Баба Марта
Баба Марта (митолошко значење) — поим кој потекнува како персонификација на месец март, неговата измамничка природа и непредвидливи метеоролошки услови. „Баба Марта“ гарантира невреме и кога не му е време. Баба Марта ја има речиси кај сите словенски народи.[1]
За „Баба Марта“ се својствени „Бабините укови“. Ова е периодот од крајот на март и почетокот на април, кога наеднаш и вон ред дуваат студени ветришта и врни лапавица, што прави кал со снег на земјата.[1]
Потекло на зборот
[уреди | уреди извор]Името Баба Марта настанало според месецот март, односно римскиот бог на војната Марс. Таа е остра и сурова како него, а топла и разиграна како пролетта што ја најавува. [1]
Митолошко минато
[уреди | уреди извор]Легендата вели дека таа првпат се налутила кога римскиот крал Нума Помпилиј ѝ го одзел местото на прва дама во календарот, додавајќи уште два месеци пред неа. Оттогаш, таа навредена старица станала многу ќудлива. Час во неа се буди воениот дух на богот Марс, па се одмаздува испраќајќи студ на земјата, час со својата топла насмевка носи пролетна радост. Според народното верување, Баба Марта е персонификација на пролетта, повторното раѓање, новите идеи и неопходноста од хармонија во природата и човечкиот живот. Кога тоа не е случај, таа испраќа снег на земјата за да ги предупреди луѓето дека треба да внимаваат на нивното однесување.[2]