Прејди на содржината

Маричка битка

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Битка на Марица)
Битка на Марица
Дел од Османлиски војни во Европа
Датум 26 септември 1371
Место Марица (блиску Черномен во Грција)
Исход Османлиска победа[1]
Завојувани страни
Прилепско Кралство
Серска држава
Османлиско Царство
Команданти и водачи
Волкашин
Јован Углеша
Лала Шахин Паша
Сила
~ 15,000 10,000
Жртви и загуби
големи загуби[2] непознато
Област на крал Волкашин Мрњавчевиќ и деспот Јован Углеша (во 1371 година).

Маричката битка позната и како Втора Маричка битка, се одиграла на реката Марица близу до селото Черномен (денес Орменио во Грција) на 26 октомври 1371 помеѓу Отоманската војска предводена од Лала Шахин-паша и македонската војска на Волкашин Мрњавчевиќ и неговиот брат, деспотот Јован Углеша.

Според еден од најстарите српски извори, како причина за почетокот на овој конфликт бил намерата на Углеша заедно со својот брат Волкашин да ги протера Османлиите од Македонија. Според германскиот историчар Цинкајзен оваа битка започнала поради заземањето на градот Пловдив кој денеска се наоѓа во Бугарија. Според турските извори пак, војната започнала поради обидот за заземање на Едрене и обидот за протерување на турските сили од Балканот односно од Румелија. Сепак, современите историчари сметаат дека не постои конкретен повод за избувнувањето на оваа војна. Според нив, деспотот Углеша чија земја се наоѓала во правецот на османлиската инвазија на Балканот сфатил дека Османлиите се голема опасност за него. Углеша со својата мудрост го избрал најидеалниот момент за напад. Султанот Мурат заедно со својата војска се наоѓал во Мала Азија а Лала Шахин-паша се наоѓал во Едрене.

Учесници

[уреди | уреди извор]

Освен двајцата браќа, според турските извори во битката учествувале и неверници од Босна, Унгарија и Влашка. Според Стојан Новаковиќ, браќата биле поддржани од Дејановичи и војводата Богдан. Според изворите може да се заклучи дека силите на Волкашин биде собрани во делот на Шар Планина а еден дел од нив се наоѓал помеѓу реките Вардар и Струма. Турските сили од друга страна биле четири пати помалку и биле околу градот Едрене. Според изворите силите на браќата броела од 20.000 до 70.000 додека пак Османлиите биле околу 11.000 војници.

Христијанската војска се собрала во главниот град на деспот Углеша - Сер, по што тргнала кон Едрене. Кога дознал румелискиот берлејбег Лала Шахин Паша побарал помош од султанот Мурат I. Султанот се упатил од Анадолија кон Едрене но по патот го опседнал градот Бига кој во тоа време бил под власта на каталаните и во кој град се наоѓал претендентот за османлискиот престол и внук на Мурат. Главно поради оваа причина султанот не успеал да пристигне на време.

Фреска на Волкашин од манастирот „Св. Никола“ во село Псача (XIV век)

Христијанските војски биле распоредени во камп кај Черномен на реката Марица. Бидејќи христијаните биле уверени во својата големина, тие не биле доволно претпазливи, а сигурно и не очекувале напад пред да пристигне султанот со анадолската војска. Ова било главната причина за лошата дисциплина меѓу христијанската војска и нејзиниот пораз.

Румелиската војска на чело со Шахин Паша била распоредена во околината на Едрене во очекување на султанот. Лала Шахин го свикал воениот совет, на кој била донесена одлука Хаџ Илбеги заедно со неговиот одред од 4.500 војници да го започне нападот. Вечерта на 25 и 26 септември 1371 година согледувајќи го кампот на христијанската војска, Илбеги забележал дека таа е многу голема, но според изворите христијанската армија тонела во ноќното пијанство и ваквата состојба била многу добра за напад. Според Халкондил, обезбедувањето на кампот не било организирано[3].

Илбеги ги разделил своите сили на четири делови и ги испратил да нападнат во четири различни насоки. Нападот од сите четири страни создал паника и впечаток кај христијаните дека се опкружени од голема муслиманска војска. Изворите раскажуваат дека во паниката тие почнале да се убиваат меѓусебно. Благодарение на добрата и организирана муслиманска тактика, реката наместо заштитен ѕид се претворила во сериозна пречка за прегрупирање на христијанските сили. Христијанската војска била целосно разбиена:

Тие не само што не ги истераа Турците, туку и самите тие настрадаа бидејќи беа убиени и коските таму си ги оставија непогребени; Други пак загинаа од сечилото на мечот или пак беа одведени во ропство; Трети пак, малкумина, добија можност да се спасат и да побегнат

Мавро Орбини пак битката ја опишал малку поразлично за разлика од Лаоник Халкондил. Според него првично Турците се сокриле во планините, а христијанската армија ги опустошила новите турски земји. Сепак, кога христијанската армија се враќала назад, тие ги нападнале силите на Углеша[4].

Во борба загинале и двајцата претставители на походот - браќата Волкашин и Углеша. Околностите околу нивната смрт не е позната и нивната смрт е станала легенда. Според Мавро Орбини деспотот Углеша се удавил во обид да побегне преку реката Марица. Волкашин успеал да ја премине реката, но додека пиел вода бил задавен од страна на неговиот војсководец Никола Хрсојевиќ. Подоцна неговите останки биле однесени во манастирот Свети Димитар кај Сушица.

По битката

[уреди | уреди извор]

Лала Шахин не можел да се помири со големиот успех кој го направил Хаџи Илбеги па наредил да биде убиен. Воените успеси на Лала Шахин и султанот Мурат продолжиле. Синот на Волкашин, Крале Марко, го наследил татка си на престолот на прилепското кралство, но сега како вазал на Турците. Бугарија исто така останала во вазалски статус.

Со ова, Македонија и делови од јужна Србија потпаднале под Отоманска власт. Битката била дел од напредувањето на Отоманците во освојувањето на Балканот. Битката била проследена со заземањето на градовите Драма, Кавала и Сер во денешна Егејска Македонија.

Маричката битка како тема во уметноста

[уреди | уреди извор]
  1. Sedlar, Jean W., East Central Europe in the Middle Ages, 1000-1500, (University of Washington Press, 1994), 385.
  2. Rossos, Andrew, Macedonia and the Macedonians, (Hoover Institution Press Publications, 2008), 40.
  3. Лаоник Халкондил, „Историја”
  4. Мавро Орбини, „Краљлевство Словена”, Београд, 1986, стр.118
  5. Славко Јаневски, Евангелие по Итар Пејо. Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 27.