Банкомат
Банкомат (англиски: Automated Teller Machine, ATM) претставува кованица за автоматска банка или автоматски шалтер, кој овозможува пристап до некоја банкарска услуга, без човечко присуство. Првиот банкомат се појавил во САД, во 1968 година.
Одлики на банкоматите
[уреди | уреди извор]Банкоматот претставува автоматизиран уред кој на корисниците им овозможува определени финансиски операции без присуство на банкарски службеник. Првиот прототип на банкомат бил патентиран од страна на Лутер Џорџ Симџијан (Luther George Simjian) во 1939 година, но не бил доволно успешен.[1][2] Првиот современ банкомат бил создаден од страна на Џон Шепард-Барон (Јоhn Shepherd-Barron) во 1967 година, а за првпат бил поставен во британската банка „Барклис“ (Barclays) и овозможувал само исплата на готовина.[3]
Банкоматот во себе содржи микрообработувач којшто е он-лајн поврзан со базата на податоци од банката, со што банкоматот претставува еден вид на „електронска“ филијала на современите банки. Најпрвин, банкоматот ја чита платежната картичка и му нуди на корисникот да се идентификува со внесување на ПИН-от и на тој начин ги потврдува запишаните информации на картичката.
Банкоматите најчесто се поставуваат на местата што се одликуваат со голема раздвиженост, како: продавници, трговски центри, бензински пумпи, факултети, болници, аеродроми, железнички и автобуски станици итн. Преку банкоматите, луѓето може да повлекуваат готови пари, но исто така, постојат банкомати кои нудат целосни банкарски услуги (Full Service ATMs), од типот на: вложување пари, префрлање пари од една на друга сметка, плаќање на обврските врз основа на кредити и кредитни картички, добивање извештаи за извршените трансакции итн. Во голем број земји, банкоматите можат да вршат и претворање на странски валути во домашната валута. За да може да се користат овие услуги, клиентите мора да поседуваат банкарска картичка со која се пристапува до банкоматот. Притоа, заради заштита од можни злоупотреби, корисникот е должен да ја внесе тајната лозинка (PIN) која му е доделена од страна на банката.
Банкоматите уживаат голема популарност, имајќи предвид дека на луѓето им овозможуваат голема удобност во снабдувањето со готови пари (можност за повлекување пари во секое време и на различни места, заштеда на трошоци и време итн.). Истовремено, тие се привлечни и за банките, бидејќи овозможуваат намалување на вработените и, соодветно, на трошоците. Освен тоа, воопшто не се за потценување приходите што банкоматите им ги носат на банките. Имено, вообичаена практика е банките да не ги наплаќаат услугите за користење на банкоматите, но само за своите клиенти, и тоа само за имателите на дебитни картички. Меѓутоа, ако нив ги користат клиентите на другите банки, или имателите на кредитни картички, тогаш банките наплатуваат провизија.[4]
Банкоматите во Македонија
[уреди | уреди извор]Како и другите елементи на електронското банкарство, така и банкоматите претставуваат понова појава во Македонија, која од година во година зема сè поголем замав при што се јавуваат и одредени иновации. Така, пролетта 2008 година, „Комерцијална банка“ АД Скопје го постави првиот банкомат кој на возачите им овозможува подигнување готовина без напуштање на возилото (drive-in ATM).
На крајот од 2010 година, во Македонија имало 2.327 банкомати или околу 2.300 жители на еден банкомат, што претставува значително заостанување во споредба со земјите од ЕУ, каде на еден банкомат отпаѓаат околу 1.200 жители. Како уште поголем проблем се јавува нерамномерната географска распространетост на банкоматите, од кои најголем дел се наоѓаат во Скопје. Неразвиената мрежа на банкомати понатаму делува како пречка во користењето на услугите од областа на електронското банкарство. Од друга страна, малиот број банкомати се оправдува со високите трошоци за нивната набавка, кои домашните банки не можат да си ги дозволат.[5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ (пристапено на 15.4.2016)[мртва врска]
- ↑ „www.lemelson.mit.edu (пристапено на 20.6.2016)“. Архивирано од изворникот на 2017-08-09. Посетено на 2017-08-04.
- ↑ www.inventors.about.com (пристапено на 20.6.2016)[мртва врска]
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 343.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 344.