Прејди на содржината

Бруто-домашен производ

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Бруто домашен производ)
Карта на земјите по БДП (номинално) во американски долари.

Бруто-домашен производ (БДП) (англиски: gross domestic product, GDP) — еден од основните показатели на големината и успехот на една економија. Тој е централна макроекономска категорија преку која се мери вкупната економска активност на една земја.

Бруто-домашниот производ се дефинира како вкупната пазарна вредност на сите произведени финални добра и услуги во една земја во одреден период (вообичаено, една година). Според тоа, во БДП се вклучуваат само финалните добра, т.е. се исклучува вредноста на интермедијарите производи во производството. Изразот бруто се однесува на фактот дека амортизацијата на капиталните фондови е вклучена во пресметката на БДП. Значи, доколку се одземе амортизацијата на капиталните фондови би се добил нето домашен производ.

Дефиниција

[уреди | уреди извор]

Бруто-домашниот производ претставува збир на вредноста на вкупно произведените финални добра и услуги на една земја во текот на една година. Дефиницијата содржи неколку битни одлики:

  • БДП е збир на вредноста на финалните добра и услуги. Таа вредност се изразува така што вкупните количини на добра и услуги се множат со нивните пазарни цени и всушност се добива вкупната пазарна вредност на ниво на цела економија.
  • БДП е мера на вкупно произведените добра и услуги. БДП ја одразува вредноста не само на материјалните добра кои задоволуваат чисто физички потреби (храна, облека, станови), туку и на бројните добра кои задоволуваат духовни потреби (книги, филмови, уметнички слики) како и сите услуги.
  • БДП е збир на вредноста на финалните добра и услуги. Во пресметување на БДП влегува само вредноста на финалните добра и услуги, а не и вредноста на интермедијарите (суровините).
  • Станува збор за добра и услуги произведени во текот на една година.
  • БДП го вклучува само легалното производство. Во БДП не влегува вредноста на илегалните трансакции кои ја чинат сивата и црната економија. Во БДП не се опфаќа вредноста на производите и услугите создадени во рамките на домаќинствата и наменети за членовите на домаќинствата затоа што тие не добиваат своја валоризација преку механизмот на пазарот и не се врзани за никаква финансиска трансакција.[1]

Мерење на БДП

[уреди | уреди извор]

Постојат три пристапа за пресметка на БДП:[2]

  • производен пристап: БДП е еднаков на бруто додадените вредности во економијата, т.е. GDP = ∑VA. Овој принцип се заснова на концептот на резидентност, ондосно опфатено е само производството на резидентните субјекти, како и на бруто концептот, што значи ја вклучува и амортизацијата.
  • доходен пристап: БДП е еднаков на збирот на доходите кои се создаваат од резидентните производители, т.е. GDP = W OS TSP, каде: W се платите на вработените; ОЅ се оперативните трошоци на производните единици (ренти, камати, амортизација и профит); а TSP ги означува даноците намалени за субвенциите.
  • расходен пристап: БДП е еднаков на збирот на финалните користења, т.е. GDP = C I (X - M), каде: C е Финалната потрошувачка, I се инвестициите, Х го претставува извозот, а М е увозот.

Притоа, сите тие треба да дадат идентични резултати, доколку се применуваат правилата, концептите и дефинициите дадени од SNA2008.

Потрошувачки метод

[уреди | уреди извор]

Целта на потрошувачкиот односно расходен метод е да ги собере вредностите на сите добра и услуги преку евиденцијата на потрошувачката на добра и услуги. Притоа, според овој метод, БДП се пресметува на следниов начин:

БДП= C I G (X-M)

каде што:

C - е потрошувачката на добра од страна на домаќинствата во (стан, храна, облека, возила, услуги итн.).
I - се однесува на инвестициите од страна на претпријатијата. Ова не се однесува на инвестирање во хартии од вредност. Според тоа, БДП ги вклучува само инвестициите во реални, производствени добра, а не и инвестициите во финансиски инструменти.
G - е потрошувачката од страна на владиниот сектор. Тука спаѓаат сите трошоци на владата за стоки и услуги, меѓутоа не се вклучени трошоците за социјални трансфери, со цел да се избегне нивното двојно пресметување.
X-M - во економијата, оваа категорија е позната како нето-извоз, односно извоз (X) минус увоз (М). Извозот се однесува на добрата и услугите што се произведени дома а се продадени во странство. Увозот ги опфаќа добрата што се произведени во странство а не во домашната економија, така што би било погрешно доколку тие добра се вклучат во БДП.[3]

Мерење на БДП според фактори на производство

[уреди | уреди извор]

Уште еден начин да се измери БДП е според факторите на производство, односно со собирање на сите трошоци потребни за да се произведе еден производ, додавање на амортизацијата и додавање на индиректни даноци. Претпријатијата ангажираат инпути, односно фактори на производство: труд, капитал, земја и претприемачи. Тие имаат своја цена: наемнина, камата, рента и профит. Ако ги сумираме вака направените трошоци од страна на претпријатијата, на ниво на вкупна економија, се доаѓа до категорија којашто економистите ја нарекуваат општествен доход.[3]

Општествен доход = плати камати ренти добивка

За да стигнеме до БДП, неопходно е предвид да се имаат уште две ставки:

Прво, во продажните цени на добрата и услугите се содржани индиректни даноци (акцизи, ДДВ)

Нето-општествен доход = општествен доход индиректни даноци

Понатаму, нето-општествениот доход треба да се зголеми за износот на амортизација (депрецијација)

БДП = нето-општествен доход амортизација

Основните проблеми при мерењето на БДП се:[4]

  • Непрецизно мерење: Некои видови производства кои не се разменуваат на пазарот е тешко да се измерат прецизно. Пример за вакви призводства се услугите кои ги дава државата, доброволните работи, подобрување на квалитетот на производите и сл.
  • Сивата економија“: активностите кои се одвиваат во рамките на сивата економија се поттикнати од различни причини: избегнување на даноците, избегнување на законската регулација или извршување незаконски активности.

Видови БДП

[уреди | уреди извор]

Номинален бруто-домашен производ

[уреди | уреди извор]

Од аспект на макроекономските анализи корисна е поделбата на номинален и реален БДП. Номиналниот БДП ја мери вредноста на производството во определен временски период, пресметана со користење на цените кои важат за тој период. Оттука, номиналниот БДП се пресметува така што реалниот БДП се множи со дефлаторот на БДП и производот се дели со 100.[5]

Номиналниот бруто-домашен производ претставува вредност на вкупно произведените финални добра и услуги во економијата пресметан според тековни цени. Тековните цени меѓутоа го содржат и влијанието на инфлацијата во соодветната година. Порастот на номиналниот бруто-домашен производ во една земја може да биде резултат не само на порастот на произведените количини на финални добра и услуги во тековната година, туку и резутат на порастот на општото ниво на цените во економијата под дејство на инфлацијата. Доколку стапката на инфлација е повисока, сосема е можно да се случи номиналниот бруто-домашен производ да покажува пораст и во услови кога нивото на производство во тековната година се намалило во однос на претходната. Номиналниот бруто-домашен производ не ги одразува реалните промени во вкупното производство на економијата. Затоа, неопходно е да се пресмета т.н. „реален бруто-домашен производ“.

Реален бруто-домашен производ

[уреди | уреди извор]

Со цел да се опфатат сите промени кои настанале, потребно е да се дефлационира номиналниот БДП, со определен општ индекс на цени, познат како дефлатор на БДП. Реалниот БДП ја мери вредноста на производството во една економија со изолирање на ефектот од ценовните промени, односно користење на цените од некој базен период. Дефлаторот на БДП претставува индекс што го мери просечното ниво на цените на производство во економијата во однос на базната година. Процентуалните промени во дефлаторот на БДП ја одразуваат стапката на ценовните промени на сите стоки и услуги во економијата.[5] Реалниот бруто-домашен производ ја претставува вредност на вкупно произведените финални добра и услуги во економијата искажана, пресметана, според постојани, константни цени. Реалниот бруто-домашен производ ги одразува промените во вкупнотo производство на економијата кои се резултат само на промените на произведените количини на добра и услуги, а не резултат на промените на цените на добрата и услугите. Овој показател е ослободен од дејството на инфлацијата.

БДП реален = БДП номинален / дефлатор на БДП

Од номиналниот БДП може да се добие реалниот БДП ако номиналниот БДП го поделиме со (1 (инфлација/100). На пример, ако номиналниот БДП е 100$, а инфлацијата изнесува 5%, тогаш за да стигнеме до реалниот БДП треба 100 да го поделиме со 1,05, т.е. 100/1,05 = 95,24. За утврдување на растот на една економија се пресметува порастот на реалниот БДП од година на година, изразен во проценти. Пример, ако во некоја година, Македонија имала економски раст од 10%, тоа значи дека во таа година, реалниот БДП пораснал за 10% во однос на претходната година. За меѓународни споредби, вообичаено е БДП на земјите да се изразува во американски долари. Меѓутоа, имајќи предвид дека куповната моќ на еден долар се разликува од земја до земја, со цел да се добие претстава за вкупната вредноста на добрата создадени во една економија, БДП се изразува по паритетот на куповна моќ. Најпосле, како мерка на животниот стандард на населението се употребува показателот „БДП по глава на жител“ (GDP per capita).[6]

Фактички и потенцијален бруто-домашен производ

[уреди | уреди извор]

Фактичкиот БДП ги покажува само краткорочните варирања, флуктации на БДП од година на година. Потенцијалниот БДП е показател за долгорочната тенденција на бруто-домашниот производ, т.е. ги покажува вистинските производни можности во земјата. Кога економијата функционира на нивото на својот потенцијален БДП, тоа значи дека сите расположливи ресурси на земјата ефикасно се користат. Тогаш, сите фактори на производство се високоангажирани и се остварува оптимално вкупно производство. Затоа, потенцијалниот БДП често се нарекува и бруто-домашен производ на ниво на полна вработеност. Потенцијалниот БДП не е максимален производ, туку се сведува на максимално одржлив производ, максимален обем на производство што една економија може да го осигура без да се наруши ценовната стабилност, без да се предизвика инфлација.

Фактичкиот БДП постојано флуктуира, над и под потенцијалниот БДП. Разликата помеѓу фактичкиот и потенцијалниот БДП во текот на една годинасе нарекува „јаз на БДП“ (GDP gap). Кога фактичкиот БДП е над потенцијалниот, тоа значи дека економијата е во фазата на експанзија, којашто може да премине во висока и неконтролирана инфлација. Кога фактичкиот БДП е под потенцијалниот, тогаш економијата се наоѓа во фазата на рецесија, која, ако долго трае и се продлабочува, може да премине во депресија. Движењето на фактичкиот БДП над и под потенцијалниот го одразува само цикличниот развој на економијата, односно ги одразува т.н бизнис циклуси или економски циклуси во економијата – замената на експанзијата со рецесија и обратно.[7]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Таки Фити, Економија - Основи на економија, (III изд.), Економски факултет - Скопје, Скопје, 2010, стр. 299-303.
  2. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 102-104.
  3. 3,0 3,1 Таки Фити, Економија - Основи на економија, (трето издание), Економски факултет - Скопје, Скопје, 2010, стр. 299-303.
  4. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 106-108.
  5. 5,0 5,1 Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 104-105.
  6. Таки Фити, Економија - Основи на економија (трето издание), Економски факултет - Скопје, Скопје, 2010, стр. 306-309.
  7. Таки Фити, Економија - Основи на економија (трето издание), Економски факултет - Скопје, Скопје, 2010, стр. 309-310.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]