Премка
Премка — село во областа Горно Кичево, во Општина Кичево, сместено во околината на градот Кичево.
Премка | |
Поглед на селото | |
Координати 41°33′6″N 21°2′4″E / 41.55167° СГШ; 21.03444° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Кичево |
Област | Горно Кичево |
Население | 77 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 6262 |
Повик. бр. | 045 |
Шифра на КО | 12059 |
Надм. вис. | 770 м |
Премка на општинската карта Атарот на Премка во рамките на општината | |
Премка на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во областа Горно Кичево, сместено во Кичевската Котлина, во северниот дел на подрачјето на Општина Кичево.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 770 метри. Од градот Кичево е оддалечено 7 километри.[2] Селото е сместено на западните падини на Челоица.
Куќите на ова село се сместени помеѓу низинското земјиште на запад и повисокото планинско земјиште на исток. На пониското земјиште се наоѓа плодна почва погодна за жито, додека на повисокото земјиште има шуми и пасишта. Околни села се: Шутово и Гарани.[3]
Месностите во планинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Чукле, Танасица, Јавор, Божаноски Камења, Разбојиште, Извор, Софра, Преслап, Црн Камен, Трлеец, Јасак, Рамни Лаз, Кошари, Мечи Камен, Пејкоа Глаа, Пештери и Лојчи Рид. Месностите во низинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Брилојец, Кливница, Срачкина Меѓа, Гроб, Стеже, Дупчишта, Гавез, Каменица, Мавроец и Огради.[3]
Селото има збиен тип и е поделено на три маала: две поголеми, кои се македонски, раздвоени од река со помалото арбанашко маало во југоисточниот дел на селото.[3]
Историја
уредиПремка е старо село во Кичевската Котлина. Први пишани историски податоци за селото Премка се сретнуваат во турските пописни дефтери од втората половина на XV век, односно во 1476/77 година, кога селото се споменува под истото име со 82 словенско-христијански куќи,[3] во кои имало 72 семејства, 5 неженети и 5 вдовици, сите христијани.[4]
На атарот на Премка постојат старини и карактеристични топоними. Околу 15 минути пеш источно од селото се наоѓаат Танасица, Трноец и Чукле со остатоци од ѕидови на куќи и гробови. Во народното предание се верува дека таму лежело старото село. На местото Танасица мештаните одат за зимскиот Атанасовден. Жителите на тоа село подоцна се спуштиле во денешното село.[3]
Месностите Чифлик и Ледина се наоѓаат западно од селото на пониско земјиште. Таму во XIX век имало чифлиг на кој работеле македонски семејства. На тоа место имало и црквиче и бунар. На месноста Ледина, пак, има стари гробови.[3]
Во XIX век, Премка било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
Мештаните на Премка многу страделе од Арбанасите од соседните села, Шутово и Гарани, што се зголемило пред крајот на отоманскиот период. Во тој период за неколку години биле убиени 27 мажи. Во 1905 година бил убиен селскиот поп од родот Каракостовци.[3]
По ослободувањето од отоманската власт, ситуацијата во селото се променила. Селото станало општинско седиште и тоа траело до 1941 година. Во 1927 година била подигната голема училишна зграда, во која работеле двајца учители.[3]
За време на Втората светска војна, селото се нашло под балистичка окупација. Тогаш било трипати запалено и биле убиени неколку мажи, жени и деца. Воедно, била украдена и стоката и мештаните на Шутово зазеле некои од најубавите ниви во селото.[3]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 7,7 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 415 хектари, на обработливото земјиште отпаѓа 198 хектари, а на шумите 140 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]
Помеѓу двете светски војни во селото биле отворени три работилници и селаните купиле ниви во самата котлина.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година, селото се нарекувало Прешка и имало 44 домаќинства со 52 жители муслимани и 220 христијани.[5]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 365 жители, од кои 320 христијани и 45 муслимани.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Премка имало 304 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Премка се води како чисто македонско село од мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 46 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 250 Македонци и 50 Албанци.[9]
Селото е мало, коешто во 1961 година броело 266 жители, од кои 202 биле Македонци, а 62 Албанци. Во 1994 година, бројот се намалил на 132 жители, од кои 95 Албанци, 35 Македонци и 2 Срби.[2]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Премка, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[заб 1]
Според пописот од 2002 година, во селото Премка живееле 134 жители, од кои: 25 Македонци, 108 Албанци и 1 останат.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 77 жители, од кои 6 Македонци и 71 Албанец.
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Премка:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Срби | Ост. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | 323 |
1953 | 280 | 54 | 4 | 3 | 1 | 342 |
1961 | 202 | 62 | 0 | 2 | 0 | 266 |
1971 | 135 | 69 | 0 | 1 | 0 | 205 |
1981 | 89 | 81 | 0 | 1 | 8 | 179 |
1991 | 37 | 6 | 0 | 1 | 0 | 44 |
1994 | 35 | 95 | 0 | 2 | 0 | 132 |
2002 | 25 | 108 | 0 | 0 | 1 | 134 |
2021 | 6 | 71 | 0 | 0 | 0 | 77 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
уредиПремка е мешано православно-муслиманско село. Денес, во најголем дел во селото Премка живеат муслимански Албанци, но во минатото секогаш најголем дел од населението биле православните Македонци.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:
- Македонски родови:
- Староседелци: Близнаковци (4 к.) и Терзиовци (6 к.), староседелци;
- Доселени: Ивановци (13 к.), доселени се од селото Иванчишта, Копачка; Пустовраговци или Симуновци (10 к.), доселени се од селото Пуста Река, Крушевско; Дабевци (2 к.) и Каракостовци (2 к.), доселени се од областа Матија, Албанија; Ќуферовци (2 к.), доселени се однекаде; Шутаровци (3 к.), доселени се од сега албанското село Шутово; Беровци (1 к.), доселени се од Бер во Албанија, нивниот предок дошол како овчар во родот Близнаковци; Глувчаровци (5 к.), доселени се околу 1900 година од селото Аранѓел; Џеповци (1 к.), тие имаат мијачко потекло, основачот на родот бил посинет кај Ивановци. Доселени се од Лазарополе; Милошевиќи (1 к.), потеклото им е од Билеч во Херцеговина. Потекнуваат од предок кој бил полицаец во Кичево. Се оженил со девојка од Пустовраговци.
- Албански родови: Оломановци (7 к.), доселени се од соседното повисоко село Гарани. Родот го основал предокот Оломан. Нивното населување се извршило на следниот начин. Четири браќа од македонскиот род Аврамовци од Премка околу 1860 година на местото Гроб убиле некој гарски Албанец. Тој бил полјак во нивното село. После убиството браќата се иселиле од Премка, а на нивно место се населил Оломан од Гарани; Бајровци (2 к.), родот го основал Бајро, кој бил говедар, дошол од селото Зајас.
Според истражувањата, пак, на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[11]
- Македонски родови: Милошевци (4 к.), Близнаковци (4 к.), Терзијовци (4 к.) и Митревци (2 к.), имаат иселеници во Белград. Тие се староседелци; Ивановци (10 к.), доселени се од селото Иванчишта; Беровци (2 к.), доселени се од Белград во Албанија. Основачот на родот е доселен како домазет; Џуферовци (1 к.), доселени се однекаде. Имаат иселеници во Белград и Шабац; Каракостевци (6 к.), доселени се од кај Дрим, но не знаат кога; Пустивраговци (5 к.), доселени се од некое село Пуста Река кај Дебар?. Некој човек од овој род во текот на Илинденското востание правел црешови топчиња и Шутаревци (3 к.), доселени се од селото Шутово.
- Албански родови: Оломановци (6 к.), доселени се од селото Гарани, поради крв. Насилно се населиле кај иселените Дулевци. Побарале да ги служат жените и тогаш некои од Дулевци убиле некој Албанец, и го фрлиле во река. Потоа ловечки кучиња го пронашле лешот на убиениот Албанец. И по тогашниот закон имотот на Дулевци го присвоиле Оломановци и Бајровци (3 к.), доселени се од селото Зајас.
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Осломеј.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Осломеј, во која покрај селото Премка, се наоѓале и селата Арангел, Гарани, Жубрино, Лазаровци, Мамудовци, Ново Село, Осломеј, Србица, Стрелци, Црвивци и Шутово. Во периодот 1950-1952, селото влегувало во рамки на некогашната општина Стрелци, заедно со селата Гарани, Лазаровци, Мамудовци, Премка, Стрелци и Шутово.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0796 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 125 гласачи.[13]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[14]
- Ледина — некропола од средниот век;
- Печарица — населба од доцноантичкото време;
- Трноец — населба и некропола од средниот век; и
- Чукле — црква и некропола од доцниот среден век.
- Цркви[15]
- Црква „Св. Атанасиј“ — главна селска црква; и
- Црква „Св. Илија“ — селска црква кај новите гробишта.
Во минатото се верува дека имало храм помеѓу Премка и Рабетино во месноста Пачерица, во чија непосредна близина е и месноста Јавор, каде се пронајдени остатоци на некогашни куќи.[3]
- Џамии
- Џамија — џамија подигната во 2012 г.
-
Црквата „Св. Атанасиј“
-
Новоподигнатата џамија
-
Црквата „Св. Илија“
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Премка
- Блаже Савев Кузманов — македонски револуционер од ВМОРО.[16]
- Љубе Стојанов Савески — македонски револуционер од ВМОРО.[17]
- Илија Јанески (1925-1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Мирко Костески (1924-1944) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
Иселеништво
уредиСосем се иселени македонските родови: Митревци, Аврамовци и Китановци, кои се иселиле Белград и Гроцка. По Втората светска војна, околу 30 семејства се иселиле во Скопје и Кичево. Припаѓале на поедини родови во селото.[3]
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 243. Посетено на 10 јануари 2021.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 33–34.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 218
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 90-91.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 255.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 156-157.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 36.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 јануари 2021.
- ↑ Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 10 јануари 2021.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 11 ноември 2019.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 169. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link) - ↑ . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)
- Забелешки
- ↑ Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да земат учество (го бојкотираа) во Пописот.