Отров
Отров — супстанција што ги нарушува биолошките (физиолошките) функции на организмот[1], предизвикувајќи минливи или трајни нарушувања, вклучувајќи и смрт. Не е можно да се даде целосно точна дефиниција за отровот. Една иста супстанција може да биде нештетна (па дури и лековита) дадена во една доза или на еден начин, а отровна во друга доза или применета на друг начин. Отровноста на супстанцијата зависи од апсолутно внесената количина, концентрацијата, обликот во кој е внесена, начинот на внесување, отпорноста на организмот итн.
Така, дестилираната вода дадена интравенски предизвикува смрт како резултат на хемолизата на еритроцитите. Етанолот, кој сам по себе е отровен, се користи како противотров кај труењето со метанол. Истото важи и за атропинот, кој е отров, а се користи како противотров при труење со нервни боеви отрови. За лицата со недостаток на соодветни ензими може да биде отровна и храната (млеко, белковини).
Според причините што доведуваат до внесување отрови во организмот, труењата можат да бидат злосторнички, самоубиствени, случајни, медицински, професионални и труења како последица на токсикоманија.
Дефиниции
уредиРазлични научници се обидувале да дадат точна дефиниција за отров, со која би ги опфатиле сите супстанци што традиционално се сметаат за отрови, но не и супстанциите што традиционално не се такви:
- „Отрови се супстанци што по својата физичка или хемиска природа се такви што кога ќе влезат во крвта или во човековиот организам и таму ќе останат, предизвикуваат минливи или трајни нарушувања“ (Клод Бернар)
- „Отрови се супстанци што по својата хемиска природа, количината и концентрацијата се туѓи за човековиот организам или за пооделни органи, и затоа предизвикуваат функционални нарушувања во живиот организам“ (Штаркенштајн)
- „Отрови се хемиски супстанци создадени надвор од живиот организам, или оние што ги лачат живите суштества (токсини), а кои внесени во човековиот организам можат да предизвикаат, под извесни услови, болест или смрт“ (Левин)
- „Од практична гледна точка, за отров можеме да ги сметаме оние супстанци кои внесени во количини помали од 5 g или 5 ml можат да предизвикаат лоша здравствена состојба, заболување или смрт“ (Ки)
Додека првите три дефиниции се преопширни и ги опфаќаат скоро сите супстанци, последната е прекратка, па не ги опфаќа, на пример, етанолот или супстанците кои предизвикуваат хронични труења.
За да се избегне давањето општа дефиниција за отровот, денес за секое соедниние посебно се дефинира токсичната и смртоносната доза.
Поделба на отровите
уредиКласификацијата на отровите може да се изврши според хемиската природа, потеклото, физиолошкото дејство и според методите на издвојување.
Според хемиската природа отров може да биде:
Според потеклото, отровите можат да бидат растителни, животински и минерални. Според физиолошкото дејство се делат на нервни, крвни, нагризувачки и сл.
Во практиката најчесто се користи поделбата според методите на издвојување на отровите, што е од значење при системското истражување на отровот во органите на лицата што се отруени, и тоа на:
- гасовити отрови
- лесно испарливи отрови
- минерални отрови
- растителни и синтетички отрови
- Хетерозиди
- Барбитурати
- Салицилна киселина и нејзини деривати
- флуороацетат
- Алкалоиди
Сила на отровите
уредиЗа потребите на медицината, силата на отровите се мери со нивната просечна и минимална смртоносна доза за бел лабораториски стаорец, во милиграми за килограм жива тежина (mg/kg).
Средна смртоносна доза (LD50, латински: Dosis lethalis media) е најмалото количество што убива половина од затруените лабораториски стаорци. Таа се смета како мерка за оценување во пошироката пракса, бидејќи се определува релативно лесно. Најчесто определните LD50 се однесуваат за апсорпцијата (внатрешна, алиментарна), за паѓањето врз кожата (дермална) и за вдишувањето (инхалативна).
Етил алкохол | 10 000 | Токсин на пајакот црна вдовица | 0,55 |
Натриум хлорид | 4 000 | Кураре | 0,50 |
Железен сулфат | 1 500 | Токсин на змија | 0,24 |
Морфин | 900 | Диоксин | 0,001 |
Стрихнин | 150 | Ботулински токсин | 0,0001 |
Никотин | 1 |
Според степенот на отровност, отровите се распределни во три групи:
- многу силни отрови (T ),
- отрови (T),
- штетни материиi (Xn).
Лекување на труењето
уредиОткако ќе се потврди дека некое лице е затруено, се пристапува кон чистење на дигестивниот тракт (измивање на желудникот, форсирано празнење на цревата со употреба на лаксативи), забрзано исфрлање на веќе внесениот отров (хипервентилација кај отровите што се исфрлаат преку белите дробови, форсирана диуреза за отровите што се излачуваат преку бубрезите), а по потребa и со вештачка детоксикација (перитонеумска и хемодијализа, плазмафереза).
За да се неутрализира дејството на отровот што сè уште е присутен во организмот, се даваат и противотрови. Противотровите можат да бидат физиолошки и хемиски. Физиолошките противотрови се врзуваат за истиот рецептор како и молекулата на отровот и го истиснуваат од местото на дејствување (компетитивна инхибиција) или на физички одвоено место во организмот предизвикуваат спротивен физиолошки процес со кој се поништува дејството на отровот (некомпетитивна инхибиција). Како физиолошки противотрови се користат атропинот кај труење со органофосфати или стрихнин при труење со барбитурати. Со оглед дека и самите физиолошки противотрови имаат специфично физиолошко дејтво во организмот (така, и стрихнинот и тропинот се познати отрови), тие се употребуваат внимателно и само при најтепки случаи.
Наспроти физиолошките, хемиските противотрови дејствуваат врз самиата молекула на отровот, неутрализирајќи го (магнезиум оксид при труење со киселини), спречувајќи ја неговата ресорпција (танините градат нерастворливи комплекси со алкалоидите) и сл.
Отровот како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „Токсичен шок“ (англиски: Toxic shock) — песна на американската хард-кор група „Агностик фронт“ (Agnostic Front) од 1986 година.[2]
- „Отров“ (англиски: Poison) — песна на британската рок-група „Вандер стаф“ (The Wonder Stuff) од 1988.[3]
- „Отров“ (англиски: Poison) — песна на британската група „Продиџи“ (The Prodigy) од 1994 година.[4]