Александар Грин
Александар Степанович Гриневски, познат под псевдонимот Александар Грин, (23 август 1880 - 8 јули 1932) бил руски и советски писател.
Животопис
уредиГрин се родил во семејство на ситен службеник, кој силно посакувал неговиот син да живее како другите и да ја напушти фантазијата, но според признанието на самиот Александар Грин, уште како мал тој чувствувал одвратност кон здравиот разум. На возраст од 16 години, со благослов на татко му, Грин заминал во светот и тогаш започнала неговата неверојатна низа од скитања и разни занимања: Најпрвин, отпатувал во Одеса, каде скитал од еден до друг брод, молејќи да го примат како морнар, спиејќи по подруми и живеејќи во тешка сиромаштија за најпосле да најде работа на бродот „Платон“ на Руското транспортно друштво. Притоа, тој ја чистел и ја боел палубата и така стигнал до Севастопол и до Батум, но бидејќи не можел да плати за натамошната пловидба, бил избркан на брегот. Така, повторно живеел по разни засолништа, работел во болница, хронично бил гладен, а се греел во меаните. Според неговите зборови, „апсолутно не можам да се сетам како се хранев тогаш; тешко е да се рече дека воопшто се хранев - систематски гладував, ретко кога успевав да измолам на некој брод парче леб, ретко кога ручав со морнарите.“[1]
Подоцна, уште двапати работел на брод (како готвач и како морнар) и така отпатувал до Александрија, но повторно по казна бил избркан. Кога се вратил дома, Грин работел разни ситни работи што му ги наоѓал татко му (работел како писар, препишувал улоги за глумците, работел во парна бања, итн.), но по неговото сведочење, „сфатив дека за мене во животот нема ниту место ни занимање“. Подоцна, заминал во Баку, каде работел тешки физички работи по фабриките и повторно гладувал, се разболел од маларија, спиел по разни незавршени градби, продавал стари предмети, работел во ковачница, бил молер и рибар, некое време бил копач на злато на Урал, а потоа гасел запалена нафта, правел дрвен јаглен, сечел шума, бил сплавар, а најпосле започнал да се занимава со политичка агитација во Севастопол. Поради тоа, во 1907 година бил уапсен, по што лежел во самица и штрајкувал со глад за да биде осуден на повеќегодишна робија. Во затворот лежел две години, а бил ослободен за време на демонстрациите пред портата на затворот. Потоа, Грин заминал во Петроград, каде повторно бил уапсен и осуден на четиригодишно прогонство во Туринск. Сепак, успеал да избега и, со лажниот пасош што му го набавил татко му, успеал неколку години да живее во Петроград, но пак бил осуден на прогонство во Архангелската губернија. За неговиот живот по Октомвриската револуција се знае малку: познато е дека ѝ се приклучил на Црвената армија и дека заболел од тифус; дека Максим Горки му помогнал да добие соба во Домот на уметноста во Петроград; дека во 1924 година се преселил на Крим, каде најпрвин живеел во Феодосиј, а потоа во Стар Крим; но повторно, цело време живеел во сиромаштија.[2] Својот живот Грин го опишал во својата последна книга „Автобиграфска повест“, напишана во 1932 година, во Стар Крим.[3]
Творештво
уредиНа почетокот од книжевната кариера, со помош на тогаш ценетиот Куприн, Александар Грин ги објавувал своите раскази во книжевните списанија.[4] Инаку, покрај многубројните раскази, тој е автор и на повеста „Црвените едра“ (Алые паруса) од 1923 година, како и на четири романи: „Блескавиот свет“ (Блистающий мир) од 1923 година, „Златниот синџир“ (Золотая цепь) од 1925 година, „Онаа која трча по брановите“ (Бегущая по волнам) од 1928 година и „Патот за никаде“ (Дорога никуда) од 1930 година.[5] Во 1920 година, во Петроград, Грин почнал да ја пишува повеста „Црвените едра“ за девојчето Асол на која таинствениот раскажувач Егл ѝ ја раскажува приказната за волшебниот брод со црвени едра. Многу често, делата на Грин имаат среќен крај, како во расказот „Животот на Гнор“ во кој, по бројните маки, Гнор на крајот живее среќно со девојката од која бил разделен многу години; или како во расказот „Сто врсти по реката“ во кој Нок успешно го поминува океанот и оди во странство каде по една година се венча со Хели, по што живеат долго време и умираат во исиот ден; а така завршуваат и расказите „Напред и назад“, „Враќање во пеколот“ и „Ловец на стаорци“. Меѓутоа, тој често пишувал и за мрачните страни на животот и за маките и страдањата на луѓето, а особено го интересирале мачните психички состојби што се граничат со лудило. Исто така, најголемиот дел од неговите авантуристички раскази завршуваат несреќно. Всушност, таа разновидност и разноликост е една од најважните одлики на прозата на Грин.[6]
Прозата на Грин најдобро може да се опише како не-реалистичка, а таа може да се подели во три групи: фантастична, сонувачка и авантуристичка, додека реализмот е застапен многу ретко, и тоа само во најраните раскази. Грин најчесто го нарекуваат „сонувач“, зашто целото негово творештво претставува продолжен сон. Притоа, тој често измислувал непостоечки имиња на градовите (Зурбаган, Лис, Гел-Гју, Гертон и слично) и на главните ликови (Гнор, Ромелинк, Дик, Ениок, Егл, Бирк, Нок, Хин, Пек, Билбоа, Асол, Визи, Хели, Дези, итн.).[5] Грин не ја признавал реалноста, односно ја сфаќал на поинаков начин. Според неговите зборови, „неостварливото е исто толку остварливо и можно како прошетката надвор од градот“, додека Константин Паустовски вели дека „недовербата кон стварноста остана во него целиот живот. Тој секогаш се обидуваше да замине од неа, сфаќајќи дека е подобро да живее во недофатливите сонови отколку во 'триците и во ѓубрето' на секојдневието.“[7]
Фантастиката на Грин се одликува со тоа што во неа невозможното се случува на сосема можен начин, т.е. станува збор за остварување на невозможното во можните околности. Така, во сите негови раскази, дејството се одвива како во стварниот живот и тоа е раскажано сосема реалистично, но потоа, преку еден или два пресвртa, реалистичното ненадејно и потполно преминува во фантастичното. Слично, Грин ја негувал и прозата во која се испреплетуваат сонот и стварноста (на пример, расказите „Таму или таму“ и „Тајната на ноќта со полна месечина“), каде што разграничувањето меѓу сонот и стварноста е буквално невозможно и таа невозможност е прецизно разработена и расчленета. Најпосле, неговата фантастика знае да биде и хумористична, пародична (на пример, расказот „Гриф“), а оваа постапка на иронично-гротескно сликање на стварноста е слична на постапката во цртаните филмови.[8]
Авантуристичките раскази заземаат голем дел од опусот на Грин. Тие спаѓаат во најдобрите остварувања на овој жанр и Грин дал значаен придонес кон светската авантуристичка книжевност, вбројувајќи се рамо до рамо со неговите омилени писатели од младоста - Жил Верн, Стивенсон, Мајн Рид и Купер. Во овој дел од неговото творештво, централното место го заземаат стандардните елементи на жанрот: настанот, фабулата, неверојатната приказна кон кои тој додава необични ликови и исклучителни судбини. Во нив се среќаваат поморски капетани, побегнати затвореници, сиромашни и богати несреќници, обични луѓе со желба за авантура, егзотични острови, далечни земји, измислени градови, итн. Но, необичните ситуации низ кои поминуваат неговите книжевни јунаци се испреплетени со човечките доблести на кои писателот гледа со симпатија: љубовта, храброста, победата на моралните принципи и остварувањето на целите што не им припаѓаат на вообичаените човечки заклучоци.[9]
Уште за време на животот, делото на Грин било оценувано на различен начин: од една страна, тој бил нарекуван „рускиот Џек Лондон“, „рускиот Стивенсон“ и „рускиот Едгар Алан По“, додека други го нарекувале „епигон“ и „преведувач од англиски“.[7] Неколку години по смртта, неговото творештво било прогласено за спротивно на социјалистичкиот реализам и во следните 14 години неговите книги биле забранети. Сепак, во 1956 година, тој бил рехабилитиран, а неговите дела биле печатени во големи тиражи, биле преведени на повеќе јазици, а тој стекнал бројна публика. Во 1965 година биле објавени собраните дела на Грин во шест книги (речиси 3.000 страници“.[5]
Наводи
уреди- ↑ Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 151-152.
- ↑ Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 152-153.
- ↑ Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 152.
- ↑ Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 153.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 154.
- ↑ Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 154-156.
- ↑ 7,0 7,1 Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 151.
- ↑ Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 156-159.
- ↑ Milica Nikolić, „Veliki maštar Aleksandar Grin“, во: Aleksandar Grin, Pacolovac. Beograd: Rad, 1979, стр. 160-161.