврати е добитник на наградата најдобар музички продуцент и најдобар аранжер на манифестациите „12 величествени“, магазинот Екран, Макфест, Интерфест за песни и албуми на Меморија, Ареа, Зијан, Легенда, Дарио, Владо Јаневски, Џина Папас Џокси, Дуле и Коки, Олгица Христовска и многу други изведувачи.

Во 1996 како дел од групата Анастасија работи на музиката на филмот „Пред дождот“ од Милчо Манчевски. Истата година работи како музички продуцент на албумот „Микроорганизми“ на Рамбо Амадеус. Во 1996 работи на неколку музички фестивали, изработува музика за повеќе рекламни спотови, а го продуцира и албумот „Некаде во ноќта“ на Тоше Проески, како и албумот на Џон Илија Апелгрин. Истата година настапува со групата Анастасија на нивната европска турнеја.

Во периодот од 1999-2001 е уметнички директор на најреномираниот фестивал на забавна музика во Македонија Макфест, а го изработува и вториот албум на Џон Илија Апелгрин.

Во 2002 работи со групата Нон Стоп како музички продуцент и аранжер, а работи и на албумите на Биба Додева и Бојана Атанасовска. Во 2002 го формира приватното рок училиште Enterprise.

Во 2003 продуцира и снима албуми за Каролина Гочева, Биба Додева и Кристина Арнаудова, а работи и како музички продуцент и на Детскиот избор за Евровизија.

Во 2004 работи со следните изведувачи: Златко Ориѓански, Тоше Проески, Мартин Вучиќ, Ареа, Ѓорѓи Крстевски, Владо Јаневски, Олгица Христова, Каролина Гочева, Мизар и Фолтин.

Во периодот 2006-2007 работи како музички продуцент, инженер на звук и композитор за следните изведувачи Тони Китановски и Черкези, Дуле и Коки, Дени те чува, Влатко Илиевски, Дани, Марга, Адријан Гаџа, Каролина Гочева, Eye Cue, Златко Ориѓански, Владо Јаневски, Наташа Мијатовиќ, Паркети, Монистра, Мартин Вучиќ и други.

Од 2008 е стручен соработник на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА на катедрата по Звучно инженерство. Истата година соработува со Каролина Гочева, Дени те чува, Eye Cue и Џон Илија Апелгрин.

Во 2009 работи на детскиот фестивал Златно славејче, а работи и на миксот и постпродукцијата на звукот за анимираниот филм „Вистинската приказна за Хансел и Гретел“ во режија на Гоце Цветановски. Го снима албумот „Агнозија“ на групата Новиот Почеток, албумот на групата Холокауст, како и песната „Само за Македонија“ на групата Дени те чува за изборот на Национална навивачка химна.

Во 2010 и 2011 е ангажиран како музички продуцент на првиот избор за Македонски Идол. Во 2011 година работи како соавтор, аранжер, инженер на звук у музички продуцент на албумот „Poisoned Arrows“, на мултимедијалната артистка Marla Blumenblatt. Таа, на име на овој албум успеа да потпише договор со Сони Мјузик во Австрија и сега е деклариран Сони артист. Во 2011 година работи композитор за Виктор Апостоловски, еден од финалистите на Македонски идол, со кого остварува повеќе изданија, а заедно реализираат повеќе концерти низ Македонија. Во 2011 година е назначен за Декан на факултетот за тонска продукција, при универзитетот за аудиовизуелни уметности, Европска Филмска Академија, ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк во Скопје.

Во 2012 година е ангажиран како музички продуцент, инженер на звук и аранжер на албумот „Бурубреал“, на популарниот австриски композитор и изведувач Нино Мандл. Подоцна, во текот на истата година заминува во Виена, Австрија, за да го продуцира и микса неговиот промотивен концерт, кој беше пренесуван на националните австриски телевизии.Во 2013 година, албумот „Бурбуреал“ е номиниран за албум на годината, и ја добива наградата за најуспешно испродуциран алтернативен албум во 2012 г. Во 2012 година е ангажиран како дизајнер и инженер на звук, за претставата „Архелаос“ или „Еврипид се враќа на Балканот“, во режија на Владо Цветановски, а на текст на Јордан Плевнеш. Во 2012 година работи како продуцент и тон мајстор на албумот „Балкан Вулкан“, на македонскиот перкусионист Зоран Маџиров. Овој албум е издаден за германската издавачка куќа, Гема рекордс.

Во 2013 година работи на реставрацијата и мастерингот на целосниот опус на македонскиот изведувач на народни мелодии Никола Бадев. Во 2013 година е назначен за уметнички директор на фестивалот за забавни мелодии „Скопје Фест 2013“, а воедно работи и како музички продуцент и инженер на звук на горенаведениот фестивал. Непосредно по завршувањето на фестивалот, именуван е за директор на секторот Музичка Продукција на МРТВ и оваа функција ја обавува во текот на една година. Во 2013 година е ангажиран како музички продуцент и инженер на звук за фестивалот „Цветници 2013“, во продукција на МРТВ.

Во 2014 година е ангажиран како уметнички директор, инженер на звук и музички продуцент на „Скопје Фест 2014“, на кој, изведувачот Даниел Кајмакоски, беше избран за македонски претставник на Евровизија 2015.

Во 2015 година работи како аранжер, продуцент и тон мајстор, на две композиции на македонскиот изведувач Владо Јаневски. Во 2015 година работи со реномираниот композитор и изведувач Генц Салиху, од Приштина, Косово. Албумот е прогласен за албум на годината. Во 2015 година, работи микс и мастеринг на деби албумот на џез групата Калап од Скопје.

Во 2016 година е ангажиран како музички продуцент и инженер на звук за фестивалот на забавни мелодии Макфест 2016. Во 2016 година работи на композицијата „Дал он зна“ на македонскиот изведувач Давид Темелков, која доживеа успешна промоција во Загреб, Хрватска. Во 2016 година работи на Фестивалот „Златно славејче 2016“, со што го заокружува јубилејот од 10 години непрекината соработка со овој фестивал, а во својство на уметнички директор, музички продуцент и тон мајстор. Во 2016 година е ангажиран како предавач по звучно инженерство, при што предава 7 предмети на филмската академија – класа аудио инженерство, при Универзитетот Гоце Делчев од Штип. Подоцна истата година е избран за вонреден професор на ЕСРА.[1][2]

  1. „Steinberg Trainer – Studio Enterprise“ (англиски). Посетено на 2022-04-25.
  2. (PDF) https://web.archive.org/web/20210926152548/http://www.esra.com.mk/uploads/3/0/0/4/30044959/valentino_skenderovski_recenzija.pdf. Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-09-26. Посетено на 2021-05-30. Отсутно или празно |title= (help)