Бар (град)
Бар (српски: Bar, италијански: Antivari / Antibari, турски: Bar, албански: Tivari, грчки: Θηβάριον, латински: Antibarium) — крајбрежен град на Јадранското Море во Црна Гора со население од 40.000 жители (според пописот во 2011 година). Градот претставува административно седиште на истоимената општина и главно пристаниште во Црна Гора.
Бар | |||
---|---|---|---|
Општина | |||
Бар | |||
Центарот на градот | |||
Местоположба на Бар во Црна Гора | |||
Координати: 42°06′N 19°06′E / 42.10° СГШ; 19.10° ИГД | |||
Држава | Црна Гора | ||
Основана | VI век под името Антипаргал (се претпоставува) | ||
Населби | 83 | ||
Управа | |||
• Градоначалник | Жарко Павиќевиќ (ДПС (ДПС - СДП) | ||
Површина | |||
• Вкупна | 598 км2 (231 ми2) | ||
Население (попис од 2011 г.) | |||
• Вкупно | 17,727 | ||
• Густина | 67,0/км2 (1,700/ми2) | ||
• Општина | 42,068 | ||
Демоним | Барани | ||
Час. појас | CET (UTC 1) | ||
• Лето (ЛСВ) | CEST (UTC 2) | ||
Поштенски број | 85000 | ||
Повикувачки број | 382 30 | ||
ISO 3166-2 код | ME-02 | ||
Регистарски таблички | BR | ||
Мреж. место | http://www.bar.me/ |
Име
уредиБар се наоѓа спроти Бари во Јадранот,па оттаму и името "Антивари". Името Бар, пак, е скратената верзија.[1]
Генерални информации
уредиТука се наоѓаат најстарите пишани документи и најзначајните дела од средновековната црногорска литература и историја. Градов бил седиштето на најстарата верска установа во Црна Гора, Барската архиепископија. Се смета дека Старата маслинка во Мировица е стара над 2 000 години, што ја вбројува меѓу најстарите маслинови дрва во Европа.
Бар привлекува голем број туристи. Со во просек 270 сончеви денови годишно, Бар е еден од најсончевите градови на Средоземјето.
Стари Бар
уредиУрнатините на Стари Бар се еден од најголемите затврдени археолошки наоѓалишта во светот.[се бара извор] Над Стари Бар се издигнува планината Румија. Градот не бил населуван континуирано, па затоа опстојуваат многу стари градби. Барскиот акведукт бил изграден во периодот помеѓу XVI и XVII век.
Заштитник на Бар
уредиСв. Ѓорѓи бил средновековен заштитник на Бар. Во XII век била изградена голема катедрала која му била посветена нему.
Културни и историски споменици
уредиБарскиот триконхос е еден од најстарите споменици во оваа област и најстариот христијански верски објект во Црна Гора. Тој датира од VI век, а неговите останки се наоѓаат во центарот на градот. Токму тука, во втората половина на XII век, бил напишан „Ljetopis popa Dukljanina“ („Летописот на дукљанскиот поп“), коe е најзначајното средновековно литературно и историско дело од овој регион. На само неколку колометри од центарот на градот, на полуостровот Ратац, кој се наоѓа помеѓу Бар и Сутоморе, има остатоци од манастирскиот комплекс „Ратачка Богородица“ (Bogorodica Ratačka) кој бил дел од Бенедиктскиот ред, а за кој се верува дека бил изграден во IX век. Близу малиот поморски град Сутоморе се наоѓа делумно зачуваната тврдина Нехај, што и Венецијаните и Отоманците ја користеле. Како затврден венецијански град, Нехај за првпат бил документиран во XVI век под името Fortezza dei Spizi. Во општина Бар има и убави цркви и манастири издигнати за време на Балшиќката фамилија (XIV-XV век) на островите во Скадарско Езеро, како на пример: Бешка, Морачник, Старчево, и др.
Бар е еден од малкуте градови кој може да се гордее со неколку цркви што претставуваат редок верски и социјален феномен. Имено, овие цркви се користеле за двете христијански вероисповеди што опстојуваат во регионов - православната и католочката веросиповед.
Од сите културни и историски споменици во Бар, најмногу внимание привлекува Палатата на крал Никола, која потекнува од XIX век. Таа била изградена во 1885 година на самиот морски брег и била подарок од кралот Никола за својата ќерка принцезата Зорка и за неговиот зет принцот Петар Караѓорѓевиќ. Палатата била составена од голема палата, од мала палата, од капела, од стражарница и од зимска градина. Во 1910 година ѝ била доградена пространа сала за балови. Во состав на палатата има и парк со многу различни видови средоземна вегетација, меѓу кои и плутов даб. Пред палатата имало дрвен столб кој служел како котва за закотвување бродови и јахти. Во периодот помеѓу 1866 - 1916 година кралот Никола поседувал десет јахти. Една од нив, „Сибила“, тој ја купил од романописецот Жил Верн, додека пак последната јахта што ја купил, наречена „Румија“, во 1915 година австроунгарската морнарица ја потонала во областа на денешното пристаниште. Тука се наоѓа и голема цветна градина направена од не’рѓосувачка челична структура со интересен облик која била подарок од италијанскиот крал Емануеле, а која е претворена во ресторан наречен „Knjaževa bašta“ („Кнезова бавча“). Денес, освен што во комплексот згради на палатата се наоѓа „Zavičajni muzej grada Bara“ („Музеј на татковината на градот Бар“), тој се користи и за фестивали (концерти, изложби и литературни настани).
Старата маслинка во Мировица е природен заштитен знак на Бар. Се верува дека е постара од 2 000 години и со тоа претставува едно од најстарите маслинови дрва во светот. Во 1957 година е ставена под државна заштита. Со Старата маслинка во Мировица се поврзуваат голем број легенди и традиции. Во една од нив се вели дека едно време, оние фамилии кои имале расправија, доаѓале во местово за да се помират под ова маслиново дрво. Оттука и местото го добило своето име Мировица.
Легенди
уредиЛегендата за Владимир и Косара
уредиБратството Андровиќ го чува крстот на Владимир и смета дека тој е нивната најзначајна реликвија.[2] Секоја година, на денот на Светото Тројство, крстот се носи на врвот на планината Румија, на местото на кое, според традицијата, се наоѓала црквата. Се верува дека луѓето што учествуваат во поворката би требало со себе да земат по еден камен бидејќи според приказната, откако ќе се соберат доволно камени, црквата сама ќе си се изгради повторно. Луѓето што учествуваат во поворката се верници од сите три вероисповеди. По уривањето на црквата „Св. Марија“ во Краина, братството Андровиќ го нашло крстот и со векови го чува. Крстот, висок 45 cm, широк 38 cm и дебел 2,5 cm, бил направен од дрво и позлатен со златен лист однадвор. Само најстарите двајца членови од семејството знаат каде се чува крстот. Приказната за крстот е поврзана со војводата од Дукља, Владимир (980г. - 1016г.), чиј имот бил во Краина (Острос). Во војната со македонскиот цар во 997 година, војводата Владимир бил заробен и однесен во занданата во Преспа. Самоиловата ќерка, Теодора-Косара се вљубила во убавиот војвода од Дукља. За неа тој бил „посладок од мед и од саќе“, па му рекла на татко си дека ако не се омажи за Владимир ќе се удави во езерото. Набрзо тие се венчале и живееле во дворец недалеку од манастирот „Пречиста Краинска“ на Скадарското Езеро. По смртта на цар Самоил, Владислав го наследил престолот и набрзо го поканил војводата Владимир да го посети во Преспа. Како знак дека нема да го повредат, тој му испратил златен крст. Знаејќи колку е вешт Владислав, војводата Владимир го замолил да му прати дрвен крст, зашто „Спасителот бил распнат на таков крст“. Владислав испратил тројца калуѓери со дрвен крст, но штом Владимир пристигнал во Преспа, тој бил убиен пред вратата на црквата. Во моментот на неговото убиство, во рацете држел дрвен крст кој со него бил закопан во Преспа. Косара, сопругата на Владимир, го однела неговото мртво тело во манастирот „Пречиста Краинска“. Таа се замонашила, а по нејзина желба ја закопале до војводата. Војводата Владимир бил прогласен за светец.
Легендата за самовилите, за самовилските парички и за Самовилската Пештера
уредиЛегендата за самовилите, за самовилските парички и за Самовилската Пештера е поврзана со наоѓалиштето Асприца кој се наоѓа во падините на Суторман - планината што се издигнува над градот Бар и која изобилува со камен, со вода и со дрвја. Самовилите живееле околу планините, но нивното вистинско живеалиште била една непристапна пештера што се наоѓала во карпата под еден од врвовите на Суторман, Лонац (1 004 m), и која пештера по самовилите била наречена Самовилска Пештера. Според фолклорот, досега само Иво Драгишиќ од Лимљани успеал да влезе во пештерата (во XIX век). Според приказната што им ја раскажал на своите потомци, откако со јажиња, прицврстени за стеблата на дрвјата, се спуштил во пештерата, во првиот дел од неа видел округла маса за јадење изделкана од камен, камени послужавници и прибор за јадење. Во вториот дел од пештерата не можел да влезе, ниту пак тоа му било дозволено, затоа што самовилите го предупредиле дека доколку го направи тоа, целото село ќе биде проколнато. Според легендата и според народните приказни што се раскажувале од генерација до генерација, убави и вредни самовили со задоволство им помагале на сакатите, на осамените и на сите несреќни луѓе така што преку ноќ им ја завршувале работата што тие не успеале да ја завршат или не знаеле како. Самовилите ги советувале луѓето, ги прекорувале и ги тешеле, ги варделе многубројните извори и бунари на Суторман, им се одмаздувале и ги предупредувале оние што биле нечесни и неискрени. Биле пријатели со овчарите и често им помагале. Се вели дека еднаш, млади селани виделе една самовила кога се враќала од кај еден човек што живеел сам и кому му помагала во готвењето. Токму од оваа причина самовилите, кои според традицијата дење не смеат да бидат видени од луѓето и меѓу луѓето, одлучиле да заминат од оваа област и од нивната пештера. Самовилата која била видена рекла: „ Се колнам во 365-те извори на Суторман дека тука повеќе нема место за нас!“ Сепак, тие не сакале луѓето што живееле во оваа област да ги паметат по зло, туку само по добро. Напуштајќи ја планината, наоколу фрлале самовилски парички, подарувајќи му среќа во животот секому што ќе помине по тој пат и ќе најде барем една самовилска паричка. Не е лесно да се забележат и да се најдат самовилски парички, ниту пак е лесно да се најде среќа во животот. Покрај необичното и незаборавно искуство, покрај предизвикот да се пронајде самовилска паричка и да се доживее исклучително патување до историјата на легендата, областа каде што се наоѓаат самовилските парички и Самовилската Пештера е многу привлечна и богата со бројни рекички, со лековити извори и со чист воздух збогатен со зачуваните дабови и букови шуми на планината Суторман.
Историја
уредиАрхеолошките ископини од стариот Неолит потврдуваат дека Бар бил населен дури и во предисторијата. Насекаде во општина Бар можат да се најдат материјални остатоци од илириските времиња. Се претпоставува дека во VI век Бар бил спомнат како реконструираниот римски замок Антипаргал, а името Антибариум за првпат било наведено во X век.
Најверојатно градов за првпат паднал во рацете на владетелите на Доклеа веќе во IX век, иако тоа сè уште не е точно утврдено бидејќи словенското влијание тука преовладувало долго време пред тоа да се случи. Се чини дека многу владетели на Доклеа престојувале во Бар, како на пример: Михајло, првиот крал на Доклеа чија кралска титула била потврдена во Бар, и Бодин, кој ја основал Барската архиепископија. По падот на Доклеа, седиштето на архиепископијата било преместено во Бар. Во тој период Доклеа водела жестоки битки против своите соседи, Византиското Царство и Самоиловото „Македонско Царство со седиште првин во Преспа ,а потоа во Охрид“, а седиштето на најпознатиот владетел на Доклеа, принц Владимир, се наоѓало во Краина, близу Бар. За да ја ослободи Доклеа од византискиот притисок, синот на Воислав, принцот Михајло, во 1077 година од Рим ја побарал и ја добил кралската круна, па според историчарите, тој датум го означува официјалниот почеток на одделувањето на Доклеа од Византија. Потоа, по молба на синот на Михајло, Бодин, во 1089 година, папата ја основал Барската архиепископија.
Византиското Царство повторно владеела во Бар во периодот од 1166 година до 1183 година кога Стефан Немања направил продор кој ги урнал градовите на Јадранскиот брег, вклучувајќи го и „славниот град Бар“, и ја припоил Зета кон својата држава – Рашка.
Во периодот од 1443 година до 1571 година регионов бил под власт на Венеција, а Бар (во венецијанскиот јазик кој тука се зборувал до XVIII век именуван како Антивари) бил дел од Венецијанска Албанија. Во Средниот век, Бар бил центарот на јужнојадранскиот брег, град-држава кој имал свој грб, свое знаме, свој статут и кој си ги ковал сопствените монети. Во 1571 година Отоманците го освоиле Бар и тој останал во нивни раце до 1878 година. Во овој период тој сè уште имал архиепископија. Еден од попознатите луѓе што управувале со неа бил Андрија Змаевиќ.
Италијанскиот научник и еден од пионерите во безжичната телеграфија, Гуљелмо Маркони, на 30 август 1904 година направил радиоврска помеѓу Бар и Бари, а во 1908 година била изградена првата железница во овој дел од Балканот, која била пуштена во употреба во 1913 година.
На 13 јули 1941 година во општина Бар започнало востанието против окупаторите и првите истрели биле испукани во околината на Бар и на Цетиње.
Клима
уредиСпоред Кепеновата класификација на климата, Бар има клима која е на работ помеѓу средоземната клима (Csa) и влажната суптропска клима (Cfa) бидејќи само во еден летен месец врнежите се помали од 40 mm.[3] Зимите се свежи и врнежливи со просечна највисока температура од 12,3 °C и со просечна најниска температура од 4,3 °C за месец за јануари. Летата се топли, посуви и посончеви од зимските месеци. Во летните месеци, високите температури во просек изнесуваат околу 27-28 °C, додека пак ниските температури во просек изнесуваат околу 18 °C. И покрај тоа што лете врнежите се помали, сепак можат да се јават услови за дожд, па така во јули се измерени 4,5 врнежливи денови. Пролетта и есента се променливи годишни времиња кои се одликуваат со умерено време, но често се влажни и непредвидливи. Во просек, во Бар има 2 523 сончеви часови годишно, кои варираат од ниски 111,6 часови во декември или 3,6 часови сонце дневно, до високи 350,3 часови или 11,3 сончеви часови дневно во јули.[4]
Флора и фауна
уредиОпштина Бар има разновидна флора и фауна. Од видовите вегетација, во крајбрежјето на Бар доминира макијата. Нагоре кон север, кон планинските масиви на Суторман, на Лисиње и на Румија се наоѓа мешавина од дабови и букови шуми. Макијата од крајбрежната област на Бар го опфаќа следново: даб, зелен даб, ловор, мирта, жуква (лат. Spartium Junceum), олеандер, глог, трнинка, трње, див чемшир, аспарагус и др. Цитрусните овошја (мандарина, портокал, лимон), калинката, маслинката, виновата лоза и смоквата се типични растенија во Бар, а Старата маслинка во Мировица и гинкото во паркот од палатата на крал Никола се туристичка атракција. На територијата на општина Бар има многу видови риби, водоземци, влекачи, птици, цицачи и примамливи безрбетници. Од аспект на богата птичја фауна, најзначаен дел од Бар е басенот на Скадарско Езеро. Во Скадарското Езеро се населени приближно 270 видови птици, од кои пеликанот, како невообичаена и ретка птица, е од особена важност. Острос, Румија, Лисињ, Суторман и Созина се привлечни места богати со многу дивеч (зајак, јазовец, лисица, волк и дива свиња).
Морската флора и фауна се дел од големото природно богатство на Бар. На брегот има многу видови школки, полжави, морски ѕвезди, октоподи и ракови, чие месо е висококвалитетно и здраво.
Скадарско Езеро
уредиСкадарското Езеро е најголемото езеро на Балканот. Тоа се наоѓа во југоисточниот дел на Црна Гора во басен кој од морето е одделен со планината Румија. Езерото е долго 50 км и широко 14 км, меѓутоа неговата големина варира. Напролет и наесен, кога нивото на водата се покачува, тоа изнесува приближно 500 км2, додека пак лете, кога нивото на водата е ниско, големината се намалува на приближно 350 км2. Во него се наоѓа границата со Албанија. Околу 63,2 % од езерото е во црногорска територија. Брегот е кривулест, со бројни заливи и шарени рибарски населби. Во него има неколку острови популарно наречени „брда“. Недалеку од Вирпазар, кон Краина, има неколку заливи со песочни плажи, од кои најпозната е плажата Муриќи, која е долга 560 m. Езерото претставува единствен екосистем со висок процент на мочуришни зони. Лете, поради големиот број водни божури што цутат и поради другите видови тревна вегетација, езерото изгледа како огромна зелена ливада. Во него живеат над 40 подвидови риби (крап, сарага, јагула), но разновидноста на птици што живеат во неговото окружување (270 подвидови) е таа што го прави езерото познато. Некои од нив се ретки птици (пеликан, орел, жерав, нуркач и чапја). Езерото е познато по спортскиот риболов. Над него има место за набљудување кое дава прекрасна глетка на езерската панорама, заедно со песочните плажи, шумите со костени и расфрланите острови. На Скадарското Езеро се организираат бродски тури и крстарења. Богата флора и фауна, културни и историски споменици, сликовити населби, но и можност да се вкусат локални специјалитети, како на пример: крап, сарага, лоза, славното вино на Црмница - сите овие заедно претставуваат несекојдневно искуство. „Касороњата“, растение чие семе се јаде, е исто така особеност карактеристична само за ова езеро.
Население
уредиБар е административен центар на општина Бар, која го вклучува градот Сутоморе и многу други гратчиња долж брегот. Според податоците од пописот од 2011 година, бројот на население во општина Бар изнесува 42 048 жители. Самиот град Бар броел 17 727 жители:[5] .
Население во Бар (градот):
- 1981 - 6,742
- 1991 - 10,971
- 2003 - 13,719
- 2011 - 17,727
Етнички групи во 2011
етнички групи | број | проценти | |||
---|---|---|---|---|---|
Црногорци | 19,553 | 46.5% | |||
Срби | 10,656 | 25.34% | |||
Муслимани | 3,236 | 7.7% | |||
Албанци | 2,515 | 5.98% | |||
Бошњаци | 2,153 | 5.12% | |||
Хрвати | 254 | 0.59% | |||
Роми | 203 | 0.48% | |||
друго | 318 | 0.76% | |||
не се изјасниле | 2,097 | 4.99% | вкупно | 42,048 | 100% |
Религија
уредиНе само што Бар е мултиетнички град, туку тој е и дом на три поголеми светски религии кои со векови опстојуваат во мир, без никакви инциденти. Најраспространета религија тука е православната христијанска религија, која се појавила во XI век. Бар е родното место на светецот Јован Владимир кој е многу славен и важен светец во Црна Гора. Исто така, во општината има многу цркви и манастири, а најпознати се оние на Скадарско Езеро, кое понекогаш го нарекуваат Светата Земја на Црна Гора. Римскиот католицизам имал важна улога во историјата на Бар. Бар е домот на римокатоличката Барска архиепископија која датира од 1089 година и која го покрива најголемиот дел од Црна Гора и Србија. Со отоманските Турци се појавил и Исламот. Во општината има голем број џамии, но повеќето од нив се блиску до Стари Бар и до источниот дел од општина Бар. Денес во Бар истовремено се градат православен храм, католичка катедрала и исламски центар.
Верска определеност на Бар според пописот од 2011 година.
религија | број | проценти |
---|---|---|
Источно православие | 24,452 | 58.15% |
Ислам | 12,671 | 30.14% |
Римокатолицизам | 3,043 | 7.24% |
Агностицизам | 34 | 0.08% |
атеисти | 415 | 0.99% |
друго | 162 | 0.39% |
не се изјасниле | 1,129 | 2.69% |
Места за величење
уредиБарски триконхос: Издигнувањето на оваа црква е поврзано со периодот на Јустинијановото владеење (VI век). Височината на зачуваните ѕидови од оваа црква изнесува еден метар. За време на истражувањето на оваа црква биле пронајдени некропола и фрагменти од пластика со декоративен камен.
Црква „Св. Текла“ (православна црква со католички олтар): Таа била изградена од кршен камен во XIII век. Во почетокот била православна црква, но подоцна, откако станала унијатна црква, ѝ бил направен уште еден, католички олтар. Црквава и денес има два олтари и неа ја посетуваат луѓе и од православната и од католичката вероисповед. На нејзините гробишта се закопуваат луѓе од двете вероисповеди.
Црква „Св. Роко“ (православна црква): Остатоците од црквата „Св. Роко“, која датира од XIV век, се наоѓаат близу Сутоморе. Иако имала само еден олтар, во неа одело и православното и католичкото население. Денеска е во урнатини.
Црква „Св. Анастасиј“(православна црква): Таа датира од крајот на XIV век. Околу црквата има неколку гробови покриени со камени плочи.
Црква „Св. Петка“(православна црква): Таа била изградена во средниот век од грубо изделкан камен.
Црква „Св. Никола“(католичка црква): Во оваа црква се наоѓа Барската архиепископија која била основана во 1089 година и која папата Климент III ја потврдил со тоа што на архибископот на Дукља му го пратил палиумот. Така, под нејзина јурисдикција биле три епархии (кои ги опфаќале Бар, Котор, Улцињ, Свач, Скадар, Дривосту и Пилот), како и земјите Србија, Босна и Травунија. На архиепископот му била доделена титулата српски примат (Primas Serbiae).
Манастир „Рибњак“: Манастирот „Рибњак“ се наоѓа во селото Зупци. На местото на денешниот манастир „Рибњак“ биле пронајдени урнатини од црквата, која според легендата, била основана од Јелена Анжујска Неманиќ. Манастирот се состои од црква посветена на св. Василиј Острошки, од крстилница и од конак. Горната црква што се наоѓа над манастирот „Рибњак“, на ридот наречен Градац, е посветена на Чесниот Крст. Таа била изградена по битките за ослободување кои се воделе во периодот од 1877 година до 1878 година. Се вели дека кралот Никола доаѓал тука за да ги следи „операциите за ослободување на Бар“. Црквата, која се наоѓа на ридот, ја изградиле двајца сердари и еден сенатор од Кнежевството Црна Гора на крајот од XIX век и почетокот на XX век, како наследство од војните за ослободување. За многу туристи, долгата традиција на одење во Рибњак на денот на св. Василиј Острошки, 12 мај, е многу интересно.
Манастир „Ратачка Богородица“: Остатоците од бенедиктскиот манастир „Ратачка Богородица“ датираат од XI век. Тој се наоѓа на брегот, на крајот од ’Ртот Ратац, помеѓу Бар и Сутоморе. Составен е од три цркви и од неколку згради заштитени со одбранбени ѕидови и со кули. Од 1443 година паднал под венецијански авторитет, а во 1571 година Турците го уништиле и го спалиле.
Манастир „Старчева Горица“ („Старчево“): Тој се наоѓа на островот Старчева Горица на Скадарското Езеро и датира од периодот на Ѓурѓе Балшиќ. Тој бил основан во 1377 година од страна на отец Макариј, кој како аскет живеел на островот, по кого и го добил името Старчево (манастир на старецот). Манастирскиот комплекс се состои од црквата „Успение на Пресвета Богородица“, од конак, од помошни објекти и од ѕид со порта и со неколку потпорни тераси кој го опкружува комплексот. Манастирот бил центар за описменување во кој се препишале многу ракописи и се составиле и се украсиле многу книги. Во овој манастир се наоѓа криптата на печатарот Божидар Вуковиќ од Подгорица. Откако се реконструираше дел од конакот и откако се направи погоден за живеење, „Старчево“ стана населен и активен манастир.
Манастир „Морачник“: Тој се наоѓа на островот Морачник во Скадарското Езеро. За првпат се споменува во 1417 година, во Повелбата на Балша III. Манастирскиот комплекс се состои од црква посветена на Пречиста Богородица, од конак, од трпезарија и од висока четирикатна кула оградена со камен ѕид со огромна капија.
Манастир „Бешка“: Се наоѓа среде островот Бешка во Скадарското Езеро. Манастирот го сочинуваат две цркви: поголема, посветена на св. Ѓурѓе (XIV век), задужбина на Ѓурѓе II Страцимировиќ - Балшиќ и помала, посветена на Пресвета Богородица (1440), задужбина на Јелена Балшиќ. Како и манастирот „Старчево“, и манастирот „Башка“ бил познат по своите интензивни препишувачки активности. Во него била напишана Горичката антологија, која е религиски, поучен препис составен од Никон Јерусалимац.
Манастир „Пречиста Краинска“: Овој манастир е еден од највпечатливите споменици во Црна Гора. Близу Острос, на бреговите на Скадарско Езеро, има остатоци од него со црквата посветена на Успението на Пречиста Богородица. Црквата за првпат била спомната кон крајот на X век, во „Летописот на дукљанскиот поп“. Манастирот, пак, бил основан од војводата Владимир кој е добро познат од легендата за неговата трагична љубов со убавата Косара, ќерката на македонскиот цар Самоил. Едно време, манастирот бил резиденција на архиепископот на Зета. Кон крајот на XVI век бил целосно уништен. Во негова близина, во местото што се вика Острос, има бунар од 1001 година кој сè уште ги снабдува со вода жителите на локалните села.
Манастир „Горен Брчели“: Манастиров се наоѓа во селото Брчели, кое името го добило по манастирот. Епископот Данило го основал во почетокот на XVIII век како своја зимска резиденција. Во склоп на манастирот има црква посветена на Покровот на Пресвета Богородица чиј иконостас, кој датира од 1928 година, е рачно изработен од Петар Чолановиќ. Манастирската зграда и црквата се опкружени со висок камен ѕид со главна капија на јужната страна. На источната страна од ѕидот, до портата е изградена еднострана камбанарија со механизам на вртење. Стариот конак бил изграден како типична црмничка куќа, со карактеристични полукружни врати и тераси. Во 1863 година, во рамките на манастирот било основано училиште кое подоцна било преместено во соседниот манастир „Долен Брчели“.
Манастир „Долен Брчели“: Се наоѓа во селото Долен Брчели, со црква посветена на св. Никола. Изграден е во XV век. Под подот на капелата е изградена заоблена просторија во која може да се влезе преку дупка направена во подот во областа на олтарот. Се верува дека оваа просторија во време на владеењето на Шчепан Мали се користела како зандана. Подоцна, Шчепан Мали бил убиен и закопан во оваа црква. Во рамките на манастиров имало училиште кое претходно се наоѓало во манастирот „Горен Брчели“.
Џамија „Омербашица“: Таа се наоѓа во Стари Бар. Изградена е во 1662 година и нејзината градба е прилично едноставна, со правоаголна основа и со минаре изградено веднаш до југозападниот ѕид. Во почетокот на XVII век покрај џамијата, на влезот од комплексот било изградено засводеното закопно место на Дервиш Хасан. До него била изградена помала приземна зграда која се користела како живеалиште. Близу влезот била изградена јавна чешма, а подоцна и џамиска куќа за муслиманскиот свештеник, односно за имамот. Целата област е заградена со камен ѕид. Од истакнатите културни и историски споменици во оваа област, особено значајни се следниве: црквата „ Пресвета Богородица“ во селото Глув Дол (Gluhi Do), црквата „Св. Јован и Св. Архангел“ во селото Долни Селца (Donja Seoca) на брегот на Скадарско Езеро, црквата „Св. Јован и Св. Михајло“ (црква со два нартекса во општинските гробишта во селото Сотониќи), црквата „Св. Никола и Св. Јован“ (црква со два нартекса веднаш до патот Вирпазар-Бар во селото Бољевиќи), манастирот „Орахово“ (во селото Орахово), тврдината Грможур (остров во Годинскиот Залив во Скадарско Езеро), црквата „Св. Марија“ (на гребенот Гретва, 300 m) и црквата „Св. Марко“ (3 км северно од Стари Бар).
„Подградска џамија“: Изградена е во 1714 година според грегоријанскиот календар, односно во 1135 година според Исламскиот календар од страна на неколку угледни граѓани, меѓу кои и Дервиш-Хасан. Во познатата експлозија во Барутана во 1881 година таа била урната, но во XX век одново била изградена. Минарето било изградено во 1971 година, па потоа повторно, во 1991 година, со придонес на месното население. Имами на џамијата биле: кадија Хусеин Шабиќ, кадија Хусеин Спица, хфз. Караѓузовиќ Хусеин, Ибрахим Петровиќ и Мујдин Милаими, додека пак Адем Мустафиќ е сегашниот имам.
Стопанство
уредиЕкономски симболи на Бар се: пристаништето Бар, железницата Белград-Бар и тунелот Созина.
Пристаништето Бар е најпрепознатливиот белег на градот. Со 3 100 m морски брег, 800 ha копно и 200 ha акваториум, тоа има капацитет годишно да натовари 5 милиони тони различни добра. Со пристаништето, Бар стана влезна точка на големо количество добра што се увезуваат во Црна Гора, па затоа многу трговски претпријатија и трговци на мало се концентрирани во него.
Во 1976 година се отвори железницата Белград-Бар со што Јадранското Море стана лесно пристапно за туристи и со што се обезбедија нови пазари за пристаништето Бар. Железницата, заедно со пристаништето, направија Бар да биде економски поактивен во текот на целата година, спротивно од други црногорски крајбрежни градови, кои главно се потпираат на туризмот во летната сезона.
Прехранбената индустрија „Приморка“ повеќе од 50 години оперира во Бар и произведува маслиново масло и добро познат сок од калинка. Во локалната област има 95,000 дрва маслинки и околу 80,000 дрва цитруси (лимон, портокал, мандарина и грејпфрут).
Центарот за суптропски култури, основан во 1937 година, е најстарата научна институција во Црна Гора. Во него се вршат проучувања од областа на суптропските култури и заштита на околината.
Се смета дека иднината на Бар е во малите и средните претпријатија, во создавањето нови индустриски зони и во прибегнување кон активности за создавање Слободна царинска зона.
Туризам
уредиНе само што Бар е најважното црногорско пристаниште, туку тој и неговата околина се и поголемо туристичко одредиште. Денешен Бар е модерен град, речиси целосно изграден по Втората светска војна, со модерни згради, широки булевари и многу места за паркирање.
Иако во самиот Бар има неколку фини плажи со каменчиња, многу туристи одбираат одредишта во други мали градови во општина Бар, особено Сутоморе, со неговата прекрасна долга песочна плажа.
Целата област околу Бар е главно недопрена природа со богата вегетација. Општина Бар се протега и до јужниот брег на Скадарско Езеро и го опкружува краинскиот регион. Целава област е погодна за слободни активности и за пешачење. Помали населби близу Бар, како на пример Добра Вода, Сутоморе и Чањ, се омилено одредиште за сончање бидејќи имаат долги песочни плажи.
Во јужниот дел на Бар има околу 88 ветровити денови годишно, главно во зима. Јужниот ветар е многу благ и топол, но ги поткрева брановите во морето. Временската температура е како во јули - околу 28 °C, со приближно 2 160 сончеви часови годишно. Во зима температурата се спушта најниско до 10 °C.
Плажи
уредиБар има над 44 км морски брег, вклучувајќи повеќе од 20 плажи кои се протегаат на 9 км. Штом ќе влезете во областа на општина Бар од насока на Петровец, доаѓате до Чањ, кој има шарена песочна плажа долга 1 100 метри. Од Чај можете да се возите со брод до „Плажата на кралицата“ (Kraljičina plaža), до којашто може да се стигне само по морски пат. Таа е вистински скапоцен камен на Барската Ривиера заградена со природен ѕид од седиментни карпи. Движејќи се од Чањ во насока на Сутоморе, наидувате на плажата Малевиќ, долга 300 метри, која во својата густа и миризлива борова шума нуди природно прибежиште од жешкото летно сонце.
За оние кои се во потрага по возбудливи плажи што нудат ресторани и барови, плажата Сутоморе е вистинскиот избор за нив. Оваа песочна плажа е долга 1 200 метри и преку цело лето е домаќин на турнири во фудбал на плажа и во одбојка на плажа.
Близу до славниот средновековен манастирски комплекс Ратац се наоѓа Црвена плажа, која името го добила по бојата на својот ситен песок. Плажата е опколена со борова шума и се наоѓа на стотина метри од главниот пат до Бар.
Пред самиот влез во центарот на градот Бар се наоѓа плажата Жукотрлица, која е долга 1 200 метри. Тоа е плажа со крупен песок, опкружена со борова шума и со разновидна средоземна вегетација.
Градската плажа се наоѓа пред Палатата на крал Никола и се протега на 750 метри. Направена е така може да задоволи различни вкусови: едниот дел од неа е покриен со ситен песок, а другиот е покриен со каменчиња. Многу туристички објекти, како што се хотелот „Принцес“, спортските игралишта и Палатата на крал Никола со парк стар стотици години, на туристите им нудат разонода и го комплетираат нивното уживање во шармовите на оваа плажа.
На десетина километри од Бар, во насока на Улцињ, се наоѓа една од најпосетените плажи во Бар, плажата Голем песок (Veliki pijesak). Долга е 380 метри и се наоѓа на околу 250 метри од главниот пат. Заобиколена е од бројни туристички објекти, ресторани и дискотеки.
На границата помеѓу општините Бар и Улцињ, во селото Бушат, се наоѓа плажата Бран на маслинки (Val maslina), наречена по околните насади со маслинки. Се работи за плажа со ситни каменчиња долга 200 метри која се придржува до највисоките еколошки и технички стандарди и која е обележана со сино знаме, симбол на плажа со висок квалитет.
Освен плажи на море, Бар има и некои многу убави плажи на Скадарското Езеро, како на пример плажата во Мурици, песочна плажа која е најубавата и најголемата плажа на езерото. Другата позната плажа е Пјешачац, која исто така е песочна плажа и многу фино место за релаксирање и за уживање во сонцето.
Спорт
уредиБар е град со широка млада популација и има изобилие таленти во повеќе спортови. Тука работат над педесет спотрски клубови и здруженија. Во хотелите и во училиштата има многу висококвалитетни спортски сали. Во центарот на градот, повеќето вакви сали се сместени во Спортскиот и рекреативен центар. Особено бројни се клубовите за спортови на вода. Освен оние клубови што се специјализирани само за спортски активности, повеќето локални клубови за нуркање се вклучени во научни и крајбрежни морски истражувања. Долгогодишниот шаховски клуб стана познат дури и во странство. Многу шаховски мајстори од светски ранг уживаат во посетата на Бар, а особено во гостопримството на локалниот шаховски клуб. Спортскиот туризам, и морскиот и езерскиот, е многу привлечен за голем број тимови како од земјава така и од странство. Бар беше домаќин на Европското првенство во кошарка за играчи под 16 години од 2010 година и на Европското првенство во одбојка за мажи под 18 години од 2010 година.
Поделби и населби
уредиОпштина бар е поделена на 12 месни заедници и на 83 населби:
месна заедница | населби |
---|---|
Бар I | урбаниот дел од градот |
Бар II | Поље, Буртаиши, Челуга, дел од Рене; |
Бар III | дел од Белиша, Соколана, Стара амбуланта, зградите Првоборци; |
Бар IV | Поповиќи, дел од Белиша, Ахметов Брег, брегот Вулетиќа, дел од Рене и од Трсањ |
Бар V | Сусташ, Зупци, Маровиќи, Туѓемили |
Шушањ | Зукотрлица, Нови Пристан, Зелени Појас, Илино, Шушањ, Царевиќи, Витиќи and Паладини |
Сутоморе | Брца, Зелен, брегот Железнички Колонии, Мирошица I, Турке, Побрѓе, Горелац, Миљевици, Созина, Занковиќи, Суви Поток, Мирошица II, Згради, Белила, Папани, Хај-Нехај, Заграѓе, Мишиќи, Ѓурмани и Чањ |
Стари Бар | Стари Бар, Бауково, Белведер, Велембуси, Гретва (со прекрасна католичка катедрала), Брбот,Турчини, Менке, Микулиќи, Подград, Бартула, Рап, Горна Пода и Долна Пода, Томба, Горно Заљево и Долно Заљево |
Мрко(е)виќи | Печурице, Добра Вода, Грдовиќи, Пелинковиќи, Дабезиќи, Веље Село, Куње, Веља Горана и Мала Горана |
Краина | Арбнеш, Голем Острос, Мал Острос, Мартиќи, Костањица, Бобовиште, Ц'кла, Теани |
Шестан | Ливари, Горна и Долна Бриска, Горен Муриќи, Долен Муриќи, Беса, Пинчиќи, Бапсуљ, Шестан |
Црмница | Вирпазар, Орахово, Брачени, Миковиќи, Забес, Бољевиќи, Сотониќи, Буковик, Мачуге, Дупило, Попратница, Комарно, Трново, Горен Брчели, Долен Брчели, Бреге, Овточиќи, Томиќи, Утрг, Годиње, Сеоча, Крњице, Лимљани, Глув Дол |
Сообраќај
уредиБар има траектни линии со италијанскиот град Бари, кои се под управа на Монтенегро Лајнс (Montenegro Lines) [1]. Сезонски, има траекти до Анакона, Италија. Има и модерен патнички терминал со фри-шоп, со кафетерии и со ресторани.
Бар е добро поврзан со внатрешноста на Црна Гора, како и со остатокот од црногорскиот брег. Тунелот Созина, завршен во 2006 година, ја скрати патната врска со Подгорица на околу 50 км. Градов ќе има и значајна придобивка од идниот автопат Белград-Бар.
Бар е поврзан со остатокот од црногорските крајбрежни градови со јадранската магистрала, која се протега од Улцињ до Херцег Нови, и продолжува во Хрватска.
Тој е и последната станица од железницата Белград-Бар која го поврзува Бар со Подгорица, северна Црна Гора со Србија.
Аеродромот Подгорица е оддалечен од Бар 40 км и тој има редовни летови до Белград, до Будимпешта, до Цирих, до Франкфурт, до Љубљана, до Париз, до Рим и до Виена.
Настани
уреди„Лето со ѕвездите“: Во јули и во август, туристичката организација „Бар“ организира музички концерти со пејачи/пејачки од Црна Гора и од републиките од бивша Југославија. Концертите се одржуваат на шеталиштето на крал Никола во Бар.
„Мотоциклистичка трка во Сутоморе“: Се одржува во првата половина на мај и на септември и ги собира мотоциклистите од Црна Гора и од сите делови од бивша Југославија.
„Меѓународна атлетска средба“: Традиционална спортска манифестација која се одржува на Први мај на спортскиот терен Мајарица во Бар.
„Црмнички спортски игри“: Оваа манифестација вклучува натпревари во неколку спортски дисциплини. Се организира во Вирпазар, секој викенд од средината на јули до средината на август.
„Средби на земјоделци, на винари, на овоштари и на пчелари“: Ова е настан кој ги промовира земјоделските производи од регионот на Скадарското Езеро, организиран со соодветна културна и забавна програма. Се организира во Вирпазар во почетокот на Септември.
„Денови на Заграѓе“: Ова е забавен спектакл кој се организира во населбата Заграѓе во текот на јули и август и кој ги комплетира туристичките понуди на Сутоморе.
„Денови на Екологија, на Туризам и на Култура“: Настанов се организира во Муриќи во јули и претставува автентична презентација на туризмот на Скадарско Езеро.
„Гитаријада“: Оваа зимска школа за гитара, чија цел е да ги собере најуспешните гитаристи и професори од земјата и пошироко се организира во Бар, секој јануари.
„Маслинијада“: Таа се организира во Стари Бар. На неа се презентираат познати производи од овој регион: маслинка, маслиново масло и цитрусни плодови, комбинирани со изложба на традиционални носии и со културна и забавна програма.
„Фестивал на виното и на сарагата“: Се одржува во месец декември во Вирпазар. Вклучува повеќе настани од забавен карактер, организирани во чест на Скадарско Езеро, на неговите риби и на познатото црмничко вино.
„Средба под Старата маслинка“: Овој традиционален настан се одржува од 1987 година во месец ноември, а посветен е на детското творештво и на книжевните дела за деца. Децата се претставуваат со литературни и уметнички дела на тема „Маслинка, мир и пријателство“
„Port Cup“: Овој меѓународен одбојкарски турнир за жени започнал во 1992 година и се одржува во Бар секој август.
„Барски летопис“: Се одржува во Бар од 1988 година во текот на месеците јули и август и претставува мултимедијален фестивал со разновидни културни содржини: театарски претстави, уметнички изложби, литературни настани и концерти. Во 2003 година „Средоземниот саем на книгата“ стана дел од „Барскиот летопис“ како најдобра илустрација и приказ на регионот во кој бил напишан првиот литературен словенски споменик „Родословие на Бар”.
„Меѓународен ТВ фестивал“: Се одржува во 1995 година во месец ноември и претставува приказ на телевизиските достигнувања и на делата на автори од целиот свет.
Меѓународни односи
уредиЗбратимени градови
уредиБар е збратимен со следниве градови:
Наводи
уреди- ↑ Adrian Room, Placenames of the World: Origins and Meanings of the Names for 6,600 Countries, Cities, Territories, Natural Features and Historic Sites, 2d edition, 2005. ISBN 0786422483
- ↑ „Turistička organizacija Bar“. Visitbar.org. Посетено на 2013-03-26.
- ↑ Peel, M. C. and Finlayson, B. L. and McMahon, T. A. (2007). „Updated world map of the Köppen–Geiger climate classification“ (PDF). Hydrol. Earth Syst. Sci. 11: 1633–1644. doi:10.5194/hess-11-1633-2007. ISSN 1027-5606.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ „Climate: Bar“ (Montenegrin). Hydrological and Meteorological Service of Montenegro. Посетено на 6 March 2021.
- ↑ „2011 Montenegrin Census“ (PDF) (англиски и Montenegrin). Monsta. Посетено на 12 July 2011.
- ↑ „Збратимени градови на Подолск“. Translate.google.com. Посетено на 29 април 2010.
Надворешни врски
уреди- Бар (град) на Ризницата ?
- Официјална страница
- Новости од Бар Архивирано на 23 февруари 2009 г.
- Туристичка организација на Бар
- Тврдина Стари Бар Архивирано на 10 октомври 2008 г.
- Атракции во Бар