Властимир Николовски
Властимир Николовски (Прилеп, 20 декември 1925 - Скопје, 28 март 2001) - македонски композитор. Се категоризира во втората генерација македонски повоени композитори.
Властимир Николовски | |
---|---|
Животописни податоци | |
Роден(а) | 20 декември 1925 Прилеп, Кралство СХС |
Потекло | Македонија |
Починал(а) | 28 март 2001 Скопје, Македонија |
Занимања | Композитор |
Животопис
уредиПо завршувањето на студиите во Белград, Николовски се вработил во Средното музичко училиште во Скопје, а потоа предавал на Педагошкиот факултет и на Високата музичка школа (подоцна, Факултет за музичка уметност) во Скопје. Покрај тоа, тој бил музички уредник во Радио Скопје, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија и на Сојузот на композиторите на Југославија. Во 1981 година бил избран за редовен член на МАНУ.[1]
Творештво
уредиНиколовски бил еден од најплодните македонски автори на XX век, со околу 140 творби за најразлични состави. Особено маркантни се неговите вокално-инструментални композиции (ораториуми, кантати) и неговите оркестарски дела. Сепак, највисоките творечки дострели ги остварил на полето на хорската музика и во делата во кои доминира човечкиот глас. Во целото свое творештво Николовски се инспирирал од фолклорот, водејќи се од идејата дека треба да се одбегнуваат радикалните постапки на музичката авангарда од XX век, бидејќи тие се само „израз на творечката немоќ и стерилност“. Токму затоа, неговиот музички јазик е умерен, експресивен, со потпирање на духовното и фолклорното поднебје на Македонија.[1] Исто така, тој се занимавал и со публицистика при што напишал над 30 статии во кои обработува проблеми главно сврзани со македонското музичко творештво.
Дела
уреди- Сердарот. кантата (1963);
- ораториуми: Клименту (1966); Кирилу (1969); Непокор (1979);
- три симфонии (1957-1975);
- Концерт за пијано и оркестар (1978);
- Концерт за виолина и оркестар (1987);
- По патиштата. вокален циклус (1969);
- Црнила. за глас и гудачи (1984);.
Наводи
уредиНадворешни врски
уреди- Властимир Николовски на Ризницата ?
- Профил на Властимир Николовски — СОКОМ