Општина Радовиш

општина во Македонија

Општина Радовишопштина во Југоисточен Регион на Република Македонија, со површина од 608 км2 и 28 244 жители. Центар на општината е градот Радовиш.

Општина Радовиш
Општина
Знаме на Општина РадовишГрб на Општина Радовиш
Карта
ДржаваМакедонија
РегионЈугоисточен
Година кога е основана1913 (во рамки на Кралство Србија)
СедиштеРадовиш
Населени места
Управа
 • ГрадоначалникАцо Ристов
Површина
 • Вкупна608 км2 (235 ми2)
Население (2021)[1]
 • Вкупно24.122
 • Густина40/км2 (100/ми2)
Час. појасCET (UTC 01:00)
 • Лето (ЛСВ)CEST (UTC 02:00)
Повикувачки број 032
Регистарски табличкиRA
Мреж. местоradovis.gov.mk
Карта на општина Радовиш со селските атари.
Демографска карта на општина Радовиш со селските атари.

Населени места

уреди

Населени места во Општина Радовиш се градот Радовиш и околните села: Али Коч, Али Лобаси, Бучим, Воиславци, Дамјан, Држани, Дурутлија, Злеово, Ињево, Јаргулица, Калаузлија, Калуѓерица, Каралобоси, Караџалар, Козбунар, Коџалија, Ново Село, Ораовица, Папавница, Погулево, Подареш, Покрајчево, Прналија, Раклиш, Сариѓол, Смиланци, Сулдурци, Супурге, Тополница, Ќоселија, Худаверлија, Чешме Маале, Шаинташ, Шипковица и Штурово.

Географија

уреди

Сместена во југоисточниот дел од Републиката, општина Радовиш го зафака северозападниот дел од пространата Струмичко-радовишка Котлина, односно горното сливно подрачје на Радовишка Река. Северниот дел припаѓа на Родопска зона планините Плачковица и Готен, јужниот дел на планината Смрдеш (планина), на северозапад се наоѓа ридестиот дел на областа (Јуруклук) Јуруклак или Дамјанско поле, а на југоисток се протега алувијалната рамнина на Радовишка Река.

Општина Радовиш има добри гравитациско-контактни и функционални врски во правец северозапад-југоисток, односно Штип и Струмица , од кои градот Радовиш е оддалечен само 35 односно 30 км. Градот Радовиш е сместен во централниот дел на општината, на надморска височина од 380 м, и претставува општински административе центар со добра местоположба за развој на стопанството.

Како административен центар ги опслужува и жителите на Општина Конче бидејќи во градот Радовиш се сместени сите државни институции кои имаат дејност на регионално ниво.

Територијата на општина Радовиш со 608 км2[2] се вбројува меѓу средно големите општини.

Историја

уреди

На територијата на општина Радовиш уште од праисторијата се наоѓаат траги на материјалната култура. Посебно се интересни наодите од епохата на неолитот, бакарното време, халштатот и бронзата. Во времето на Филип II Македонски и Александар Македонски територијата на радовишко ја населувале Пеонците. Бројни остатоци од вредност се од времето на предримската и римската епоха. Тоа се претежно антички населби, некрополи, каструми, терми, аквадукти, милјокази и други наоди.

Градот Радовиш за првпат се споменува во 1019 во Грамотата на Византискиот цар Василиј II, а така се викала и средновековната жупа, што покажува дека градската функција потекнува од средниот век. Во тоа време, Радовиш претставувал значаен регионален трговско-занаетчиски и рударски центар. Името на Радовиш е поврзано со името на средновековната кнегиња од словенско потекло, Рада, која живеела во тврдината над градот, чиишто урнатини сè уште постојат. Во периодот на 14 век бил под власт на српските владаетери - 1361 година во него престојувал Цар Урош.

Под турското освојување во почетокот на 16 век во овој крај многу се населувале Јуруци - турско номадско племе, етничка група која и денес е присутна во радовишко. Документите Ќустендилски метрополити во 17 век се викаат и радовишки. Кон крајот на 18 век Радовиш било гратче опколено од ѕид од стара тврдина чии остатоци стојат и денеска. Некогаш големиот пат од Поморавје преку Куманово и Овче поле и Радовишко поле преку Струмица водел до Солунскиот и Струмскиот Залив. Во XIX и XX век Радовиш и околината биле под влијание на историските настани поврзани со разловечкото, кресненското и илинденското востание, потоа настаните од балканските војни, првата и втората светска војна и периодот по завршувањето на втората светска војна придонеле за денешниот изглед на Радовиш.

Територијата на општина Радовиш е богата со истражени и голем број неистражени археолошки наоѓалишта, манастири и цркви кои се дел од богатата ризница на споменици на културата.

Демографија

уреди

Во општина Радовиш има вкупно 36 населби, населени се само една градска и 20 селски населби со вкупен број на жители 28 244. Има три населби со повеќе од 1000 жители: Ораовица-1720, Ињево-1624, и Подареш-1413 жители во останатите населби живеат помеѓу 300 и 1000 жители. Во пет населби живеат помалку од 50-тина жители, а шест селски населби се целосно иселени.[3]

Етничка структура

уреди
Народ Вкупно Удел (%)
Македонци 23.753 84,10
Албанци 8 0,03
Турци 4.061 14,38
Роми 276 0,96
Власи 26 0,09
Срби 71 0,25
Бошњаци 1 0,01
останати 54 0,19
Вероисповед Вкупно
православни 23.675
муслимани 4.354
католици 13
протестанти 3
останати 199
Јазик Вкупно
македонски 23.789
албански 7
турски 4.173
ромски 156
влашки 13
српски 67
бошњачки 1
останати 37

Старосна структура

уреди
  • од 0-14 г.- 51,06 %
  • од 15-64 г.- 39,7 %
  • над 65 г. - 9,24 %

Структура на вработени според дејност

уреди
  • стопанство 4011;
  • нестопанство 850 ;

Невработеност и активност

уреди
  • околу 6800 невработени
  • активно население: 22 561 жител, или 84,69%[4]

Општествени установи

уреди
  • ЈП „Плаваја“
  • ЈП „Македонски Шуми“ - подружница „Плачковица“ - Радовиш
  • ЈП Водостопанство „Радовишко поле“

Во Радовиш работат две институции од областа на културата:

Исто така во Радовиш постои „Етнолошки музеј“ каде што се наоѓа вредна „Етнолошка збирка“ од Радовишкиот крај.

Стопанство

уреди

Приватниот сектор во општината го сочинуваат: Рударство, угостителство, текстил, шумарство, месна индустрија, трговија на големо и мало, занаетчиство (поправка на моторни возила, часовници, чевли , бела техника и др.), индустрија за конзервирање, млечна индустрија, индустрија за неметали, тутунска индустрија, козметичко-фармацевтска, обработка на злато и сребро. Приватната дејност е 90 % од вкупното стопанство.

Самоуправа и политика

уреди

Административниот центар на општината е сместен во градот Радовиш. Органи на локалната самоуправа се градоначалникот и советот на Општина Радовиш. Локалната администрација и секторите во истата се под надлежност на градоначалникот, чија работа е да ги претставува и застапува интересите на општината и нејзините жители, а и да го обезбеди извршувањето на работите коишто со закон и се доделени на општината.

Претходни градоначалници на Општина Радовиш биле: Герасим Конзулов (2017-2021),Сашко Николов (2013–2017) Роберт Велков (2005–2013), Ристе Кукутанов (2000–2005), Кирчо Сусинов (1996–2000) и Љупчо Захариев (1990–1996). На локалните избори во 2000, 2005, 2009, 2013 и 2021 победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, додека на изборите во 2006 и 2017 има победено канидидатот на СДСМ.

Актуелен Градоначалник на општина Радовиш е Ацо Ристов од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е избран на локалните избори од 2021 година за мандат од четири години.[5] Советот на општина Радовиш е составен од 19 члена. Според последните локални избори од 2021 година, членовите на советот според политичката припадност за мандатот 2021-2025 се:

 
  ВМРО-ДПМНЕ: 9 места
  СДСМ: 7 места
  ЛДП-ДОМ: 2 местa
  Независни: 1 место

Културни и природни знаменитости

уреди

Како културно-историски вредности коишто ги поседува општината Радовиш се Црквата „Св. Троица“, Параклисот Св. Спасо Радовишки, „Црква Св. Илија“, Туљбето, Крстот над Радовиш и Стариот Јавор.

Цркви и манастири

уреди

Редовни настани

уреди

Заштитник на општината и градот Радовиш е светецот Свети Спасо Радовишки. Празникот се чествува секоја година на 21 август во параклисот „Св. Спасо Радовишки“ на плоштадот во Радовиш.

Култура и медиуми

уреди

Познати се фолклорните ансамбли: Ф.А „Бучим“, Ф.А. „Ацо Караманов“, Ф.А. „Китка“ - Ораовица, Ф.А. Славеј - Јаргулица и аматерските драмски студија. Во текот на годината се одржуваат: „Радовишкото културно лето“, Детскиот фолклорен фестивал „Оро весело“, Изворниот фестивал „Гајда“ - Ињево, Фолколорниот фестивал „Велигденските средби“ во Ораовица, „Карамановите поетски средби“, Манифестацијата „Самун ем Татлија“ и др.

Медиуми

уреди

Во медиумскиот простор присутни се една локална телевизија „ТВ Еми“, една регионална телевизија „ТВ Кобра“ и два кабелски оператори „АндесНет“ и “Телекабел“. Печатени локални медиуми се појавуваат периодично, a и еден локален-регионално мрежно место портал RadovisNews [3] Архивирано на 6 април 2014 г..

Телекомуникации

уреди

Во градот постои развиена фиксна и мобилна телефонија. Постојат неколку локални интернет доставувачи со безжично покривање на целиот град, и WiFi точки.

Образование

уреди

Во областа на образованието и воспитувањето работат вкупно осум институции. Една од нив е предучилишна комбинирана установа, пет основни училишта со повеќе подрачни објекти, една гимназија од областа на средното образование и еден факултет.

Предучилишно воспитување

уреди
  • ЈОУ Детски градинки „Ацо Караманов“ со трите објекти „Цветови“ „Изворче“ и „Управна зграда“.

Основно образование

уреди

Основни училишта во општина Радовиш

Средно образование

уреди
  • СОУ „Коста Сусинов“ - Радовиш - со 1146 ученици и 52 вработени. Средното училиште има гимназиска насока, металуршко-техничка насока, и електротехничка насока - електротехничар за компјутерска техника и автоматика.

Високо образование

уреди

Спорт

уреди

Во Радовиш дејствуваат организирано спортските клубови:

ФК Плачковица (формиран 1942 година),

ФК Детонит Јуниор,

пинг понгарски клуб „Еми Петрол-Радовиш“ (формиран во 1993 година, а денес се натпреварува во Националните Пинг-Понгарски лиги),

РК „Радовиш“ (игра во Супер Лигата на Македонија),

Борачкиот клуб „Бучим-Радовиш“ (освојувач на титулата Државен шампион на Македонија за 2013 година, Европски и Светски клупски шампион),

Стрелачкиот клуб „Бучим“,

Велосипедскиот клуб „Свиок“,

Триатлон клубот „Ана-да“,

Риболовниот клуб „Крап-Радовиш“ [6] Архивирано на 1 август 2015 г.(се натпреварува во Првата македонска риболовна лига),

Мото клубот „Џинка“,

Планинарското друштво „Бел Камен“,

Алпинистичкиот клуб „Плоча“,[7]

Џудо клубот “Сенсеи“,

Карате клубот “Феникс“,

Спортски навивачи „Лебари“ и други.

Исто така, во Општина Радовиш од 2013 година била возобновена и Општинската фудбалска лига - Радовиш, а постои и „Општинска училишна лига во футсал“ за Основните училишта од Општина Радовиш.[8]

Радовиш поседува капитални спортски објекти како: Спортскиот-рекреативен комплекс „Шампион“ (со олимписки базен, повеќе игралишта за мал фудбал и кошарка, ракомет, одбојка и тениски терени), Спортската сала „25 мај“ со капацитет од 1,500 седишта, Градскиот стадион за фудбал во Радовиш, тениски терени, повеќенаменски спортски терени и друго.

Познати личности од Општина Радовиш

уреди

Наводи

уреди
  1. „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 - прв сет на податоци“. Државен завод за статистика на Македонија. Посетено на 30 март 2022.
  2. Општина Радовиш, географски одлики
  3. „Население во Република Македонија на 31.12 по специфични возрасни групи, по пол, по општини, по години“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 2 мај 2018.[мртва врска]
  4. Општина Радовиш, демографија
  5. „Мандати за градоначалници и совет во РМ – Локални избори 2021“. Државна изборна комисија на Македонија. Посетено на 18 октомври 2017.[мртва врска]
  6. „Ограбени четири цркви и манастир“. Утрински Весник. Архивирано од изворникот на 2022-06-26. Посетено на 2010-09-17. На |first= му недостасува |last= (help)
  7. „Алпинистички клуб - Плоча - Радовиш“. plocaclimbing.com. Архивирано од изворникот на 2014-03-18. Посетено на 24 септември 2019.
  8. „Спорт“. Општина Радовиш преку web.archive.org. Архивирано од изворникот на 2019-09-24. Посетено на 24 септември 2019.

Надворешни врски

уреди