Словенска писменост

Словенската писменост е основна цивилизациска вредност на словенските народи, а старословенскиот јазик претставува основно средство за ширење на културата меѓу словенските народи.[1]

Во својата стара татковина Словените немале писмо и, како што вели Црноризец Храбар во делото "О писменех" (за буквите), долго време, "со цртички и рецки читаа и гатаа". Кога дошле на Балканот и се покрстиле, словенските зборови ги пишувале со римски и грчки букви без правила. Со такво писмо не било можно точно да се напишат многу словенски зборови. Во грчката азбука немало букви за многу словенски гласови. "Потоа свети Константин Филозоф наречен Кирил, маж праведен и вистинољубив, им создал 38 букви, едни според грчките букви, други по словенскиот јазик."

Еве како станало тоа: во 862 година великоморавскиот кнез Ростислав, сакајќи да ја заштити Велика Моравија од германско политичко и културно ропство, му пратил писмо на византискиот цар Михајло 3 со кое му нудел војнички сојуз. Истовремено барал да му се испратат учени луѓе кои ќе можат да шират просвета и култура на словенски јазик во Моравија.

Византискиот цар Михајло го прифатил предлогот, бидејќи имал корист од тоа - една земја од западната сфера на влијание сама му се нуди да потпадне под влијание на Византија. Затоа тој ги повикал кај себе двајцата учени браќа, Кирил и Методиј, и им ја поверил мисијата во Велика Моравија. Таа се состоела во преведување на христијански богослужбени книги од грчки на словенски јазик, со писмо што допрва требало да го состават. Потоа, така подготвени, требало во Моравија да ги преведат моравските Словени во христијанство.

Кирил за кратко време создал азбука од 38 букви - глаголицата. Со неа тој и брат му Методиј ги превеле од грчки на словенски првите црковни книги и во пролетта на 863 година заминале за Велика Моравија.

Утврдено е дека Кирил ја создал азбуката глаголица по углед на грчкото минускуларно (курзивно) писмо, кое веќе било во употреба во 8 и 9 век. Тој ги позајмил буквите што ги имало во грчката азбука, а за оние гласови за кои немало букви во неа, измислил нови знаци.

Но, Словените се служеле со две азбуки и тоа во приближно исто време, со глаголицата и кирилицата. Бидејќи најстарите споменици на словенско писмо не датираат од времето во кое живееле и пишувале Св. Кирил и Методиј, туку дури од 10 и 11 век, во науката настанал спор за тоа која азбука е дело на Кирила, глаголицата или кирилицата која го носи неговото име.

Денеска е расчистено тоа прашање: глаголицата е азбука што ја создал Кирил. Таа е постара од кирилицата. Тоа се докажува со следниве факти:

  1. Најстариот словенски писмен споменик, Киевскиот мисал, кој датира од средината на 10 век, е пишуван со глаголица и има моравизми, (чешки јазични црти), што навестува дека е пишуван во Моравија, секако од ученици на Кирил и Методиј.
  2. Најголем број постари сочувани старословенски споменици се напишани со глаголца и имаат и имаат поархаични јазични црти од оние споменици што се напишани со кирилица. Во нив не се мешаат полугласовите - еровите, што не е случај со кирилските споменици.
  3. Глаголицата била во употреба во Моравија, во хрватските краеви и во Македонија, а кирилицата во источна Бугарија што може да се заклучи по потеклото на спомениците.
  4. Во палимпсестите (пергаменти од кожа со траги од две писма) одоздола се гледаат недоизбришани глаголски букви, а преку нив се пишувани кирилски букви.

Се претпоставува дека кирилицата е составена од Климента (некои му ја препишуваат на Методиј или на епископот Константин или на Црноризец Храбар) кој во чест на својот учител ја нарекол кирилица. Оваа азбука била составена според грчкото уставно (првично) писмо и се јавила во Источна Бугарија околу педесет години по глаголицата.

Набргу, кирилицата ја истиснала од употреба глаголицата. Таа се раширила не само на Балканот, туку и во Русија. Во времето на Петар Велики претрпела извесни промени и преку руските црковни книги се раширила меѓу Словените на Балканот. Со извесни поправки и измени кирилицата се користи и денес.

Причини за создавање на словенската писменост

уреди

1. Политички причини - Словените биле пагани (многубошци) кои живееле во родовски заедници. При допирот (соседството) со моќните држави (Византија и Германските Кралства) постоела опасност Словените да се претопат. Односно, на запад да се германизираат, а на југ да се елинизираат. Таа опасност прв ја согледал кнезот Ростислав, владетелот на Велика Моравија, првата словенска држава. Затоа, тој побарал од Византија мисионери кои ќе го шират христијанството, но на словенски јазик. Византија, пак, го прифатила тоа за да го спречи ширењето на германските држави и за да се заштити себеси.

2. Религиозни причини - За да се проширува христијанството меѓу Словените, наједноставно било тоа да се направи на нивниот јазик, бидејќи тие не ги знаеле тогашните од Бога дадени: грчки, латински и еврејски јазик. Целта на Кирил и Методиј била ширење на христијанството. Залагајќи се за верата, Кирил успева со својата моќ на оратор и филозоф да го убеди Римскиот папа официјално да го признае словенскиот јазик. Така, во 869 година словенскиот јазик станува рамноправен со латинскиот, грчкиот и еврејскиот и можел да се употребува во богослужбата.

Наводи

уреди
  1. Група автори, „Македонски јазик и литература“, Просветно дело, Скопје, 2006, стр. 26.

Надворешни врски

уреди