Козица

село во Општина Кичево

Козица — село во областа Копачка, во Општина Кичево, на патот помеѓу градовите Кичево и Демир Хисар. До март 2013 година, селото било дел од поранешната Општина Другово, која била споена со Општина Кичево.

Козица

Поглед на селото

Козица во рамките на Македонија
Козица
Местоположба на Козица во Македонија
Козица на карта

Карта

Координати 41°25′10″N 20°55′59″E / 41.41944° СГШ; 20.93306° ИГД / 41.41944; 20.93306
Регион  Југозападен
Општина  Кичево
Област Копачка
Население 45 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6255
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12035
Надм. вис. 740 м
Слава Петковден
Козица на општинската карта

Атарот на Козица во рамките на општината
Козица на Ризницата

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на селото

Селото се наоѓа во областа Копачка, во јужниот дел на територијата на Општина Кичево, во јужниот дел на Кичевската Котлина, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Дебрца.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 740 метри. Од градот Кичево е оддалечено 13 километри.[2]

Селото се наоѓа во долината на Козичка Река, десна притока на Беличка Река. Местоположбата на селото е поволна од стопански цели. Околни села се: Свињиште, Белица и Кладник.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Смоквица, Водејнчиште, Топола, Завртај, Менин Габер, Средорек, Белајница, Белички Рид, Требејници, Лазој, Острец, Рамна, Краста, Штавејца, Средојне, Вриштица и Грамаѓе.[3]

Селото има многу збиен тип. Постојат две маала, Горно и Долно. Во маалата, родовските куќи се поблизу една со друга и се групирани.[3]

Селото Козица се наоѓа во областа Долна Копачка, по долината на Беличка Река.

Селото поседува две чешми („клајнци“) со природна минерална вода, а во атарот на селото се наоѓа и извор со природна минерална кисела вода. Во неговиот атар се наоѓаат и две пештери, а една од нив е истражувана од друштвото на истражувачи „Бистра“ од Битола. Истражуваната пештера се нарекува Динчејца.

Историја

уреди
 
Спомен-плоча на селската чешма на сретсело за загинатите за независноста на Македонија

Козица е дел од старите населби во Кичевската Котлина. Под истото име се споменува во турските пописни дефтери од 1476/77 година, како дел од Кичевската нахија и имало 16 словенски христијански куќи. Меѓутоа, тоа село подоцна пропаднало.[3][4]

Денешното село било основано во слично време се околните населби, како Јудово и Брждани. Тоа се случило во втората половина на XVIII век. Се верува дека селото било основано од доселеници од раселеното село Лакаица, кое се наоѓало во долината на Беличка Река, околу 1,5 километри североисточно од денешното село (денес, тоа е месноста Селиште на селото Кладник).[3]

Околу 6-7 домаќинства од селото Лакаица се префрлиле во долината на Козичка Река и го основале селото, додека останатите заминале во селото Кладник.[3]

Во XIX век, Козица било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

Во текот на Втората светска војна, селото претставувало важно средиште на народноослободителната борба.[3]

Во 1953 година во Козица случајно избил пожар. Од пожарот биле уништени 55 куќи и стопански објекти. Потоа, селото било обновено со помош од државните власти.[3]

Легенда

уреди

Постарите мештани во селото велат дека селото било основано по уништувањето на старото соседно село Лакаица (во моментов археолошко одредиште од бронзено време). Легендата за ова село е дека еден овчар од селото Лакаица го пасел своето стадо на пасишта во денешното село Козица. Девојка била испратена да му однесе храна и вода на сточарот. Незнаејќи што ќе се случи, штом девојката заминала да ја однесе храната кај сточарот, селото Лакаица било запалено од тогашните поробувачи. Девојката останала кај овчарот и зачнала семејство во денешно Козица. Се хранеле со природните „блага“ и со производите од стоката.

Стопанство

уреди

Атарот зафаќа простор од 11,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 840 хектари, на пасиштата отпаѓаат 183 хектари, а на обработливото земјиште 72 хектари.[2]

Во селото се одгледуваат и земјоделски производи од типот на: компир, пленка, житни култури, овошје и зеленчук. Се одгледува и добиток, и тоа: коњи, кози, крави, кокошки, магариња, свињи и патки. Селото Козица е исто познато по квалитетниот природен мед.

Селскиот туризам се развива преку импровизираниот музеј во приватна куќа и меаната во селски амбиент наречена „Роден крај“ непосредно пред влезот во селото.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948393—    
1953394 0.3%
1961306−22.3%
1971206−32.7%
1981132−35.9%
ГодинаНас.±%
199196−27.3%
199482−14.6%
200282 0.0%
202145−45.1%

Според податоците од 1873 година, селото имало 31 домаќинство со 118 жители христијани (Македонци).[5]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Козица имало 585 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Козица имало 592 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Косица се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 50 куќи.[8]

Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Козица:[9]

Домаќинства Гурбетчии Писмени Неписмени
мажи жени вкупно мажи жени вкупно
78 48 62 17 79 194 145 339

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[10]

Козица е мало село, кое што во 1961 година броело 221 жител, додека во 1994 година имало 164 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Козица живееле 82 жители, од кои 81 Македонец и 1 останат.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 45 жители, од кои 40 Македонци и 5 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 585 592 393 394 306 206 132 96 82 82 45
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови

уреди

Козица е македонско православно село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:

  • Староседелски родови кои потекнуваат од предци доселени од раселеното село Лакаица: Манчевци (9 к.), Матевци (8 к.), Тутаковци (7 к.), Чолаковци (7 к.), Бубулевци (7 к.), Здравевци (7 к.), Смилевци (2 к.) и Трпевци (2 к.)
  • Останати родови: Дамјановци (2 к.), доселени се од соседното село Свињиште и Цветановци (6 к.), доселени се од селото Слатино, Дебрца.

Според истражувањата пак на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се: Манчевци (15 к.), Тутаковци (14 к.) и Аврамовци (8 к.), староседелци, односно доселени се од раселеното село Лакаица; Дамјановци (1 к.), доселени се од раселеното селото Требичево, кое постоело во атарот на селото Трапчин Дол; Стојчевци или Јонузовци (1 к.), доселени се од селото Слатино, Дебрца.[17]

Општествени установи

уреди
 
Културен дом „Јордан Пиперката“
  • Културен дом „Јордан Пиперката“

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Другово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1950-1955, селото било дел од тогашната Општина Брждани, во која покрај селото Козица, се наоѓале и селата Белица, Брждани, Видрани, Јудово и Свињиште.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0771 според Државната изборна комисија, сместено во селскиот дом.[18]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 37 гласачи.[19] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 39 гласачи.[20]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 37 гласачи.[21]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Поглед кон главната селска црква „Св. Петка“
Археолошки наоѓалишта[22]
Цркви[23]
Споменици
  • Спомен-плоча на загинатите за независноста на Македонија
Реки[24]

Редовни настани

уреди

Традиционално, во селото има прослави и собири за:

Личности

уреди
Родени во Козица

Иселеништво

уреди

Иселеници од Козица има насекаде, но највеќе се иселени во соседна Бугарија, односно во Софија каде се проценува дека има над 40 семејства. Во Македонија највеќе се иселени во Кичево и Скопје, но и во други градови како Охрид, Битола, итн. Иселеници има и во Австралија и Белград, Србија, а исто така и во Војводина, односно во селата Јабука и Качарево.[3]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 153. Посетено на 6 февруари 2019.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 98–100.
  4. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.265
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.92-93.
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 256.
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 154-155.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 35.
  9. Стойчева, Станислава. Аспекти на грамотността на българското население в Македония (1878 – 1912), Македонски преглед, година ХХХVІІІ, 2015, кн. 2, с. 75.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 февруари 2019.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Кичевија - Тома Смиљаниќ (1926) - Кичево“. Кичево. 2018-05-16. Посетено на 2018-11-25.
  18. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 7 февруари 2019.
  19. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2022-12-07. Посетено на 7 февруари 2019.
  20. „Референдум 2018“. Посетено на 7 февруари 2019.[мртва врска]
  21. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  22. Коцо, Димче (1996). Археолошка картаг на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  23. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  24. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 12. ISBN 978-9989-2117-6-8.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди