Бенжамен Констан
Бенжамен Констан (француски: Benjamin Constant) (25 октомври 1767, Лозана, Швајцарија - 8 декември 1830) - швајцарско-француски писател и политички активист.
Животопис
[уреди | уреди извор]Контан е роден на 25 октомври 1767 година во Лозана. Уште во раното детство дошле до израз неговите големи интелектуални способности. Студирал во Баварија и во Англија, а често патувал низ Британија, Франција, Германија, Холандија, Белгија и Швајцарија и насекаде предизвикувал восхит со својот интелект. На пример, течно зборувал неколку јазици, а во салоните во Париз ги заведувал најпознатите жени од тој период и ги восхитувал научниците и писателите.[1]
Покрај големата страст кон жените, во фокусот на неговиот интерес била и политиката. Така, Наполеон го именувал за член на Законодавното собрание, но набрзо тој преминал во опозиција, т.е. тој бил еден од дваесетмината членови кои биле отстранети од Законодавното собрание. Всушност, неговото оддалечување од политиката било под влијание на неговата блиска пријателка, госпоѓата де Стал, која го сакала, го мачела и го присилила некое време да ја напушти сопругата и да се пресели на нејзиниот имот. Подоцна, кога Наполен се вратил од прогонството од Елба, Констан ја објавил својата позната статија во која го нападнал императорот. Според една анегдота, по доаѓањето во Париз, Наполен наредил да го уапсат Констан, но еден генерал му одговорил: „Не, треба да се видите со него“. Навистина, по неколку дена, Констан бил повикан во Тиерие, а по една недела бил назначен за член на Државниот совет. По абдикацијата на Наполеон, Констан заминал во Брисел, а оттука во Лондон. По враќањето во Париз, сè до смртта, Констан се занимавал само со политика. Во Собранието доаѓал во шест часот наутро со цел да се запише меѓу првите говорници, а постојано пишувал остри говори во весниците, станувајќи главен предводник на либералната опозиција. Од 1819 година, Констан бил најистакнатиот член на францускиот парламент и неговиот најдобар говорник. Притоа, тој одиграл клучна улога во борбата меѓу кралот и парламентот, кога тој го потпишал предлогот за именување на војводата од Орлеан како нов крал на Франција под името Луј-Филип.[1]
Констан умрел на 8 декември 1830 година, во врвот на неговата популарност. Според сведочењето на Луј Блан, кој присуствувал на погребот, „цел град беше на нозе за да ги испрати до вечното престојувалиште посмртните остатоци на човекот кој толку многу го задолжи либерализмот.“ Биографите на Констан ги нагласуваат противречностите во неговиот живот: тој бил напреден и слободоумен, но без оптимизам; неверник кој пишувал за потребата од вера; човек со слаб морал кој својот политички систем го засновал врз моралните принципи; праведен и чесен, а нестабилен и превртлив во личните врски; човек со силна интелигенција и со слаба волја; неспокоен и страсен, но исто така и ироничен и студен.[2]
Творештво
[уреди | уреди извор]Констан е една од најмаркантните и најоригиналните личности од крајот на XVIII и првите три децении на XIX век. Во тој период, Констан бил храбар бранител на новите, револуционерни идеи, симбол на личната слобода, но и чуден човек, со многу непостојан и нестабилен живот.[2] Во областа на книжевноста, неговото најзначајно дело е романот „Адолф“ кој го објавил во Лондон, во 1916 година.
Наводи
[уреди | уреди извор]
|