Ница
Ница (француски: Nice; окситански: Niça [класичен облик] или Nissa [нестандардно], италијански: Nizza или Nizza Marittima, грчки: Νίκαια, латински: Nicaea) — петти најнаселен град во Франција, по Париз, Марсеј, Лион и Тулуза. Урбаната област на Ница се протега надвор од административните граници на градот со население од околу еден милион[1][2] и зафаќа површина од 721 км2.[1] Сместен на југоисточниот брег на Франција на Средоземното Море, Ница е вториот најголем француски град на средоземниот брег, веднаш зад Марсеј.
Ница Nice | |||
---|---|---|---|
| |||
Координати: 43°42′N 7°16′E / 43.70° СГШ; 7.26° ИГД | |||
Земја | Франција | ||
Регион | Прованса-Алпи-Азурен Брег | ||
Департман | Приморски Алпи | ||
Округ | Ница | ||
Општ. заедница | Ница-Азурен Брег | ||
Управа | |||
• Градоначалник (2008–14) | Кристијан Естрози | ||
Површина1 | 71,92 км2 (2,777 ми2) | ||
Население (2014)2 | 343.895 | ||
• Ранг | 5. во Франција | ||
• Густина | 48/км2 (120/ми2) | ||
• Градскo (2013) | 1.004.826 | ||
INSEE/Пошт. бр. | 06088 / | ||
1 Катастарски податоци, каде не се вбројани езера, бари и ледници > 1 км2 и речни устија. 2 Единечно пребројување: жителите на повеќе општини (на пр. студенти и воени лица) се бројат само еднаш. |
Градот е наречен Nice la Belle (окситански: Nissa La Bella), што во превод значи Убавата Ница, а исто така е името на неофицијалната химна на Ница, напишана од Меника Рондели во 1912. Ница е главен град на департманот Приморски Алпи и втор најголем град во регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег по Марсеј.
Површината на денешна Ница се протега на „Тера Амата“, археолошко наоѓалиште во кое се најдени докази за многу рано користење на оганот. Околу 350 п.н.е., Грците од Марсеј основале постојана населба и ја нарекле Никеја, по божицата на победата Ника.[3] Низ вековите, градот бил заземан многупати од разни освојувачи. Неговата стратешка местоположба и пристаништето значајно придонеле за неговата поморска сила. Низ вековите бил владение на Савоја, потоа станал дел од Франција помеѓу 1792 и 1815, кога бил вратен на Пиемонт-Сардинија до неговото повторно припојување кон Франција во 1860.
Природната убавина на Ница и нејзината умерена средоземна клима им го привлекло вниманието на богатите Англичани во втората половина на XVIII век, кога голем број на благороднички семејства ги поминувале нивните зими овде. Главното градско шеталиште крај морето, Англиската променада (француски: Promenade des Anglais) го добило своето име во име на посетителите на градот.[4] Сега со декади, сликовитата околина на Ница не ги привлекува само оние во потрага по одмор, туку и оние кои бараат инспирација. Чистиот воздух и пријатното светло особено ги привлекле некои од најдобрите сликари, како Марк Шагал, Анри Матис, Ники де Сен Фал и Арман. Нивните дела се прикажани во многуте градски музеи, вклучувајќи ги музејот „Марк Шагал“, музејот „Матис“ и музејот „Бо-Арт Жил Шере“.[5] Ница го има вториот најголем хотелски капацитет во земјата и е еден од најпосетените градови, посетувајќи го над 4 милиони туристи секоја година. Градот го поседува третиот најпрометен аеродром во Франција по двата аеродрома во Париз.[6] Таа е историски главен град на Грофовството Ница (француски: Comté de Nice).
Историја
уредиОсновање
уредиПрвите населувања во областа на Ница датираат од пред приближно 400.000 години;[7] археолошкиот предел Тера Амата ја покажува првата употреба на оган и изградба на куќи, како и наоѓалишта на кремен кои датираат од пред 230.000 години.[8] Ница (Nicaeа) веројатно била основана околу 350 година п.н.е. од страна на Грците од Марсеј и била наречена „Никеја“ во чест на победата над Лигурците (Ника е грчката божица на победата). Градот набрзо станал едно од најпрометните трговски пристаништа на лигурскиот брег; но имал голем соперник во римскиот град Цеменелум, кој продолжил да постои како засебен град до времето на ломбардските инвазии. Урнатините од Цеменелум сега се наоѓаат во Симје (Cimiez), денес округ на Ница.
Ран развој
уредиВо VII век Ница се приклучил на Џеновската лига основана од страна на градовите во Лигурија. Во 792 година градот ги поразил Сарацените; но во 859 и повторно во 880 година, Сарацените го ограбиле и запалиле и за време на поголемиот дел од X век останале владетели на околните земји.
Во текот на средниот век, Ница учествувала во војните и историјата на Италија. Како сојузник на Пиза била непријател на Џенова, и кралот на Франција и царот настојувале да го потчинат градот; но, и покрај тоа, градот ја задржал својата слобода. За време на XIII и XIV век, градот повеќепати паднал во рацете на грофовите од Прованса, но на крајот останала независна, иако била поврзана со Џенова.
Ница и Савоја
уредиВо 1388 година градот прифатил да биде под заштита на грофовите на Савоја. Ница директно или индиректно учествувала во историјата на Савоја, сè до 1860 г.
Поморската сила на Ница значително се зголемила и била способна да излезе на крај со варварските пирати; утврдувањата на градот биле доста проширени, а патиштата во градот биле подобрени. Во 1561, Емануел Филберт, војвода на Савоја, ја укинал употребата на латинскиот како административен јазик и го поставил италијанскиот јазик како службен јазик во владините служби во Ница.
За време на борбата меѓу Франсоа I и Карло V била направена голема штета од страна на армиите кои ја напаѓале Прованса; чума и глад во градот владееле неколку години. Во 1538, во соседниот град Вилнев-Лубе, двајцата монарси потпишале десетгодишно примирје, со посредство на папата Павле III.[9]
Во 1543, Ница била нападната од обединетите османлиско-француски сили на Франсоа I и пашата Хајрудин Барбароса; иако жителите пружиле отпор на нападот кој следел по ужасното бомбардирање, тие биле принудени на крајот да се предадат, а на Барбароса му било дозволено да го ограби градот и да одведе 2.500 заробеници. Чумата повторно се појавила во 1550 и 1580.
Во 1600, Ница била на кратко преземена од војводата од Гиз. Со отворањето на пристаништата за сите народи и објавувајќи целосна слобода на трговија (1626), на трговијата на градот ѝ бил даден голем поттик, а благородните фамилии учествувале во трговските претпријатија.
Заземен од страна на Катина во 1691 година, Ница била одново вратена на Савоја во 1696; но, во 1705 била повторно запоседната од страна на Французите и следната година биле уништени тврдината и бедемите.
Со договорот од Утрехт во 1713 градот повторно е вратен на војводата од Савоја, кој со истиот договор станал Крал на Сицилија. Во мирните години кои следеле подоцна бил изграден „новиот град“. Од 1744 до Ахенскиот мир (1748), Французите и Шпанците повторно стануваат владетели. Во 1775, кралот, кој во 1718 го заменил суверенитетот на Сицилија за Кралството на Сардинија, ги уништил сите слободи на комуната. Освоено во 1792 од страна на армиите на Првата Француска Република, Грофовството Ница продолжило да биде дел од Франција сè до 1814 година; но потоа било вратено на Кралството Сардинија-Пиемонт.
Француска Ница
уредиПо Торинскиот договор склучен во 1860 година помеѓу кралот на Сардинија и Наполеон III, грофовството повторно и за последен пат било отстапено на Франција како територијална награда за помошта на Французите во Втората италијанска војна за независност против Австрија, по која Ломбардија била обединета со Пиемонт-Сардинија. Отстапувањето било потврдено на регионален референдум од страна на 25.000 од вкупно 30.700 избирачи во корист на припојувањето кон Франција. Савоја била предадена на француската круна на сличен начин. Џузепе Гарибалди, роден во Ница, силно се противел на отстапувањето кон Франција (тврдејќи дека тоа не било направено со „универзално“ гласање) и во 1866 имало уште попопуларни немири во градот, поддржани од страна на „Гарибалдини“ во корист на соединувањето на Ница со Италија. Италијанските иредентисти ја сметале Ница како едно од нивните главни националистички барања, заедно со Истра, Далмација, Корзика и Тренто. Во 1942-1943 година, градот бил окупиран и управуван од страна на Италија за време на Втората светска војна.
XX век го најавил доаѓањето на модерниот превоз. Во 1900, трамвајот во Ница ги електрифицирал трамваите влечени од коњи и ја проширил својата мрежа низ целиот департман од Ментон до Кањ. До крајот на 1930 биле додадени автобуски линии во сообраќајната мрежа на целата област. Почнувајќи од 1932 година Ница е домаќин на меѓународни трки со коли во „Формула Либре“ (претходник на Формула Еден) на т.н. Круг Ница. Кругот почнувал по должината на крајбрежјето, јужно од градината Алберт I, потоа западно по должина на Шеталиштето по што следела кривина кај хотелот Негреско за да се врати источно и околу градината Алберт I, пред повторно да почне источно по кејот и плажата. Во 1932 година Луј Широн ја освоил Гран при наградата возејќи Бугати Т51. Во 1933 трката ја освоил Тазио Нуволари со Мазерати 8Ц, а во 1934 трката повторно ја освојува Италијанец. Последната сезона на Гран при во Ница е во 1935, кога Алфа Ромео Типо доминира на кругот во рацете на Тазио Нуволари и Луј Широн кој се пласира на второто место и Рене Дрејфус кој завршува трети.
Како што избувнала војната во 1939 година, Ница станала град-засолниште за многу раселени странци, посебно Евреи, кои бегале од продирањето на нацистите во Источна Европа. Од Ница, многумина барале понатамошно засолниште во француските колонии, Мароко и Северна и Јужна Америка. По јули 1940 и воспоставувањето на режимот Виши, антисемитските напади го забрзале отселувањето, почнувајќи во јули 1941 и продолжувајќи низ 1942 година. На 26 август 1942, 655 Евреи од странско потекло биле уапсени од Владата на Лавал и затворени во касарните Овар. Од нив, 560 биле депортирани во кампот Дранси на 31 август 1942. Благодарение на активноста на еврејскиот банкар Анџело Донати и францускиот калуѓер Пер Мари-Беноа, локалните власти ја спречиле примената на антиеврејските законо донесени од режимот Виши.[10]
Првите знаци на отпор на новиот режим биле група на средношколсци од Гимназијата Ница, сегашна Гимназија Масена, во септември 1940, кои подоцна биле уапсени и погубени во 1944 близу Кастејан. Првите јавни протести се случиле на 14 јули 1942, кога неколку стотици протестанти ги наполниле улиците долж Авенијата на Победата и Плоштадот Масена. По ноември 1942 и доаѓањето на италијанските трупи кои го окупирале градот, останала одредена колебливост меѓу народот, многу скорашни имигранти од италијанско потекло. Сепак, отпорот добил на значење кога Италијанците се предале во 1943 година, а германските трупи ја окупирале Вишиевска Франција. Одмаздите се засилиле помеѓу декември 1943 и јули 1944, кога бројни партизани биле измачувани и погубени од страна на локалниот Гестапо и француската Милиција. Ница исто така била силно бомбардирана од американското воздухопловство во подготовките за здруженото приземјување во Прованса, поради што имало над 1.000 мртви или повредени и повеќе од 5.600 бездомни и настапила општа глад во текот на летото 1944. Конечно американските падобранци влегле во градот на 30 август 1944 и Ница била конечно ослободена. Последиците од војната биле тешки, населението се намалило за 15%, а економскиот живот бил целосно уништен.
Во втората половина на XX век Ница доживеала економски бум главно настанат поради туризмот и градежништвото. Во овој период доминирале две личности: Жан Медецин, градоначалник во период од 33 години, од 1928 до 1943, и од 1947 до 1965, и неговиот син Жак, градоначалник 24 години, од 1966 до 1990. Под нивно раководство, градот доживеал опширно урбано обновување и биле изградени голем број нови градби (конвенциски центар, театри, нови премини и автопати, итн...). Доаѓањето на Франкоалжирците, бегалци од Алжир по независноста во 1962 година, исто така му дале поттик на градот и донекаде го промениле неговото население и традиционални погледи. До крајот на доцните 1980-ти, излегле на површина гласини за политичка корупција во градското собрание и на крај биле подигнати службени обвиненија против Жак Медецин, кои го принудиле да ја напушти Франција во 1990. Подоцна бил уапсен во Уругвај во 1993, по што бил екстрадиран назад во Франција во 1994, каде бил осуден за повеќе корупциски скандали и придружни кривични дела, кои му донеле затворска казна.
На 16 октомври 1979, западниот брег на Ница го удира цунами, како последица на подводни одрони на земја; во овие настани загинале околу 23 лица.
Во февруари 2001, европските водачи се сретнале во Ница да преговараат и да го потпишат тоа што денеска се нарекува Договорот од Ница, дополнувајќи ги институциите на Европската Унија.
Во 2003, локалниот јавен обвинител Ерик де Монголфје навел дека некои судски случаи вклучувајќи локални личности биле сомнително отфрлени од страна на локалните судови, за кои тој се сомневал дека имаат штетни контакти преку масонските ложи токму со тие луѓе кои се прогонети или осудени. Подоцна, контроверзен службен извештај навел дека Монтголфје имал неоправдани обвиненија.
Грб
уредиГрбот на Ница за првпат се појавува во копија на Прописите на Амадеј VIII, веројатно напишани околу 1430 г.[11] Ница е симболизирана со црвен орел на бела позадина, поставен на три планини, кои на францускиот хералдички јазик се опишуваат како „d'argent à une aigle de gueule posée sur trois coupeaux“.[11] Грбот претрпел само мали промени: орелот станувал сè повеќе стилизиран, денес има дијадема за Грофовството Ница и трите планини денес се опкружени со стилизирано море.[11]
Присуството на орелот, царски симбол, покажува дека овој грб е поврзан со моќта на Савојската династија. Орелот кој стои над трите ридови е илустрација и опис на Савоја, наведувајќи на неговата доминација над земјата околу Ница.[11] Мешавината на бела и црвена боја упатува на боите на знамето на Савоја. Трите планини ја симболизираат територијална чест, без грижа за географски реализам.[11] Со неговата симболична структура, грбот на Ница е знак на верност и лојалност кон Савојската династија.
Администрација
уредиСместена во регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег, Ница е општина и префектура (административно седиште) во департманот Поморски Алпи. Сепак, Ница е најголем град во Франција, кој не е регионална престолнина; многу поголемиот Марсеј е главен град на регионот. Моментален градоначалник на Ница е Кристијан Естрози, кој бил избран во 2008. Тој е член на Сојузот за народно движење, партијата на поранешниот претседател Никола Саркози.
Клима
уредиНица има средоземна клима (Кепен: Csa): градот ужива благи температури најголем дел од годината; врнежите се многу умерени и главно концентрирани во зимата. Тој е ветровит град, особено во пролет. Летата се топли, суви и сончеви. Во овој период врнежите се ретки и во еден типичен јули месец може да се измерат само еден или два дена со врнежи. Температурите ретко одат под 20°С и често достигнуваат 30°С. Просечната максимална годишна температура е околу 35°С. Просечната максимална температура во најтоплите месеци јули и август е околу 27 °C. Апсолутната максимална температура во Ница била 37,7°С на 1 август 2006. Есента главно почнува сончево во септември и станува повеќе облачна и дождлива накај октомври, додека температурите обично остануваат над 20°С, сè до ноември кога почнува да се разладува до околу 17°С. Зимите се одликуваат со благи денови (11°С до 17°С), студени ноќи (4°С до 9°С) и променливо време. Деновите можат да бидат или сончеви и суви или влажни и дождливи. Мразот е редок, а снежните врнежи се толку екстремно ретки што граѓаните ги памтат како посебни случки. Просечната минимална температура во јануари е околу 5 °C. Годишната просечна минимална температура е околу 1°С. Пролетта започнува благо и дождливо кон крајот на март и станува значително топла и сончева накај јуни.
Клима на {{{Место}}} | |||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Показател | Јан | Фев | Мар | Апр | Мај | Јун | Јул | Авг | Сеп | Окт | Ное | Дек | Годишно |
Просечна максимална (°C) | 13,1 | 13,4 | 15,2 | 17 | 20,7 | 24,3 | 27,3 | 27,7 | 24,6 | 21,0 | 16,6 | 13,8 | 19,5 |
Просечна минимална (°C) | 5,3 | 5,9 | 7,9 | 10,2 | 14,1 | 17,5 | 20,3 | 20,5 | 17,3 | 13,7 | 9,2 | 6,3 | 12,4 |
Просечно кол. врнежи (мм) | 69,0 | 44,7 | 38,7 | 69,3 | 44,6 | 34,3 | 12,1 | 17,8 | 73,1 | 132,8 | 103,9 | 92,7 | 733 |
Врнежливи денови (≥ 2,0 мм) | 6 | 5 | 5 | 7 | 5 | 4 | 2 | 2 | 5 | 7 | 7 | 6 | 61 |
Сончеви часови (месечно) | 158 | 171 | 217 | 224 | 267 | 306 | 348 | 316 | 242 | 187 | 149 | 139 | 2,724 |
Растителност
уредиПриродната растителност на Ница е типична за средоземните предели, со голема застапеност на широколисни зимзелени грмушки. Дрвјата се распрскани, но во некои области се сретнуваат густи шуми. Големи видови домашни дрвја се зимзелените дрвја како зелен даб, бор и јагодник (Arbutus). Многу видови растат во парковите и градините. Палмите, авкалиптот и агрумите се меѓу оние дрвја кои ѝ даваат на Ница суптропски изглед. Но, исто така, има и видови кои се блиски на умерените области низ целиот свет; примерите вклучуваат костен, липа, дури и норвешка смрека.
Географски, Ница се состои од два големи залива. Вилјафранш на Море се наоѓа на затворен залив, додека главниот подем на градот се наоѓа помеѓу стариот пристаништен град и аеродромот, низ благо затворен залив. Градот се издига од рамна плажа до благо високи ридови, додека е опкружен од околните планини кои се во рамки на масивот Лигурски Алпи.
Стопанство
уредиНица е седиште на Трговско-индустриската комора за Азурниот Брег (Chambre de commerce et d'industrie Nice Côte d'Azur). Комората управува со Аеродромот Ница Азурен Брег и со Аеродромот Кан Манделе, како и со пристаништето во Ница. Инвеститорите од Франција и пошироко можат да побараат поддршка од Агенцијата за економски развој на Азурниот Брег.
Помеѓу туристите, Ница е втор француски град по популарност зад Париз, факт кој, поврзан со тешкотиите за копнено патување на големи растојанија (делумно поради Алпите), овозможува Ница да го има третиот најпрометен аеродром во Франција по број на патници (близу 10 милиони во 2005 година).
Ница има еден конференциски центар: Конгресна палата Акрополис (Palais des Congrès Acropolis). Градот исто така има неколку бизнис-паркови.
Покрај тоа, во градот се наоѓаат повеќе шопинг-центри како: Nice Star, Nice TNL, Nice Lingostière, Northern Forum, St-Isidore, Trinity и Cape 3000 во Сен Лоран ди Вар.
Софија Антиполис (Sophia Antipolis) — технолошки парк северозападно од Антиб. Поголемиот дел од паркот спаѓа во општината Валбон. Изграден помеѓу 1970 и 1984 година, главно покрива компании во областа на компјутерството, електрониката, фармацијата и биотехнологијата. Исто така тука се сместени повеќе институции за високо образование, заедно со европските главни штабови. Овој парк е именуван по Софи Гилкман-Тумаркин, жена на францускиот сенатор Пјер Лафит, основач на центарот, и случајно, Софија, како божица на мудроста. Втората половина од името на центарот доаѓа од Антиполис, античко грчко име на градот Антиб.
Метрополитенската област Ница има БМП во вредност од 47,4 милијарди долари и околу 34.480 американски долари по глава на жител.[12]
Сообраќај
уреди- Пристаниште
Пристаништето на Ница исто така е познато под името Лимпија. Името доаѓа од изворот Лимпија од кој се полнело некое мало езеро во мочуришното подрачје, каде што започнала работата на пристаништето во 1745 година. Денес, тоа е главната пристанишна постројка во Ница — има и помало пристаниште во округот Карас. Пристаништето е прв пристаништен произведувач на цемент во Франција. Рибарските активности сѐ уште постојат, но бројот на професионални рибари сега е помал од 10. Ница, како најблиска точка на континентална Франција со Корзика, има фериботска врска со островот. Врските ги овозможуваат две компании: SNCM, делумно јавна компанија, и Corsica Ferries-Sardinia Ferries, целосно приватна компанија. Плоштадот Касини сместен пред пристаништето бил преименуван во Плоштад Корзика.
- Аеродром Ница Азурен Брег
Аеродромот Ница Азурен Брег е третиот најзначаен аеродром во Франција по двата аеродроми во Париз, Шарл де Гол и Орли. Тој се наоѓа на Англиското шеталиште, близу Аренас, и има два терминали. Поради близината до Кнежевството Монако, тој исто така служи како аеродромот на оваа град-држава. Градот и аеродромот се поврзани преку хеликоптерски линии обезбедени од Heli Air Monaco и Monacair; просечно има 39 лета дневно. Тој е управуван од страна на Трговско-индустриската комора за Азурниот Брег. Негов раководител е Ерве де Плас, директор на аеродромите на Азурниот Брег, во кои спаѓа и меѓународниот аеродром Кан-Манделе. Во 2009, близу десет милиони патници поминале низ аеродромот.[13]
- Железница
Главната железничка станица е Ница-Вил. Брзите TGV возови го поврзуваат Париз со Ница за помалку од шест часа, додека до Марсеј патувањето трае два и пол часа. Ница исто така има меѓународни линии до Италија, Швајцарија, Белгија и Русија.[14]
- Трамвај
Трамвајот во Ница започнал да работи со трамваи влечени од коњи во 1879. Бил електрифициран во 1900 и комбинираната должина на мрежата достигнала 144 километри до 1930. Замената на трамваите со тролејбуси започнала во 1948 и била завршена во 1953. Во 2007, новиот трамвај на Ница ги поврзал северните и источните предградија преку центарот на градот. Се планираат уште две други линии. Втората линија ќе води од исток на запад, од пристаништето до аеродромот, продолжувајќи до Кањ на Море, додека третата линија ќе обезбеди врска до идната железничката станица Ница Свети Августин Линжостиер.[15]
- Патишта
Автопатот А8 и националниот пат 7 поминуваат низ агломерацијата Ница, поврзувајќи го Марсеј со Италија.
Главни знаменитости
уредиАнглиското шеталиште (француски: Promenade des Anglais) — познатата променада долж Заливот на ангелите (француски: Baie des Anges), залив во Средоземното Море, во Ница. Пред Ница да биде урбанизирана, крајбрежјето на Ница било составено само со напуштена плажа со големи камења. Првите куќи биле сместени на повисоко земјиште доста далеку од морето, па така богатите туристи во XVIII век не ја посетувале Ница поради плажата, туку поради убавото време во зима. Областите близу водата биле дом на пристанишните работници и рибарите на Ница.
Почнувајќи од втората половина на XVIII век, на многу богати Англичани им се допаѓало да ја поминуваат зимата во Ница, уживајќи во панорамата покрај брегот. Кога една многу остра зима донела прилив на бегалци во Ница, некои од богатите Англичани предложиле корисен проект за нив: изградба на патека (француски: chemin de promenade) покрај морето.
Градот Ница, заинтригиран од планот за пријатно шеталиште, значително го зголемил подрачјето за работа. Шеталиштето на почетокот било наречено Англиски пат (француски: Camin dei Anglès) од страна на граѓаните на нивниот домашен дијалект. По припојувањето на Ница во Франција во 1860, шеталиштето било преименувано во Англиска променада, заменувајќи го поранешното дијалектно име со негов францускиот превод.
Хотелот Негреско на Шеталиштето е именуван по Анри Негреско (1868-1920), кој го поседувал овој величествен хотел изграден во 1912 година. Кога Негреско за првпат се отворил во 1913 година, неговиот влез бил од спротивната страна на морето.
Уште едно место коешто вреди да се спомене е малата паралелна улица на Шеталиштето, која води од центарот на Ница, почнувајќи од плоштадот Масена (француски: Place Masséna) и продолжува паралелно со Шеталиштето во насока на аеродромот, на кратко растојание од околу 4 блокови. Овој дел од градот е наречен „Пешачка зона“ (француски: Zone Pietonne). Автомобилите не се дозволени (со исклучок на камионите за испорака), правејќи ја улицата омилено шеталиште, забраната за автомобили овозможува помирна околина. Туристите овде можат да најдат првокласен избор на ресторани, специјализирани во разни кујни. Исто така има голем избор на кафетерии каде може да се испие еспресо или да се избере од многуте специјалитети од кафиња, сладоледи и десерти, набљудувајќи го градот. Многубројни се и малите продавници за облека, чевли и сувенири.
Други знаменитости се:
- Замокот (Château)
- Споменик на мртвите (Monument aux morts)
- Пристаништето
- Пазарот Салеја (Cours Saleya)
- Ботаничката градина (Jardin botanique de la Ville de Nice)
- Музејот Масена ( Musee Massena)
- Цветниот пазар (Marché aux fleurs)
- Стариот град
- Гранд Хотел Империјал (Grand Hôtel Impérial)
- Тврдината Мон Албан (Fort du Mont-Alban)
Плоштади
уредиПлоштад Масена
уредиПлоштадот Масена (француски: Place Masséna) — главниот плоштад во градот. Пред реката Пејон да биде прекриена, единствениот практичен пат меѓу стариот и новиот град бил мостот Пон неф. На тој начин плоштадот бил поделен на два дела (Северен и Јужен) во 1824 г. Со рушењето на Казиното Масена во 1979 година, плоштадот Масена станал попросторен и помалку збиен и сега е ограничен со црвени окер згради од италијанската архитектура.
Скорешното обновување на трамвајските шини го врати плоштадот на пешаците, враќајки го својот статус на вистински средоземен плоштад. Околу плоштадот се засадени палми и борови. Од својата изградба, плоштадот Масена секогаш претставувал место за големи јавни случувања. Се користи за концерти, посебно за време на летните фестивали, карневалот во февруари, воената поворка на 14 јули (Денот на Бастилја) и други традиционални прослави и банкети.
Плоштадот Масена се наоѓа на две минути пешачење од Англиското шеталиште, стариот град, центарот на градот и градината Алберт I. Исто така претставува голема раскрсница помеѓу повеќе главни улици во градот.
Плоштад Гарибалди
уредиПлоштадот Гарибалди (француски: Place Garibaldi) исто така се истакнува со својата архитектура и историја. Тој е именуван по Џузепе Гарибалди, херој на италијанското единство (роден во Ница во 1807, кога Ница била дел од Наполеонското царство, пред повторно да се врати на Кралството на Пиемонт и Сардинија). Плоштадот бил изграден на крајот од XVIII век и служел како влезна порта во градот и крај на патот за Торино. Помеѓу 1780 и 1870 имал повеќе имиња (Перулиера, Плоштад на Републиката, Наполеон, Плоштадот на Армијата, Св. Августин, Виторио) и конечно во септември 1870 го добива денешното име.
На средина на плоштадот стои статуа на Гарибалди, кој жестоко се борел за обединувањето на Ница со Италија. Скорешното обновување на просторот за да се прилагоди на новите трамвајски шини, им го предаде скоро целиот плоштад на пешаците. Архитектурата е според Торинскиот модел, кој претставувал норма за урбаното обновување низ целата област на Савојската династија.
Тој е раскрсница помеѓу стариот град (Vieux Nice) и центарот на градот. Плоштадот Гарибалди е блиску до источните квартови на Ница, пристаништето Лимпија и трговскиот центар ТNL. Исто така, овој плоштад е спој на повеќе важни улици.
Плоштад Розети
уредиЦелосно затворен и создаден за пешаци, овој плоштад се наоѓа во срцето на стариот град. Со типични згради во црвена и окер боја кои го опкружуваат плоштадот, катедралата Сен Репарат (француски: Саthédrale Sainte-Réparate) и фонтаната во центарот, Плоштадот Розети (Place Rossetti) — место кое мора да се види во стариот град. Преку ден, плоштадот е претрупан со терасите на традиционалните ресторани и најдобрите продавачи на сладолед. Преку ноќ, околината радикално се менува, туристи и млади луѓе се собираат на плоштадот, каде музиката ѕуни на ѕидовите на малиот плоштад. Ноќното осветлување на плоштадот му дава магичен изглед.
Пазарот Салеја
уредиПазарот Салеја се наоѓа паралелно на Кејот. Во минатото тој припаѓал на повисоките класи. Тоа е веројатно најтрадиционалниот кварт во градот, со неговиот дневен цветен пазар. Пазарот Салеја (француски: Cours Saleya) исто така излегува на Палатата на Кралевите на Сардинија (француски: Palais des Rois Sardes). Денес, овој „двор“ е главно место за забава. Тука можат да се најдат добри ресторани со типична кујна на Ница, продавници и многу пабови. Тоа е без сомнение едно од најактивните места во Ница.
Плоштад на Палатата
уредиКако што означува името, овој плоштад се наоѓа каде што е сместена Судската Палата (француски: Palais de Justice) на Ница. На овој плоштад се наоѓа и Палатата Руска (француски: Palais Rusca) која исто така припаѓа во областа на судството.
Плоштадот е знаменит и по присуството на градскиот часовник. Денес, плоштадот на Палатата живее и дење и ноќе. Посебно го ценат младите кои се собираат на скалите кои водат кон Судската Палата, често со алкохол во рака. Ова место не е голем бар под отворено небо, иако концертите, анимациите и други настани се доста чести.
Плоштадот се наоѓа на пола пат помеѓу пазарот Салеја и плоштадот Масена.
Религиозни
уреди- Катедрала Сен Репарат, XVII век
- Руска православна катедрала
- Богородична црква
- Црква Св. Јованка Орлеанка, XX век
Спорт и забава
уреди- Стад ди Реј
- Стадион Шарл Ерман
- Палата Никеја
- Џез фестивал Ница
Спорт
уредиНаселение
уредиСпоред проценките на Државниот институт за статистика и економски науки (фр.: INSEE), населението на Ница во 2014 година броело 343.895 жители. Според тоа, Ница е петтиот по големина град во Франција, по Париз, Марсеј, Лион и Тулуза. Агломерацијата на Ница, дефинирана од страна на INSEE, е дом на 1.004.826 жители (петта најнаселена во Франција), а урбаната површина брои 933.080 жители, што ја прави шеста по големина во Франција.
Градот доживеал голем демографски подем во втората половина на XIX век, период кога населението се зголемило за повеќе од половина, главно за време на француската имиграција. На почетокот на XX век, овој подем се интензивира со доаѓањето на внатрешни имигранти од самото Грофовство Ница.
По Првата светска војна, градот имал голем пораст на населението. Имиграцијата повторно е причина за овој пораст. Хотелската и градежната индустрија, со полни сили во 1920-тите години, сè повеќе и повеќе го привлекувале светот и на тој начин ѝ овозможиле на Ница да стане град од државно значење. Во 1921, Ница станува единаесеттиот најгусто населен град во Франција, потоа, во 1931 осми, пред да се пласира на шестото место во 1946; потоа градот го достигнува сегашното демографско ниво благодарение на доаѓањето на 600.000 жители вклучувајќи француски државјани од Алжир.
Од 1970-тите, бројот на жители не е значајно сменет; релативната висока миграција во Ница се компензира со негативниот пораст на населението. Ница има висок размер на постари жители.
Моментално, населението на Ница повторно е во раст, а причината за тоа е предноста на климата.
Опсерваторија
уредиОпсерваторијата Ница (француски: Observatoire de Nice) се наоѓа на врвот на Мон Грос (француски: Mont Gros). Оваа опсерваторија е започната во 1879 од страна на банкарот Рафаел Бишофсхајм. Архитектот бил Шарл Гарние, а Густав Ајфел го дизајнирал главниот свод.
Рефракторниот телескоп од 76 сантиметри кој станал употреблив во 1888 година бил најголемиот телескоп во светот во тоа време. Тој бил надминат една година подоцна со рефракторот од 91 сантиметар во Опсерваторијата Лик на Универзитетот Калифорнија.
Како научна институција, Опсерваторијата Ница повеќе не постои. Во 1988 се споила со Центарот за геодинамика и астрометрија (CERGA) за да ја создаде Опсерваторијата Азурен Брег (француски: Observatoire de la Côte d’Azur).
Култура
уредиНица е една од најстарите човечки населби во светот. Близу Ница се наоѓа Тера Амата, археолошко наоѓалиште кое потекнува од раната палеолошка доба. Ница е основана од античките Грци. Исто така, близу Ница се наоѓал и еден независен римски град, Цеменелум, каде што сега се наоѓа ридот на Симје. Тоа е археолошко наоѓалиште со богатства, од кое е ископан само мал дел. Ископаниот предел вклучува термални бањи, арени и римски патишта.
Уште од II век, светлото на градот привлекувало многу познати сликари како Шагал, Матис, Ники де Сен Фал, Клајн, Арман и Сосно. Ница инспирирала многу композитори и интелектулаци во различни земји, како на пример Берлиоз, Росини, Ниче и други.
Ница исто така има повеќе разновидни музеи: Музејот Шагал, Музејот Матис, Музејот на ликовна уметност, Музејот на наивни уметности, Музејот „Тера Амата“, Музејот на азиска уметност, Музејот на модерна и современа уметност, кој отстапува доста простор на познатата „школа на Ница“, Природонаучниот музеј, музејот „Масена“, Поморскиот музеј итн.
Како место за одмор, Ница е домаќин на многу фестивали низ целата година, како Карневалот на Ница и Ница Џез Фестивал.
Ница има впечатлива култура која се должи на нејзината уникатна историја. Локалниот јазик нисардски (Niçard) e окситански дијалект (иако некои научници се расправаат дека е лигурски дијалект). Тој е сѐ уште зборуван од страна на малцинствата. Силните италијански и (во помала мера) корзиканските влијанија го прават појасен од другите провансалски дијалекти.
Во минатото, Ница пречекувала многу имигранти од Италија, (кои продолжиле да го составуваат размерот на населението), како и шпански и португалски имигранти. Сепак, во последните неколку декади имиграцијата е отворена да вклучи имигранти од целиот свет, посебно оние од поранешните северни и западни африкански колонии, како и од југоисточна Азија. Традицијата е сѐ уште жива, посебно во народната музика и танците. Најпопуларниот танц е фарандола.
Од 1860, топ (на тврдината источно од стариот град) испукува точно во дванаесет часот. Пукањето може да се слушне од целиот град. Оваа традиција води до сер Томас Ковентри, кој настојувал да ги потсети граѓаните да имаат ручек на време.[16]
Гастрономија
уредиКујната на Ница е блиска до онаа од Прованса но исто така и од Лигурија и Пиемонт и користи локални состојки (маслиново масло, сардела, овошје и зеленчук), но исто така и од подалечните области, посебно од Северна Европа, бидејќи бродовите кои доаѓале по маслиново масло биле полни со производи за јадење. На тој начин може да се најдат специјалитети како јадења во кои се употребува сушен бакалар.
Ница има неколку локални јадења. Едно од нив е колач со кромид и сардела, наречен Pissaladière. Socca е вид на палачинка направена од брашно од леблебија. Ница исто така е позната по чорбата „бујабес“ (француски: bouillabaisse) и други различни рибји чорби; сушен бакалар; „фарси нисоаз“, јадење направено од зеленчуци полнети со презли и салатата „нисоаз“ од домати со зелени пиперки, варени јајца, туна или сардела и маслинки.
Локалното месо доаѓа од соседните долини, како на пример од овците на Систерон. Локалните риби, како барбун, морска ластовица, сардела, итн., се употребуваат во голема мера, толкава мера што од тоа произлегла и една поговорка: „рибите се раѓаат во море, а умираат во масло“. Нормално, ова се однесува на маслиновото масло кое се прави на ридовите на Ница. Навистина, морската храна е обично доста почитувана во деликатната и здрава кујна на Ница.
Примери на специјалитети во Ница се:
- Beignets de fleurs de courgettes
- Ratatouille
- Pichade
- Pissaladière
- Pan-bagnat
- Socca
- Soupe au pistou
- Tourte de blettes
- Daube
- Farcis
- Salade niçoise
Образование
уредиМеѓународни односи
уредиЗбратимени градови
уредиНица е збратимена со:[17]
Познати луѓе
уреди- Џузепе Гарибалди – италијански генерал, политичар и патриот.
- Албер Калмет – француски лекар, бактериолог и имунолог.
- Симона Вејл – француски адвокат и политичар, преживеан од Аушвиц
- Жоан Сфар – француски стрип цртач и режисер на филмови.
- Жан-Пјер Моки – француски режисер на филмови, глумец, сценарист и продуцент.
- Жан-Мари Гистав ле Клезио – француски автор и професор, добитник на Нобеловата награда за книжевност 2008[23]
- Рене Касен – француски правник, професор и судија, ја добил Нобеловата награда за мир во 1968[24]
- Андре Масена – француски командант во Наполеонскиот војни.
- Хенри Кевендиш – британски научник.
- Сурија Бонали – лизгачка.
- Жил Бјанки - возач во Формула Еден.
- Доминик Ховард – тапанар.
- Иго Лорис – фудбалер.
- Доминик Жан-Зефирен - фудбалер.
- Жил Симон – тенисер.
- Ализе Корне – тенисер.
- Фреда Бети – оперска певица.
- Анри Бети – композитор и пијанист.
- Присила Бети – пејачка и глумица.
- Алекси Босети – фудбалер.
- Мишел Сифр – авантурист и научник.
Ница како тема во уметноста и во популарната култура
уредиНекои дела од областа на уметноста и популарната култура ја обработуваат Ница, како на пример:
- „Салатата Ница“ - расказ на рускиот писател Едуард Лимонов.[25]
- „Средоземно Море, Ница“ - расказ на рускиот писател Едуард Лимонов.[26]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Демографија: Светски урбани области, март 2010
- ↑ INSEE – Résultats du recensement de la population de 2008 – Aire urbaine de Nice Архивирано на 5 февруари 2013 г. – INSEE, 2008
- ↑ Ругиеро, Ален, уред. (2006). Nouvelle histoire de Nice. Тулуза: Privat. стр. 17–18. ISBN 978-2-7089-8335-9.
- ↑ Alain Ruggiero, op. cit., p. 137
- ↑ „Водич низ Ница“. Europe-cities.com. Архивирано од изворникот на 2011-04-17. Посетено на 3 април 2011.
- ↑ „Union des aéroports français – Résultats d'activité des aéroports français 2007 – Trafic passagers 2007 classement – page 8“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-02-29. Посетено на 3 април 2011.
- ↑ „Le Nouveau venu“ (француски). Musée de Paléontologie Humaine de Terra Amata. Архивирано од изворникот на 2009-03-11. Посетено на 5 март 2009.
- ↑ A. G. Wintle; M. J: Aitken (1997). „Thermoluminescence dating of burnt flint: application to a Lower Paleolithic site, Terra Amata“. Archaeometry. 19 (2): 111–130. doi:10.1111/j.1475-4754.1977.tb00189.x. Архивирано од изворникот на 2017-06-29. Посетено на 2013-11-08.
- ↑ „Шато Вилнев-Лубе“. Villeneuve-Loubet Guide and Hotels. Архивирано од изворникот на 2014-04-26. Посетено на 30 септември 2009.
- ↑ Léon Poliakov, La conditions des Juifs sous l'occupation italienne, Paris, CDJC, 1946 и биографии на Анџело Донати и Пер Мари-Беноа
- ↑ 11,0 11,1 11,2 11,3 11,4 Ралф Шор (уредени од), Dictionnaire historique et biographique du comté de Nice(Историски и биографски речник на Грофовството Ница), Ница, 2002, ISBN 978-2-86410-366-0, pp.22–23 (француски)
- ↑ „Global city GDP 2011“. Brookings Institution. Посетено на 4 март 2013.
- ↑ 2009 traffic details from Nice airport website[мртва врска]
- ↑ „Воз од француската ривиера за Русија“. BBC News. 23 септември 2010. Посетено на 24 септември 2010.
- ↑ „Dates et chiffres clés / La ligne 1 / Accueil – Tramway de la Communauté Urbaine Nice Côte d'Azur“ (француски). Tramway.nice.fr. Архивирано од изворникот на 2011-09-06. Посетено на 15 септември 2011.
- ↑ Nice – French Riviera: Noon on the Dot Архивирано на 11 април 2013 г. од francemonthly.com. 11 февруари 2013.
- ↑ {{нмс|url=http://www.nice.fr/Collectivites/La-municipalite/Villes-jumelees-avec-la-Ville-de-Nice|title=Villes[мртва врска] jumelées avec la Ville de Nice|accessdate=24 јуни 2013|publisher=Ville de Nice|language=француски}
- ↑ „Збратимени градови“. Совет на Град Единбург. Архивирано од изворникот на 2012-06-14. Посетено на 16 јануари 2009.
- ↑ „British towns twinned with French towns [via WaybackMachine.com]“. Archant Community Media Ltd. Архивирано од изворникот 2013-07-05. Посетено на 20 јули 2013.
- ↑ „Нетанја - Збратимени градови“. Општина Нетанја. Архивирано од изворникот на 2013-02-01. Посетено на 1 август 2013.
- ↑ „Twinnings“ (PDF). Central Union of Municipalities & Communities of Greece. Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-06-30. Посетено на 2013-08-25.
- ↑ „Yerevan - Twin Towns & Sister Cities“. Yerevan Municipality Official Website. Посетено на 4 ноември 2013.
- ↑ Лихфилд, Џон (9 октомври 2008). „Францускиот романописец Ле Клезио добитник на Нобеловата награда за книжевност“. The Independent. Посетено на 22 октомври 2012.
- ↑ „Рене Касен“. Нобелова фондација. Посетено на 22 октомври 2012.
- ↑ Едуард Лимонов, Девојка-ѕвер!. Скопје: Темплум, 2007, стр. 42-80.
- ↑ Едуард Лимонов, Девојка-ѕвер!. Скопје: Темплум, 2007, стр. 81-84.
Извори
уреди- INSEE
- јавна сопственост: Chisholm, Hugh, уред. (1911). Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press. Отсутно или празно
|title=
(help)
Оваа статија вклучува текст од објавено дело кое сега е - Оваа статија содржи текст од дело сега во јавна сопственост: Herbermann, Charles, уред. (1913). . Catholic Encyclopedia. Robert Appleton Company.CS1-одржување: ref=harv (link)
Надворешни врски
уреди„Ница“ на Ризницата ? |
- Ница – официјална француска страница (англиски)
- Официјална страница (француски)
- Официјална страница на Ница Азурен Брег (француски)
- Економска страница на Азурниот Брег Архивирано на 30 мај 2008 г. (француски) (англиски)
- Ница на Curlie (англиски)
Статијата „Ница“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |