Прејди на содржината

Александар I

Од Википедија — слободната енциклопедија
Александар I
Вазал на Ахеменидско Царство
Статуа на Александар I на Мостот на цивилизациите во Македонија во Скопје
Крал на Македонија
На престол498–454 п.н.е.
ПретходникАминта I
Наследник
Сопружникнепознато
ДецаАлкет II
Пердика II
Филип
Менелај
Аминта
Стратоника
ДинастијаМакедонска династија
ДинастијаАргеади
ТаткоАминта I
МајкаЕвридика
ВероисповедСтарогрчка религија

Александар I Филхелен (498-454 п.н.е) — седмиот македонски крал по ред од лозата на Аргеадите кој дошол на власт во 498 година п.н.е наследувајки го неговиот татко Аминта I и владеел до неговата смрт во 454 година п.н.е.[1]

Животопис

[уреди | уреди извор]

Александар I на власт дошол во едно сложено и тешко време кога се одвивал судирот помеѓу хеленските градови и моќната Персија, период кој во историјата е познат како Грчко-персиски војни.

Александар I бил еден од најзначајните македонски кралеви бидејќи во негово време Македонија се зацврстила како држава користејки го грчко-персискиот судир и се издигнал како еден значаен фактор во регионот. Александар бил свесен за подемот и издигнувањето на неговата држава па затоа сакал Македонија да излезе на меѓународна сцена. Македонија во негово време се протегала на исток до реката Стримон на југ до планината Олимп. Целта на Александар била преземање на главната улога во меѓународните односи во Егејско Море. Оваа цел односно промоција на кралството тој сметал дека е можна само преку учество на Олмписките игри каде учествувал и го добил прекарот Филхелен („пријател на Хелените“)[2][3]. Тој впрочем во улога на персиски пратеник посредувал кај Атињаните (во зимата 479 г.п.н.е.), за склучување мир, по што неговиот пријателски однос бил ценет и поради тоа му била изградена златна статуа во Делфи, од страна на Атињаните и добил дозвола за учество на Олимписките игри (во трчање).[4]

Грчко-персиски војни

[уреди | уреди извор]

Сите податоци за владеењето на Александар I се поврзани со неговото учество во Грчко-персиските војни, каде Македонија се нашла на средината на овој судир, па колку и да сакал Александар не можел да остане настрана од овој настан на векот како што го нарекол Херодот. Македонија се наоѓала на патот од Босфорот до Стара Грција, па секој поход на самите Персијци морал да минува низ Македонија. Александар бил поврзан со Персијците преку залогот што лично тој им го дал уште за време на владеењето на неговиот татко Аминта I а со Хелените одржувал добри трговски врски бидејќи Македонија во тоа време била најзначајниот извор за снабдување на дрво, кој бил од суштинска важност за Хелените бидејќи најголем дел од хеленската флота била изградена од македонско дрво. Со доаѓањето на власт на Ксеркс I (486 г.п.н.е), Персија презела поголеми дејствија против Хелените.

Хелените со помош на информациите добиени од Александар I, за борбениот план на Персијците успеале да ги добијат Битката кај Платаја (август 479 г.п.н.е) и Битката кај Микела. Иако во Битката кај Платаја, Александар I учествувал од страната на Персија, тој со овој стратешки потег, всушност успеал да ја ослободи Македонија од персиската ависност. Во 480 г.п.н.е. ce случил решавачкиот поход на Ксеркс (предвден од Мардониј),[1] по којшто Александар ги предупредува Хелените за персиската воена сила и правците по кои ќе се движат.[5]

Сепак, и покрај поразот на Персијците, Александар не се откажува веднаш од вазалството. Им дозволил да се повлечат на македонска територија.

Дури потоа, следел колежот. Над 43.000 преживеани Персијци биле убиени од војските на Александар во устието на реката Струма. Така, Александар I, не само што ја зацврстил независноста на Македонија, туку тој и ја проширил нејзината територија со освојувањето на Крестонија и Бисалтија во долниот тек на реката Стримон (Струма), со сребрените рудници на планината Дисорон (Круша), а со тоа ги принудил и горномакедонските племиња да ја признаат неговата власт.

Зајакнување на Македонската држава

[уреди | уреди извор]

Експлоатацијата на сребрените рудници му овозможила да започне со ковање на првата македонска монета. Појавата на голем број емисии на пари во негово време, сведочи за развиеноста на стоково-паричните односи во тогашна Македонија и ги илустрира новата сила и просперитетот на зајакнатата македонска држава. Ги удрил темелите на моќта на македонската држава. Особено е заслушен за нејзиното економско и политичко стабилизирање.[1]

Според податоците, видливо е дека Александар спроведувал вешта политика во односите со тогашните воени сили, а во корист на Кралството Македонија.

Грците уште 30 години војувале со Персија.

Овој период има подвоеност на териториите на Древна Македонија. Имено, Долна Македонија ја сочинувале широката рамнина околу Солунскиот Залив, на југозапад до планината Олимп, како и долните теченија на реките Бистрица, Мегленица, планините Пирена, Каракамен, долниот тек на реката Вардар, а на исток до Струма. А пак, Горна Македонија ја сочинувале полузависните кнежевства Орестида, Елимеја, Еордаја и Линкестида.

Семејство

[уреди | уреди извор]

Александар Први бил син на македонскиот крал Аминта Први и неговата жена Евридика. Според Херодот, негови предци се и македонските владетели Пердика Први, Аргеј, Филип Први, Аероп и Алкета Први.

Александар имал пет сина и ќерка. Споредконтроверзниот германски историчар Јохан Густав Дројзен, кога кралот починал 454 г. пр.н.е., неговиот најстар син Алкета Втори го презел македонскиот Престол. Според други извори пак,[6][7] Пердика бил најстариот син на Александар и тој бил директниот, последователен наследник на Престолот, а Алкета бил второстепен владетел, на помала област во склоп на Кралството. Тој пак, е познат по тоа што имал проблеми со алкохолот, па бил убиен од Архелај - синот на брат му Пердика Втори.[8] Според понови истражувања тоа се случило кон крајот на владеењето на Пердика.

Пердика Втори владеел 35 години (448 - 413). Тој имал уште тројца браќа: Филип, Менелај и Аминта, кои никогаш не станале кралеви, односно врховни владетели. Синот на Менелај е Аминта Втори, а брат му Аминта е татко на Аридеј, кој пак е татко на Аминта Трети. Занимливо е тоа што македонските кралеви Аминта Втори и Аминта Трети владееле еден по друг и историографијата не може да ги разграничи.

Пердика Втори имал и сестра Стратоника што ја оженил со тракискиот крал Сеут Втори.

  1. 1,0 1,1 1,2 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 19. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. φιλέλλην, Henry George Liddell, Robert Scott, A Greek-English Lexicon, on Perseus
  3. Plato, Republic, 5.470e, Xenophon Agesilaus, 7.4 (in Greek)
  4. Годишен Зборник - Македонскиот идентитет во Античкиот период. Штип: Универзитет ,,Гоце Делчев“-Штип. 2010. стр. 14. На |first= му недостасува |last= (help)
  5. Herodotus (1954). The Histories. Aubrey De Selincourt (trans.). Penguin Group. стр. 477. ISBN 9780140449082.
  6. Borza E. N. - In the Shadow of Olympus (1990), р. 134-135.
  7. Errington R. M. - A History of Macedonia (1990)
  8. Platon, „Gorgias“, 471 a-b.
Претходник
Аминта I
Кралеви на Македонија
498 п.н.е.–454 п.н.е.
Наследник
Алкет II