Градовци

село во Општина Зелениково

Градовци — село во Општина Зелениково, во околината на градот Скопје.

Градовци

Поглед на селото Градовци

Градовци во рамките на Македонија
Градовци
Местоположба на Градовци во Македонија
Градовци на карта

Карта

Координати 41°50′54″N 21°34′45″E / 41.84833° СГШ; 21.57917° ИГД / 41.84833; 21.57917
Општина Зелениково
Население 252 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25062
Надм. вис. 550-580 м
Градовци на општинската карта

Атарот на Градовци во рамките на општината
Градовци на Ризницата

Географија и местоположба

уреди

Селото Градовци се наоѓа во јужниот дел на Скопската Котлина, од десната страна на реката Вардар во рамките на Општина Зелениково[2]. Поточно Градовци се наоѓа во планинскиот предел над селото Зелениково во долното сливно подрачје на Кадина Река. Градовци е сместено на допирот од ридскиот предел на исток и планинската падина на запад[3]. Куќите се расположени на зарамнетиот дел во подножјето на планинските падини на Голешница и Китка и на присојните падини на два дола, низ кои избиваат и протекуваат извори. Селото ридско со апсолутна надморска височина помеѓу 550[2] и 580[3] метри. Атарот на Градовци зафаќа површина од 19,7 км2, од кои шумите зафаќаат 1320,9 хектари, пасиштата 213 хектари, а обработливото земјиште 384,4 хектари[2]. Од градот Скопје е оддалечено 30 километри, а до него се стигнува по асфалтен пат (во еден дел оштетен - земјен) кој води од селото Зелениково. Над селото на планинската падина е распространета густа шума од дабови, буки и нискостеблести грмушки како што се зелениката и прнарите, додека во доловите под селото се застапени и тополите, врбите, оревите и костените. Водата за пиење се обезбедува од двата извори кои протекуваат во споменатите долови, Студен Кладенец и Скрка кои се соѕидани во чешми[3], а во скоро време таа е спроведена и со цевки до обновените и новоизградени куќи. Селото е разредено, но куќите од поединечни родови, образуваат маала кои се три на број: Долно, Средно и Горно Маало, од кои средното е најголемо и најглавно, при што растојанито меѓу нив не е многу големо (меѓу средното и долното е 300 метри, а горното и средното се незначително оддалечени)[3].

Историја

уреди
 
Возобновена стара куќа со македонска традиционална архитектура во Градовци

Градовци е доста старо село, за што сведочат старините, археолошките пронајдоци, остатоците од градби, како и сочуваноста на средновековната црква Свети Ѓорѓи. Непосредно кај селото од северната страна постои месноста наречена Градиште, на која се наѓала многу стара („од бир (прв) земан“) тврдина, чии остатоци не се познаваат, а самиот народ нема посебно предание за неа, меѓутоа можно е од неа селото да го добило своето име[3]. Други траги од старини како што се земјени ќупови, ќерамиди, стари пари и остатоци од куќи се наоѓани во месностите Лавчани и Грмаѓе на атарот на селото[3]. Во средното маало на селото Градовци се наоѓа црквата Свети Ѓорѓија која што е многу стара („од век и превек“) со ѕидови од камен[3]. Врз основа на видот на градбата, како и врз основа на техниката и начинот на сликање на фрескоживописот, со сигурност може да се заклучи дека оваа црква потекнува од средновековниот период односно од XIII или XIV век. Самата градба заедно со обемот и квалитетот на живописот во внатрешноста на црквата укажуваат дека таа најпрвин била поголема и доживеала делумно разурнување, а сето тоа пак води кон претпоставката и заклучокот дека во раниот средновековен период на тоа место постоела прилично голема, важна и економски силно развиена градска населба поради што најверојатно и селото го добило името Градовци. Според народното предание, селото Градовци некогаш имало 90 македонски куќи, но во овој крај за време на турското владеење „повладал Арнаутлок“ (започнале да се доселуваат Албанци), па старите жители биле „потепани“ и раселени, поради што селото спаднало само на 9 куќи, од кои потекнуваат родовите: Николовци, Кучиновци, Грбевци, Трпчевци и Богоевци[3]. Бидејќи како причина за опаднувањето на селото Градовци се наведуваат насилствата, споменатото опаѓање можело да биде кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, затоа што тогаш албанските (доселувања) и насилства почнале да се осеќаат во сета област и во соседните краишта[3].

Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство.

 
Долното маало на Градовци

Набргу по големото раселување на старинечкото македонското население селото Градовци започнало одново да расте, преку природен прираст и множење на преживеаното население и со приберување на досленици од кои особено биле бројни оние од селото Осинчани во поречието на Маркова Река[3]. Своевремено со сѐ посилното доселување на Албанците во поречието на Кадина Река, кое било помогнато од сопствениците на чифлиците во Зелениково[3], голем број на Македонци од оваа област започнале внатрешно преселување и насеување во Градовци, при што тоа во периодот на XIX па сѐ до средината на XX век станало најголемо, најбројно, најнаселено и доста важно, односно единствено македонско христијанско село во планинскиот дел на оваа област. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 мај 1855 година за Градовци запишал дека е плодоносно село со трудољубиви и честољубиви Славјани (Македонци) кои имаат црква Св. Георгија и многу древни рушевини[4] До 1912 година од селаните на Градовци, приходи ужиивала Мустафа-пашината џамија во Скопје, бидејќи најпрвин сопственоста на селото ја имал некој турски паша кој подоцна таа сопственост ја пренел на џамијата[3]. По Втората светска војна во шеесеттите години на XX век, најголемиот дел од населението на Градовци поради поповлните стопански и сообраќајни услови се преселило во подолната и поблиската населба Станица Зелениково, зачувувајќи ги своите имоти и куќи кои и денес ги посетуваат и обработуваат, а еден помал дел се иселил и во Скопје.

Во минатото, бидејќи Градовци било опкружено од сите страни со села населени со албанско население, мажите тешко доаѓале во можност за свадба со жени од други македонски села, при што биле забележувани стари ергени или доведување на невести од поодалечени краишта како околината Галичник, околината на Скопска Црна Гора во Скопско, Кумановско и Гниланско, а дел од населението се одликувало и со низок раст, физичка неразвиеност и голема смртност, што веројатно било последица на тоа што селаните морале да склопуваат брачни врски дури внатре во рамките на еден ист род[3].

Потекло и значење на името

уреди

Името на селото Градовци е со потекло и значење од македонскиот јазик. Насекаде во Македонија со името Градиште се означуваат места на кои има остатоци од тврдини, стари населби и градови. Од историјата и минатото е познато дека на ова место имало остатоци од тврдини и стари градби, која поради местоположбата била значаен град во овој предел помеѓу Скопско и Велешко. Дека на ова место постоел поголем, економски силен и стратешки значаен град сведочи и старата селска црква Св. Ѓорѓи. Оттаму, со додавката (наставката) –вци, името на селото Градовци означува: заедница или група на луѓе кои доаѓаат, живеат или се од градот, градиштето. На старословенски и во некои денешни словенски јазици (чешки, словачки) именката и зборот град сѐ уште означува тврдина или замок. Непосредно кај селото од северната страна постои месноста наречена Градиште, на која се наѓала многу стара („од бир (прв) земан“) тврдина, чии остатоци не се познаваат, а самиот народ нема посебно предание за неа, меѓутоа можно е од неа селото да го добило своето име[3].

Стопанство

уреди
 
Глетка на средното маало на Градовци и Скопската Котлина во позадината

Иако Градовци има многу мал број на постојани жители, сепак на неговиот атар постојано се одвиваат многу активни и живи стопански, односно земјоделски дејности, од страна на поранешни иселени жители и нивните потомци кои живеат во Станица Зелениково и сѐ уште ги поседуваат и обработуваат своите имоти. Во основа селото има полјоделско-шумарска функција[2]. Поволната стопанска одлика се огледува во тоа што положбата мма селото е таква што на ридовите се наоѓаат ниви, а на планинската падина се наоѓаат шуми и пасишта[3].На нивите кои се наоѓаат на падините на доловите од двете страни на патот од Зелениково и кои се во целост обработени, се застапени полјоделството, градинарството и лозаро-овоштарството. Од полјоделството најзастапено е одгледувањето на житата: пченица, јачмен, 'рж, пченка, потоа градинарските култури кои се одгледуваат на отворено како што се: доматите, пиперките, краставиците, кромидот, лукот, марулата, тиквата, а во прилично голема мерка се застапени и лозјата и овоштарниците како што се јаболка, круши, сливи, цреши, вишни, кајсии, ореви. Поради одличните услови кои ги нуди грмушестата шума од сточарството најзастапено е одгледувањето на кози, чие млеко се преработува во млекарницата во Зелениково, а во многу мал дел се одгледува и крупниот добиток (крави), додека стадата овци ретко се среќаваат на напасување, најчесто од овчари од други краишта. Во голема мерка развиени се и шумарството, односно сечењето дрвја (бука) за огрев, пчеларството и производството на мед, собирањето и сушењето на планински чај, билки и печурки. Во минатото во Градовци сточарството, односно одгледувањето овци и кози било најглавното занимање, при што се произведувало многу млеко, урда и масло во трлата околу селото, а бројот на кози во 1948 година достигнал 3000 глави[3]. И покрај тоа што целото население се занимавало со земјоделство, житото не стасувало за прехрана преку целата година, дел од населението се занимавало со работа на железничката пруга или надничарење во Скопје[3]. До втората половина на XVI век селаните произведувале ќумур и корита од дрвјата во бројните шуми, кои ги продавале во Скопје и Велес од каде што купувале пченка за прехрана[3]. Во поново време во селото се развиени и туризмот и рекреацијата, преку бројните извидници кои го посетуваат извидничкиот дом во селото или планинарите кои ги користат добро обележаните планинарски патеки кои минувајќи низ селото водат кон планината Китка.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948588—    
1953566−3.7%
1961513−9.4%
1971306−40.4%
198161−80.1%
ГодинаНас.±%
199123−62.3%
199414−39.1%
20022−85.7%
2021252 12500.0%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, каде имало 32 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 96 мажи христијани, со 12 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 216 жители.[5]

Стефан Верковиќ во 1857 година го забележува со 208 жители.[6]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Градовци живееле 400 жители, сите Македонци[7].[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Градовци имало 280 Македонци[7], под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, како седиште на истоимената општина и има 407 жители.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 500 Македонци.[11]

Статистички селото по шеесеттите години бележи огромен пад на бројот на населението, бидејќи во 1961 тоа броело 513 жители, а во 1994 опаднало на само 14 жители, сите Македонци[2].

Според пописот од 2002 година, во селото Градовци живееле, само 2 жители, Македонци.[12]

Сепак бројните некогашни жители на ова село иселени во блиската населба Станица Зелениково кои сѐ уште имаат куќи и имоти, во летниот, пролетниот и дел од есенскиот период го посетуваат селото на подолготрајни престои, при што тоа достигнува и до 80 и повеќе привремени жители. Неколкумина поранешни претежно повозрасни жители, пензионерските денови ги минуваат во селото, останувајќи постојано преку целата година да живеат во него.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 252 жители, од кои 233 Македонци, 1 Албанец, 10 Срби и 8 лица без податоци.[13]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 400 280 588 566 513 306 61 23 14 2 252
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Родови

уреди

Според истражувањата од 1951 година, родови во селото:

  • Староседелци: Николовци (10 к.), Кучиновци (3 к.), Грбевци (5 к.), Трпчевци (2 к.) и Богојевци (1 к.), Кушовци (се населиле во Драчево во средината на XVIII век)
  • Доселеници: Алексовци (6 к.), Милевци (3 к.) и Мартиновци (2 к.) доселени од селото Осинчани, од каде се иселиле поради зулуми; Димовци или Димишковци (10 к.), Божиновци (2 к.) и Огњановци (4 к.) доселени се од соседното сега албанско село Дејковец. Во првиот род се знае следното родословие: Стојче (жив на 58 год. во 1951 година) Ордан-Китан-Дели Димо, основачот на родот кој се доселил; Симоновци (7 к.) доселени од сега албанското село Тисовица; Кузмановци (12 к.) доселени од селото Врбјани кај Прилеп. Еден дел од родот се вика Кметовци; Станковци (9 к.) и Грујовци (5 к.) потекнувале од ист предок. Нивното потекло било од селото Карабуниште кај Велес.[3].

Личности

уреди

Личности родени во Градовци:

Општествени установи

уреди
 
Извидничкиот дом во Градовци

Во селото Градовци постои и работи извиднички дом. Тој е сместен во зградата на некогашното училиште и со него управува извидничкиот одред "Браќа Миладиновци" од Скопје. Извидничкиот дом располага со соби и легла во кои може да се преспие, кујна, а во неговиот двор може и да се кампува во шатори. Тој е често посетуван од извидници кои таму одржуваат смотри и натпревари, како и од планинари и велосипедисти.

Цркви

уреди

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[18]

Редовни настани

уреди
 
Глетка од горното маало на Градовци

Црковни и селски слави се Ѓурѓовден и Илинден[3], според патроните светци на селските цркви. Првата слава населението ја празнува три дена, додека завештание е Св. Атанасиј кога селаните кај црквата Св. Ѓорѓи колат заедничка жртва (бел овен од една година)[3].

Иселеништво

уреди

Бројот на иселеници од селото Градовци е голем[3]. Поодамнешни иселеници кои се иселиле поради неподносливата работа на пренесување дрва со добиток за барутаната во Јурумлери, се забележани во скопските села Горно Лисиче, Драчево, Таор, Ново Село (Зелениковско), блиското Зелениково и градот Скопје[3]. Во периодот на шеесеттите години на XX век речиси целото население се иселило во Станица Зелениково и Зелениково и дел во градот Скопје, а подоцна дел од нив се иселил и во странство во Австралија, Германија и САД.

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко. Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 85. ISBN 9989-862-00-1.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 3,20 3,21 3,22 Трифуноски, Јован (1952). Поречието на Кадина Река. Скопје: Филозофски факултет. стр. 85–89.
  4. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр. 82
  5. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  6. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  7. 7,0 7,1 Македонците биле забележани како Бугари.
  8. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 208.
  9. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, рр. 114-115.
  10. Речник на местата во ослободената област Стара Србија по службени податоци. Белград: Мил. Ант. Вујиќ. 1914.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.[мртва врска]
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.[мртва врска]
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 370. ISBN 9989-649-28-6.

Надворешни врски

уреди