Нобелова награда за мир

Нобелова награда за мир (норвешки и шведски: Nobels fredspris) — една од петте Нобелови награди оставени во наследство од шведскиот индустријалец, изумител и производител на оружје Алфред Нобел заедно со наградите во областа на хемијата, физиката, физиологија или медицината и литературата. Од 1901 година, наградата се доделува секоја година (со некои исклучоци) на оние коишто направиле најмногу за заедништво помеѓу нациите, за укинување или намалување на веќе постоечките вооружени сили и за залагање и пропагирање на мировните конгреси.

Нобелова награда за мир
Nobels fredspris
ДоделуваНорвешки Нобелов комитет Уреди на Википодатоците
Мрежно местоhttps://www.nobelprize.org/prizes/peace/ Уреди на Википодатоците

Потекло

уреди

Според тестаментот на Алфред Нобел, оној којшто ја добива наградата е одбран од страна на Норвешкиот одбор за Нобелови награди, петочлен одбор назначен од страна на Норвешкиот парламент. Од 1990 година, наградата се доделува на 10 декември секоја година во Градското собрание во Осло. Доделувањето на наградата претходно се вршело во Атриумот на Правниот факултет при Универзитетот во Осло (1947-1989 година), во Норвешкиот институт на Нобелови награди (1905-1946 година) и во Парламентот (1901-1904 година).

Според Нобеловиот тестамент, наградата за мир треба се додели на личноста која „ќе има направено најмногу за заедништво помеѓу нациите, за укинување или намалување на веќе постоечките вооружени сили и за залагање и пропагирање на мировните конгреси“.[1] Тестаментот на Алфред Нобел одредува да наградата се доделува од страна на комитет од пет члена избрани од Норвешкиот парламент.[2][3]

Нобел умрел во 1896 година, без објаснување за изборот на наградата за мир како категорија на награда. Бидејќи тој бил хемиски инженер со искуство, категориите хемија и физика биле очигледни избори. Според Норвешкиот одбор за Нобелови награди, најголемо влијание врз неговата одлука да ја вклучи наградата за мир како категорија, имало неговото пријателство со Берта фон Сутнер (Bertha von Suttner), мировна активистка.[4] Некои ученици на Нобел претпоставуваат дека на тој начин Нобел се трудел да надомести за создавање на оружја со разорна моќ. Во неговите пронајдоци се вбројуваат динамитот и балиститот, кои биле злоупотребувани за време на неговиот животен век.[5] Така, Ирското републиканско братство извршило напади со динамит во 1880-те години.[6] Нобел бил од помош во менување на Bofors од компанија за производство на железо и челик во компанија за производство на оружје.

Нејасно е зошто Нобел сакал мировната награда да се доделува во Норвешка, која се наоѓала под власт на Кралството Шведска во времето кога тој починал. Норвешкиот одбор за Нобелови награди шпекулира дека Нобел ја земал Норвешка како посоодветна за доделување на наградата, бидејќи Норвешка немала иста воена позадина како Шведска. Одборот забележал дека при крајот на деветнаесеттиот век, Норвешкиот парламент станал тесно вмешан во напорите на Интерпарламентарната унија да ги реши конфликтите преку медијација и арбитража.[4]

Номинација и селекција

уреди

Норвешкиот парламент го именува одборот за Нобелови награди, кој го одбира лауреатот на Нобелова награда за залагање за мир.

Номинација

уреди

Секоја година, Норвешкиот одбор за Нобелови награди посебно повикува квалификувани индивидуалци да приложат номинации за Нобеловата награда за мир.[7] Законските одредби на Фондацијата одредуваат категории на луѓе кои се квалификувани да се номинираат за наградата.[8] Овие кандидати за номинација се:

  • членови на државни парламенти и влади и членови на Интерпарламентарната унија;
  • членови на Постојаниот арбитражен суд и Меѓународниот суд на правда во Хаг;
  • членови на Институтот за меѓународно право;
  • универзитетски професори по историја, општествени науки, филозофија, право и теологија, универзитетски декани и директори на иститути за мировни истражувања и меѓународни работи;
  • претходни добитници на наградата, вклучувајќи и членови на одбор на организација кои претходно ја имаат освоено наградата;
  • сегашни и поранешни членови на Норвешкиот одбор за Нобелови награди;
  • поранешни постојани советници на Норвешкиот Нобелов институт;

Номинациите вообичаено мора да бидат приложени до одборот до почетокот на февруари во наградната година. Номинации од членови на одборот можат да се поднесат сè до датата на првиот состанок на одборот, после овој рок.[8]

Во 2009 година се примиле рекордни 205 номинации,[9] но рекордот се надминал во 2010 година со 237 номинации. Во 2011 година рекордот се надминал уште еднаш со 241 номинација.[10] Законските одредби на Нобеловата фондација не дозволуваат јавно откривање на информации за номинациите, мислења и истражувања поврзани со доделувањето на наградата, барем педесет година откако самата награда е доделена.[11] Со времето многумина индивидуалци станаа познати како кандидати за Нобелова награда за мир, но овој назив не е официјализиран.[12] Меѓутоа, номинации од периодот од 1901 до 1956 година се објавени во база на податоци.[13]

Избирање

уреди

Номинации се разгледувани на собир на Норвешкиот одбор каде се формира кратка список на кандидати за понатамошно разгледување. Оваа листа е потоа разгледувана од постојани советници на Нобеловиот институт, кој се состои од раководителот на институтот, раководителот на одделот за научно истражување и мал број на Норвешки академици со експертиза во тематските области поврзани со наградата. Советниците вообичаено имаат неколку месеци за да ги формираат извештаиите, кои потоа се разгледувани од страна на одборот со цел да се избере лауреатот. Одборот настојува да постигне едногласна одлука, но тоа не секогаш е возможно. Одборот вообичаено ја сведува својата одлука кон средината на септември но повремено крајната одлука не е донесена сè до последниот собир пред официјално прогласување на почетокот на октомври.[14]

Доделување на наградата

уреди

Претседавачот на Норвешкиот одбор за Нобелови награди, во присуство на Кралот на Норвешка, ја предава Нобеловата награда за мир на десетти декември секоја година (таа дата вооедно ја означува и годишнината од смрта на Нобел). Наградата за мир е единствената Нобелова награда која не се доделува во Стокхолм. Нобеловиот лауреат добива диплома, медал и документ кој ја потврдува сумата на наградата.[15] Тргнувајќи од 2019 година, наградата вреди десет 9 шведски круни. Од 1990 година церемонијата за Нобеловата награда за мир се држи во Градското собрание во Осло.

Од 1947 до 1989 година церемонија се одржувала во Атриумот на Правниот факултет при Универзитетот во Осло, неколку стотина метри од Градското собрание во Осло. Помеѓу 1905 и 1946 година во Нобеловиот институт, а од 1901 до 1904 година во Норвешкиот парламент.[16]

Критики

уреди

За разлика Нобелови награди во областа на науката и литературата, кои вообичаено се доделуваат во ретроспектива од две или три година по награденото достигнување, Нобеловата награда за мир се доделува за понеодамнешни или моментални достигнувања,[17] или со намерата за охрабрување за идни достигнувања.[17][18] Одредени критичари мислат дека да се додели награда за мир врз основа на современо мислење од дадена епоха кое не може да се измери е неправедно или дури и погрешно, особено бидејќи не може да се каже дека повеќето од судиите се непристрасни набљудувачи.[19]

Во 2011 година, норвешкиот дневен весник „Aftenposten“ изјавил дека главните критики за наградата биле обврската на Норвешкиот одбор за Нобелови награди да регрутира членови од професионална и меѓународна позадина, а не пензионирани парламентарци, преголемата ограниченост на критериумите на одборот при избор на добитникот на наградата и потребата на построго придржување до тестаментот на Нобел.[20] Во оваа статија, Норвешки историчар Еивинд Стернесен (нор. Øivind Stenersen) тврди дека Норвешка е способна да ја користи наградата како инструмент за создавање на националниот идентитет и потпомагање на норвешките економски интереси и надворешна политика.

На 3 март 2015 година, за првпат во 114-годишната историја на наградата бил сменет претседателот на Комисијата што ја доделува наградата. Имено, Торбјоерн Јагланд, поранешен премиер на Норвешка од Лабуристичката партија, кој бил претседател на комисијата од 2009 година бил деградиран во член на комисијата, на местото претседател била поставена Каси Кулман Фиве, поранешната претседателка на Конзервативната партија. Оваа невобичаена смена на претседателот на комисијата се случила откако десничарските партии оствариле мнозинство во членството на комисијата. Инаку, Јагланд бил критикуван поради доделувањето на Нобеловата награда за мир на нколку контроверзни личности и организации, како: Барак Обама (која ја добил наградата неколку месеци пред да стане претседател на САД), кинескиот дисидент Љу Сјаобо и Европската Унија.[21]

Наводи

уреди
  1. „Excerpt from the Will of Alfred Nobel“. Nobel Foundation. Посетено на 26 јануари 2021.
  2. Нордлингер, Џај (20 март 2012). Peace, They Say: A History of the Nobel Peace Prize, the Most Famous and Controversial Prize in the World (англиски). Encounter Books. стр. 24. ISBN 9781863035999.
  3. Левуш, Рут (7 декември 2015). „Alfred Nobel's Will: A Legal Document that Might Have Changed the World and a Man's Legacy | In Custodia Legis: Law Librarians of Congress“. blogs.loc.gov. Посетено на 28 јануари 2021.
  4. 4,0 4,1 „Why Norway?“. The Norwegian Nobel Committee. Посетено на 28 јануари 2021.
  5. Алтман, Л. (2006). Alfred Nobel and the prize that almost didn't happen. New York Times. Посетено на 28 јануари 2021.
  6. BBC History – 1916 Easter Rising – Profiles – The Irish Republican Brotherhood BBC
  7. „Nomination for the Nobel Peace Prize“. Nobel Foundation. Архивирано од изворникот на 30 август 2009. Посетено на 28 јануари 2021.
  8. 8,0 8,1 „Who may submit nominations?“. The Norwegian Nobel Committee. 8 октомври 2017. Архивирано од изворникот на 30 јуни 2013. Посетено на 28 јануари 2021.
  9. „President Barack Obama wins Nobel Peace Prize“. Associated Press on yahoo.com. Архивирано од изворникот на 2009-10-12. Посетено на 28 јануари 2021.
  10. „Nominations for the 2011 Nobel Peace Prize“. Nobel Foundation. Архивирано од изворникот на 11 октомври 2011. Посетено на 28 јануари 2021.
  11. „Confidentiality“. Nobel Foundation. Посетено на 28 јануари 2021.
  12. „Who may submit nominations – Nobels fredspris“. Архивирано од изворникот на 2013-05-17. Посетено на 28 јануари 2021.
  13. „Nomination Archive – NobelPrize.org“. Nobelprize.org. Посетено на 28 јануари 2021.
  14. „How are Laureates selected?“. The Norwegian Nobel Committee. Архивирано од изворникот на 31 август 2009. Посетено на 28 јануари 2021.
  15. What the Nobel Laureates Receive Архивирано на 30 октомври 2007.. nobelprize.org.
  16. „Prisutdelingen | Nobels fredspris“. Nobelpeaceprize.org. Архивирано од изворникот на 4 ноември 2012. Посетено на 28 јануари 2021.
  17. 17,0 17,1 „Obama Peace Prize win has some Americans asking why?“. 9 октомври 2009 – преку Reuters.
  18. „Obama's peace prize didn't have the desired effect, former Nobel official says“. Associated Press. Посетено на 28 јануари 2021.
  19. Марфи, Клер (10 August 2004). „The Nobel: Dynamite or damp squib?“. BBC online. BBC News. Посетено на 28 јануари 2021.
  20. Нобел, Мајкл (9 декември 2011). „I strid med Nobels vilje“. Aftenposten (норвешки). Осло, Норвешка. Посетено на 28 јануари 2021.
  21. „Контроверзна смена во Нобеловата комисија за мир“, Утрински весник, година XVI, број 4725, четврток, 5 март 2015, стр. 13.