Прејди на содржината

Австроунгарска Босна и Херцеговина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кондоминиум Босна и Херцеговина
Kondominijum Bosne i Hercegovine (босански)
Kondominium Bosnien und Herzegowina (германски)
Bosznia és Hercegovinai Condominium (унгарски)
Податотека:File:OostenrijkHongarije-Bosnie.png
Знаме Грб
Местоположба на Босна и Херцеговина
Главен градСараево
Уредување Уставна монархија
Законодавство Диет (по 1910)
Валута круна

Босна и Херцеговина паднала под австроунгарска власт паднала во 1878 година, кога Берлинскиот конгрес ја одобрил окупацијата на Босанскиот вилает, која официјално останала како дел од Отоманското Царство. Три децении подоцна, во 1908 година, Австроунгарија ја предизвикала Босанската криза со формално припојување на окупираната зона.

Историја

[уреди | уреди извор]

Окупација

[уреди | уреди извор]

По Руско-турската војна (1877-1878), во јуни и јули 1878 година Берлинскиот конгрес бил свикан од Големите сили. Како резултат на Берлинскиот конгрес, Босна и Херцеговина останала под суверенит на Отоманското Царство но де факто била отстапена на Австроунгарија, која исто така го добила правото и над Новопазарскиот санџак. Според член 25:

Провинциите Босна и Херцеговина ќе бидат окупирани и управувани од Австроунгарија. Владата на Австроунгарија, не сака да ја преземе администрацијата на Новопазарскиот санџак, кој се протега меѓу Србија и Црна Гора во правец југоисток, на другата страна на Митровица и отоманската администрација ќе продолжи да ги извршува своите функции таму. Сепак, со цел да се обезбеди одржување на новата политичка состојба, како и слободата и безбедноста на комуникациите, Австроунгарија го задржува правото да чува гарнизони и да има воени и трговски патишта во целиот овој дел на Босанскиот вилает[1].

Австроунгарската армија ангажирала големи напори за мобилизација за да се подготви за напад врз Босна и Херцеговина[2], до крајот на јуни 1878 година, командувајќи со сила 82.113 војници, 13.313 коњи и 112 топови во VI, VII, XX, и XVIII пешадиски дивизии, како и задна армија во Кралство Далмација[3]. Примарниот командант бил Јосип Филиповиќ; XVIII-та пешадиска дивизија била под команда на Стјепан Јовановиќ, додека командата во Далмација под Гаврило Родиќ[4]. Окупацијата на Босна и Херцеговина започнала на 29 јули 1878 година и завршила на 20 октомври[5].

Отоманската војска во Босна и Херцеговина во тоа време се состоела од околу 40.000 војници со 77 топови, кои заедно со локалните милиции стигнувала до бројка од околу 93.000[6]. Австроунгарските трупи повремено се среќавале со жесток отпор од елементите на муслиманското и православното население, а значајни битки се случиле во близина на Читлук, Столац, Ливно и Клобук[7]. И покрај успесите во Маглај и Тузла, Сараево било окупирано во октомври 1878 година. Австроунгарските жртви изнесувале над 5.000, а неочекуваното насилство во кампањата довело до обвинувања меѓу командантите и политичките водачи [8]. Остриот отпор од муслиманите се очекувал кога босанските муслимани ќе го изгубат својот привилегиран статус врз основа на нивната религија[9].

Тензиите останале во одредени делови на земјата (особено во Херцеговина) и се случила масовна емиграција на претежно муслимански дисиденти. Меѓутоа, состојбата на релативната стабилност била постигната доволно брзо, а австроунгарските власти успеале да започнат со бројни социјални и административни реформи со цел да ја направат Босна и Херцеговина во своја модерна колонија. Со цел да се воспостави покраината како стабилен политички модел кој би помогнал да се распадне зголемувањето на јужнословенскиот национализам, Хабсбуршката влада многу ги кодирала законите, воведувала нови политички практики и, генерално, обезбедувала модернизација.

Етнички односи

[уреди | уреди извор]
Бенјамин Калај, австроунгарски министер за финансии во Босна и Херцеговина

Муслимани

[уреди | уреди извор]

Австроунгарската администрација се залагала за идејата на плуралистичка и мултиконфесионална босанска нација. Заедничкиот кралски министер за финансии и администратор на Босна, Бенјамин Калај го одобрил босанскиот национализам во форма на Бошњаштво, со цел да инспирира кај босанскиот народ „чувство дека тие припаѓаат на голема и моќна нација[10]“ и ги сметал Босанците „кои зборуваат на босанскиот јазик и се поделени во три религии со еднакви права[11][12]“. Помеѓу 1861 и 1869 година, Топал Осман-паша, османлиски Гранд везир се обидел да го стори истото[13].

Од една страна, овие политики се обиделе да ја изолираат Босна и Херцеговина од своите иредентистички соседи (православна Србија, католичка Хрватска и муслиманско Отоманско Царство) и да ги маргинализираат веќе циркулирачките идеи за српската и хрватската националност меѓу православните и католичките заедници во Босна [12]. Од друга страна, хабсбуршките администратори прецизно ги искористиле постоечките идеи за националноста (особено босанскиот фолклор и симболизам), со цел да ја промовираат сопствената верзија на Бошњаштво, кој се совпаднал со лојалноста кон хабсбуршката држава. Хабсбуршките политики најдобро се опишуваат не како антинационални, туку како зачувување на сопствениот стил на про-царски национализам. Оваа политика имала мешани резултати. Генерално, повеќето српски и хрватски политичари конечно ја игнорирале или се спротивставиле на политиката, но српските и хрватските политичари, исто така, се обиделе и не успеале да ја обезбедат верноста на изборните единици кај босанските муслимани. Во исто време, австроунгарските официјални претставници активно ја промовирале Босна и Херцеговина како нова земја на хабсбуршката круна. Хабсбуршките власти објавиле бројни изложби за босанската историја, фолклор и археологија, а уметниците како Алфонс Муха го претставиле босанскиот павилјон на Париската изложба од 1900 година[14].

Идејата за обединета јужнословенска држава (која вообичаено се очекува да биде предводена од независно Кралство Србија) станала популарна политичка идеологија во регионот во тоа време, вклучувајќи ја и Босна и Херцеговина.

Одредени муслимански кругови во Босна и Херцеговина започнале да го објавуваат весникот Бошњак. Овој весник предизвикал жестоки реакции во Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија. Весникот ја поддржал политиката на Калај, чија цел била зајакнување на австроунгарското владеење во окупираната Босна и Херцеговина. Иако политиката на Калај не била широко прифатена дури и кај муслиманите, Бошњак сепак ги претставувал националните аспирации на некои муслимани во Босна и Херцеговина.

Политиката на Калај конечно била поразена во 1896 и 1899 година, кога Босанските Срби и муслиманите повикале на верска и образовна автономија. Политиката на Калај имала потенцијал да се спротивстави на хрватските и српските национални аспирации, но по 1899 и 1900 година неговата политика за промовирање на босанскиот идентитет немала значителен ефект[15].

По смртта на Калај, неговата политика била напуштена. До 1905 година, национализмот бил составен фактор на босанската политика, при што националните политички партии соодветствувле на трите групи кои доминирале на изборите[12].

Наскоро откако Австроунгарија ја окупирала Босна и Херцеговина во 1878 година, владата ги презела религиозните активности и установите на подрачјето под нејзин суверенитет. Австроунгарските власти издале регулативи кои муслиманското свештенство, кои им одговарале исклучиво на нив.

Ова требало да ги изолира босанските муслимани од Отоманското Царство и нејзиното свештенство, кои биле подредени на султанот. Муслиманите во голема мера биле незадоволни од нивниот нов статус и формирале муслиманска политичка опозиција. Оваа муслиманска опозиција барала, прво, муслиманска верска автономија од Австроунгарија, но подоцна, тие побарале автономија од Отоманското Царство. Муслиманската опозиција се обидела да се усогласи со Србите, кои исто така барале верска и образовна автономија. Но, нерешените аграрни односи меѓу муслиманското раководство и Србите претставувале пречка за секој далекусежен сојуз. Унијата што ја формирале била само тактичка. Подоцна, муслиманското раководство го истакнало отоманскиот суверенитет над Босна и Херцеговина и побарало право да ја организираат својата религиозна активност под покровителство на Шејх ал-Ислам на Отоманското Царство[16].

Сафвет-бег Башагиќ бил прв парламентарен претседател на Муслиманската национална организација

Со смртта на Калај во 1903 година, ситуацијата во Босна и Херцеговина била либерализирана. Националните движења во Босна и Херцеговина биле трансформирани во политички партии. Муслиманите ја основале Муслиманската национална организација (МНО) во 1906 година, Србите ја формирале Српската национална организација (СНО) во 1907 година, а Хрватите ја формирале Хрватската национална унија (ХНЗ) во 1908 година. Друга значајна хрватска партија, иако помалку застапена, била Хрватската католичка асоцијација (HKU)[17].

МНО ја сметала Босна и Херцеговина за дел од Отоманското Царство до падот на Австроунгарија во 1918 година. Тие сметале дека Австроунгарија е европска земја која е распоредена за контрола на Босна и Херцеговина. Нивната главна цел била да се постигне муслиманска верска автономија и да се одржат аграрните односи што биле во сила во тоа време. Во 1909 година ја постигнале својата религиозна автономија[18].

Петар Кочиќ, истакнат писател и политичар

Австроунгарските власти потпишале договор со Цариградската патријаршија со која царот се здобил со контрола над Српската православна црква во Босна и Херцеговина, во замена за годишен надомест. Србите во голема мера не се согласувале со австроунгарската контрола врз нивните верски институции и организирале борба за стекнување на нивната верска автономија. Борбата била завршена во нивна корист во 1905 година. По стекнувањето верска автономија, Србите се собрале во околу четири политички групи, од кои три станале значајни. Значајните групи станале познати по имињата на нивните официјални весници, Српска реч, Народ и одаџабина на Петар Кочиќ и Дан. Подоцна тие побарале единство под една партија, која им била одобрена, па ја основале Српската народна организација.[19]. Како релативно мнозинство, Србите биле доминантен политички фактор и како такви барале автономија на Босна и Херцеговина од Отоманското Царство и Австроунгарија[20]. Српската политика во Босна и Херцеговина доминирала во трите фракции собрани околу трите весници. Главниот проблем на српската граѓанска политика била аграрната реакција. Српските селани барале да бидат ослободени од феудалните односи, а од друга страна сакале да ја одржат соработката со Организацијата на муслиманските народи во остварувањето на националните аспирации. Групата која се собирала околу весникот „Народ и одаџабина“ на Кочиќ, целосно се залагала за српското селанство против муслиманите, со цел да ја смени аграрната позиција на селаните. Групата на Кочиќ, исто така, забранила каква било соработка со австриско-унгарските власти. Групата собрана околу Димитријевиќ, исто така, се залагала за радикална промена на аграрните односи и го критикувала српското граѓанско водство за запоставување на селанството, но тие се залагале за соработка со австроунгарските власти во промената на аграрните односи. Главната цел на српската политика во Босна и Херцеговина била отстранувањето на австроунгарската власт во Босна и Херцеговина и анексијата на Босна и Херцеговина од Кралство Србија. Нивните цели, сепак, не претставувале пречка за економска соработка со австроунгарските власти[21].

Иво Пилар, истакнат хрватски историчар, геополитичар и водечки идеолог на Хрватската народна унија

Со цел да се потиснат националните аспирации, австриско-унгарските власти се обиделе да ја ограничат активноста на Францисканците во Босна и Херцеговина. Царот и Светата Столица преговарале за повторно воспоставување на Католичката црква во Босна и Херцеговина. Целта на царот била да ја има Црквата во Босна подредена на неговата секуларна моќ во рамките на црквата. На крајот, во 1881 година, Светата столица даде, под услов царот не експлицитно да го спомнува својот авторитет во була која, сепак, ја направила. По воспоставувањето на секуларна власт над Католичката црква во Босна и Херцеговина, царот ја основал катедралната црква во Сараево и како главен епископ го назначил д-р Јосип Штадлер [22]. Непосредно пред окупацијата на Босна и Херцеговина, Хрватскиот Сабор побарал од царот да ја измени ситуацијата во Босна и Херцеговина за да може да биде обединета со Кралство Хрватска и Славонија и Кралство Далмација. Царот одбил да го прифати ова барање. Ова било сторено бидејќи австриско-унгарските власти имале план да ја изолираат Босна и Херцеговина од соседните словенски земји, Хрватска и Србија и да ги сопрат националните аспирации на луѓето во Босна и Херцеговина. Властите не само што ги потиснале хрватските и српските имиња, туку и сите знамиња, грбови и народни песни. Секоја активност која би нагласила заеднички интерес на Хрватите во Босна и Херцеговина и оние во Триунското Кралство, била задушена од самиот почеток. Бидејќи не можеле да формираат политичка партија, особено под управа на Калај, Хрватите формирале различни музички општества, читални, училишта, економски институции и весници[23]. Властите им забраниле на овие општества да го употребуваат зборот „хрватски“, иако дозволиле употреба на зборот „српски“ за српските општества. Дури подоцна било дозволено користење на зборот „хрватски“. Оваа официјална политика била поттикната од унгарските кругови, особено под Калај и неговиот наследник Стефан Буријан фон Рајец. Целта на нивната политика била да ја ослабат позицијата на Хрватска во Босна и Херцеговина со зајакнување на позицијата на Србија, со цел да се направи помала веројатност за обединување на Босна и Херцеговина со Хрватска. Иако властите се обиделе да ја изолираат Босна и Херцеговина од влијанието на соседните словенски земји, сепак, хрватскиот народ во Босна сепак бил под влијание на сите три главни политички движења од Хрватска, прво илирското движење, подоцна Југословенството и хрватскиот национализам[24].

Јосип Штадлер, архиепископ и водач на Хрватското католичко друштво

Во хрватската политика постоеле две фракции, а нивното формално политичко организирање било бавно. Основна причина за оваа хрватска политичка поделба била несогласувањето меѓу францисканската босанска провинција и архиепископскиот кабинет за организирање на парохии во архиепископијата[25]. Првата иницијатива за формирање на хрватска политичка партија дошла од хрватската интелигенција која добила поддршка од Францисканците. Во 1908 година, по неколку подготовки, ја формирале Хрватската народна унија на чело со Иво Пилар како главен идеолог[26]. Во својата програма, ХНЗ се залагала за анексија на Босна и Херцеговина од Австроунгарија[27] и нејзино обединување со останатите хрватски земји[26]. Во односите со Србите, ХНЗ имала строг реципроцитет, отфрлајќи ја идејата за обединување на Босна и Херцеговина со која било друга земја или нејзина автономија. ХНЗ не барала никакви промени во општествените односи или промените во аграрните односи. Тие се обиделе да одржат добри односи со муслиманското население, што бил единствениот начин да се здобие со политичка сила. Поради ова, тие биле остро критикувани од страна на Христијанската католичка асоцијација на Штадлер (ХКУ), која се залагала за ставање крај на крепосниот систем. Пилар верувал дека целите на ХНЗ може да се постигнат само ако Хрватите добиле поддршка од муслиманското население, а во исто време тој го критикувал Штадлер за неговата католичка пропаганда[26]. Штадлер, кој бил главниот противник на Пилар, верувал дека католичките Хрвати не треба да се образуваат на друг начин освен како католици, па затоа се залагал за сегрегација меѓу католиците и муслиманите[28]. ХКУ, како ХНЗ, се залагал за обединување на Босна и Херцеговина со другите хрватски земји. Таа, исто така, го промовирала христијанскиот морал, и за разлика од ХНЗ, ХКУ се залагала за укинување на системот на крепосништво бидејќи немале односи со муслиманите[29].

Анексија

[уреди | уреди извор]
Илустрација од француското списание „Le Petit Journal“ за Босанската криза: Бугарија ја прогласува својата независност и нејзиниот принц Фердинанд I е наречен цар, Австроунгарија, во ликот на Франц Јосиф, ја анексира Босна и Херцеговина, додека отоманскиот султан Абдул Хамид II беспомошно гледа

Иако Босна и Херцеговина сè уште била дел од Отоманското Царство, барем формално, австроунгарските власти имале фактичка контрола врз земјата. Австроунгарија чекала можност формално да ја вклучи Босна и Херцеговина кон сопствената територија. Секоја акција во врска со Босна и Херцеговина зависела од меѓународно мислење, за кое австриско-унгарските власти биле свесни. Тие ја икористеле Младотурската револуција за конечно да ја анектираат Босна и Херцеговина. Младотурското движење се здобило со поддршка по кое следувало масовни протести низ Отоманското Царство во текот на 1908 година, со намера да го обнови суспендираниот отомански устав. Австриско-унгарските власти се плашеле дека револуцијата може да се прошири и во Босна и Херцеговина, со поддршка од босанските муслимани и Србите, кои ја поддржувале автономијата на Босна и Херцеговина во рамките на Отоманското Царство. На 7 септември 1908 година, СНО и МНO побарале Босна и Херцеговина да го прифати Уставот како дел од Отоманското Царство[29].

На 5 октомври царот Франц Јосиф ја објавил анексијата на Босна и Херцеговина и му наредил на министерот за финансии да состави устав за Босна и Херцеговина. Анексијата била објавена во Сараево два дена подоцна, на 7 октомври. Оваа анексија довела до меѓународна криза, која била решена на 26 февруари 1909 година кога Отоманското Царство ја признало анексијата, добивајќи материјална компензација, а според договорот австриско-унгарските гарнизони требало да го напуштат Новопазарскиот санџак. Со ова, Босна и Херцеговина формално била ставена под австриско-унгарскиот суверенитет. На 21 март 1909 година, Германското Царство испратило ултиматум на Руското Царство да ја признае анексијата, која Русија веднаш ја направила. Наскоро, Кралство Србија ја признала анексијата на 31 март, Кралство Црна Гора го сторила тоа на 5 април[30].

Анексијата предизвикала немири меѓу муслиманското и српското население. Штрафуните (специјални противпожарни единици) биле повторно воспоставени во контекст на демонстрациите во Србија и Црна Гора против анексијата[31]. Муслиманите не можеле да поверуваат дека суверенитетот на султанот би можел да биде поништен преку прогласување наанексија, и дека сега владеел христијански цар. МНО и СНО одбиле да дадат каква било официјална изјава за анексијата. Во Будимпешта тие одржале состанок на 11 октомври 1908 година, ја објавиле пораката до народот на Босна и Херцеговина, каде што изјавиле дека луѓето не можат да се помират со австриско-унгарската окупација за 30 години и побарале луѓето да останат смирени и да ја чекаат одлуката на велесилите. Двете страни објавиле дека ќе ја продолжат борбата за автономија на Босна и Херцеговина[30]. Меѓутоа, бидејќи сите европски земји веќе ја признале анексијата, СНО и МНО, кои сакале да ја продолжат својата активност како легитимни организации, и тие ја признале; СНО тоа го направила во мај 1909 година и МНО во февруари 1910 година[32]. За разлика од Србите и муслиманите, Хрватите со ентузијазам ја прифатиле австроунгарската анексија. На царот Франц Јосиф, претставниците на ХНЗ, Пилар, Никола Мандиќ и Антоније Санариќ ја искажале благодарноста на хрватскиот народ кон царот за анексијата кон крајот на октомври 1908 година. Сепак, хрватскиот ентузијазам не издржал, бидејќи Босна и Херцеговина не успеала да се придружи кон Хрватска како што очекувала хрватската страна.

Политика

[уреди | уреди извор]

Во Босна и Херцеговина, секоја поголема етничка група била застапувана од нејзината политичка партија. Муслиманите биле од Муслиманската народна организација, Србите од Српската народна организација, додека Хрватите од две политички партии, Хрватската народна унија и Хрватското католичко здружение.

ПАрламентот на Босна бил основан во 1910 година.

Парламентарни партии

[уреди | уреди извор]
  • Хрватската народна унија
  • Хрватско католичко здружение
  • Муслиманска народна организација
  • Српска народна организација

Непарламентарни партии

  • Муслиманска напредна партија
  • Муслиманска демократија
  • Српската народна независна партија
  • Социјалдемократска партија на Босна и Херцеговина

Религија

[уреди | уреди извор]

Царот на Австроунгарија имал способност да назначува и разрешува верски водачи и финансиски да ги контролира верските објекти преку договори создадени со Папата, Вселенската патријаршија и Шејх-ул-Ислам[33].

Окупацијата на Босна и Херцеговина довела до големи реформи на Католичката црква во таа земја. Во 1881 година, Врхбосанската црква била подигната во ранг на архиепископија, а биле формирани и епархиите на Бања Лука и Мостар-Дувно. Во Сараево во 1884 година започнала да се работи на Катедралата на Исусовото срце и била завршена до 1889 година.

Демографија

[уреди | уреди извор]
Население на Босна и Херцеговина според религија 1879–1910 [12]
Попис Муслимани Православни Католици Евреи Вкупно
Број Процент Број Процент Број Процент Број Процент
1879 448,613 38.7% 496,485 42.9% 209,391 18.1% 3,675 0.3% 1,158,440
1885 492,710 36.9% 571,250 42.8% 265,788 19.9% 5,805 0.4% 1,336,091
1895 548,632 35.0% 673,246 42.9% 334,142 21.3% 8,213 0.5% 1,568,092
1910 612,137 32.2% 825,418 43.5% 434,061 22.9% 11,868 0.6% 1,898,044

Администрација

[уреди | уреди извор]
Региони на Босна и Херцеговина: Бања Лука, Бихаќ, Мостар, Сараево, Травник, Тузла

Босна и Херцеговина била заеднички управувана од Цислелитанија (Австрија) и Земјите на круната на Свети Стефан (Унгарија) преку заедничкото Министерство за финансии. Во Министерството за финансии, постоела босанска канцеларија која ја контролирала Босна и Херцеговина односно влада со седиште во Сараево. Владата на Босна и Херцеговина била предводена од гувернер, кој исто така бил командант на воени сили со седиште во Босна и Херцеговина. Владата, исто така, била составена од заменик-гувернерот и шефови на одделенија. Во почетокот владата имала само три одделенија, административни, финансиски и законодавни. Подоцна биле основани и други одделенија, вклучувајќи градежни, економски, образовни, религиски и технички[34].

Во Уставот од 1910 година, царот ја прогласил Босна и Херцеговина за единствена административна територија под одговорно раководство на заедничкиот министер за финансии. Со спроведувањето на уставот, позицијата на Босна и Херцеговина не се променила. Таа останала администрирана од Австрија и Унгарија. Уставот спровел три нови установи, Парламент на Босна, Националниот совет и општинските совети. Парламентот на Босна имал многу ограничени законски овластувања. Главната законодавна власт била во рацете на царот, парламентите во Виена и Будимпешта и заедничкиот министер за финансии. Парламентот на Босна само предлагал предлози кои требало да бидат одобрени од двата парламента во Виена и Будимпешта[35]. Парламентот, исто така, немал влијание врз административно-политичките институции, Националниот совет и советите на општините исто така немале право да учествуваат во секое одлучување; Парламентот можел да учествува само во одлуките што се однесуваат исклучиво за Босна и Херцеговина, додека одлуките за вооружените сили, трговските и сообраќајните врски, обичаите и слични прашања биле донесенувани од парламентите во Виена и Будимпешта[36].

Австриско-унгарските власти не ја напуштиле отоманската административна поделба на Босна и Херцеговина, туку ги промениле само имињата на одделенијата. Така Босанскиот вилает бил преименуван во Рајхсленд, санџаците биле преименувани во Крејсе, казасите биле преименувани во Безирке, додека нахиите биле преименувани во Експозитуриен[34]. Постоеле шест Крејсе и 54 Безирке[37].

Последеци

[уреди | уреди извор]

Во февруари 1910 година австроунгарските власти дале ограничена самоуправа на Босна и Херцеговина. Бил воведен устав со кое се формирал парламент, но не била обезбедена автономија на двете области. Со уставот и со делумното решавање на ова прашање во 1911 година австроунгарската влада заработила поддржувачи како меѓу хрватската и меѓу српската и муслиманската заедница. Радикалните приврзаници на единство со Србија, сепак одговорила на анексијата на Босна и Херцеговина основајќи ја револуционерната организација "Млада Босна". Од 1910 година натаму таа извршила редица напади врз високи претставници на австроунгарската власт. Кај еден од нив во јуни 1914 година во Сараево бил убиен австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд. Ова станало повод за избувнувањето на Првата светска војна. По крајот на војната, Босна и Херцеговина станала дел од Кралство Југославија.

  1. Modern History Sourcebook: The Treaty of Berlin, 1878—Excerpts on the Balkans Архивирано на 14 август 2014 г. hosted by Fordham University
  2. Oršolić & June 2000, стр. 289-291.
  3. Oršolić & June 2000, стр. 299.
  4. Oršolić & June 2000, стр. 294.
  5. Oršolić & June 2000, стр. 304.
  6. Oršolić & June 2000, стр. 301.
  7. Oršolić & June 2000, стр. 302-303.
  8. Rothenberg 1976, стр. 101-02.
  9. Zovko 2007, стр. 13.
  10. Sugar 1963, стр. 201.
  11. Ramet 2008, стр. 74–76.
  12. 12,0 12,1 12,2 12,3 Velikonja 2003, стр. 130-135.
  13. Zovko 2007, стр. 17-18.
  14. Hajdarpasic, Edin (2015). Whose Bosnia? Nationalism and Political Imagination in the Balkans, 1840-1914. Ithaca and London: Cornell University Press. стр. 160–198. ISBN 9780801453717.
  15. Zovko 2007, стр. 18.
  16. Zovko 2007, стр. 18-19.
  17. Zovko 2007, стр. 19.
  18. Zovko 2007, стр. 19-20.
  19. Zovko 2007, стр. 20.
  20. Zovko 2007, стр. 20-21.
  21. Zovko 2007, стр. 21.
  22. Zovko 2007, стр. 21-22.
  23. Zovko 2007, стр. 22.
  24. Zovko 2007, стр. 22-23.
  25. Zovko 2007, стр. 23-24.
  26. 26,0 26,1 26,2 Zovko 2007, стр. 24.
  27. Krišto 2006, стр. 61.
  28. Zovko 2007, стр. 24-25.
  29. 29,0 29,1 Zovko 2007, стр. 25.
  30. 30,0 30,1 Zovko 2007, стр. 26.
  31. Holbach 1910, стр. 154: "The " Streifkorps " were disbanded many years ago, but reorganised in October, 1908, at the time of our second visit to Bosnia, on account of the demonstrations in Servia and Montenegro that followed the annexation,..."
  32. Zovko 2007, стр. 26-27.
  33. Okey 1992, стр. 63.
  34. 34,0 34,1 Zovko 2007, стр. 16.
  35. Zovko 2007, стр. 27.
  36. Zovko 2007, стр. 27-28.
  37. Džaja 1994, стр. 45.