Прејди на содржината

Брњарци

Координати: 42°2′3″N 21°32′48″E / 42.03417° СГШ; 21.54667° ИГД / 42.03417; 21.54667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Брњарци

Глетка на селото Брњарци

Брњарци во рамките на Македонија
Брњарци
Местоположба на Брњарци во Македонија
Брњарци на карта

Карта

Координати 42°2′3″N 21°32′48″E / 42.03417° СГШ; 21.54667° ИГД / 42.03417; 21.54667
Општина Гази Баба
Население 1.254 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25016
Надм. вис. 290 м
Слава Петровден
Брњарци на општинската карта

Атарот на Брњарци во рамките на општината

Брњарци — село во Општина Гази Баба, во околината на градот Скопје.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Влезот во Брњарци од патот кој води кон Стајковци

Селото Брњарци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина на оддалеченост од 10 километри североисточно од градот Скопје[2]. Сместено е на допирот на падината на Скопска Црна Гора од североисток и пространото котлинско дно на југозапад, при што ваквата местоположба му овозможува одлични услови од економско-стопански аспект[3]. Подножјето на југоисточната падина на Скопска Црна Гора кое се спушта од северозападен правец завршува со издаден рид кој го раздвојува Брњарци од соседното Арачиново, а на кој постои извор и соѕидана каптажа за водите кои се користат за пиење. Ридот кој се издава кон североисток отвора мал дол низ кој протекува извор со кисела вода и кој се протега надолу до сретсело каде што е соѕидана селската чешма. Брњарци е рамничарско село расположено на надморска височина од 290 метри[2]. Атарот зафаќа површина од 5,8 км2, од кои обработливото земјиште зафаќа 339,7 хектари, пасиштата 191,5 хектари и шумите 13,3 хектари[2]. Во целина селото има збиен тип, а краевите (маалата) носат име според разгранетит родови, на пример: Пупевски, Милошевски, Бунгуровски, Шоповски[3]. До селото Брњарци се стигнува по афалтирани патишта од две страни: од исклучувањето лево на влезот во Арачиново и преку поновоасфалтираниот пат кој води од Стајковци. Кога се оди од подалеку или се вози по обиколницата над селото се забележува и препознатливо доминира белата купола на селската црква.

Историја

[уреди | уреди извор]
Селската чешма со македонски обележја на сретсело во Брњарци

Кога е основано денешното село Брњарци точно не се знае, но во неговата непосредна близина во границите на атарот постојат повеќе остатоци од старини. Најстарта од нив сведочи за населеност на подрачјето уште од новото камено време. На оддалеченост меѓу 500 метри и 2 километри јужно од селото постои археолошкото наоѓалиште Ирма или Латинско Гробје, на кое се познаваале прободени камења за кои селаните верувале дека припаѓале на жителите кои некогаш живееле на потегот Дрма во атарот на соседното Арачиново[3]. Според податоците на инфромативната табла поставена на сретсело, на тој потег се пронајдени и темели од поголем објект, римска некропола со надгробни плочи (стели) и стари монети, додека во месноста Тумба е откриена населба од новото камено време (неолит) со делови од керамички садови, кремени и камени орудија. На возвишението Кале кое се наоѓа на падините североисточно од селото селаните наоѓале остатоци од ѕидини, темели и делкани камења. Во турските документи од средновековиот период од XV век, односно во опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски вилает се споменува една ненаселена мездра по име Прунарчево, Првнарчево[4], кое е блиско до името Брњарци, но поради тоа што може да се утврди нејзината местоположба, не се знае дали воопшто има некаква врска со денешното село.

Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство. Брњарци било чифлик на некој Турчин од скопскиот род Котлевци чии тројца наследници до крајот на векот се разделиле со имотот, а преку купување земја чифлик направил и албанецот Ибраим-ага од с. Чајлане во пределот скопски Дервен[3]. До Балканските војни во 1912 година, Брњарци било затечено како мало македонско село со 12 домаќинства, од кои само родот Пупевци имале и работеле своја сопствена земја[3]. Веднаш по 1912 година, сопственоста на земјата преминала во раце на Македонците кои живеле во селото[3]. Во 1950 година, на местото каде што постоел камен крст над селото е изградена селската црква „Св. Петар и Павле[3].

Глетка на селото Брњарци од околните ридови

Според територијалната поделба на Република Македонија од 1996 година, селото Брњарци припаднало во составот на Општина Арачиново, додека со измените во 2004 година тоа влегло во составот на Општина Гази Баба. Поради стратешката положба и непосредната близина со Арачиново, во селото Брњарци за време на Битката за Арачиново во воениот конфликт во 2001 биле стационирани и дејствувале македонските безбедносни сили меѓу кои бил вклучен и ангажиран и македонскиот генерал Стојанче Ангелов. Поради овој факт и непосредната близина и опколеност со албански села (Страчинци и Арачиново), македонското население од Брњарци во годините по конфликтот е предмет на постојани притисоци, насилства од албанското население од Арачиново, кое сѐ повеќе се раширува и гради куќи во непосредната близина на атарот, патот и влезот во селото, а напасува и стока на ридовите над Брњарци. Дел од притисоците за иселување (кои се отворено јавно искажувани од Албанци од Арачиново[5]) и акти на насилство врз населението на Брњарци се убиството на 57-годишниот Гоце Заевски[6], вооружениот напад со пукање од возило врз семејната куќа на семејството Димчевски[5] на влезот од селото и прегазувањето со возило над 79-годишниот Ѓорѓи Стефановски[7] кој јавно засведочил за овој настан во 2007 година.

Во повеќе наврати се напаѓани деца и сквернавни гробишта пред православни празници (2007, 2013), а последен инцидент е забележан со сквернавењето на православните гробишта со кршење на надгробните плочи и крстови на Задушница во февруари 2014 година[8]. Сепак, Македонците опстојуваат на сите притисоци и остануваат да живеат во Брњарци, обработувајќи ги своите имоти во арачиновскиот атар, а постојано се забележани македонски свадби и новороденчиња. Ваквата положба влијае и за решителноста и изразениот македонски патриотизам и родољубие кај населението на Брњарци, видлив по многубројните македонски обележја и симболи на селската чешма, игралиште како и македонски знамиња на куќите.

На 29 октомври 2017 година, во пресрет на Локалните избори во Македонија, во Брњарци одново се осквернавени и искршени над 40-тина надгробни плочи.[9]

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]

Името на селото Брњарци е со македонско потекло и означува патронимско име, односно име на заедница, кое што потенува од географско именување, можеби од постаро има на вода како *Брьнја што произлегува од старословенскиот збор брьниѥ кој означува кал, калливо место[10]. Друга научна претпоставка поврзана со ова значење е дека името на селото потекнува од зборот *бърнар односно *бърняр со значење на човек што меша кал (за тули), калџија, тулар[10]. Ваквите претпоставки соодветствуваат со условите на теренот во непосредната околина на Брњарци над кое што има силни извори на вода со каллива земја, а сѐ до педесеттите години на XX век во непосредна близина на селото се наоѓало и големото познато Арачиновско или Горно Блато со многу каллива почва. Имиња на места кои потекнуваат од старословенскиот збор брьниѥ со значење на калливо место во Македонија се и с. Брник во Мариово и Брвеница за која постои таква претпоставка, а имиња како Брно, Брник, Брњак, Брњаре постојат и во други словенски земји како Чешка, Словенија, Србија (Косово) итн. Имајќи предвид дека крај селото порано имало блатно и мочурливо водесто земјиште, крај кое вообичаено растат барски растенија и ниски грмушки - прнари, постои многу мала можност потеклото името да се поврзе и на оваа основа.

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Според поставеноста на положбата на селото, Брњарци има поледелска функција[2]. Земјоделството е главното занимање на населението, при што секое домаќинство има од 2 до 10 хектари обработливо земјиште[3]. Највеќе се огледуваат „бели жита“ тутун и винова лоза. Во поново време во голем развој е и градинарството и одгледувањето раноградинарски култури и зеленчук од оранжериско производство под пластеници, кои се продаваат на пазарите во Скопје. Денес во Брњарци од поледелството најмногу се одгледуваат жито (пченица и јачмен) во нивите во полето под селото во правец кон Арачиново и Стајковци, и градинарските растенија односно зеленчук - кромид, лук, праз, пиперки (зелени), домати, краставици, марула, спанаќ, морков, зелка, боранија, магданос под пластеници (и отворено) насекаде низ селото како и бројни лозови насади во подножјето на ридот веднаш над селото и селската црква. Заедно со соседните околни села како Стајковци и Инџиково, производителите на градинарски производи од Брњарци се едни од најголемите снабдители на зелените пазари во Скопје со кромид, лук, праз, марула, патлиџан (домат), зелени пиперки и друг вид на раноградинарски зелечнук. Во минатото и сточарството било доста важна стопанска гранка, при што секое домаќинство имало 20 до 30 овци, а доста се одгледувале и биволи[3]. Сѐ до Втората светска војна бил раширено стопанисувањето во семејни задруги кои одгледувале поголем број на стока[3]. Местоположбата на Брњарци е доста поволна за сточарство, планинската тревната падина над селото со ретка нискостеблеста шума е поволна за напасување на овци и кози, а обилно напоените ливади во котлинското дно под селото се поволни за напасување на крупен добиток. Денес се напасува многу мал број на овци и кози и се одгледува живина во дворовите. Поради близната со градот Скопје, помал дел се занимава и со занаетчиски (превоз, столарство), трговски и други услужни дејности.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948217—    
1953316 45.6%
1961341 7.9%
1971334−2.1%
1981384 15.0%
ГодинаНас.±%
1991458 19.3%
1994418−8.7%
2002395−5.5%
20211.254 217.5%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото е заведено под името Бернарче и било христијанско, со 13 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 18 мажи христијани, со 5 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 92 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Брњарци живееле 84 жители Македонски христијани[11] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Брњарци имало 96 Македонски егзархисти.[12]

Во 1913 година, во селото биле евидентирани 141 жител. Било центар на Општина Брњарци.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци.[13]

На пописот од 2002 година, селото имало 395 жители, од кои 392 Македонци и 3 Срби.[14]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.254 жители, од кои 460 Македонци, 770 Албанци, 1 Србин, 4 останати и 19 лица без податоци.[15]

Брњарци е средно село по големина со исклучиво македонско население и без позначајни промени во бројот на жителите. Во 1961 година селото броело 341 жител од кои 318 Македонци и 14 Албанци, додека во 1994 Брњарци имало 418 жители, сите Македонци.[2]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 84 96 217 316 341 334 384 458 418 395 1.254
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[16]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[17]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[19]

Според истражувањата од 1954 година, родови во селото:[3]

Македонски

  • Доселеници: Пупевци или Тасеви (3 к.) доселени се од соседното село Црешево. Таму припаѓале на родот Радевци. Овој род го основал предокот Ѓорге, дедо на Јован (жив на 80 г. во 1954 година). Во родот Пупевци во 1954 година имало задруга од 16 членови; Милошеви (6 к.) потекнуваат од предокот Милош доселен од селото Раштак. Таму припаѓале на родот Мутавџини, подалечно потекло од Прилепско. Споменатиот Милош бил татко на Блаже (жив на 83 г. во 1954 година); Шопови (3 к.) потеклото на овој род е од Кривопаланечко. Од таму најпрво се населиле во скопските села Арачиново и Стајковци, а од средината на XIX век преминале во селото Брњарци; Тошкови (3 к.) доселени се од соседното село Арачиново; Бунгурови (5 к.) не знаат точно од каде им е потеклото. Едно време живееле во Брњарци, па преминале во Арачиново, па повторно се вратиле назад; Џамбои (3 к.) доселени се од селото Коњаре кај Куманово; Здравкови (3 к.) доселени се од соседното село Страчинци. Таму имаат истоимени роднини, подалечно потекло имаат од некое село во Овче Поле; Шиљкови или Јанкови (2 к.) доселени се од селото Орман; Озимкови (2 к.) доселени се од селото Идризово; Стојанови (1 к.) доселени се од селото Црешево. Таму роднини им се Радевци; Најданови (1 к.) доселени се од селото Сингелиќ; Димоски (1 к.) и Шутевци (1 к.) доселени се од селото Арачиново; Јаневи (4 к.) потеклото нивно е од Тиквеш. Од таму најпрво се населиле во Сингелиќ, па од таму преминале во Брњарци.

Турски

  • Доселеници: Имерови (1 к.) и Абдураманови (1 к.) првите се доселени како мухаџедири во 1878 година од Бугарија. Вториот род потекнува од предок Албанец, кој се турцизирал. Нивното потекло е од селото Гумалево.

Албански

  • Доселеници: Расимови (1 к.) и Елезови (1 к.) првиот род е доселен во 1930 година од селото Љуботен, додека вториот род потекнува од предок Ром, кој се албанизирал. Доселени се од Косово. Ги викаат и Маљоци.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Црквата Свети Петар и Павле

Во селото работи основно училиште до четврто одделение кое се наоѓа на самото сретсело, а во чија близина е и селското игралиште.

Цркви[20]
Археолошки наоѓалишта[22]
  • Ирма — населба од римско време
  • Кале — населба од раната антика, доцната антика и средниот век[23]
  • Латина — некропола од римско време
  • Тумба — населба од неолитско време

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото Брњарци од 1996 до 2004 припаѓало на Општина Арачиново, а од 2004 година е засебна месна заедница во рамки на Општина Гази Баба со заедничка канцеларија со повеќе други села во МЗ Стајковци и технички секретар Тони Бојковски[24].

Редовни настани

[уреди | уреди извор]

Селската слава на која се одржува голем народен собор е Петровден[3], посветена на светецот на селската црква.

Личности

[уреди | уреди извор]

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Во време на отоманското владеење од Брњарци се иселиле следните македонски родови: Ѓоревци (во с. Стајковци), Брњарци (во с. Пчиња - Кумановско), Шкатуновци (во с. Кучково), Гарбучкови (непознато), додека во подоцнежно време едно домаќинство од родот Пупевци се иселило во Скопје[3]. Во најново време забележани се иселеници во Скопје (населбите М.А. Ченто, Маџари, Автокоманда во блискиот источен дел на градот), Стајковци, како и во странство во Словенија, Германија и Италија. Презимето Брњарчевски кое во денешно време се среќава на жители во населбите Ѓорче Петров и Геге-Новоселски пат во крајниот западен дел Скопје, можно е да потекнува од луѓе со директно потекло од Брњарци или од родот Шкатуновци од Кучково доселен од Брњарци. Меѓу триесеттите и педесеттите години на XX век во селото се доселиле, па потоа си заминале следните муслимански родови: Имерови, Абдураманови (двата турски од бегалци-мухаџири од Бугарија, дојдени од Кумановско), Расимови (Албанци од Љуботен), Елезови (поалбанчени роми - „маљоци“ од Косово)[3].

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 40.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 Трифуноски, Јован (1964). Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике (српски). 5. Скопје: Филозофски факултет. стр. 21.
  4. Соколоски, Методија (1976). Турски документи за историјата на македонскиот народ. III. Скопје: Архив на Македонија. стр. 214.
  5. 5,0 5,1 „- „Сакаа да не убијат" - Вест, 25.08.2007“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2014-03-17.
  6. - „Убиецот од Брњарци се крие во Швајцарија“ - Утрински Весник, 22.02.2007[мртва врска]
  7. - „Прегазен велосипедист оставен крај пат, сторителите побегнале“ - Утрински Весник, 26.08.2007[мртва врска]
  8. „- „Осквернавени православните гробишта во скопско Брњарци" - Денешен Весник, 22.2.2014“. Архивирано од изворникот на 2014-04-14. Посетено на 2014-03-17.
  9. „- „ФОТО: Во Брњарци искршени над 40 надгробни плочи на христијански гробишта, власта врши психолошки притисок граѓаните да не излегуваат на гласање" - Курир, 29.10.2017“. Архивирано од изворникот на 2017-11-02. Посетено на 2017-10-29.
  10. 10,0 10,1 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 75.
  11. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.206
  12. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.114-116.
  13. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  14. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  15. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  16. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  17. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  18. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  19. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  21. „Верски објекти“. Општина Гази Баба. Посетено на 2010-11-28.[мртва врска]
  22. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  23. Лилчиќ, Виктор; Античкото кралство Македонија во Република Македонија
  24. „- Месни и Урбани заедници на Општина Гази Баба“. Архивирано од изворникот на 2014-04-03. Посетено на 2014-03-18.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]